Пет пари не даваат за заштита на Водно, Матка, Кале и Гази Баба
- Околината на Скопје располага со значајно природно наследство кое правно е заштитено, но суштински отсуствува грижата за заштита и управување со тоа што не се воспоставени управни тела кои ќе се грижат за овие добра.
- Водно континуирано се уништува, а изградбата на гасоводот остави лузни на сртот на планината.
- Тоа што и се случи на Матка со изградбата на платформите и неколкуте други градби е резултат на предолгото чекање на репрогласувањето на овој вреден објект на природата во Македонија.
- Тврдината Кале е целосно запуштена, а во блиската околина постојано никнуваат нови градби иако тоа е спротивно на законот.
- Во незавидна состојба се наоѓа и парк-шумата Гази Баба со оглед на тоа што урбанизацијата ги нагризува границите на ова заштитено подрачје.
Македонските политичари со фанфари се фалат кога ќе се донесе регулатива за заштита на одредени подрачја со особени природни вредности, но потоа никаде ги нема кога таа треба да се спроведе во практиката. Пример за тоа се Водно, Матка, Кале, Гази Баба и другите локалитети во околината на Скопје, коишто, иако имаат статус на заштитени подрачја, секојдневно се уништуваат. Главна причина за ваквата поразителна состојба е негрижата на Владата и другите надлежни институции, односно недостигот од капацитет да се воспостават законски пропишаните механизми за заштита.
Губиме прекрасни богатства
Васил Анастасовски, поранешен раководител на секторот за заштита на природата при МЖСПП објаснува дека во околината на Скопје се наоѓаат поголем број заштитени подрачја и сите имаат различни обележја на природни вредности.
Арборетумот и Острово се целосно заборавени иако одамна имаат статус на заштитени подрачја
„Катлановскиот предел е прогласен во 1991 заради заштита на кусата и мошне живописната клисура на реката Пчиња, а пред се заради специфичната појава на отворена пукнатина од неотектонско потекло (со должина од 350 метри и со широчина до 30 метри), низ која се дистрибуираат термоминерални води од кои се наталожени импресивни драперасти наслаги од бигор. Арборетумот кај Трубарево е прогласен во 1965 година како место каде што се застапени околу 600 видови дрвја и грмушки кои потекнуваат од сите континенти, пред се од Европа, Азија и Северна Америка, што е единствен во Македонија и локалитетот Острово (1976) на којшто се развива типична барска вегетација и дрвја кои се типични за поплавните шуми кои се реткост во Македонија“, вели Анастасовски.
Тој додава дека еден дел од Скопската тврдина Кале на површина од 0,67 хектари е прогласен за заштитен објект на природата во 1987 на иницијатива на Природонаучниот музеј на Македонија заради зачувување на плиоценските седименти во кои се наоѓаат бројни мошне добро зачувани остатоци од флора како и слатководна езерска фауна.
„Исто така и Катлановско Блато е прогласено за заштитено подрачје (1965) коешто претставува ихтиолошко-орнитолошки резерват со површина од 70 хектари како остаток од некогашното Скопско неогено езеро, кое до 1968 година претставуваше единствено природно мрестилиште на крапот и други слатководни видови риби од реката Вардар како и главно одморалиште на голем број птици од и кон Европа по Моравско-вардарскиот правец на миграција“, вели Анастасовски.
Водно и Матка континуирано се уништуваат со изградба на нови објекти
Тој информира дека Водно е прогласено во 1991 година како парк-шума, а кањонот Матка прогласен во 1994 година поради извонредното богатство со геодиверзитет (импозантни варовнички отсеци, пештери, пропасти и редица други карстни форми) и биодиверзитет (значајни реликтни и ендемични растителни видови, рефугиум на терциерната флора и вегетација и присуство на значајни хабитати). Анастасовски додава дека локалитетот Гази Баба е прогласен во 1998 година како карактеристичен пејзаж со првенствена намена на санитарно-хигиенска заштита од емисиите од поранешната Железарница и нивно спречување тие да се дисперзираат во внатрешноста на градот Скопје, а во 2015 година со закон на Собранието е прогласен за парк на природата што не е во согласност со категоризацијата на Законот за заштита на природата. Тој е единствен објект на природата од заштитените подрачја во Скопје за кој е донесен План за управување, но прашање е како тој се спроведува.
