fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo

Што е биодиверзитет и зошто е важен за нас?

Воздухот што го дишете, водата што ја пиете и храната што ја јадете зависат од биодиверзитетот, кој во моментов е во криза – а ние  сме причината за тоа. Што значи тоа за нашата иднина и како можеме да ја спречиме?

од Дејмиен Керингтон (Damian Carrington) Уредник одговорен за теми за животната средина

Што е биодиверзитет?

Тоа е разновидноста на животните облици на Земјата, ги опфаќа сите форми и начините на интеракција меѓу нив. Дефиницијава звучи толку широка, што дури е збунувачка, а таква е ситуацијата и во реалноста. Биодиверзитетот е најсложената карактеристика на нашата планета, а истовремено и најважната. „Без биодиверзитет, не постои иднина за човештвото“, вели проф. Дејвид Мекдоналд (David Macdonald) од Универзитетот Оксфорд.

Терминот првпат се појавил во 1985 година, тој претставува кратенка од зборовите „биолошки диверзитет“. Огромните глобални загуби за биодиверзитетот што сега стануваат очигледни, претставуваат криза што е еднаква со, ако не и поголема од климатските промени.

Ако дадеме поформална дефиниција, ќе кажеме дека биодиверзитетот е составен од неколку нивоа, почнувајќи со гените, потоа поединечните видови, потоа заедниците од суштества и на крај целите екосистеми, како што се шумите или коралните гребени, каде животните облици се во интеракција со физичкото опкружување. Илјадниците начини на кој се одвива меѓусебната размена на дејства овозможиле Земјата да биде место соодветно за живот веќе милијарди години.

Ако, пак, погледнеме на биодиверзитетот од филозофска гледна точка, би рекле дека тој го претставува знаењето што го научиле видовите во текот на нивната еволуција, што трае милиони години, за тоа како да преживеат во природните услови на Земјата кои драстично се менувале. Од оваа перспектива, експертите предупредуваат дека човештвото во моментов „ја гори библиотеката на животот“.

sto e biodiverzitet i zosto e vazen za nas 1Инсектите се основата за многу диви синџири на исхрана што ги поддржуваат екосистемите. Илустрација: Франсис Мериот (Francis Marriot)

Дали животните и инсектите се навистина важни за мене?

Голем број луѓе што живеат во урбана средина мислат дека животинскиот свет и дивата флора се работи што се гледаат на телевизија. Всушност, воздухот што го дишете, водата што ја пиете и храната што ја јадете во крајна линија зависат од биодиверзитетот. Некои примери се очигледни: без растенијата не би имале кислород и без поленизацијата од пчелите не би имале овошја и јаткасти плодови.

Другите примери не се толку очигледни – коралните гребени и мангровите или ризофорни мочуришта претставуваат непроценлива заштита од циклони и цунамија за крајбрежното население, а во градовите дрвјата можат да го апсорбираат загадувањето на воздухот.

Има и примери што на прв поглед се чудни, тропските желки и мајмуните-пајак (врста мајмуни со долги екстремитети) наизглед немаат голема улога во одржувањето стабилна клима. Но густите шуми од дикотиледонски дрвја се најделотворни за отстранување на јаглеродниот диоксид од атмосферата, а тие зависат од семињата што ги распространуваат овие врсти, затоа што тие се хранат со овошја.

Кога научниците го истражуваат секој екосистем, тие можат да видат безброј вакви интеракции, усовршувани во текот на милиони години од еволуција. Ако не ги нарушиме, тие интеракции овозможуваат детално врамнотежен и здрав систем кој придонесува кон здрава и одржлива планета.

Самото богатство на биодиверзитетот исто така носи предности за човештвото. Добиваме многу нови лекови од природата, на пример од габите што растат на крзното на мрзливците кои помагаат во борбата против ракот. Диви врсти од домашни животни и култури исто така се многу важни, затоа што некои од нив веќе помогнале во решавање на проблемите со суша или солени почви, како дел од примерите.

Ако парите се мерило, услугите што ги добиваме од екосистемот се проценува дека вредат билиони долари – што е двојно поголем износ од светскиот БДП. Загубата на биодиверзитет само во Европа предизвикала загуба за континетот од околу 3% од нејзиниот БДП, или околу 450 милиони евра (400 милиони фунти) годишно.

