За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo

Еколошка дискриминација: рурални жени наспроти климатски промени

Со природни непогоди и променети временски услови, зголемување на температурата на воздухот и намалување на количината на природни ресурси, климатските промени имаат директни и индиректни последици врз животите на сите луѓе ширум светот.

Покрај тоа што се еден од најголемите предизвици во областа на заштитата на животната средина, климатските промени можат да имаат и значително влијание врз постојната родова нееднаквост.

Климатските промени влијаат на сите, но не подеднакво

Земјоделството, како клучна активност за опстанок на човечките заедници, зависи од климатските услови, имајќи предвид дека земјоделските култури се чувствителни на благи климатски варијации. Поради промената на временските услови, растот на растенијата се менува, додека бројот на штетници се зголемува. Високите температури на воздухот ги изложуваат растенијата на топлински стрес и доведуваат до испарување на хранливите материи од почвата, што дополнително предизвикува ерозија на почвата како резултат на посилни ветрови и пожари во сушните региони. Земјите од Западен Балкан, како земји во развој, трпат негативни последици во таа смисла, бидејќи повеќето земјоделски домаќинства во регионот се потпираат на хранење на земјата и посевите со дожд, наместо на системите за наводнување.

Временските услови во руралните области предизвикуваат несигурност кај земјоделските култури и храната. Плодовите честопати пропаѓаат под обилни врнежи од дожд; од друга страна, нивото на подземните води се исцрпува со сушите, што исто така влијае на плодноста на почвата. Покрај тоа, паричните приливи се неизвесни, што го прави земјоделството непрофитабилно за малите земјоделци.

Најмалку три од четири лица кои живеат во екстремна сиромаштија живеат на село и во рурални области и претежно се занимаваат со земјоделство, така што руралното население е несомнено најранливо на негативните ефекти од климатските промени.

Памти, па врати
Сепак, самите земјоделски активности влијаат на промената на климатските услови, со промена на намената на земјиштето, согорување на неискористените култури, создавање на поплавени подрачја заради производство на ориз и шеќерна трска, користење на азотни ѓубрива, одгледување на преживари и загадување на воздухот, како и дезертификација на земјата.

И меѓу нееднаквите – не се сите еднакви

Руралните жени имаат значајна улога во земјоделството – во процесот на обезбедување на храна, во управувањето со природните ресурси и земјиштето, па и во управувањето со самото домаќинство.

И покрај овие важни улоги, жените генерално не поседуваат земјоделско земјиште и затоа се соочуваат со ограничен пристап до ресурси. Голем број рурални жени не работат на сопствено земјиште, туку како земјоделски работник, во замена за исплата на паричен надоместок, работат на туѓа земја. Климатските промени за сопствениците на земјиштето значат намален принос и економска нестабилност, а за ангажираните работнички несигурност на приходите или дури и несигурност во работата. Стапките на плати на руралните работнички често се пониски во споредба со стапките на плати на руралните мажи. Покрај тоа, руралните жени континуирано го носат најголемиот товар на неплатена работа заради стереотипните родови улоги.

Процентот на жени ангажирани во земјоделскиот сектор е поголем од процентот на мажи – според податоците на Обединетите нации, ширум светот, секоја трета вработена жена работи во земјоделство.

Климатските промени можат да ги влошат постојните родови нееднаквости во земјоделството. Меѓувладин панел за климатски промени (IPCC) наведе во својот извештај дека опасностите од променетите климатски услови „ги влошуваат постојните родови нееднаквости, со што придонесуваат за поголема ранливост на многу жени кон климатските промени“

Денес, жените во руралните области страдаат од посилни негативни ефекти од климатските промени како резултат на различните родови улоги што мажите и жените ги стекнуваат во текот на нивниот живот, како и поради развојот на различни интереси и вештини кои доминантно ги обликуваат секојдневните активности.

Така, поради поголемите можности за вработување, мажите често мигрираат од село во град во потрага по работа, оставајќи ги жените во селата, како единствено одговорни за економското земјоделско производство, во борбата против климатските промени – во борбата за здрави плодови.

