Нема кој да ги залечи раните од гасоводот на Водно
- Еден од најголемите удари за вегетацијата на Водно беше изградбата на гасоводот по сртот на планината при што беа уништени илјадници стебла дрвја.
- Од „Го сакам Водно“ велат дека штетите се непроценливи и дека посебно загрижува состојбата над селото Шишево каде што демне опасност од свлечишта.
- Од Град Скопје не сакаа да одговорат на нашите прашања на што се потрошени парите доделени од НЕР и дали се планира пошумување на Водно на трасата каде што минува гасоводот.
- Од Министерството за економија велат дека се евалуираат понудите за јавни-приватни партнерства за гасифицирање на градските средини, конкретно за дистрибуцијата на гас од делницата Скопје – Тетово – Гостивар.
- Студијата на „Еко Свест“ покажува дека тешко ќе биде гасот да се донесе до домовите на граѓаните, освен ако не е многу евтин.
- Три години од прогласувањето на Водно за заштитено подрачје, надлежните не мрднаа со прст за во пракса да се воспостави режим за заштита согласно новата регулатива.
Жителите на Скопје може скапо да ги чини негрижата на надлежните за Водно, кое изминатиов период постојано го газат багери и градежни машини од подножјето до врвот. Еден од најголемите удари за вегетацијата на Водно беше изградбата на гасоводот по сртот на планината при што беа уништени илјадници стебла дрвја. Постои законска обврска за санирање на штетите од изградбата на гасоводот, но таа во пракса не се спроведува. Дополнително, иако изминува третата година откако Водно беше прогласено за заштитено подрачје во категоријата V – заштитен предел, надлежните буквално не мрднаа со прст за во пракса да се воспостави режим за заштита согласно новата регулатива.
За штетите и потенцијалната опасност од изградбата на гасоводот на Водно поразговаравме со Татјана Стојановска од „Го сакам Водно“. Таа вели дека штетите се непроценливи и дека посебно загрижува состојбата над селото Шишево каде што демне опасност од свлечишта. Таа додава дека освен гасоводот, има многу други локации на кои Водно е уништено. Стојановска ги посочува патот кон Сончев град, телекомуникациската кула и континуираната изградба на станбените објекти во подножјето на планината.
„Се зголемува линијата на градба и се уништуваат постоечките канали, каскади кои што овозможувале во случај на поројни дождови да се заштити градот од дотокот на води. Без Закон за Водно немаме решение, мора да има Закон за Водно и потоа санирање на сите проблеми. Бидејќи кога ќе ги ставите во рамка, интегрално сите закони, не само Закон за природата и заштитување на нешто што е вештачки оформено, туку Закон за пожар, за заштита од ерозија, за почва. Кога ќе се постават сите закони взаемно, во еден специјален закон, ќе може да се обезбеди суштинска заштита на Водно, без тоа ништо не правиме“, вели Стојановска.
Според официјалната класификација, Водно со последната одлука е подрачје од категоријата заштитен предел – што означува подрачја кои настанале вво соработка и симбиоза помеѓу човекот и природата. Со оваа категорија се зашттитуваат токму вакви подрачја како што е Водно. Доколку дисциплинирано и интимно се следат препораките на Студијата за заштита на Водно за правилно управување, ова подрачје би требало да остане успешно зачувано во следните години.
Изградбата на гасоводот заврши, штетите останаа
Од Национални енергетски ресурси (НЕР) информираат дека изградбата на гасоводната делницата Скопје – Тетово – Гостивар е целосно завршена. На нашето прашање зошто се пробиени роковите за градба оттаму појаснуваат дека изградбата на оваа делница е започната без да се започне експопријацијата на приватните парцели низ кои поминува гасоводот и без да се обезбедат средства за експоприијација.
„Решавањето на имотно правните односи на приватните парцели е започната две години после потпишување на договорот за градба. Тоа е главната причина за поместување на роковите“, велат од НЕР.