Од естетска гледна точка, секоја од милионите врсти е уникатна, посебна уметничка креација на природата што не може да се создаде повторно, откако ќе ја снема. „Секој понапреден организам е побогат со информации од слика на Караваџо, фуга на Бах или некое друго монументално дело“, напишал проф. Едвард О Вилсон (Edward O Wilson), кој често е нарекуван „таткото на биодиверзитетот“, во еден негов труд посветен за видовите од 1985 година.

sto e biodiverzitet i zosto e vazen za nas 275% од летачките инсекти во Германија исчезнале во последните 25 години, според една неодамнешна студија. Илустрација: Франсис Мериот

Колку е разновиден самиот биодиверзитет?

Вчудоневидувачки е разновиден. Наједноставен аспект за разгледување се видовите. Регистрирани се околу 1,7 милиони видови животни, растенија и габи, но најверојатно постојат околу 8-9 милиони, а постои можност и бројката да стига до 100 милиони. Местото каде биодиверзитетот е најизразен се тропските предели, каде што живеат навистина многу различни видови. Во 15 хектари (37 акри) од шумата Борнео, на пример, има 700 различни видови дрвја, исто толку видови има на целата територија на Северна Америка.

Неодамнешните активности поврзани со диверзитетот на генетско ниво укажуваат на тоа дека суштествата за кои се мислело дека се од ист вид, во некои случаи може да се поделени на десетици различни видови. Ако на тоа ги додадеме бактериите и вирусите, бројката на издвоени организми може да изнесува и неколку милијарди. Во само една лажица полна со почва, што на крајот од краиштата обезбедува 90% од сета храна, содржани се од 10 000 до 50 000 различни видови бактерии.

Загрижувачки е тоа што многу видови исчезнуваат уште пред ние да станеме свесни за нив и за улогата што тие ја имаат во кругот на животот.

Колку е сериозна ситуацијата?

Многу. Најпроучуваните суштества се слични на нас – големи цицачи. Бројката на тигри, на пример, опаднала за 97% во последниоов век. На многу места, големите животни веќе ги нема поради луѓето, на пример птиците додо или волнените мамути.

Стапката на изумирање на видовите во моментов се смета дека е околу 1000 пати повисока од пред да почне доминацијата на човекот на планетава, што можеби е и повеќе од загубите од џиновскиот метеорит поради кој изумреа диносаурусите пред 65 милиони години. Шестото масовно изумирање во геолошката историја веќе е започнато, според некои научници.

Немањето доволно податоци значи дека „црвената листа“, што ја изготвува Меѓународната унија за зачувување на природата, дава проценка за само 5% од познатите видови. Сепак, за најдобро познатите групи, од листата може да се заклучи дека постои опасност за голем дел од нив: 25% од цицачите, 41% од водоземците и 13% од птиците.

Изумирањето на видовите обезбедува јасен доказ за уништувањето на биодиверзитетот, но тоа не ни дава целосна слика, затоа што ни го покажува уништувањето на последниот член на група што по дефиниција е ретка. Новите студии го разгледуваат и опаѓањето на вкупниот број на животни, што дава јасен приказ за сериозната состојба во која се наоѓаат и најчестите суштества на светот.

Резултатите се застрашувачки. Милијарди индивидуални популации што живееле низ целава планета веќе не постојат, а бројот на животни што живеат на Земјава се намалил за половина од 1970 година. Научниците веќе не го користат трезвениот тон што обично се користи за научни трудови, тие сега велат дека масовното губење на флората и фауната претставува „биолошко опустошување“ кое со себе носи „страшен напад на основите на човечката цивилизација“.

sto e biodiverzitet i zosto e vazen za nas 3Во повеќе од половина од океанската шир сега се врши индустриски риболов. Илустрација: Франсис Мериот

А што се случува под морето?

Човекот нема жабри, но тоа не значи дека морскиот свет е спасен од него. Ситуацијата таму не е ништо подобра, можеби и уште помалку е јасна, а површината покриена со вода претставува две третини од планетава. Морската храна е клучен извор на протеини за преку 2,5 милијарди луѓе, но неконтролираниот и прекумерен риболов довело до постојано намалување на уловот, од периодот кога бројките биле највисоки во 1996 година, а сега во повеќе од половина од океанот се врши индустриски риболов.

