fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
nereguliranite poseti na matka se postojana opasnost za pesterata vrelo featured

Нерегулираните посети на Матка се постојана опасност за пештерата Врело

  • Во над десетина чамци и катамарани, приватни лица секојдневно од осум до 18 часот превезуваат туристи до пештерата Врело, една од најдлабоките подводни пештери во Европа и во светот.
  • Додека на терен врие од посетители, Државниот завод за статистика нема регистрирано ниту еден турист во Општина Сарај од 2011 до 2023 година.
  • Нема редар, ниту водич ниту пак карстолог кои би ги регулирале посетите, или, во најмала рака, би ги запознавале посетителите со значењето на оваа пештера.
  • Општина Сарај признава дека Матка е узурпирана од поединци, Министерството за животна средина ја префрла топката на Град Скопје, а оттаму молчат за овој проблем.

За билет по цена од 500 денари, во десетина чамци и катамарани секој со капацитет од над 20 луѓе, во кањонот Матка секојдневно нелегално се превезуваат туристи до пештерата Врело, една од најдлабоките подводни пештери во Европа и во светот. Возењето на чамците и посетите на Врело се нерегулирани поради што се постојана опасност од уништување на пештерскиот еко-систем.

ДОМА при „прошетка“ низ кањонот дозна дека на ова езеро, две компании вршат воден транспорт на моторен погон, кој е строго забранет во правилниците за управување на спомениците на природата. Во над десетина чамци и катамарани, тие секојдневно од осум до 18 часот превезуваат патници. „Летово имаше многу гужва“, вели возачот на чамецот, од кого дознавме дека во просек има по 8 тури дневно.

Така, со проста пресметка на денот кога ДОМА беше до Врело, воочивме дека само во чамците од една од компаниите во една тура можат да се превезат близу 150 патници. Ако на тоа се додаде дека има 8 вакви тури дневно, станува јасно дека станува збор за навистина голем број на туристи кои го посетуваат Врело. А таму најчесто не ги пречекува никој – нема редар, ниту водич ниту пак карстолог кои би ги регулирале посетите, или, во најмала рака, би ги запознавале посетителите со значењето на оваа пештера.

Институциите си ја префрлаат топката – Обвинителство нема предмет за Матка

Овој проблем би требало да се реши со донесувањето на предлог на Закон за прогласување на Kањон Матка за споменик на природата кој е на прво читање на незавршената 106 седница на Собранието. Тој, меѓу другото, предвидува назначување на субјект за управување кој ќе се грижи за заштитеното подрачје и изработка на План за управување и годишни програми за заштита на природата во согласност со одредбите од Законот за заштита на природата.

nereguliranite poseti na matka se postojana opasnost za pesterata vrelo 1

Приватни лица со по десетина чамци секојдневно прават по најмалку 8 тури

Во меѓувреме, додека законот е заглавен во собраниска процедура, одговорноста не ја презема никој. Општина Сарај ја префрла топката на Министерството за животна средина и просторно планирање, а оттаму на Град Скопје. А таму, молк.

Во одговорот што го добивме од Општина Сарај се вели дека и тие, исто така, се загрижени за она што се случува таму, и се „за“ правилно одржување и управување со кањонот Матка, поточно пештерите што се наоѓаат таму. Велат се обратиле и до МЖСПП, барајќи одговор за хаосот.

„Загрижени сме за начинот на управувањето, како и за дејностите кои се одвиваат во кањонот Матка до пештерите, за таа цел преку писмо сме се обратиле до Министерството за животна средина и просторно планирање да ни дадат информација за тоа кој менаџира со пештерата Врело, односно, кој ги контролира активностите кои таму се одвиваат, со посочување на конкретни докази за физички лица кои без овластување вршат дејност, односно извршиле узурпација на горенаведениот локалитет преку превоз на туристи до и од пештерата, со чамци на моторен погон“, велат од Општина Сарај.

nereguliranite poseti na matka se postojana opasnost za pesterata vrelo 2

Општина Сарај признава дека Матка е узурпирана од поединци

За нелегалните активности во Кањонот Матка одговор побаравме и од државното Јавно обвинителство, според кој се дознава дека таму не се води предмет конкретно за Матка, со образложение дека предметите не ги водат според локација.

