Светиниколски Геоглиф – свето место или воен ров?
Геоглифот во околината на Свети Николе, случајно откриен откако сателитските снимки станаа широкодостапна алатка за користење, и после десетина и нешто години останува непознаница која одвреме – навреме ја разбранува јавноста, но и квазистручната, стручната и научната фела. Во изминатиот период се направени неколку истражувања од различни научници, квазинаучници, ловци на мистерии, археолози, историчари, домашни и странски и сите тие резултираа со разни заклучоци кои не се совпаѓаат меѓусебно.
Според едни толкувања се смета дека возвишението во близина на селата Долно и Горно Црнилиште е свето место кое со причина не се обработува со векови, дека тумбата е направена од човечка рака и дека внатре има подземни шуплини за кои се претпоставува дека се гробни простории. Преку анализа на симболиката на македонската кралска династија и преку датирање со методот на прецесија на Земјата во рамнодениците, дојдено е до заклучок дека геоглифот го покажува роденденот на Александар Македонски – 356 г.п.н.е. или пак кажува нешто поврзано со него.
Според други толкувања, можно е дека станува збор за гробници на македонските божества: Творецот на универзумот, Големата Мајка и нивниот првороден син, богот Ѕе.
Истражувањата, пак, на наши археолози и историчари нè носат кон сосема поинаква вистина. Според анализите на историски документи, но и од добиените наоди и увидот на терен, тие заклучуваат дека локалитетот нема никаква врска со Александар, со боговите или, пак, со некаква светост, туку станува збор за обични воени ровови направени за време на Втората балканска војна.
Она околу што сите се согласуваат е тоа дека допрва е потребно да се направи детално истражување на терен и со изработка на научен труд да се разоткрие што всушност овој локалитет крие во себе.
01/11
На околу четири километри јужно од Свети Николе и на еден километар северно од селата Горно и Долно Црнилиште, во месноста која на топографските карти е означена како Шарков Рид, се наоѓа едно мало возвишение кое денес е познато како Светиниколски Геоглиф. Возвишението се наоѓа среде обработливо земјиште, а одејќи по земјен пат кој води од селото Долно Црнилиште може да се стигне на само триста метри од него. Понатаму се оди пеш. Во есен мора да се изгази ровката земја и изораните бразди, а на пролет ова веќе е житно поле. Онаму каде што завршуваат браздите, започнува мистеријата.
02/11
Возвишението е со површина од околу 1,6 хектари, долго околу двесте, а широко околу стотина метри. Самиот знак пак, односно геоглифот (знак, запис во земјата), е со должина од некаде околу 85-90 метри, а широчината му е околу 45 метри. Или речиси колку едно фудбалско игралиште. Создаден е од ископани канали со вкупна должина од преку 260 метри. Каналите кои ја даваат мистичната форма на геоглифот се со длабочина од околу 2 метри и широчина од 4 метри. Целиот терен што се издвојува од околната обработувана површина е обраснат со трева и грмушки.
03/11
Од возвишението се протега одличен поглед кон север и градот Свети Николе, но и кон исток, со одлична опсервација на магистралниот пат што води од железничката станица Овче Поле до градот Свети Николе.
04/11
Мистеријата на Светиниколскиот Геоглиф започна сосема случајно, откако сателитските снимки на Земјата станаа широкодостапни и откако сосема случајно е забележано дека на врвот на ова микроритче постојат бразди кои оддаваат впечаток дека се работи за некаков знак кој во себе можеби крие некаква симболика. Оттогаш започнуваат разни научни и квазинаучни толкувања на овој феномен, некои со цел да се открие вистинското потекло на оваа форма, а некои, веројатно, и со цел да се создаде впечаток дека токму во Овчеполието се крие една од најголемите тајни на свтската историја и археологија.