Со оглед на тоа дека донесувањето одлуки во домаќинството е претежно резервирано за мажи, руралните жени најчесто имаат улога на помошен член во домаќинството, додека многу мал процент се појавува во улога на управител на земјоделско стопанство, иако според податоците на Обединетите нации, руралните жени имаат клучна улога во усвојувањето на технологии со низок процент на јаглерод и ширењето на знаење за климатските промени. Оттука, неможноста да учествуваат во донесувањето одлуки за важни прашања, и сето тоа поради родова нееднаквост, ги прави руралните жени поранливи на негативните влијанија од климатските промени.

Руралните жени се грижат за руралното домаќинство, што значително го ограничува нивното време за земјоделска работа, како и за можните мерки за прилагодување кон променетите временски услови.

Жените фармери се соочуваат и со повеќе ограничувања во производството, вклучувајќи ограничен пристап до ресурси и ограничена подвижност. Руралните жени имаат значително помалку средства за инвестирање во земјоделството, на пример во системи за наводнување или одводнување. Со цел да се оствари профит, а со трошење на помалку ресурси, жените фармери се свртуваат кон одгледување на култури со повеќе хемиски инпути, што резултира со губење на приходот и неплодност на почвата.

Во многу делови од регионот, сушите ги принудуваат руралните жени да преминуваат се поголеми растојанија за да ги обезбедат потребните количини на вода. Во некои рурални планински региони, топењето на врвовите на снегот дополнително го намалува снабдувањето со вода. Недостигот на вода е проблем за земјоделството и снабдувањето со храна и влијае на една од главните улоги на жените во заедницата, нивната улога во обезбедувањето храна.

Проблемот со недоволна информираност претставува дополнителен предизвик за руралните жени затоа што е во процес на адаптација на климатските промени, но важно е жените, како и мажите, да бидат подготвени и информирани за последиците од променетите временски услови, со цел да се вклучат интересите и капацитетите, како на мажите, така и на жените во потенцијалните мерки за прилагодување.

Занимавањето со земјоделството вклучува големи површини на земјиште. Жените во регионот поседуваат во просек до два хектари обработливо земјиште, додека тие воопшто не користат државно земјиште. Додека порано државните закони или обичаи ги ограничуваа руралните жени да стекнат права на земјиште, денес родовата нееднаквост им го отежнува пристапот до кредитни и земјоделски советодавни услуги, истовремено намалувајќи ја нивната способност да инвестираат во квалитетот на земјиштето на долг рок. Според податоците на Светска банка, жените обично управуваат со помали парцели и обработуваат помалку корисни култури, додека женските фарми имаат просечен принос во просек, предизвикан од ограничениот пристап до земјоделски производствени ресурси и земјиште, финансиски услуги, вода, рурална инфраструктура, технологија и работна сила.

Руралните жени се позависни од услугите на екосистемите отколку мажите. Така, неодамнешната студија спроведена во Малави покажа дека во ситуации на екстремни временски услови, кога потрошувачката на ресурси и самата исхрана се значително намалени, негативните ефекти од катастрофите се поизразени во областите каде што поголем дел од земјиштето е во сопственост на рурални жени. Ова потврдува дека жените земјоделци кои се соочуваат со климатски промени, се многу поранливи од мажите и воедно тие се помалку способни да се справат со променетите временски услови.

Еднаквоста е решението

Доколку се препознаваат важните улоги на жените во земјоделството и ако на руралните жени им се овозможи еднаков пристап до ресурси и услуги, климатските промени исто така можат да обезбедат значителни можности за руралните жени на село, бидејќи тие се носители на промените кон одржливо земјоделство.

Решението за проблемот со руралните жени лежи во трансформација на нивната маргинализирана улога во земјоделството. Потребно е да се зајакнат и омоќат жените и да им се овозможи пристап до вештини, финансии и пазар.

Целиот Западен Балкан е под влијание на ефектите од климатските промени, особено во форма на екстремни временски појави, како што се историските поплави и сè почестите суши. Земјите од Западен Балкан се традиционално земјоделски земји, а влијанието врз земјоделството е неспорно.

Нека Меѓународниот „Ден на руралните жени“, кој се одбележува на 15 октомври секоја година, нè потсети на најранливите меѓу нас и нека нè охрабри да ги намалиме активностите што водат до климатски промени, бидејќи руралните жени се само најранливите меѓу сите нас, ранливи.

 

Автор: Јелена Јеремиќ – еколошки правник

Сподели
samo-prasaj_gif-3