Што е со бубачките – нели лебарките можат сè да преживеат?

Повеќе од 95% од познатите видови се без’рбетници, само во семејството на бубачки стафилиниди има повеќе видови отколку што има вкупно ‘рбетници, како што се цицаците, рибите и птиците. Заедно има најмалку еден милион видови на инсекти и уште 300 000 пајаци, мекотели и ракови.

Сепак, неодамнешното откритие дека 75% од летечките инсекти се исчезнати во последниве 25 години во Германија, а веројатно истото важи и за други места, ни покажува дека масакрот на биодиверзитетот не ги поштедил тие ползечки суштества. А инсектите се многу важни, не само за поленизација туку и како грабливци на штетните инсекти, како помагачи на декомпозицијата на отпадот и најважно од сè, како основа за многу диви синџири на исхрана кои ги поддржуваат екосистемите.

„Ако ги изгубиме инсектите, ни следува колапс“, вели проф. Дејв Гулсон (Dave Goulson) од Универзитетот во Сасекс, Обединетото Кралство. „Во моментов сме на пат кон еколошки Армагедон“

Дури и паразитите, што толку многу ги презираме, се важни. Една третина од нив може да исчезне поради климатските промени, што ги прави една од најзагрозените групи на Земјата. Научниците предупредуваат дека тоа би можело да ги дестабилизира екосистемите, ослободувајќи непредливи наезди на преостанатите паразити, во нови области.

sto e biodiverzitet i zosto e vazen za nas 4Во само една лажица почва содржани се од 10 000 до 50 000 илјади различни видови бактерии. Илустрација: Франсис Мериот

Што го уништува биодиверзитетот?

Со зголемувањето на човечкото население и со пренамената на области со дива природа во земјоделски, станбени и индустриски зони, јасно е дека уништувачите сме самите ние. Уништувањето шумска површина често е првиот чекор, а вкупно 30 милиони хектари, што е еднакво на површината на Британија и Ирска, се уништени во 2016 година.

Криволовството и неодржливото ловење за храна се друг важен фактор. Повеќе од 300 видови цицачи, од шимпанза до нилски коњи и лилјаци, веќе се соочени со изумирање затоа што се пречест извор на храна.

И загадувањето е убиец, китовите орки и делфините претрпуваат сериозна штета од долготрајните индустриски загадувачи. Дополнителна штета се предизвикува и со глобалната трговија: водоземците минуваат низ едно од најсериозните разретчувања од сите животни, како резултат од габично заболување за кое се смета дека се раширило низ светот поради трговијата со миленичиња. Глобалното доставување на товари и пратки исто така раширило многу опасни инвазивни видови низ целата планета, особено стаорци.

Најсериозно погодени живеалишта се реките и езерата, слатководниот свет што таму живее веќе претрпил 81% загуби од 1970 година, поради масовното извлекување вода за фармите и за луѓето, дополнето со загадувањето и браните.

Дали може загубата на биодиверзитет да биде поопасна за човештвото од климатските промени?

Одговорот е да, бидејќи ништо на Земјава не минува низ подрастични промени како резултат на човечки постапки. Промените на климата се реверзибилни, и покрај тоа што за да се поправи штетата би биле потребни векови или милениуми. Но откако некој вид ќе изумре, особено ако е вид што не е познат за науката, нема враќање.

Во моментов, не знаеме колку многу биодиверзитет може да изгуби планетата без да се предизвика масовен еколошки колапс. Но со еден приод утврдени се таканаречените „планетарни граници“, односно прагови на земјините системи со кои се дефинира „безбеден простор за функционирање на човештвото“. Од деветте прага што биле испитани, се смета дека границите се пречекорени само кај загубата на биодиверзитетот и загадувањето со азот, за разлика од нивоата на јаглерод диоксид, слатката вода што се користи и губењето на озонската обвивка.

sto e biodiverzitet i zosto e vazen za nas 5По тежина, 97% од ‘рбетниците кои живеат на копно се луѓето и нивниот добиток – само 3% се див свет. Илустрација: Франсис Мериот

Што може да се преземе?

