Проблемите во животната средина во длабока кома

20 април 2026

„Во регионалната депонија во светиниколско ќе се прибира и ќе се согорува отпад од Европа“, „Медицинскиот…

  • Системските решенија се на хартија, а пропагандата и нестручноста владеат со јавната дебата.
  • Во последните години евидентно е присуството на организирани наративи за да се компромитираат решенијата во животната средина и да се заштитат интересите на одредени групи.
  • Наместо конзистентна политичка волја, на сцена доминираа политичките калкулации, влијанијата на различни интереси, а јавната дебата беше сведена на популистички пораки наместо стручна анализа.
  • Сите овие системски слабости придонесуваат проблемите во животната средина со децении да се натрупуваат, без видливи знаци за нивно суштинско решавање.

„Во регионалната депонија во светиниколско ќе се прибира и ќе се согорува отпад од Европа“, „Медицинскиот отров од Европа ќе го покрие Овчеполието“. Постови со вакви неосновани тврдења и без докази со месеци се ширea низ социјалните мрежи, мобилизирајќи ги граѓаните против изградбата на регионален центар за управување со отпад. Изградбата на центарот се одложува повеќе од една деценија, а покрај дезинформациите кои го следеа од почеток и кои никогаш не беа јасно демантирани од институциите, главна причина за застојот беа блокадите и опструкциите од локалните политичари. Тие наместо да го туркаат проектот, се приклучија на отворената пропаганда, додека загадувањето од дивите депониите продолжи да се шири во воздухот и во почвата.

Наместо конзистентна политичка волја, на сцена доминираа политичките калкулации, влијанијата на различни интереси, а јавната дебата беше сведена на популистички пораки наместо стручна анализа – во ваков амбиент постојано се бараат изговори да се пролонгира системското решавање на проблемот со отпадот,  кој не е изолиран пример туку илустрација на моделот за решавање на проблемите во животната средина во Македонија – бавно, неефикасно и без јасен исход. Истиот се повторува и во другите сегменти од животната средина –загадувањето и зелената енергетска транзиција – каде стратешките решенија остануваат заложници на структурните слабости.

Меѓу фактите и манипулациите

Во последните години, евидентно е присуството на организирани наративи за да се компромитираат решенијата во животната средина и да се заштитат интересите на одредени групи. „Овие наративи не се само производ на ‘незнаење’, туку често се и стратешки пласирани за обезбедување одредени поени и заслуги во локалната заедница“, вели Бојана Станојевска Пецуровска, претседателка на Центарот за климатски промени.

Таа издвојува неколку организирани наративи кои најчесто се повторуваат и ги разобличува со научни факти.

Еден од примерите е кога зелената транзиција се прикажува како дестабилизирачки фактор за националните економии. Овие кампањи, вели таа, се потпираат на селективни вистини или целосни митови, за да се зачуваат интересите на секторите базирани на фосилни горива.

„Во енергетскиот сектор се пласира тезата дека преминот кон обновливи извори на енергија (ОИЕ) неизбежно ќе доведе до енергетски колапс и драстично зголемување на сметките за струја за домаќинствата. Дезинформацијата го занемарува фактот дека производството на енергија од јаглен станува сè поскапо поради давачките за емисии на карбон диоксид и високите трошоци за одржување на застарената технологија. Наративот свесно ги премолчува долгорочните придобивки од енергетската независност преку сопствени обновливи извори“, објаснува Станојевска Пецуровска.

Слична стратегија се забележува и кај управувањето со отпад. Во јавноста се шират дезинформации дека современите регионални центри за управување со отпад или постројките за енергетско искористување на отпадот се поголема закана за здравјето отколку сегашните диви депонии.

„Овој наратив ја користи оправданата недоверба на граѓаните во контролните механизми на државата и уште позасилено придонесува кон организираниот отпор против современи санитарни депонии. Преку дезинформации за ‘увоз на опасен отпад од Европа’, се блокираат проекти кои треба да ги заменат вистинските еколошки бомби, како што се неконтролираните ѓубришта кои секојдневно ги загадуваат сите медиуми во животната средина“, нагласува таа.

