Непресушното уништување на Водно
Водно едновремено е и најсилната, но и најкревката страна на Скопје. Планината е рекреативна дестинација за Скопјани, најчиста точка над главниот град, заштитено природно подрачје со клучно значење за урбаниот биодиверзитет. Но, Водно е и цел на бројни успешни и неуспешни обиди на узурпација на неговите површини, постојан таргет на градежната мафија, на разни нелогични проекти кои го уништуваат она што природата во соработка со човекот го создавала низ последните векови. Гасоводот, Сончев Град, перманентна изградба на „легални“ и нелегални објекти се само дел од она што ја уништува планината.
Бројни удари му се нанесени на Водно во изминативе децении. Колку и да е жичницата добар проект, Водно претрпе сериозна повреда дури сè да профункионира како што треба. Колку и да е сега Милениумскиот крст заштитен знак на Скопје и Водно, целата урбанизација започна токму од тука. Прашината од градежните активности при повеќегодишната изградба на телекомуникациската кула ја голта токму Водно. Тука е гасоводот кој нанесе длабоки лузни и ја разора планината, но и фамозниот „Сончев град“ кој „поплочи“ дел од Водно. Листата на штетници кои ја нарушуваат убавината на Водно е долга, но она што загрижува е тоа што таа листа е сè уште отворена и секојдневно е сè подолга и подолга.
01/17
Водно е најзначајната зелена оаза во бетонското Скопје. Зиме е заштитна маска од енормното загадување на воздухот, а лете е освежување од вжештениот скопски бетон. Од периодот на почетоците на неговото масовно, модерно пошумување кое започнало во 1946 година, па до денес Водно прерасна во значаен екосистем кој поради своите природни вредности е прогласен за заштитено подрачје. Се протега на површина од 4481,02 ха., а највисокиот врв е Крстoвар (1.067 м)
02/17
На Водно има богат растителен и животински свет. Регистрирани се околу 892 растителни видови класифицирани во 85 фамилии и 325 родови. Врз база на меѓународни стандарди планината е идентификувана како Значајно растително подрачје со 8 засегнати видови во меѓународни, регионални и национални рамки, од кои 5 се габи, а 3 се растенија.
На повисоките делови најмногу се среќаваат костен, даб, јасен, габер и црн бор. Од фауната на Водно најбогата, но и најмалку проучена, е фауната на без’рбетниците, а планината е богата и со многу скакулци, дневни пеперутки, водоземци, влекачи, птици и цицачи.
03/17
Во 1976 година Водно е прогласено за заштитено подрачје од категорија парк-шума, a во 2021 дел од планината е прогласена за заштитено подрачје во категорија V – заштитен предел, со востановени зони на строга заштита, активно управување, одржливо користење и заштитен појас. Сепак, според екологистите оваа заштита не е доволна и остава многу простор за понатамошна урбанизација и узурпација.
04/17
Природниот амбиент на Водно и целиот негов пејсаж во последниве дваесетина години интензивно се нарушува. Водно, какво што го знаат старите Скопјани и особено планинари, воопшто не личи на себе. Деградацијата на планината трае со децении, но се чини дека со поголем интензитет почна некаде пред 2002 година, кога е изграден Милениумскиот Крст, кој сега важи за „заштитен знак“ и на планината, и на градот. Сериозно оштетување донесе и изградбата на жичницата во 2009 година.
05/17
Најавена како импресивен футуристички објект, телекомуникациската кула дополнително ја раздрма планината. Кулата на Водно во која ќе бидат сместени предавателите на македонските оператори и антенскиот систем за контрола и мониторинг на радиофреквенциите се гради од 2013 година. Правта што ја голта Водно од децениското провлекување на камиони, носење градежни материјали, целата изградба на највисокиот 155 метарски објект во Македонија е само сегмент од целиот шок што го доживува нејзиниот екосистем.
06/17
На кулата е предвидено да има ротирачки ресторан со атрактивен панорамски поглед, а во неа ќе има и административни простории на Агенцијата за електронски комуникации и на Министерството за внатрешни работи. Сето ова ќе го претвори врвот на Водно во деловен и канцалариски простор, но и тренд место за забава, а со зголемената фреквенција на луѓе ќе продолжи нарушувањето на мирот на животинскиот и растителниот свет.
07/17
Не многу подолу од врвот, урбанизацијата и узурпацијата на Водно продолжи со градежните активности за потребите на луксузната населба Сончев град која беше замислена како елитна населба за 3.000 жители. Сончев град сѐ уште го нема, односно проектот е стопиран, но предвидениот порамнет простор на југоисточните падини остави длабока лузна.
08/17
Прекопана планина и уништен значаен дел од шумскиот појас се последиците од изградбата на патот кој го поврзува Сопиште и Сончев град со Водно и Скопје. Проекциите беа до 2014 година патот да се пушти во употреба. Иако е изграден во 2017 сепак патот сè уште не е во функција. За време на изградбата се покажа дека е нерационален и небезбеден пред сè поради свлечиштата што се појавија над урбани делови на Скопје.
09/17
Изградбата на патот е услов што државата треба да го исполни за да почне да се гради елитната населба Сончев Град. Според Град Скопје патот за Сончев Град не е дел од Генералниот урбанистички план, а градската администрација не била консултирана во ниту една фаза од планирањето на оваа сообраќајница. Сообраќајните експерти своевремено апрелираа дека патот за Сончев Град е лош проект, пред сè поради фактот што дополнително би го зголемил сообраќајниот метеж кај Клинички центар.
10/17
Уште еден, можеби најголем пораз на планината, е гасоводот. Почна да се гради во 2018 година кога и покрај бројните протести на активистите беа соборени цели здрави дрвореди, децениски шуми и се направи огромна штета. Според Планот за чист воздух од 2020 година беа предвидени средства за повторно зазеленување на трасата на гасоводот, но и покрај тоа од пошумување нема ниту трага.
11/17
Доказ дека урбанизацијата и штетите од урбанизацијата не се сфаќаат сериозно се бројните објекти кои никнуваат во заштитениот дел од планината. Некои почнуваат од „ништо“ со еден мал летниковец, за подоцна да се претворат во тврда градба.
12/17
На просторот на кој се лоцирани фамозните плацеви за кои се води судски спор против поранешниот премиер Никола Груевски, и покрај забраната во изминатиот период се започна со подготовка на теренот за изградба на голем станбен објект. Само поради упорноста на жителите од населбата кои се противат на изградбата, градежните активности се стопирани.
13/17
Не е занемарлив ниту бројот на објекти кои се градат на локации за кои се издадени маркици за ниска градба, а во текот на градба се претвораат во висококатници, при што на градежната табла или во документацијата стои помал станбен објект, а во реалноста се гради зграда од неколку ката, со десетици станови.
14/17
Зголемувањето на катноста и целата градежна експанзија на Водно си го зема данокот, па сè почесто можат да се видат свлекувања на земјата. Копањето на Водно предизвикува разрушување на стабилноста на планината и на одредени места се создаваат свлечишта и одрони кои се санираат со потпорни ѕидови за кои никој не знае колку се безбедни.
15/17
Водно е предел кој е прогласен за ерозивно подрачје уште по поплавите во 1951 година. Една од главните причини за неговото пошумување била токму заштитата од ерозија. Денес брутално се сечат дрвја без грам грижа на совест за последиците кои ги носи секое урнато дрво, секој ископ на земјиното тло.
16/17
Водно не е само важно подрачје на природата, туку и на историјата, со многу значајни градби кои сведочат за нашето културно и историско богатство. Меѓу нив најзначајни се Маркови кули и црквата Свети Пантелејмон. Остатоците од Марковите Кули се лоцирани на источниот крај на планината кај месноста Марково Крувче, на зарамнетиот врв во VI век бил изграден еден необично силен кастел (тврдина) со 40 кули. Но, локалитетот денес речиси е заборавен.
17/17
Водно го нагрдуваат и дел од посетителите, особено оние кои тука доаѓаат со жичницата, па не ретко мирниот и пријатен амбиент наменет за за прошетки и рекреација е полн со ѓубре и разни отпадоци.
Повеќе од јасно е дека Водно мора да се заштити со специјален закон и само со такво решение целосно би се спречила неговата понатамошна деградација. Но, за да се случи тоа потребно е да научиме да го почитуваме и чуваме. Пред да го изгубиме.
Извори:
МЖСПП – Нацрт на Одлука за прогласување на дел од планината Водно за заштитено подрачје во категорија V – заштитен предел
Влада на Република Македонија – План за чист воздух
МЖСПП – Студија за валоризација на заштитеното подрачје Парк-шума „Водно“
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.