Единствено решение е да се овозможи потребниот простор и заштита за природата. Резервати за дива флора и фауна се очигледно решение, а светот во моментов штити само 15% од копното и 7% од океаните. Некои сметаат дека половина од земјината површина  мора да се остави на природата.

Сепак, човечкото население е во пораст, а резерватите на дива флора и фауна нема да бидат успешни ако поради нив локалното населени не може да заработува за живот. Кризата со криволов на слонови и носорози во Африка е екстремен пример. Треба да се создадат услови во кои животните повеќе ќе вредат ако се живи, а не мртви, тоа може да се постигне со поддршка на туризмот или со тоа што фармерите ќе добиваат субвенции за стока што ја изгубиле поради напади од диви грабливци.

Сепак, сето ова може да доведе до тешки избори. Ловењето крупен дивеч небаре се некакви трофеи предизвикува гнев кај многумина. Сепак, ако се лови одржливо, на пример ако се ловат само стари лавови, а парите што ќе се соберат ако се користат за заштита на големи пространства, дали треба да се дозволи?

Сите може да помогнеме. Поголемиот дел од дивиот свет се уништува поради тоа што земјиштето се расчистува за да се користи за одгледување добиток, соја, палмино масло или за добивање дрвена граѓа и кожа. Повеќето од нас секојдневно ги консумираат овие производи, палминото масло, на пример, е состојка на многу видови храна и козметика. Корисно е да се изберат само оние опции што се одржливи, а помага и јадење помалку месо, особено говедско, што има значителни последици за животната средина.

Друг пристап е да се нагласи вредноста на биодиверзитетот, со тоа што ќе се направи финансиска проценка на вредноста на екосистемот како „природен капитал“. Некогаш така се стигнува до сериозни заштеди. Во изминативе 20 години, Њујорк потрошил 2 милијарди долари за заштита на природните водни сливови од кои градот добива чиста вода. Тоа било толку успешно, што 90% од потребната вода веќе не мора да се филтрира: наместо тоа, да морало да се гради пречистителна станица би чинело 10 милијарди долари.

Што следува?

Треба да се најде пресвртната точка за биодиверзитетот веќе да не претставува само еколошки колапс, туку да стане итен приоритет. Биодиверзитетот е голема област на проучување, а средствата за истражување се мали, но ако анализите станат побрзи може да стане полесно, почнувајќи од автоматско идентификување на суштествата со помош на машинско учење до секвенцирање на ДНК во реално време.

Дури постои и иницијатива чија цел е создавање отворена база на податоци за сите растенија, животни и едноклеточни организми на планетата. Се тврди дека со создавање комерцијални можности, како на пример алгоритми за автомобил што ќе управува самостојно што се инспирирани од амазонските мравки, може да се понуди мотивација за зачувување на биодиверзитетот на земјата.

Сепак, некои истражувачи велат дека лошата состојба на биодиверзитетот е веќе доволно јасна и дека она што недостига е политичка волја.

Поставени се многу таргети со глобалниот договор наречен Конвенција за биолошки диверзитет (КБД). Некои најверојатно ќе се остварат, на пример заштитата на 17% од целото земјиште и 10% од океаните до 2020 година. Други, пак, како на пример таргетот риболовот да стане одржлив до истата таа година, не се толку остварливи. 196-те држави членки на КБД ќе ја имаат следната средба во Египет во ноември.

Проф. Е. О Вилсон заклучил во негов текст од 1985 година: „Најверојатно нема да сретнеме друг жив свет, затоа треба заеднички да сториме најмногу што можеме за овој“. Денес, овој повик е поитен од кога било претходно.

Дополнителна литература

The Biological Diversity Crisis (1985). Edward O Wilson. BioScience (Vol 35)

The Sixth Extinction: An Unnatural History (2014). Elizabeth Kolbert (Bloomsbury)

What Has Nature Ever Done for Us? (2013) Tony Juniper (Profile)

The Economics of Ecosystems and Biodiversity (2010). Pushpam Kumar et al.(Earthscan)

Илустрации: Франсис Мериот

Сподели