Пропагандните полувистини и лаги понекогаш ги користат и самите политичари, а ги споделуваат квази-експерти кои манипулираат со јавноста, ширејќи популизам или теории на заговор. Како резултат на ова, разбирањето на јавноста за проблемите во животната средина е често фрагментирано и под силно влијание на сензационализам, наместо на научно засновани податоци, што може да предизвика отпор кај нив за имплементација на долгорочни решенија.

Освен за управувањето со отпад и за енрегетиката, деизнформации се шират и за третата најважна еколошка област – загадувањето на воздухот.

„Наместо да се согледа кумулативниот ефект од изворите на загадување: домаќинствата, индустријата и сообраќајот се бара ‘единствен виновник’“, констатира Станојевска Пецуровска.

Ова е последица на тоа што граѓаните често ја потценуваат улогата на домаќинствата и сообраќајот, особено во урбаните средини, што се „искористува  од различни интересни групи за дефокусирање од вистински решенија и  ја отежнува поддршката за мерки, како промената на начинот на греење или ограничувањето на одредени горива“.  

problemite vo zivotnata sredina vo dlaboka koma 1
Граѓаните меѓу другото протестираат и против организираните наративи и дезинформации кои го кочат патот кон зелената транзиција и научно заснованите еколошки решенија (Фото: Наке Батев).

На оваа тема се надоврзува и Филип Стојановски од Центарот за климатски промени кој нагласува дека „најголемата заблуда е што огромно мнозинство граѓани веруваат дека тие лично не придонесуваат кон загадувањето и воопшто не го перципираат огревното дрво како загадувач, иако тоа е доминантно најкористениот енергенс за греење“.

Иако граѓаните имаат познавања за  последиците од аерозагадувањето – голем дел од нив лично почувствувале здравствени проблеми или познаваат барем еден човек кој има здравствени проблеми предизвикани од загадениот воздух – кога станува збор за изворите на загадување, тие имаат субјективни погледи.

„Најголемата заблуда кај јавноста е дека нивниот личен начин на загревање на домот не ѝ штети на околината. Фрапантен е податокот дека 73% од жителите во Кавадарци, 68% во Струмица, 64% во Струга, 63% во Куманово и 57% во Гостивар категорично тврдат дека енергенсот кој го употребуваат за загревање не го загадува воздухот во околината. Оваа заблуда е масовна и покрај тоа што најголем дел од овие домаќинства (помеѓу 41% и 53%) се греат токму на огревно дрво, кое е еден од најголемите извори на ПМ-честички. Дури околу половина од испитаниците во Гостивар (48%) и Куманово (45%) воопшто не го перципираат горењето на дрвото како причина за лош квалитет на воздухот“, вели Стојановски.

Друго погрешно тврдење во кое веруваат голем број граѓани, а кое е поврзано со загадувањето на воздухот, е дека пелетите се поштетни од огревното дрво.

„Во градови како Гостивар и Струга, влијанието на пелетите врз квалитетот на воздухот од страна на граѓаните е оценето како поштетно отколку влијанието на огревното дрво, што претставува целосно погрешна перцепција. Ова минимизирање на еколошкиот проблем директно се рефлектира во секојдневните одлуки. На пример, во Скопската котлина, граѓаните го избираат начинот на греење речиси исклучиво според цената на инвестицијата (35%) и висината на месечниот трошок (39%), додека само 1% од граѓаните го прават изборот врз основа на тоа колку уредот ја загадува животната средина“, анализира Стојановски.

Стојановски предупредува дека „погрешните уверувања предизвикуваат отпор кон еколошките мерки, како забраната на јаглен и влажно дрво“, кои се  перцепираат како социјално неправедни.

Според Филип Стојановски од Центарот за климатски промени, главни извори на загадувањето, се енергетската сиромаштија, производството на електрична енергија кое сè уште масовно се потпира на стари термоелектрани кои користат лигнит и кои доцнат со воведување на системите за десулфуризација. Состојбата постојано се влошува и поради исклучително застарениот возен парк, во кој доминираат возила со стандард до ЕУРО 3, односно староста на возниот парк е во просек 20 години.

Индустријата беше главен извор на загадување во Македонија (во 1990 година учествуваше со речиси 50% во емисиите на суспендираните честички ПМ-10 и ПМ-2,5), но денес, по затворањето на одредени индустриски капацитети, нејзиниот удел е значително намален (околу 8% за ПМ-10 и 2% за ПМ-2,5 во 2022).

Сепак, индустријата и термоелектраните остануваат доминантни извори на други загадувачи: произведуваат околу 97% од сулфур диоксидот (поради согорувањето на лигнит), се клучни за азотни оксиди, и емитираат најголем дел од тешките метали (90% никел, 70% арсен, 45% жива), како и 99,8% од емисиите на полихлорирани бифенили (PCB) и неметански испарливи органски соединенија (NMVOC).

Тој нагласува дека се потребни системски долгорочни мерки, за што требаат финансии и план за длабоки промени. Бидејќи нив ги нема, мерките се сведуваат на микро проекти со симболични резултати.

„Долгорочните мерки кои вистински го решаваат проблемот (како промена на системите за греење, енергетска транзиција и урбанистичко планирање) бараат значителни финансиски средства, време и политичка заложба. Бидејќи овие ресурси често недостасуваат, фокусот најчесто се става на краткорочни мерки кои даваат само моментални резултати, но не можат драстично и трајно да ги намалат концентрациите на суспендираните честички (ПМ-10 и ПМ-2,5) под граничните вредности“, заклучува тој.

Бидејќи согорувањето дрва во неефикасни печки создава над 40% од ПМ-10 и ПМ-2,5 во градовите, тој вели дека ова треба да биде врвен приоритет, а решението го гледа во  забрана за продажбана влажно огревно дрво со одложена примена од две години. Понатаму, потребни се повеќе велосипедски и пешачки патеки, а помалку паркинг, зони со ниски емисии и електрификација на возниот парк.

Медиумски смог и институционални слабости ги кочат стратешките проекти

Решенијата за проблемите во животната средина се во состојба на длабока кома. Причините за ваквата дијагноза се комплексни и институционални и не можат да се сведат само  на пропаганда од одредени центри на моќ или од недоволно информирани иницијативи на граѓани и организации.

Експертот и консултант за животна средина Филип Иванов ги групира во три сегменти: кадровски дефицит во институциите и недоволната обученост на вработените да ги имплементираат законските решенија, непознавање на проблематиката од страна на раководните лица избрани да го водат министерството и трето, нестручна јавна дебата која се сведува на дискредитација на вистинските познавачи на темата од страна на квази експерти.

Иванов вина гледа и во „медиумскиот смог“ кој, како што вели, ги загадува граѓаните со невистини. Оваа „магла“ ја шират квази експерти кои се дрзнуваат да дебатираат на теми кои не им се познати, да ги обвинуваат и да ги дискредитираат вистинските стручњаци за животна средина.

Од Центарот за климатски промени набројуваат и други причини за неповолната состојба во животната средина, меѓу кои е и нефункционалната казнена политика. Како доказ го наведуваат малиот број на пријави – годишно се поднесуваат едвај по давесетина пријави за нелегални депонии. Ограничените ресурси во контролниот механизам, исто така, се меѓу причините за катастрофалната состојба  во животната средина. Иако законска рамка за А и Б интегрирани дозволи има,  контроли како и да нема поради малиот број инспектори –  во цела држава се само 15, додека  на локално ресурсите се уште поограничени. „Честопати, едно исто лице во општината е задолжено и за издавање на дозволите и за вршење на инспекциски надзор, што доведува до многу ниско ниво на супервизија и виртуелно отсуство на казни“, потенцира Стојановски. Од друга страна, казните за операторите кои ги надминуваат дозволените граници на емисии не се доволно строги, а надоместот кој се плаќа за поседување на А и Б – интегрирани еколошки дозволи е многу низок.

Сите овие системски слабости придонесуваат проблемите во животната средина со децении да се натрупуваат, без видливи знаци за нивно суштинско решавање.

Иванов се залага за системско, а не парцијално решавање на проблемите во животната средина. Тој смета дека треба да се промени досегашниот начин на работа – кога „се гасат пожари“, се трча од еден проблем во друг и се реагира реактивно. Недостига план и стратешки решенија за што нагласува дека се потребни големи финансии. Тој предлага да се формира фонд за животната средина, преку кој би се следеле вложените пари, но и лесно ќе може да се утврди одговорност за нереализираните проекти.

Проблемите во животната средина се поврзани и затоа мерките што ги предлага се однесуваат на трите сегменти. Во суштината на моделот е 100-процентно субвенционирање на трошоците на социјално ранливите групи за енергетика, а крајната цел е намалување на загаденоста, што би довело до помал број заболени и починати, како и до растоварување и заштеди во здравствениот систем.

Иако темите поврзани со животната средина се високоексплоатирани во медиумскиот простор, а има и стручни анализи и стратешки документи,  пошироката јавност сè уште ги креира своите ставови врз основа на парцијални и непроверени информации, пласирани преку социјалните мрежи, наместо преку релевантни научни извори. Според Станојевска Пецуровска, доминира„феноменот на рекла-кажала информираност“. Тој создава дисторзија на реалната слика и ги маргинализира суштинските проблеми. Кај значителен дел од популацијата е евидентна и целосна незаинтересираност за темата, што дополнително го отежнува процесот на едукација и мобилизација за еколошки промени, вели таа.

Слично размислува и експертот по животна средина Филип Иванов. Тој вели дека луѓе кои не се квалификувани да зборуваат за темата, создаваат медиумска магла преку ширење небулози. „Лица кои читале десет дена на Интернет си дозволуваат да дебатирата со луѓе кои го посветиле целиот свој живот на заштитата на животната средина и да ги обвинуваат дека работат за некого. Тоа е небулозно и апсурдно“, вели Иванов. Тие се согласуваат дека медиумите треба да бидат повнимателни  при изборот на соговорници на  теми поврзани со животната средина.

Експертите апелираат да се напушти досегашниот модел на дејствување, кој се покажа како неефикасен  – наместо микро-проекти со ограничен ефект, што го дефокусираат вниманието од неуспехот во капиталните инвестиции фокусот да се стави на стратешки инфраструктурни проекти – како регионални системи за отпад, пречистителни станици и енергетска инфраструктура. За ова да се постигне, треба да има силна политичка волја и заедничка заложба на сите партии за континуирани инвестиции и доследно спроведување на националните стратегии.

Суштината, велат тие, е животната средина да се третира како стратешка инвестиција, а не како трошок.Истовремено, треба да се зголеми и јавната свест кај граѓаните кои овие прашања нема повеќе да ги доживуваат како апстрактни теми, туку  дека тие се директна закана по нивното здравје. Дури тогаш може да се очекува поддршка за радикални реформи..

Дезинформациите ја подотворија вратата за нови рудници и хидроцентрали

Пропагандата доминира во јавната дебата и во регионот за теми поврзани со животната средина, заштитата на здравјето и на природата.

Но, ако во Македонија таа беше кочничар за стратешките решенија, дезинформациите во дел од земјите во регионот се во служба на политичките елити со цел да се убеди јавноста во исправноста на „стратешките странски инвестици“. Еколошките активисти  во Црна Гора и во Босна и Херцеговина велат дека јавноста се манипулира преку полувистини и со непроверени тврдења кои се шират често и по налог на властите за ги скријат реалните последици од проектите кои се одобруваат во интерес на поедници блиски до нив.