Јавното обвинителство не ги издвојува предметите врз основа на локацијата каде е извршено кривично дело. Имајќи го предвид тоа, а и фактот дека дел од елементите кои ги наведувате не се однесуваат на евентуална кривично-правна одговорност, не сме во можност да ви обезбедиме соодветна статистика“, велат од ЈО.

Но, укажуваат дека има обвинителен предлог од 16 октомври 2020 година против две лица за кривично дело – Узурпација на недвижности (согласно член 225 став 1 од Кривичниот законик) кој се однесува на жители на Глумово, од кои едниот вршел  дејност за патнички возен транспорт, а другиот нелегално поставил дрвена платформа со метална конструкција на езерото.

„Првиот обвинет, 39-годишен жител на Глумово, како трговец-поединец кој врши дејност за патнички воден транспорт, на точно неутврден датум со намера заземал во владение туѓа недвижност што е со пропис прогласена за споменик на природата. Имено, на катастарска парцела на брегот на езерото Матка поставил дрвена платформа со вкупна површина од 120 м2 со метална конструкција, над која изградил објект од цигла и дрво со површина од 49 м2. Вториот обвинет, 25-годишник од Глумово, делото го сторил така што на пет катастарски парцели исто така на брегот на езерото, поставил дрвена платформа со метална конструкција и со површина од 189,54 м2, на која изградил времен објект со површина од 187 м2. За судската постапка, Ве упатуваме да се обратите до надлежниот суд“, се вели во одговорот од ЈОРМ.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање ни одговорија дека сѐ до донесувањето на Законот за прогласување на Кањонот Матка за заштитено подрачје, кој е во собраниска процедура, со подрачјето управува Град Скопје.

„Законот за прогласување на Кањонот Матка за заштитено подрачје е правен акт со кој се дефинира заштитеното подрачје и категоријата на заштита по зони, како и идното управувачко тело. Истиот е во собраниска процедура на усвојување. По донесувањето на Законот треба да се донесе План за управување каде што ќе бидат регулирани и активирани сите механизми за заштита и управување со подрачјето, што значи и пештерите и  активностите што ги наведувате во прашањата. До стапување во сила на Законот, со подрачјето управува Град Скопје“, велат од МЖСПП.

Со тоа топката е префрлена во дворот на Град Скопје. ДОМА се обрати и до Град Скопје, но оттаму се до овој момент не добивме одговор.

Човекот влијае негативно

Карстологот Билјана Гичевски од истражувачкото друштво „Урсус Спелеос“ од Скопје вели века антропогените дејствија влијаат негативно врз оваа област, а црното сценарио што може да произлезе од тоа е уништување на пештерскиот еко-систем.

biljana 300x300 1„Како и секаде каде што човекот има активности, неговото влијание е негативно, така и врз просторот на кањон Матка, конкретно, во случајот на карбонатните формации од типот на пештери и пропасти, влијанието на човекот е негативно. Уште од формирањето и изградбата на вештачката акумулација Матка доаѓа до пореметување на хидролошките услови во сувите пештери. Така, денеска имаме делови од пештерите Крштална и Врело кои се наоѓаат под вода. Доаѓа до мешање или потопување на изворот Коритиште со езерската вода, и секако дека ваквото влијание кое човекот го прави за добробит за други цели, влијае негативно врз веќе формираните карстни релјефни форми. Понатаму, изградбата на патот до Св. Петка, оној огромен сипар кој што настана со ерозија која е вештачки предизвикана, секако дека предизвика негативни ефекти врз пештерите. Она што се случува врз пештерата Врело од сите тие карпести блокови, претставува резултат од антропогеното негативно влијание“, образложува Гичевски.

 

nereguliranite poseti na matka se postojana opasnost za pesterata vrelo 3

Пештерата Врело е пештера во која што сите пештерски канали се исполнети со вода или се наоѓаат под вода. Таа претставува систем од две пештери, една над водата, наречена Врело и една под водата, наречена Подврело.

Според неа, Врело, која што претставува единствената пештера за масовен туризам во нашата земја, треба одржливо да се управува преку заштитнички третман. „Пештерата Врело која што претставува единствена уредена и адаптирана пештера за масовен туризам треба да има одреден заштитнички третман. Во светот, вообичаено, кога пештерите се пуштаат во туристичка употреба, не се гледа само профитот од нив, туку се гледа и заштитната улога. Ние треба да преземеме некакви активности за да ја заштитиме пештерата, пештерскиот еко-систем и пештерската фауна. Во тој контекст, мислам дека управителот со заштитеното подрачје би требало широко да соработува со засегнатите страни, за да се преземат најсоодветни мерки за управувањето и одржувањето на просторот. Конкретно, во пештерата Врело би требале да се преземат активности од типот на редовен мониторинг како на мирко-климата, температура и влажност, така и на водата прокапница од пештерските украси. Ова е важно бидејќи со добивање на резултатите од мониторингот, ние би добиле податоци и информации како треба да управуваме во иднина“, вели таа.

Гичевски го издвои значењето на пештерата Под Врело, односно карстниот извор Коритиште, кој што е од огромно значење за Скопје и скопската котлина, бидејќи има околу 2.000 литри во секунда питка, квалитетна вода, и е втор најсилен извор после Рашче.

„Од моите информации, во минатото Управата за хидрометеоролошки работи и Водовод спроведувале редовен мониторинг на водата. Мислам дека во тој контекст треба и понатаму да имаме редовно следење на природните богатства, со цел да знаеме како ние рационално и правилно да управуваме и да ги искористуваме нашите природни вредности“, вели Гичевски.

Црното сценарио од лошото управување, како што вели, е уништување на пештерскиот еко-систем.

„Во моментов во пештерата Врело која што е посетувана од страна на туристи успеале прибежиште да најдат ми се чини два значајни загрозени видови на лилјаци, што значи дека и покрај туризмот и лошиот импакт што го имаме како посетители врз пештерите, можеме да најдеме мерки за заштита на пештерската фауна и пештерскиот еко-систем. Што значи дека мораме да гледаме комплексно на процесот, на просторот, за да ги најдеме вистинските мерки како да управуваме и раководиме со тој простор. Дополнително, сметам дека би требало управителот на подрачјето да води и контрола на бројот на посетители во пештерата, бидејќи на тој начин би имале и другите сектори во општеството увид на тоа што се случува на пример на полето на туризам, каков вид на туристи ни доаѓаат. Така што, мислам дека науката, напредокот, туризмот, сите тие треба да бидат во една, заедничка активност и во една спрега за да може да имаме соодветно управување на просторот и управување со пештерите“, потенцира Гичевски.

Институциите не знаат колку посетители доаѓаат во кањонот Матка и пештерата Врело

Податок за бројот на посети во Кањонот Матка и пештерата Врело не постои. До таков податок дојде ДОМА откако контактираше повеќе институции. Државниот завод за статистика бележи нула број на туристи во Општина Сарај од 2011 – 2023 година. Но, на терен, Матка секојдневно е преплавена од посетители.

Туристите на Матка се невидливи за Заводот за статистика

Бројката е непозната и за Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

„Во однос на статистичките официјални податоци со кои располага Агенцијата за туризам, тие се преземени од Државниот завод за статистика и се однесуваат на Скопскиот регион, кој е најпосетен во првите 6 месеци за 2023 година. На графикон во прилог на овој е-маил се прикажани странските туристи во првите 6 месеци од 2023 година споредени со 2022 година, поделени според региони. Најпосетени се Скопскиот и Југозападниот регион“, велат од Агенцијата.

nereguliranite poseti na matka se postojana opasnost za pesterata vrelo 4

Во Агенцијата за туризам имаат евиденција само за посети по региони, а не за конкретни локации

Оттаму велат дека Матка е исклучителна дестинација за развој на еко-туризмот и одржливи форми на туристичка понуда, а во однос на активностите што ги преземаат за промоција и поддршка на туризмот на ова место, тие ги издвојуваат само промотивните материјали.

На прашањето за нивниот став во однос на грижата за Матка од страна на надлежните институции, тие се повикуваат на препораките на Светската туристичка организација за Северна Македонија во поглед на развој на туризмот се доставени до сите надлежни институции и се запишани во Стратешкиот план на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот за 2024 година.

Кањонот Матка, како едно од заштитените подрачја на територијата на град Скопје претставува горлив проблем за државава и нејзините значајни природни вредности. Едно од најзагрозените богатства на Матка се токму пештерите. Поради големиот притисок од посетителите и негрижата од управувачите кои често се менуваат, ова подрачје во континуитет ја губи својата природната вредност.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Ангела Рајчевска
Снимател. Наке Батев
Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска