fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
den na drvoto neplansko fijasko sto treba da sluzi kako pouka featured

Ден на дрвото – непланско фијаско што треба да служи како поука

  • Во текот на осум години, од 2008 до 2016 година се спроведени вкупно 13 акции „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“, при што од 35 милиони садници се фатиле или преживеале 21отсто.
  • Се пошумувало стихијно и без да се води сметка што ќе се прави потоа, се саделе монокултури или ограничена комбинација од дрва наместо да се обновуваат природните шуми што има помал потенцијал за намалување на јаглеродните емисии или за спречување ерозија.
  • Истражување на „Стенфорд“ покажа дека лошо дизајнираните кампањи за масовно садење дрвја можат да направат поголема штета отколку добро.
  • Повеќе истражувања покажуваат дека ако се оди со дрвја кои не одговараат на средината, наместо корист ќе донесат загуби, ќе го загрозат локалниот биодиверзитет и настанатите врски меѓу видовите, а постои ризик и од пожари.

Повеќе од 6 години откако Владата ја укина акцијата за пошумување позната како „Денот на дрвото“, сѐ уште има многу отворени прашања зошто потфрли масовната акција за пошумување. Податоците на ЈП „Национални шуми“ недвојбено покажуваат дека кампањата доживеала фијаско. Во текот на 8 години, од пролетта 2008 година до есента 2016 година, се спроведени вкупно 13 акции „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“. Од 35 милиони садници (35.211.986) се „фатиле“ нешто над 7 милиони (7.394.518) садници, што значи дека процентот на преживеани е 21%. А, парите се потрошиле. „Денот на дрвото“ ги чинел граѓаните речиси 850 милиони денари или речиси 13,8 милиони евра. Најголемиот дел од парите се буџетски средства од Министерството за земјоделство и од Програмата за проширена репродукција на шумите, а за дел е направено порамнување.

Професорот Јане Ацевски од Катедрата за ботаника и дендрологија при Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ за „ДОМА“ сликовито објаснува зошто акцијата не ги даде очекуваните резултати – се пошумувало стихијно и без да се води сметка што ќе се прави потоа, што професорот го споредува со едно дете кое ќе се роди, а потоа ќе се остави на улица. Наједноставни кажано – пристапот бил маркетиншки и во пропагандни цели, а не базиран на научните принципи.

За 8 години беа организирани 13 акции кои чинеа 13,8 милиони евра и во нив беа вклучени и ученици и војската

Ние инсистиравме сето тоа да се направи малку поплански, поумерено и поквалитетно. Јас имам една девиза: подобро да насадиме една садница којашто ќе се фати, отколку милион што нема да се фатат. Меѓутоа во оваа акција повеќе се одеше на тоа маркетиншкото и на едукативното. Акцијата доби голема популарност кај населението, меѓутоа искрено да ви кажам од мој стручен аспект, затоа што правев и некои истражувања и анализи – таа не го постигна бараниот ефект. Можеби кај децата, кај народот, кај младите се подигна свеста за значењето на шумите, меѓутоа многу материјални средства се потрошија и ефектот можеше да биде многу поголем ако се пристапеше кон попрофесионално, попрецизно, попланско менаџирање на ваквиот тип на пошумување. Кај нас маркетиншки некако повеќе нѝ одговара да пошумуваме во подрачја коишто се околу населените места затоа што тие ги гледаме дека се голи и на нив се создава ерозија. Но, што треба ние тука да преземеме?! Прво, ние немаме планска стратегија. Немаме планови. Се пошумува стихијно на голи површини. Се прави некоја акција, министерствата и општините бараат површини, па ќе видат некоја гола површина и тоа се бира. Се прават акциите и се пошумува. И во овие пошумувања акцентот секогаш се става на едукацијата – го едуцираме младото население за вредноста и значењето на шумите преку пошумувањето. А, ќе пошумиме и потоа оставаме. Тоа е исто како да се роди едно дете и потоа да го оставите. И како тоа ќе се развива понатаму?! Не може нешто што природно не припаѓа тука вие да го оставите на природата да го одгледа. Природата ќе го одгледа тоа што природно е таму и коешто го има. Тоа е многу спор процес ако го оставиме на природата. Затоа ние треба да ѝ помогнеме на природата со тоа што ќе внесеме поголем број различни растенија и ќе ја поттикнеме таа природна борба за опстанок помеѓу растенијата“, вели Ацевски.

Според професорот, акцијата „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“ била избрзана и не била поставена на научна основа за да има ефект. Тој советува дека во иднина не треба да се оди на квантитет, бидејќи е подобро 10 илјади хектари да се засадат и да се фатат преку развивање одржлив екосистем, отколку да се оди на големи површини каде што ќе има потфрлање. Така ем ќе поминеме поевтино, ем ќе постигнеме поголем ефект.

Македонија во пракса ги потврди стручните истражувања на „Стенфорд“

Во Македонија изминатиов период се случува токму спротивното. Банки, компании, корпорации се „фалат“ со масовни акции за пошумување кои треба да ни обезбедат позелена иднина. Научната фела ретко кој ја прашува за мислење дали и што треба да се сади, наместо тоа, се оди на масовност. И, токму тука лежи опасноста.

Истражување на „Стенфорд“ покажа дека лошо дизајнираните кампањи за масовно садење дрвја можат да направат поголема штета отколку добро, па наместо да се направи чекор напред во борбата со климатските промени, лесно може да се загрози биодиверзитетот, особено ако се садат еднородни насади што не се автохтони.

„Ако политиките да се поттикнат шумските насади се лоши дизајнирани или спроведени постои висок ризик, не само од трошење на јавните пари, туку и од поголема емисија на јаглерод и губење на биодиверзитетот“, предупредува еден од авторите на студијата, Ерик Ламбин.

„ДОМА“ веќе пишуваше за опасностите – се оди кон тоа да се садат монокултури или ограничена комбинација од дрва наместо да се обновуваат природните шуми што има помал потенцијал за намалување на јаглеродните емисии или за спречување ерозија. Најголемиот ризик, пак, е да се засадат видови што не соодветствуваат на локалниот биодиверзитет, грешка што лесно се прави ако не се слуша науката. Дополнителен проблем е што пошумување со инвазивни видови не е легално.

И домашните експерти ги потврдуваат предупредувањата што доаѓаат од странство.

„При општото пошумување на која било површина е многу значајно да се направат план и програма и да се изберат дрвните видови со коишто ќе се пошумува, бидејќи стручните анализи на светско ниво покажуваат дека доколку се внесуваат алохтони видови на дрва, односно не домашни видови карактеристични за пределот, тоа не е добро од еколошки аспект и не е добро за животната средина зашто и апсорпцијата на јаглеродниот диоксид на алохтони видови коишто не се карактеристични за тие предели е помало, а да не зборуваме за прифатот и преживувањето на садниците, а коешто е многу помало за разлика од видовите коишто се карактеристични“, вели помошник-директорката во ЈП „Национални Шуми“, Маре Басова.

Басова потврдува дека се правени грешки со садење монокултури што се слабо отпорни на пожари и имаат негативни ефекти врз животната средина и живиот свет.

Масовното садење шумски плантажи не е секогаш добар избор

Конвенциите што се потпишани од десетици земји предвидуваат до 2030 година да се пошумат околу 350.000.000 хектари дефорестирани површини коишто претходно биле шума, но биле уништени. Сепак, повеќе истражувања покажуваат дека ако се оди со дрвја коишто не одговараат на средината и наместо корист ќе донесат загуби, ќе го загрозат локалниот биодиверзитет и настанатите врски меѓу видовите, а постои ризик и од пожари кои наместо очекуваното намалување на емисиите на јаглерод диоксид ќе го донесат сосема спротивното, особено ако нема добар менаџмент.  И овој пример го има во Македонија.

При пошумувањето мора да се има предвид и ризикот од пожари

Почетоците на пошумувањето кај нас се по Првата светска војна, иако по Втората светска војна тоа добило помасовни димензии. Се почнало се четинарски видови со главна цел да се спречи ерозија. Напорите продолжиле со црн бор, чемпрес, кедар, багрем. Се саделе и по 10 илјади садници на хектар. До 60-те години масовно се пошумува со црн бор, па резултатот е огромни монокултури и поволен терен за пожари.

„Кај нас е создадено едно мислење дека шумата треба да даде материјална придобивка. Да имаме дрво – дали за огрев, дали за индустрија или друго. А, вредноста на шумата е многу, многу поголема. Оној материјалниот момент, економскиот бенефит според најновите, па и претходните истражувања изнесува една десетина од вредноста што ја има шумата. Другите девет десетини припаѓаат на оние општокорисни функции на шумата: прочистување на воздухот, заштита од ерозија, услови за создавање на биодиверзитет. Тоа се многу бенефити. Нам тоа нѝ е потребно. Не нѝ треба дрвна маса што ќе ја посечеме и ќе ја користиме затоа што не ни може да се постигне на овие места да се добие дрвна маса. Македонија располага со голем број дрвни видови. Природно имаме преку 312. Бидејќи сме подрачје коешто е под интензивно влијание на повеќе влијанија како субмедитеранот, континентална, планинска клима – имаме дрвни видови коишто имаат многу широка еколошка амплитуда. Тие се термофилни или отпорни на топлина, ксерофилни или отпорни на суша, и други. Ние треба изборот да го направиме од нашите автохтони видови и пошумувањето да го направиме со нив. Таквите почетоци на создавање на ваквите зелени површини и шумски површини ќе дадат добар предуслов да се развие стабилен шумски екосистем којшто ќе даде услов за развој на добра и квалитетна еколошка средина и во неа ќе најдат услов на живеење голем број на животни форми, инсекти, растенија“, вели професорот Ацевски.

Експертите препорачуваат дека пошумувањето треба да се прави со домашни, автохтони видови

Површината под шума во Македонија изнесува над милион хектари. 63% се нискостеблести деградирани шуми, а 29% се високостеблести. Површините под шумско земјиште се намалуваат, па ЈП „Национални шуми“ има сѐ помалку ресурси за пошумување. Во просек, годишно се пошумуваат по околу 500 хектари ама пожарите во Пијанец и Малеш ја вратија земјава години наназад. Надлежните уверуваат дека работи на подобрување на шумскиот фонд, иако е јасно е дека масовните корпоративни кампањи не се вистинскиот пат да се стигне до целта.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Мартин Пушевски
Снимател: Зоран Догов
Фотографии: Наке Батев