Од оваа институција додаваат дека за делницата Скопје – Тетово – Гостивар во тек се законско пропишани постапки за испитување и тестирање, по што треба да започне постапка за технички прием и за добивање на одобрение за употреба. По добивање на одобрението оваа делница треба да се пушти во употреба. Според нив, за изградбата на гасоводната делница досега се потрошени 1,93 милијарди денари (3,3 милиони евра).
Се евалуираат понудите за дистрибуција на гасот
Во Министерството за економија прашавме што се случи со идејата за јавни-приватни партнерства за гасифицирање на градските средини, конкретно за дистрибуцијата на гас од делницата Скопје – Тетово – Гостивар. Оттаму одговорија дека јавниот партнер (Владата на РС Македонија) спроведува конкурентен дијалог за доделување на договор за јавно приватно партнерство во согласност со Глава III, Поглавје 1, член 53 од Законот за јавните набавки за што е објавен оглас со број 01/2020.
„Во првата фаза од конкурентен дијалог два избраните кандидати (потенцијални понудувачи) ги доставија своите писма за интерес до архивата на Министерството за економија. Во јануари 2024 заврши фазата на дијалог(втора фаза) од конкуретниот дијалог со избраните кандидати при што во меѓувреме нивните технички, комерцијални, правни, регулаторни и еколошки предлози беа дополнително развиени од нивна страна и затоа јавниот партнер Владата на Република С.Македонија ги информира учесниците кои учествувале во последниот дел од дијалогот дека дијалогот е завршен, секој од нив го покани во третата фаза (до крајот на месец февруари 2024 година) од постапката да ја поднесе својата конечна понуда врз основа на договореното(најповолно) решение, кое беше презентирано и подетално утврдено во текот на дијалогот“, објаснуваат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во тек е процес на евалуација при што согласно на законот јавниот партнер – Владата РС Македонија ќе склучи договор со избраниот кандидат кој дал најповолна финална понуда во крајната фаза од постапката.
„Во спротивно доколку нема доставено поволна понуда од страна на избраните кандидати јавниот партнер може да ја поништи самата постапка“, велат од Министерството.
Колку е исплатливо вложувањето во гасна инфраструктура?
Невладината организација „Еко Свест“ неодамна ги презентира резултатите од студија која, меѓудругото, треба да покаже колку се исплати да се вложува во гасна инфраструктура во Македонија. Ана Чоловиќ Лешоска, извршна директорка на „Еко Свест“ вели дека студијата по нивна нарачка ја работеле експерти од Регионалниот центар за енергетика од Унгарија (РЕК) и се фокусирала на две главни компоненти.
„Едната беше да се провери дали гасната инфраструктура која се планира во Македонија е финансиски исплатлива или економски исплатлива за нас како држава, а втората компонента беше што би можело да се направи за домаќинствата, со истата сума на средства која би биле вложени во гасната инфраструктура. Во однос на првата компонента од студијата, таа покажува дека оригинално планираниот износ кој треба да се инвестира во гасна инфраструктура на национално ниво, всушност ќе биде надмината за 35 проценти. Наместо планираните 700 милиони евра, ќе треба државата да инвестира најмалку милијарда евра најмалку за да ја стави во функција таа национална гасна мрежа“, вели Чоловиќ Лешоска.
Таа објаснува дека поскапувањето е резултат на промените на пазарот, на зголемените трошоци за изградба и на дополнителните давачки.
Дополнително, студијата покажува дека тешко ќе биде гасот да се донесе до домовите на граѓаните, освен ако не е многу евтин, поради што виси тезата дека со гасификацијата ќе се намали аерозагадувањето.
Молк од Град Скопје
„Дома“ уште минатата година пишуваше дека од НЕР склучиле договор со Град Скопје за рекултивација на делницата низ Водно, каде поминува гасоводот. Согласно договорот НЕР имал обврска да му исплати на град Скопје 42.000.000 денари за оваа намена и овие средства биле исплатени навреме на наменска сметка на град Скопје уште во 2019 година.
И тогаш и сега од Град Скопје не сакаа да одговорат на нашите прашања на што се потрошени парите доделени од НЕР и дали се планира пошумување на Водно на трасата каде што минува гасоводот.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Поврзани стории: