За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo

Од дивата депонија во Карпош „смрди“ на неспособност

Чад и неподнослива смрдеа ги натера жителите од повеќе населби во Општина Карпош и пошироко во Скопје да се затворат дома на неколку наврати во изминативе денови.  По нивното негодување беше утврдено дека загадувањето доаѓа од опожарување на дива депонија во близина на Спортскиот центар „Борис Трајковски”.  За да се увериме дека тоа е изворот на загадувањето излеговме на терен кадешто „уловивме“ чудни контрасти.

На патот до дивата депонија којшто минува меѓу спортските објекти и една осамена луксузна куќа може да се забележи отпад на улица наместо во контејнери, како и повеќе расфрлени стари предмети што му доаѓа како своевидно добредојде.

Приметливо е дека освен што се крие зад спортски сали, базен и забавен парк коишто по правило асоцираат на здрав живот и чиста средина, во релативна близина на дивата депонија се наоѓаат државни и приватни болници. Човек може само да замисли како се чувствувале пациентите, а посебно трудниците сместени во овие болници за време на горењето на депонијата и неподносливата миризба.

Несфатливо е како надлежните институции воопшто дозволиле во централното градско подрачје, во околина на населби со илјадници жители и непосредно до спортските и здравствените објекти да никне дива депонија.

Oд Општина Карпош соопштија дека на терен интензивно се работи на средување на дивата депонија со соодветна тешка механизација, (гасеничари, камиони и сл.) и дека во акцијата ќе се вклучат и комуналните служби на општината.

Општината најави дека од 16:00 часот, на овој дел ќе дежураат двајца комунални редари на локалната самоуправа.

Оттаму додадоа дека градоначалникот Стефан Богоев се обратил до СВР Скопје, со барање за зголемени полициски патроли на овој предел и за дежурства во текот на викендот и претстојните денови и укажаа дека изминативе три години континуирано работат на чистење на депониите.

 Како тргнала работата можеби ќе треба да се бара помош од нашата армија и НАТО за да се среди дивата депонија кај Спортскиот центар „Борис Трајковски“

Иронично е што овој проблем се актуелизира во период кога Градот Скопје реализира проект за еко дрон патрола, односно прелети со дрон низ територијата на Скопје во потрага по потенцијални загадувачи, огнови на отворено и можни создавања на диви депониии.

Според информациите од Град Скопје, досега се извршени 12 прелети со еко дрон над земјоделските површини во околината на градот и не е забележано ниту едно палење на стрниште или создавање на нова дива депонија.

Очигледно е дека наместо да најдат системско решение за проблемот со дивите депонии во центарот на главниот град на државата, од Општината и од Градот реагираат повремено по притисок на граѓаните односно спроведуваат „проектчиња“ кои би требало да покажат дека се работи.

Ако ова ни се случува во главниот град, тогаш што можеме да очекуваме за останатиот дел од земјата во којашто Дрисла е единствената депонија која задоволува минимални стандарди за работа, а има уште најмалку 1.000 диви депонии.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Фоторепортер: Томислав Георгиев.

Сподели

samo-prasaj_gif-3