За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo

Што да правите ако видите падната или повредена птица

Со доаѓањето на пролетта поголемиот дел од птиците се подготвуваат за гнездечката сезона. Некои веќе започнаа да пеат, да градат гнезда и да избираат партнер. Пролетта е време кога преселните птици се враќаат од југ со една цел – правење семејство. Наскоро гнездата ќе бидат полни со пилиња, а нивните родители неуморно ќе работат деноноќно за да ги нахранат и заштитат.

За време на гнездечката сезона честопати луѓето наоѓаат паднати пилиња на земја. Мислејќи дека се осамени и беспомошни сакаат да помогнат и одлучуваат да ги земат дома за да ги заштитат. Сепак, со вакви постапки најчесто им пресудувате на младите птици бидејќи речиси е невозможно да преживеат. Тие имаат потреба од храна многу пати во текот на денот, што луѓето најчесто не можат да го исполнат. Дополнително, откако младите ќе почнат да летаат, родителите сè уште се грижат за нив. Ги учат како да се однесуваат и им обезбедуваат храна. Птица одгледана во заробеништво нема да знае што треба да направи откако ќе ја пуштите и шансата да преживее во природата е многу мала.

Гнездото најдобро засолниште за малечките

Наместо да помагаме, понекогаш треба да почекаме на родителите

Доколку птицата е без или со нецелосно развиени пердуви најдоброто што можеме да го направиме е да го најдеме гнездото од коешто паднала и да ја вратиме внатре. Имајте на ум дека родителите се секогаш во близина и чекаат да си заминете за да можат да продолжат со своите родителски обврски. Доколку не можете да го најдете гнездото обидете се да го качите пилето на највисоката гранка што можете да ја докачите со цел да го заштитите од мачи, кучиња и автомобили, а оттаму родителите ќе преземат. Ако птицата може да скока, мавта со крилјата, со ноџињата да се фаќа за гранките и ако почнале да ѝ растат пердуви, таа е подготвена да го напушти гнездото и веќе се учи да лета. Родителите сигурно се во близина, тие се грижат за неа и понатаму ја хранат. Во оваа фаза е исклучително важно да не се обидувате да ја „спасите“ туку најдобро е да ја оставите на мира.

Помош при повреда

Важно е да имате на ум дека само околу 30 отсто од младите песнопојни пилиња ја преживуваат првата година. Тоа е природен механизам кој овозможува баланс во природата.  Сепак, постојат отстапки од горенаведените правила. Во случај да птицата има видлива повреда, ако ѝ тече крв и ако неправилно ги држи крилјата или нозете, тогаш може да интервенирате. Секако, најдобро е да ја однесете на ветеринар со цел се утврди што се случило и да ви даде насоки како да постапите понатаму.

Мора да бидете свесни дека смртноста кај малите пилиња е природно голема

Второ сценарио е да наидете на возрасна птица која нема видлива повреда, а сепак лежи на земја и не може да летне. Оваа птица може да има преживеано удар во прозорец и покрај тоа што нема скршеница сè уште е во шок и потребно ѝ е некое време да се опорави. Во тој случај прифатливо е да се оттргне од улица и да се смести на безбедно додека се опорави. Трето сценарио е да најдете прегладнета и изнемоштена возрасна птица која нема сила да се движи и не може да полета. Исто како и во претходниот случај, оваа птица најверојатно нема да преживее без да и се укаже помош и привремено згрижување е прифатливо.

Внимавајте на хигиената

Имајќи го ова предвид, важно е да напоменеме дека грижење за дива птица во домашни услови е исклучително тешко и бара многу посветено време и грижа. Дополнително, треба да знаете дека се работи за диво животно и најголема шанса за преживување ќе има доколку остане дива. Тоа значи дека треба да го минимализирате контактот со неа и доколку е можно да не гледа дека храната доаѓа од вас.

За крај, доколку се случи да мора да се грижите за повредена дива птица, исклучително е важно да одржувате добра хигиена, носете ракавици и редовно го дезинфицирате просторот кој го користи како и сè што било во допир во животното. Најважно е вие и вашите најблиски да останете безбедни.

 

Автор: Ненад Петровски, биолог во Македонско еколошко друштво

Сподели

samo-prasaj_gif-3