За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo

Паниката не помага при средба со диво животно

Планинарењето и движењето во природа земаат сè поголем замав. Се зголемува бројот на луѓе коишто ги согледуваат убавините и придобивките од спорт и рекреација на отворено и слободно може да кажеме дека поминувањето време во природа станува тренд. Доколку сте вљубеник во природата и одвојувате значаен дел од времето за прошетки во дивината, неизбежно е да сретнете диви животни. Тоа е нивниот дом и додека вие свесно одбирате да рекреирате во природните предели, дивите животни немаат избор и целиот живот го поминуваат таму.

Најчесто животните успеваат да избегаат уште пред ние да приметиме дека сме во нивна близина. Сепак, некогаш се случува да бидеме очи во очи со лисица, мечка, волк, дива свиња или змија. Постојат неколку основни препораки за да се избегнат непријатни ситуации и опасност при средба со диви животни.

Не паничетe

Стресот при средба со мечка е разбирлива појава, но паничното однесување само ќе ја влоши ситуацијата. Еден вид корисна ментална вежба во вакви ситуации е на средбата со крупно диво животно, да се гледа како момент на голема среќа. Ретки се луѓето коишто имале прилика да видат мечка или волк. Тие се срамежливи и елузивни видови кои ја заслужуваат нашата почит. Доколку паничната енергија ја канализирате и се убедите себе си дека всушност имате привилегија што барем на момент сте ги сретнале овие грациозни животни во живо, ќе креирате многу побезбедна ситуација.

Направете го вашето присуство видливо

Доколку се движите во природа и сретнете крупно диво животно однесувајте се како да сте наишле на непознат човек. Никогаш нема да стрчате и да гушкате непознат човек или да правите селфи со него, ниту пак ќе почнете врескајќи панично да бегате. Бидете смирени, останете на вашето место и говорете смирено со цел вашето присуство да биде забележано. Дадете му простор на животното и тоа најчесто ќе продолжи да се оддалечува.

Не бегајте

Не правете нагли или беспотребни движења и пополека заминете во другата насока. Што пократко сте во контакт толку подобро. Доколку почнете да бегате може да ја испровоцирате мечката или волкот да ве бркаат. Во ваков случај никогаш нема вие да победите во трката. Затоа пополека и смирено оддалечете се во насока каде што оставате простор и на животното да може да замине во друга насока.

Движете се во група

Ниту едно животно не би се осмелило да се доближи на поголема група луѓе, па затоа, планинарењето во група е секогаш подобро од планинарење сам. Ова не се однесува само при средби со диви животни. Во природата може да се случат различни несакани работи и човек покрај вас може да смени многу работи.

Никогаш не хранете диви животни

Хранењето диви животни може да ги направи хабитуирани (привикнати) на луѓе, што следствено може да биде опасно и за животното и за луѓето. Голем број диви животни имаат одлично сетило за мирис и можат да ја насетат храната што ја носите со себе од големо растојание. Затоа при кампинг не ја расфрлајте храната на сите страни туку закачете ја во ќесе на највисоката гранка што може да ја докачите.

За голем број луѓе ваквите средби се вистинска привилегија додека за некои се стресен момент којшто предизвикува страв и паника. Каква и да е околноста, секогаш треба да бидете свесни дека животното со сигурност е поуплашено од вас и дека тоа е сосема нормално.

Имено, ние масовно истребуваме огромен број диви животни или значително ги намалуваме нивните популации. Ние користиме алатки и можеме да им нанесеме многу  поголема штета отколку тие нам. Низ времето, животните коишто биле доволно смели да ни‘ се приближат сме ги истребиле или припитомиле. Преживеаните сè уште можат да се сретнат во природата бидејќи успешно бегаат од нас.

 

Автор: Ненад Петровски, биолог во Македонско еколошко друштво

Сподели

samo-prasaj_gif-3