Резерватот „Тиквеш“ неповратно ги губи своите природни вредности
Строгиот природен резерват „Тиквеш“ е едно од двете подрачја во Македонија кои го уживаат највисокиот степен на заштита што едно природно подрачје може да го има. Заедно со Плоче Литотелми тие се единствените два строго заштитени природни резервати и всушност двете најрепрезентативни заштитени подрачја во нашата земја.
Под строг природен резерват се подразбира подрачје кое поради своите значајни екосистеми, геолошки или физичко-географски карактеристики, ретки или загрозени видови, како и изворно сочуваната природа, стекнува статус на природно наследство, првенствено заради спроведување на научни истражувања или мониторинг. Во Строгиот природен резерват забранети се сите активности освен – негова заштита и контрола, студиски посети во функција на остварување на научно истражување, движење на луѓе по утврдени патеки за образовни цели и собирање семе и семенски материјал од диви видови заради научни истражувања и за обновување на популациите на друго подрачје, исклучиво на начин и во период кои нема да предизвикаат нарушување на екосистемот.
Според својата амбиентална впечатливост, богатството на животински и растителни видови, но пред сè заради присуството на повеќе видови птици грабливки, за „Тиквеш“ слободно може да се каже дека би требало да биде најрепрезентативното заштитено подрачје во Македонија. Но, за жал, тоа не е така. Во изминативе триесетина години „Тиквеш“ претставува сè освен она што би требало да биде. Всушност претставува симбол на нашата негрижа кон природното наследство, слика на нашиот однос кон околината, но и еклатантен пример на непочитување на законите.
01/16
Строгиот природен резерват „Тиквеш“ е орнитолошки локалитет на кој во 1997 година, со закон донесен од страна на Собранието на Република Македонија, му е доделен највисок степен на заштита на природните вредности. Основна причина за ваквата одлука е разновидноста и присуството на повеќе видови птици грабливки кои се среќаваат на овој простор, што воедно го прави значаен орнитолошки локалитет и во светски рамки. Согласно новиот Закон за заштита на природата од 2004 година локалитетот „Тиквеш“ го ужива истиот статус на заштита се’ до неговото повторно репрогласување и доделување нов статус на заштита, согласно овој закон.
02/16
Во 2010 година од страна на еминентни научници е изработена студија, во која е евидентирана актуелната состојба на терен и даден е предлог за измена на границите на подрачјето и степенот на заштита. Поради „ деградацијата на екосистемите кои се среќаваат во некои делови од заштитеното подрачје, значителната урбанизација во подрачјето, како и силната еутрофикација на водниот екосистем“ предложено е степенот на заштита од прв да се намали на трет, односно подрачјето да се репрогласи во Споменик на природата. И 13 години потоа репрогласување не е направено со што „Тиквеш“ и понатаму е строг природен резерват. На хартија.
03/16
Резерватот „Тиквеш“ се простира на територија од 10.650 хектари и го зафаќа просторот околу долниот тек на реката Црна во делот на нејзиниот влив во Езерото Тиквеш, како и просторот источно и западно од езерото, заедно со акваторијата на езерото. Од вкупното пространство 950 хектари отпаѓаат на водна површина а 9.700 хектари е копно.
04/16
Структурниот релјеф во поширокиот дел на заштитеното подрачје е претставен со планината Дрен на север, североисточните ограноци на планината Козјак на југ и висорамнината Витачево на исток. Овие три блока се разделени со клисурата на Црна Река која всушност го претставува флувијалниот релјеф на областа, а зеднички ја сочинуваат основната пределна физиономија на заштитеното подрачје.
05/16
Во Строгиот природен резерват Тиквеш е регистрирано присуство на 175 видови птици. Ваквиот број на еден релативно мал простор укажува на посебното богатство на орнитофауната во ова заштитено подрачје. Педесет и седум видови на птици застапени на територијата на заштитеното подрачје Тиквешко Езеро се вклучени во Анекс I од Директивата за птици, што значи видови кои имаат потреба од посебна заштита на нивните хабитати.
06/16
Во поширокиот амбиент на подрачјето се среќаваат и глобално загрозени видови од Црвената листа на IUCN. Во категоријата на загрозени се вклучени три видови на птици со релативно голема популација која може да се сретне на територијата на резерватот Тиквеш. Египетскиот мршојадец (Neophron percnopterus) во категоријата Загрозени (EN), Царскиот орел (Aquila heliaca) во категоријата Ранливи (VU), и Степската ветрушка (Falco naumanni) во категоријата Ранливи (VU).
07/16
Котурски Дол е најимпозантната локација на Тиквешкото Езеро и многу важен локалитет затоа што заради недостапноста на теренот е многу безбедно место за гнездење на секаков вид птици, меѓу кои на белоглавиот и ггипетскиот мршојадец, сури орел, сив сокол, орел змијар и обична ветрушка од фамилијата соколи. На оваа локација се наоѓаше и последното познато гнездо на брадест мршојадец во Македонија, а можеше да се забележи и последниот црн мршојадец.
08/16
Локалитетот Праведничка Скала (Стена, Карпа) се наоѓа на западната страна од Тиквешкото Езеро, на самиот почеток на зштитената зона и претставува едно од неколкуте клучни места за гнездење на грабливите птици на Тиквешко езеро. Се состои од два големи карпести масиви со источна ориентација на кои има гнезда од белоглави мршојадци, сури орел, сив сокол и обична ветрушка.
09/16
На територијата на Заштитеното подрачје Тиквеш утврдено е присуство на вкупно 33 видови на цицачи, што претставува 41,2% од вкупниот број на цицачи на национално ниво, а 20,1% од вкупниот број на европски копнени видови на цицачи. Меѓу нив е само еден вид кој е вклучен во IUCN категориите на видови под закана на глобално ниво – шарениот твор (Vormela peregusna), класифициран во категоријата „Ранлив“ (Vulnerable). Инаку вкупниот број на фаунистички видови изнесува 1253, што е висок број на видов диверзитет за релативно мала површина.
10/16
Гол човек е името на дрвото што го носи латинскиот назив Arbutus andrachne и кое во Македонија се среќава само на две локации – во сливот на Коњска Река на планината Кожув и на крајбрежјето на Тиквешкото Езеро. Гол човек е еден од преку 420-те видови растенија кои се застапени во резерватот. Како дел од оваа богата флора се десетици видови растенија кои се наоѓаат во многу меѓународни документи, конвенции и национални листи на ретки растителни видови, а меѓу нив се и 13 македонски ендемити и субендемити.
11/16
Во рамките на сегашниот Строг природен резерват „Тиквеш“ не влегува ниту едно населено место, но со предложените нови граници на идниот Споменик на природата „Тиквеш“ напуштеното село Галиште ќе биде единственото село кое ќе биде во склоп на ова заштитено подрачје.
12/16
Според националната „Регулативата за класификација на води“ водата во Тиквешко Езеро е од четврта класа, односно силно еутропска и загадена. Во неа се појавуваат големи количини нутриенти, особено фосфати од земјоделско потекло од лозовите насади. Покрај тоа во Тиквешкото Езеро преку Црна Река доаѓаат отпадните води од Пелагонија (Прилеп, Битола, Демир Хисар, Лерин, како и од селските населби). Сето ова негативно се одразува врз езерскиот биодиверзитет.
13/16
Реката Блаштица е десна притока на Црна Река и е најголема од четирите нејзини притоки на територијата на резерватот Тиквеш. Втората десна притока на Црна е Каменица, а двете главни притоки од левата страна се Галишка Река и реката Дољани. За Блаштица е карактеристичен процесот на флувијална ерозија и носење и таложење на ерозивен материјал во езерото со просечна количина од околу 55.000 кубни метри на годишно ниво, што во значителна мера го намалува волуменот на езерото.
14/16
Покрај импозантниот карстен релјеф, за резерватот „Тиквеш“ се карактеристични и подземните карстни форми претставени со неколку пештери меѓу кои позначајни се Арамиска, Чулеица, Галишка, Црквиче, Водна Пеш, Водена Пештера, Зелен Извор и др. Пештерата Црквиче е карактеристична по тоа што на нејзиниот влез и во внатрешноста можат да се забележат остатоци од фрескоживопис кој е дел од некогашната пештерска црква посветена на Св. Лазар.
15/16
Во резерватот „Тиквеш“ се среќаваат и голем број објекти од културно-историско значење, како цркви, манастири и археолошки наоѓалишта. Меѓу нив секако најважно место зазема Полошкиот манастир, со црквата „Св. Ѓорѓи“, изградена во првата половина на XIV век.
16/16
Од моментот на прогласување за Строг природен резерват па до денес подрачјето на Тиквешкото Езеро и околината беше изложено на перманентни негативни влијанија кои доведоа до тоа овој ликалитет повеќе да не ги исполнува критериумите за степенот на заштита која ја има. Една од најважните причини за неисполнување на критериумите е таа што долж целото крајбрежје има изградено десетици дивоградби, што е строго забрането. Покрај тоа свое влијание има и изградбата на несоодветна патна инфраструктура, несоодветно одложување на отпад и отпадни води, ловот, криволовот и рибокрадството, интродуквијата на инвазивни алохтони видови риби, илегалната сеча на дрва, загаденоста на водата во езерото и др.
Референци:
СТУДИЈА ЗА РЕВАЛОРИЗАЦИЈА НА ПРИРOДНИТЕ ВРЕДНОСТИ НА ЗАШТИТЕНОТО ПОДРАЧЈЕ СТРОГ ПРИРОДЕН РЕЗЕРВАТ “ТИКВЕШ”
Општина Кавадарци 2022 – 2028 Локален еколошки акционен план
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Текст и фото: Дарко Андоновски