05/11
Досега најопсежни истражувања на овој локалитет спроведоа истражувачите од непрофитната организација Super Brain Research Group (SBRG), д-р Паоло Дебертолис, специјалист по стоматологија и протетика, м-р Домагој Николиќ, политиколог и Наталија Тарабела, архитект, помогнати од м-р Никола Ристевски, економист од Свети Николе, како и со финаниска помош на Општина Свети Николе. Во 2014 година овој меѓународен тим направи археоакустични и археоастрономски истражувања и со помош на интердисциплинарни методи (астрономија, филозофија, митологија, математика и физика) воспостави хипотеза за потеклото на геоглифот.
06/11
Според нивната хипотеза геоглифот е испишан на вештачки изграден рид и под него има подземни шуплини – комори или подземни простории во кои е сместен гроб на многу важна личност од Македонската историја, најверојатно на Александар Македонски или, пак, некој од неговото семејство. Според нивните заклучоци скицата или геоглифот на платото е аналогна на констелацијата на ѕвездите на соѕвездието Касиопеја, а судејќи според симболиката што се појавува на кралските македонски монети и имињата на членови на династијата, митот за Касиопеја бил важен елемент во оваа култура.
07/11
Друга интрепретација на геоглифот, според македонската транскрипција на Каменот од Розета, во 2014 година дадоа д-р Аристотел Тентов и академик Томе Бошевски, професори на Електротехничкиот факултет при УКИМ, кои сметаа дека геоглифот го симболизира богот „ЅЕ”- врховен бог на древните Македонци, и неговата посвета кон Големата, Врховна – Прва Мајка.
08/11
На четири километри северозападно од геоглифот, кај селото Кнежје е лоциран археолошкиот локалитет Билазора. Археологот Горан Динев е на мислење дека постои триаголна поврзаност помеѓу несудената мегалитска опсерваторија во Кокино, археолошкиот локалитет Била Зора и Геоглифот кај Црнилиште. Според него, во непосредна близина на геоглифот постои место кое се нарекува Канда, што значи главна порта, а Кандион е богот на војните во Пајонија, па оттука влече аналогија дека Канда е всушност порта кон геоглифот.
09/11
Сосема поинаква интерпретација за потеклото на геоглифот даваат историчарот Александар Арсов и археологот д-р Виктор Лилчиќ Адамс. Според нив, станува збор за воени ровови направени од српската војска за време на Втората балканска војна во 1913 година, за време на која на овој простор се одвивала познатата Брегалничка битка помеѓу српската и бугарската војска. Ова е потврдено и со анализа на воени карти од тој период на кои точно се означени одбранбените позиции на српската војска, меѓу кои е и токму локацијата на Шарков Рид.
10/11
Во прилог на ова тврдење се и наодите од површинските ископувања со помош на опрема за детекција на метал направени од проф. Лилчиќ, при кои се пронајдени муниција и делови од воена опрема токму од овој период, а кои биле коористени од српската војска.
11/11
Светиниколскиот Геоглиф, како што е наречен во поново време, или пак едноставно Шарков Рид, како што стои во топографските мапи, е локалитет околу кој во изминатава деценија се направи голема фама. Хипотезата дека тука е гробот на Александар Македонски, или пак на митолошки божества, е добар обид за промовирање на Македонија како светска археолошка дестинација. Но, се чини дека оваа хипотеза е на стаклени нозе и дека не кореспондира со историската вистина, а во прилог на ова е и фактот што во овој период ниту една релевантна светска институција не пројави интерес за подетални истражувања на терен.
И, додека не пронајдеме некое ново светско чудо на нашиве простори, можеме нашата земја да ја промовираме со она што објективно и потврдено го имаме. А тоа е несомнено богатото природно и културно-историско наследство.
Извори:
Archaeoastronomy at Kanda geoglyph, Macedonia – Paolo Debertolis, Domagoj Nikolic, Natalia Tarabella
https://ovcepole33.wordpress.com
Благодарност до проф. Др. Виктор Лилчиќ Адамс
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Текст и фото: Дарко Андоновски