Плоче Литотелми – заборавен строг природен резерват
Резерватот Плоче – Литотелми е исклучително значаен локалитет, бидејќи е еден од вкупно двата строги природни резервати во Македонија, но и единствениот кој во моментов е репрогласен за таков според последниот Закон за заштита на природата. Лоциран e во североисточниот дел на Македонија, во околината на селото Страцин, на планината Герман. Неговата уникатност е во тоа што на површина од нешто повеќе од 20 хектари, во камени блокови во вид на зарамнети плочи со текот на времето се создале поголем број вдлабнатини, кои повремено се исполнети со вода и во кои се развива многу специфична флора и фауна. Ваквите вдлабнатини, кои во науката се познати под името литотелми, се вистински раритет на подрачјето на Македонија и претставуваат уникатен спој на нашето геолошкото и природното наследство.
Според Законот за прогласување на Плоче – Литотелми за строг природен резерват, донесен од Собранието на Република Македонија на 28 октомври 2010 година, грижата за ова подрачје е доделена на Општина Кратово, која е должна да го чува, да се грижи и да го одржува резерватот на начин утврден со Законот за заштита на природата. Иако според степенот на заштита е нашиот најзначаен локалитет, според направените анкети Плоче – Литотелми е едно од двете најмалку познати заштитени подрачја меѓу македонските граѓани.
01/13
Строгиот природен резерват Плоче – Литотелми се простира на површина од 23,2 хектари и се наоѓа на југозападните падини на планината Герман (1.547 m), во областа Средорек, на западниот раб на Славишко Поле. Локалитетот има изглед на брановидно рамниште, со надморска височина која варира од 400 до 1.000 метри. Теренот на кој се наоѓа локалитетот Плоче претставува посебна тектонска целина која се издвојува како ефузивен комплекс и како дел од Кратовско-злетовската вулканска област. До Плоче се стигнува преку асфалтниот пат Куманово – с. Страцин – Крива Паланка. Од селото Страцин локалитетот е оддалечен околу 2 километри во северозападен правец. До него води пешачка патека која е лесно совладлива, бидејќи искачувањето изнесува само стотина метри, за потоа да се стигне до една голема зарамнета површина на ритчето Меѓак, каде што всушност и се наоѓа резерватот Плоче – Литотелми.
02/13
Рамнината над селото Страцин, го добила името Плоче поради камените блокови во вид на зарамнети плочи и грамади од мек туф, со квартерно плиоценска старост. Под дејство на атмосферските агенси настанати се најразлични вдлабнатини, со специфична форма, големина и длабочина. Во науката, таквите природни вдлабнатини во камени плочи, се познати под името „литотелми“ (локви во камен). На локалитетот постојат поголем број на литотелми со просечен дијаметар од 20-60 cm и длабочина од 10-40 cm. Дното на литотелмите е покриено со детритус од трули лисја, трева и мов.
03/13
Рано напролет, литотелмите се исполнуваат со вода, како резултат на топењето на снегот и на пролетните дождови. Во овие минијатурни слатководни екосистеми се развива уникатна акватична фауна. Организмите што се развиваат во литотелмите се нарекуваат телматобионти, затоа што се прилагодени за живот во такви екстремни услови, успевајќи притоа да се развијат брзо и за многу краток временски период да обезбедат потомство, во форма на резистентни (латентни) јајца. Литотелмите како специфични природни живеалишта и акватичната фауна што се развива во нив се изразито сензитивни и на најмали промени во животната средина. Од тие причини Европската Директива за живеалишта овој тип на биотопи го вклучува на листата на „Приоритетни природни живеалишта“.
04/13
Телматобионтите се во состојба да ги пребродат неповолните животни услови како што се летното пресушување и зимското промрзнување на биотопите. При повторното полнење на литотелмите со вода (што може да се случи и наесен, но најчесто напролет), настапува развој на нова генерација организми и тоа ешалонски (сукцесивно), а не наеднаш. Тоа значи дека секогаш останува одредена резервна количина на јајца, во случај ако првите ешалони, поради неповолни еколошки фактори, не успеат да го завршат својот развоен циклус. Откако ќе ги поминат овие фази положените јајца, на пролет со пролетните дождови од нив успешно ќе се развијат нови индивидуи со репродуктивен потенцијал.
05/13
Најзначаен вид, поради кој овој локалитет е под строга заштита, е реликтниот вид на самовилско ракче Tanymastix stagnalis, кој на ниво на цела Европа е под силна закана од исчезнување. Аностраките или самовилските ракчиња ги населуваат периодичните води во низините, како и локвите и глацијалните езера на планините. По правило, тоа се стенотермно (опстојуваат само при минимални температурни амплитуди) ладнољубиви организми, кои не поднесуваат високи температури. Македонската популација од овој вид се развива во екстремно мали водни биотопи кои содржат само по неколку литри вода и во кои не постојат предатори и компетитори. На Балканскиот полуостров Tanymastix stagnalis до сега е пронајден само во Плоче – Литотелми.
*Самовилско ракче Tanymastix stagnalis: мажјак (горе); женка (долу) (фотографии од „Ревизија на статусот на биолошката разновидност во Заштитеното подрачје „Строг природен резерват Плоче-литотелми“).
06/13
Покрај тоа, на подрачјето се присутни и многу ретки видови од акватичната инвертебратна (без’рбетна) фауна, како и претставници од вертебратните групи, односно водоземци, влечуги, птици и цицачи. Од аспект на растителниот свет карактеристична е флората во литотелмите која е составена од терофитни видови кои претставуваат едногодишни растенија кои својот животен циклус го завршуваат во кус временски период, кога условите за развој се поволни, додека во текот на неповолниот период од годината, кога локвите се пресушени, преживуваат во вид на семе.
07/13
Во поширока смисла за подрачјето се карактеристични две растителни заедници, едната се шуми на дабот благун и на бел габер, а втората се шуми на дабот плоскач и дабот цер. Голем број од флористичките и фаунистичките видови кои егзистираат во Плоче се ставени на повеќе домашни и меѓународни листи на заштита.
08/13
Поради своите исклучителни вредности локалитетот Плоче – Литотелми е прогласен за Строг природен резерват во 2003 година. Со Закон донесен од страна на Собранието на Република Македонија на 28 октомври 2010 година, а во согласност со најновиот Закон за заштита на природата, локалитетот повторно е репрогласен за Строг природен резерват, што според категоризацијата на заштитени подрачја усогласена со меѓународните стандарди претставува највисок степен на заштита. Според тој закон грижата за локалитетот е доверена на Општина Кратово која во соработка со МЖСПП е задолжена да се грижи за резерватот и најдоцна две години по донесување на законот да изготви план и годишна програма за управување со него.
До ден денес општината нема изготвено план и програма за управување, а во Стратегијата за локален економски развој на општината Кратово за период од 2022 до 2026 година резерватот Плоче – Литотелми не е ниту спомнат.
09/13
Примарна цел на управувањето во заштитените подрачја од категоријата Строг природен резерват е да се заштитат на регионално, национално или глобално ниво исклучително значајни екосистеми, видови и/или вредности на геодиверзитетот. Со емиграцијата на локалното населените од руралните средини влијанието на човекот врз екосистемот во резерватот Плоче – Литотелми низ годините постепено се намалува.
10/13
Но, заканите врз акватичните екосистеми или попознати како литотелми со својата придружна флора и фауна се зголемени како резултат на климатските промени и екстремните временски појави, кои вклучуваат зголемена фреквенција и интензитет на сушни периоди. Тоа доведува до предвремено пресушување на водата во литотелмите пред да биде завршен животниот циклус на специфичните организми кои се развиваат во овие минијатурни екосистеми, предизвикувајќи неповратна загуба за акватичната фауна.
11/13
Како поединци можеме индивидуално и организирано да се вклучиме во ублажување на климатските промени, но проблемот е далеку посложен на глобално ниво. Она што може да се направи е и понатаму да се чува локалитетот во ненарушена форма, да се намали и ограничи присуството на човекот, да се сочуваат екосистемите, видовите и карактеристиките на геодиверзитетот на овој локалитет.
12/13
И покрај тоа што уште од 2003 овој резерват е под строга заштита, ретко кој е запознаен со оваа информација. Според анкета спроведена пред неколку години во која меѓудругото се истражуваше кои се најмалку познати геолошки локалитети, резулататите покажаа дека најмалку познат е геолокалитетот Плоче – Литотелми, односно само 11.1 % од испитаниците одговориле дека слушнале за него. Поради слабата информираност за овие геолокалитети и нивна недоволна промоција, испитаниците ниту чуле за нив, а ретко кој ги посетил.
13/13
Плоче Литотелми е вистинска реткост и исклучително значајно природно наследство на Македонија и на кратовско – злетовскиот регион. Но, иако неговата вредност е препознаена и законски валоризирана, како и во многу други случаи, во пракса овој резерват е комплетно занемарен. И покрај дваесетгодишниот статус на строг природен резерват, на локалитетот Плоче – Литотелми ништо не е направено во поглед на негова фактичка заштита на терен и, се чини дека поверојатно сценарио е дека комплетно ќе се заборави, отколку да добие поголема видливост, заштита, внимание, научен мониторинг, план и програма за заштита.
Извори:
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Текст и фото: Дарко Андоновски