Во 2011 година од Министерството за животна средина и просторно планирање донесено е решение за прогласување на пештерата Дона Дука кај Рашче којашто претставува прва истражувана пештера во Македонија со што започнуваат спелеолошките истаражувања кај нас. Таа претставува сложен пештерски систем чии канали се изградени на неколку нивоа.
Водно е осакатено
Согласно Законот за заштита на природата од 2004 година за некои од заштитените подрачја во околината на Скопје се поведоа постапки на репрогласување (Водно, Гази Баба и Матка).
Сето тоа заради остварување на основна цел на законот, да се определи субјект за управување, да се воспостави чуварска служба како и да се изработат планови за управување, за да може да се зачува и рационално да се управува со одредени компоненти на биолошката и пределската разновидност како и одржливо и рационално користење на природното богатство. За останатите подрачја сè уште не се поведени постапки на репрогласување иако, како што вели Анастасовски, тоа требаше да се случи во рок од шест години од донесувањето на законот.
„Иако одлуката за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје во категоријата V – заштитен предел е донесена пред неполни две години, сѐ уште во пракса таа не е спроведена. Имено, во согласност со одлуката е пропишано дека Градот Скопје е должен да ја спроведува заштитата на Водно преку воспоставување на режим на заштита и редица други таксативно наброени мерки како и да воспостави чуварска служба, а во рок од една година од влегувањето во сила на одлуката да донесе План за управување како и Просторен план. Но, како ќе се спречат многуте негативни дејствија на Водно вклучително и урбанизацијата кога сите погоре пропишани задолженија како помагала во заштитата не се реализирани“, вели Анастасовски.
Молк од Град Скопје
За отсуството на соодветна заштита на Водно одговори побаравме од Национални енергетски ресури (НЕР), државна институција која ја водеше изградбата на гасоводот, од Град Скопје и од Општина Центар.
На прашањето зошто не се исполнува законската обврска за обнова на зеленилото што беше уништено при изградба на гасоводот по сртот на Водно, од НЕР велат дека склучиле договор со Град Скопје за рекултивација на делницата низ Водно, каде поминува гасоводот.
„А.Д. НЕР имаше обврска да му исплати на град Скопје 42.000.000 денари за оваа намена и ние овие средства ги исплативме навреме на наменска сметка на град Скопје уште во 2019 година. Според тој договор, целосна обврска на град Скопје беше да спреми програма за рекултивација и таа програма да ја реализираат со тие исплатени средства. Тоа не беше наша обврска.“, велат од НЕР.
Од НЕР нè упатија за одговори во Град Скопје, но оттаму не сакаа да одговорат на нашите прашања поврзани со оваа проблематика.
Во однос на прашањето на урбанизацијата на Водно, од Општина Центар велат дека секторот за инспекциски работи врши редовни и вонредни инспекциски контроли во реонот на подножјето на планината Водно, постапувајќи по пријави на граѓани, но и по службена должност.
„За секоја извршена контрола постои записник од увидот, се задолжуваат сопствениците и инвеститорите со решенија да постапат по записниците и онаму каде што има потреба, се изрекуваат глоби односно санкции на прекршителите, согласно соодветните закони“, велат од Општината.
Од Општината велат дека во однос на спорните парцели кои се дел од ДУП-от Ј 07, кој во меѓувреме беше укинат од страна на Уставниот суд, Советот на Општина Центар на предлог на градоначалникот Горан Герасимовски, во јуни минатата 2022 година донел одлука со која се стопираат сите градежни дејства на 8-те парцели, поради нагибот на просторот каде треба да биде изведен пристапниот пат, кој е поголем од законски пропишаниот.
Матка пример за институционален хаос
„Дома“ во повеќе наврати пишуваше за урбаното дивеење на Матка и немоќта односно недостигот од волја на институциите да ги отстранат дивите градби.
Спорните платформи и по неколку години сè уште ја узурпираат Матка
Според Анастасовски, тоа што и се случи на Матка со изградбата на платформите и неколкуте други градби е резултат на предолгото чекање на репрогласувањето на овој вреден објект на природата во Македонија.
„Имено, иако првиот предлог-закон за Матка од Министерството за животна средина и просторно планирање беше подготвен во далечната 2009 година, неговото донесување се пролонгира, бидејќи за сите овие изминати години не беше постигнато институционално усогласување околу определувањето на субјект за управување помеѓу Град Скопје, Општина Сарај и Јавното претпријатие за управување и заштита со повеќенаменско подрачје Јасен. Oвој проблем беше надминат дури после 14 години кога на 1 февруари оваа година на 122 седница на Владата законот беше усвоен и пуштен во собраниска процедура“, вели Анастасовски.