Под импресии на медиумска пропаганда дека се работи за наводно најголема странска инвестиција, огромни економски придобивки, спас за невработеноста, модерни и безбедни проекти, во овие земји се отворија многу рудници и хидроцентрали.

problemite vo zivotnata sredina vo dlaboka koma vares
Вареш, град каде новиот рударски профит доаѓа по цена на здравјето на граѓаните и еколошка несигурност предизвикана од труење со тешки метали.

Последиците се фатални и по природата и по здравјето на граѓаните. Анализата на крвта на жителите кои живеат во близина на новоотворениот рудник Рупице кај Вареш, покажала зголемено присуство на олово. Одговорност нема.

Најконтроверзен проект од областа на енергетиката во изминатите години во Црна Гора беше т.н. еколошка реконструкција на единствената Термоелектраната Пљевља. Таа продолжи да работи по реконструкцијата, иако не беше изработен елаборат за влијание врз животната средина. Експертите тврдат дека не била вградена соодветна технологија која ги исполнува стандардите за емисија на штетни гасови и дека, и покрај вложените стотици милиони евра, таа нема да може да добие дозвола за работа. Од црногорското електростопанство (ЕПЦГ) го оправдуваат отпочнувањето со работа без дозвола и покрај фактот што во Пљевља дојде до драматично загадување на воздухот. Граѓаните со денови вдишуваа канцерогени честички и беа затворени во своите домови, додека ЕПЦГ тврдеше дека загадувањето е помало отколку претходно.

Аналитичарот Дејан Мијовиќ смета дека ваквиот однос кон граѓаните не изненадува, бидејќи на одредени структури им одговара проблемот да не се решава, што отвора простор за корупција.

Во последните две децении, во Црна Гора на контроверзен начин се изградија бројни мали хидроцентрали. Граѓаните ја сфатија штетноста дури кога видоа дека реките ќе поминуваат низ цевки и дека водотеците пресушиле. Освен ова, тие не ги добија ниту ветените работни места, ниту беше изградена инфраструктура, а струјата стануваше сè поскапа. Државата мораше да затвори дел од овие електрани и да исплати милионски отштети на приватните инвеститори, но никогаш не призна дека проектите биле во интерес на поединци блиски до власта.

Не само тоа, туку државата планира изградба и на големи хидроелектрани, како Комарница и Пива, кои се наоѓаат во или во близина на национални паркови. Тие не само што би биле скапи и би се граделе со години, со нив би биле уништени прекрасни речни кањони.Случајот со регионалната депонија во Свети Николе не е изолиран инцидент, туку јасна слика за тоа како дезинформациите, политичките калкулации и институционалната слабост системски го кочат решавањето на еколошките проблеми.

problemite vo zivotnata sredina vo dlaboka koma 2
На протестите против институционалниот молк граѓаните бараат итни стратешки решенија наместо празни политички ветувања (Фото: Наке Батев).

Наместо аргументирана дебата и стратешки пристап, јавниот простор е преплавен со манипулации, додека клучните проекти се одложуваат со години. Во таков амбиент, вистинските извори на загадување остануваат недоволно адресирани, а граѓаните често носат ставови врз основа на погрешни перцепции. Искуствата од регионот дополнително покажуваат дека дезинформациите, не само што блокираат проекти, туку можат и да легитимираат штетни инвестиции, со сериозни последици по животната средина и здравјето.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Соња Петрушевска Поповска, Алксандра Мудреша (Црна Гора), Вања Стокиќ и Ајдин Камбер (БиХ)

Сниматели: Иван Поповиќ, Ајдин Камбер, Слаѓан Фатиќ

Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска

Поврзани стории

Зелена транзиција – плодна почва за комуникациска злоупотреба

Кога природата станува бизнис, активистите се прва мета на напад

Илузија на чист воздух: Како политичарите манипулираат со загадувањето

    Поврзани приказни