За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo

Животните на зима

Во декември, зимата доаѓа на Северната Хемисфера. Деновите стануваат пократки, температурите паѓаат, пределите се покриени со снег, а дрвјата обезлистени. Делува дека природата мирува, влегла во зимскиот сон. Но, тоа не е сосема така. Многу од животните не мигрираат, ниту пак влегуваат во хибернација, напротив. Тие се активни и будни низ целата зима, се до доаѓањето на топлите денови во пролетта. Да видиме што се случува со дел од животните од нашата фауна на зима.

 

Лисица

За разлика од мечките, лисиците не хибернираат во зима. Всушност, ниските температури едвај им го менуваат однесувањето и рутината. За време на многу ладните денови, лисиците поминуваат време на сонце со цел да се загреат, но при екстремно невреме бараат место да се засолнат. Лисиците во зима развиваат зимско крзно кое е подебело и претставува добра заштита од студот. Поголемиот дел од денот го поминуваат во потрага по храна, додека не почнуваат да користат дувло се дур не ги родат младите. Не е ретко да се забележи лисица како спие на отворено под тенок слој свежо напаѓан снег. Сезоната за парење им започнува во јануари до почетокот на март. Лисиците за време на овој период најчесто се групираат во парови, додека понекогаш се среќаваат и во поголеми групи. Главниот проблем во зима претставува недостатокот на храна. Често се случува да при потрага по оброк лисиците навлезат во населени места и приватни дворови.

 

Дива мачка

Дивата мачка е вид кој преферира да биде активен во текот на ноќта. Тие е солитарни, што занчи дека поголемиот дел од годината го поминуваат сами, освен за време на сезоната за парење и кога имаат млади. Дивите мачки имаат 2 естус периоди годишно, декември до февруари и од мај до јули. За време на зимските месеци мажјаците навлегуваат во териториите на женките со цел да се парат, меѓутоа не помагаат во одгледувањето на младите. Женките имаат помала територија која подобро ја чуваат од натрапници. Преку ден, времето го поминуваат криејќи се во пукнатини од дрвја, процепи во карпи или во густи грмушки, додека најчесто ловат ноќе. Кога длабокиот снег ги попречува да поминуваат поголеми растојанија, остануваат во дувлото се додека не се подобрат условите во околината.

 

Сива чапја

Сивата чапја е чест вид на птица која го населува поголемиот дел од Палеарктикот (Европа, поголемиот дел од Азија и северна Африка). Се хранат со риби, водоземци и мали цицачи кои ги ловат во плитки води, мочуришта, или поплавени ниви. Во летните месеци се групираат во големи колонии и прават повеќе гнезда на едно или неколку соседни дрвја градејќи колинија, додека зимските месеци ги поминуваат сами. Не се миграторни во вистинска смисла на зборот, меѓутоа при екстремно ниски температури, кога водите мрзнат и нема доволно храна, сивите чапји летаат на југ до места каде што мразот не им претставува проблем.

 

Долго опашеста сипка

Ова е чест вид на песнопојна птица која ја населува речиси целата територија на Македонија. Преферира листопадни или мешани шуми со добро развиена грмушеста вегетација. Гради гнезда најчесто во густи грмушки или ниски дрвја. За не искусните набљудувачи на птици оваа птица е тешко да се забележи во потоплите месеци, меѓутоа во зима, кога условите се посурови и има помалку храна, долго опашестите сипки се групираат во јата кои понекогаш бројат и неколку десетици птици и тогаш е многу полесно да се воочат. Зимскиот период е најдобар за набљудување на овие птици затоа што се симнуваат од планините и често се појавуваат по градските паркови, дворови или балкони во потрага по храна. Кога температурите се екстремно ниски, овие птици знаат да користат напуштени гнезда или мали дупки каде што поголем број птици влегуваат и „гушнати“ се греат едни со други.

 

Голема сипка

Големата сипка е чест жител на урбаните паркови, градини и дворови. Гради гнезда во затворени места како дупки од дрвја, бандери, разни отвори па дури и поштенски сандачиња. Со нејзиниот жолт абдомен и црна глава, големата сипка е една од најпрепознатливите песнопојни птици кај нас. Се хранат со ситни инсекти или нивни ларви, меѓутоа и со семенки и ситни плодови. Исто како и долго опашестите сипки, и големата сипка не мигрира во вистинска смисла на зборот. Возрасните единки си ги задржуваат териториите долж целата година. Само во случај на екстремно ниски температури се симнуваат во пониските праишта, или на југ во потрага по храна. Недостигот на храна е најголемата закана во зима. При ненадеен мраз или снег, често се случува масовен помор, особено на млади птици. Доколку поставите хранилка за птици во зима, веројатно токму овој вид ќе биде еден од најчестите посетители.

 

Полф

Полфот е еден од најголемите спанковци во природата. Зимските месеци ги поминува хибернирајќи во шуплини од дрвја, пештери, напуштени градби или тавани.. Должината на хибернацијата варира од регион до регион и генерално се зголемува пропорционално со географската широчина. Во просек, периодот на хибернација трае помеѓу октомври и мај, иако во голема мера варира и според достапноста до храна. Дури и во летните месеци поголемиот дел од денот го поминуваат спиејќи, а активни се само еден краток интервал додека е во потрага по храна. Едно истражување покажало дека во летните месеци полфовите се активни во проек по 200 минути во едно деноноќие. Живеат во листопадни шуми, најчесто со даб или бука и преферираат места каде што има карпи со пукнатинки или пештери. Добро се прилагодени за живот каде што има луѓе, па честопати пукнатинките и пештерите ги заменуваат со куќички за птици, тавани и отвори во ѕидови. Се хранат со шумски плодови меѓутоа можат да се прилагодат и во некои случаи да јадат инсекти.

 

Жолтогрлен глушец

За разлика од полфот, жолтогрлниот гллушец не хибернира и е активен во текот на целата година. Понекогаш повеќе единки се греат во некоја празнина со цел да ја сочуваат топлината. Извонредно добро умее да се качува по дрвја и грмушки, меѓутоа поголемиот дел од времето е приземјен. Живее во дупки од дрвја или во празнини од пенушки или трупци, куќички од птици но знае да се насели и во објекти од луѓе. Во дувлата гради канали со повеќе ходници и отвори каде што ги поминува зимските месеци хранејќи се со залихи од желади, лешници и други плодови кои ги собира во текот на потоплите месеци. Плодовите кои нема да бидат изедени често пати ‘ртат и со тоа помага во ширење на шумите. Жолтогрлниот глушец е претежно ноќно активен, и излага од дувлото во потрага по храна. Поседуваат релативно мали територии со површина помала од половина хектар во која го поминуваат целиот живот.

Автор: Ненад Петровски

Фотограф: Андреј Михајлов

Сподели
samo-prasaj_gif-3