Сепак, новата регулатива не донесе подобрување. Став за ваквата состојба на Матка побаравме од Град Скопје и од Општина Сарај, но тие не сакаа да одговорат на нашите прашања.
Во слична состојба се наоѓа и едно од најмаркатните обележја на Скопје – Калето. Тврдината е целосно запуштена, а во блиската околина на Калето постојано никнуваат нови градби иако тоа е спротивно на законот.
Од гордост Калето стана срам за Скопје
За поразителната состојба во која се наоѓа Калето, побаравме став од Владата. Оттаму велат дека Националниот совет за културно наследство дал позитивно мислење за прогласување на Скопското Кале за културно наследство од особено значење.
„Следи владината процедура за усвојување на ова решение, по што ќе уследи изготвување план за управување. За сите дополнителни информации јавноста ќе биде информирана“, велат од Владата.
Во незавидна состојба се наоѓа и парк-шумата Гази Баба со оглед на тоа што урбанизацијата ги нагризува границите на ова заштитено подрачје, а недостигот од соодветно управување е очигледен.
Полека ги снемува белите дробови на Скопје
На нашите прашања, од Општина Гази Баба велат дека инспекциските служби на Општината вршат постојана теренска контрола и за сите утврдени постапки надвор од законските процедури се водат соодветни постапки.
„Последниот период не е забележано, ниту утврдено градење во заштитеното подрачје на Парк шумата Гази Баба“, велат од Општината.
Нема пари за валоризација на природните вредности во Арборетум и Острово
На нашето прашање што се прави со процесот на заштита на Арборетум и Острово Трубарево, од Министерство за животна средина велат дека активно се работи на репрогласување на заштитените подрачја, согласно Законот за природа.
„За наведените подрачја сѐ уште не се обезбедени финансиски средства за спроведување на процесот за валоризација на природните вредности“, велат од Министерството..
Потребно е одговорно управување
Според Анастасовски, лесно е да се заклучи дека околината на Скопје располага со значајно природно наследство коешто правно е заштитено, но и дека тоа се сведува на правни акти, а суштински отсуствува грижата за заштита и управување со тоа што не се воспоставени управни тела кои ќе се грижат за овие добра.
„Во таа смисла, недлежните органи треба поодговорно да се занимаваат со спроведување на прописите за заштита на природата ако се сака да се има зачувани објекти на природата. Контролата на користењето на природните богатства, како една од основните практични задачи на екологијата, е еден од најзначајните проблеми на заштита на природата. Оттаму, многу е битно со сите заштитени подрачја во градот Скопје соодветно да се управува односно да се определат управни тела за помалите објекти, а за поголемите како што се Водно, Матка и Катлановски предел може да се формираат јавни претпријатија или пак да се формира едно јавно претпријатие во чиј состав би имало повеќе оддели и секој од нив да биде задолжен за спроведување на грижа за заштита на соодветниот објект“, вели тој.
Атанасовски додава дека една од главните препораки на Светската унија за заштита на природата (IUCN) е да се поттикнат владите да го развијат системот на управување со заштитените подрачја според националните и локалните услови.
„Одговорноста во управувањето со заштитените подрачја може да биде на централно, регионално или локално ниво, а може да биде и на некоја невладина организација или приватно претпријатие. Сепак, претходно, мора да биде утврдено дали назначениот авторитет за управување со подрачјето има соодветна способност за да бидат постигнати целите на управувањето. Во пракса, повисоките категории (строг природен резерват, национален парк и споменик на природата) вообичаено треба да бидат под одговорност на некое владино тело, додека пониските категории може да ги управува и локалната самоуправа. Но, управувањето секогаш се регулира во рамките на националното законодавство“, вели Анастасовски.
„Дома“ веќе пишуваше дека животната средина е на последно место на агендата на Владата односно дека во буџетот со години наназад се одвојуваат најмалку пари за заштита на природата. Очигледно е дека надлежните се‘ уште не сфаќаат дека голем дел од македонското население веќе отворено бара поголема грижа за екологијата и сериозна заштита на природните богатства. Доаѓа период кога исходите на изборите ќе зависат од политичките аспирации за решавање на еколошките проблеми. Затоа, крајно време е заштитените подрачја во Скопје и на територијата на цела држава да го добијат вниманието што го заслужуваат.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии