fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo

Еколошки пресврт или научна фантастика

Колку се реални ветувањата за заштита на животната средина на новата Влада формирана од СДСМ, ДУИ и ДПА е прашање што заслужува сериозно внимание ако се земат предвид искуствата од изминатите години коишто покажуваат дека извршната власт каска со реализација на еколошките проекти и дека брзо се заборава на поставените цели. Најдобар доказ за тоа е што во програмата за работа на Владата во периодот 2020-2024 година повторно се најавува озеленување на градовите, засилување на капацитетите на инспекциските органи, формирање регионални центри за управување отпад, затворање на дивите депонии, обезбедување поволни кредити за менување на застарените производствени капацитети на компаниите…

Овие и други цели беа вградени и во програмата за работа на Владата во периодот 2017-2020. Голем број од нив не беа реализирани за време на мандатот на претходниот владин состав, којшто беше предводен од СДСМ и ДУИ. Сепак, забележително е дека во новата програма Владата одвојува многу повеќе простор за животната средина и за разлика од порано прецизирани се конкретни мерки и рокови за повеќе области.

Ekoloski presvrt ili naucna fantastika 1Најголемиот дел од содржината посветена на заштитата на животната средина во новата владина програма е преземена од програмата на СДСМ за парламентарните избори 2020 наречена „Можеме“.

Принципи кои се повторуваат со години

Во владината програма се вели дека правото на здрава животна средина е фундаментално граѓанско право и дека здравствената криза предизвикана од пандемијата со вирусот Ковид-19 не’ научила дека треба да го смениме начинот и навиките на кој ги планираме и спроведуваме нашите активности.

„На глобално ниво, се погласни се препораките дека здравствената и економската криза не треба да значи одлагање на еколошките политики. Владата на Репубика Северна Македонија ќе ги следи новите стратегија и план за обновување на економската, социјалната и еколошката компонента на Европската Унија во борбата против климатските промени и загубата на биолошката разновидност, особено преку имплементација на Зелениот договор на ЕУ и целите за одржлив развој на Обединетите Нации“, пишува во владината програма.

Ekoloski presvrt ili naucna fantastika i1Принципи по кои Владата ќе ги води еколошките политики

– Борба против климатските промени на глобално ниво како составен дел на сите секторски политики.

– Превентивно дејствување (пред да настане штетата, односно загадувањето).

– Загадувачот плаќа (трошоците за заштита на животната средина треба да ги сноси правното или физичкото лице кое ја загрозува животната средина)

– Борба против нарушување на животната средина на самиот извор на загадувањето (каде е поедноставно и поекономично да се отстранат последиците од загадувањето)

– Интегрирање на заштитата на животната средина во другите политики (земјоделство, транспорт, енергетика, индустриска политика итн.).

Извор: Програма за работа на Владата 2020-2024

Иако звучат охрабрувачки, овие принципи македонската јавност ги слуша од политичарите со години наназад, но практиката покажа дека досега тие не станаа столб на еколошките политики. Имено, ретки се примерите на превентивно спречување на загадувањето туку вообичаено се реагира откако тоа ќе се случи. Уште поретки се примерите во кои загадувачите биле казнети за загрозување на животната средина и во кои биле спроведувани мерки на самиот извор на загадувањето.

Ветувања без финансиска поткрепа

Позитивен чекор во програмата за работа на Владата е што прв пат се најавуваат мерки и активности со конректни рокови, но некои од ветувањата за заштита на животната средина звучат како научна фантастика со оглед на досегашните искуства во овој сектор чијашто главна одлика беше неефикасноста. Забележително е дека некои од мерките го пробиваат мандатот на Владата и речиси за ниту една од нив нема образложение за финансиската конструкција односно колку ќе чини нивното спроведување и од каде ќе се обезбедат пари.

Ekoloski presvrt ili naucna fantastika i2Долги и кратки рокови за еколошките мерки во владината програма
  • До 2024 ниту една државна институција нема да се грее со стари и нееколошки системи загреење. Сите јавни институции се мапирани и ќе се донесат одлуки за најсоодветните решенија: поврзување на централно парно греење, на гас, користење на високоефикасни инвертер клима уреди или топлотни пумпи.
  • До крај на 2020 ќе се воведе постојана 24/7 контрола на Државниот инспекторат за животна средина и локалните инспекторати. Се вмрежуваат државниот и локалните капацитети и ќе се зголемат нивните ингеренции. По акредитација на методи на нив ќе им биде ставена целосно на располагање Централната лабораторија за животна средина, а Државниот инспекторат секоја година ќе потпишува договори за соработка со акредитирани лаборатории за суперконтрола.
  • Во 2021 ќе се донесе Законот за индустриски емисии и од 2023 ќе се обезбедат меки кредитни линии за набавка на опрема и нови технологии за намалување на загадувањето на животната средина за малите, средни и големи капацитети. За истата ќе се обезбедат и даночни олеснувања при увоз.
  • Комуналната полиција ќе почне да функционира во 2021 година. Ќе се предложи закон со кој ќе се формира комунална полиција на локално ниво, со која ќе можат досегашните комунални инспектори и еко патроли заеднички да преземаат мерки за сторителите на штетните активности и да одредуваат мандатни казни за: одлагање на отпад на места кои не се предвидени за тоа, создавање на диви депонии од градежен и мешан комунален отпад, палење гуми и останати високоштетни материи, палење и уништување на контејнери и слично.
  • До 2024, постепено ќе се забрани употребата на пластични кеси во малопродажба.
  • До 2024 година Владата ќе изработи нов просторен план на Македонија за наредните 15 години.
  • До крајот на 2025 година минимум 60% од тежината на отпадот од пакувањето што е создаден на територијата на Македонија да се преработи со операции за преработка или да се употреби за добивање енергија, а до крајот на 2025 година минимум 55%, а максимум 80% од тежината на отпадот од пакувањето што е создаден и собран на територијата на Македонија да се рециклира.
  • Првите две години на мандатот ќе бидат посветени на планско, но интензивно зазеленување на државата, а особено најзагадените градови. Согласно планот, ќе се постават зелени коридори и бариери/ѕидови на критични точки како зелен ѕид на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Поголема запуштена површина ќе биде заменета со урбано зеленило и соодветна урбана опрема. Ќе се воведе обврска за зелени зони околу индустриските капацитети и пошумување во касарни.

Извор: Програма за работа на Владата 2020-2024

Малку беше еден мандат за заштита на Водно, Матка…

Владата најавува и дека ќе го зголеми процентот на заштитени подрачја преку валоризација на подрачја за заштита и ревалоризација на заштитени подрачја (Шар Планина, Осоговски Планини, Ченгино Кале, Охридско Езеро, Студенчишко Блато, Водно, Кањон Матка и др.).

„Планот на Владата е Шар Планина да се развива како национален парк. Ќе се продолжи со идентификација на предлог подрачја во рамки на процесот за воспоставување на Европската кохерентна еколошка мрежа Натура 2000. Ќе се изготват нови Планови за управување со НП Пелистер, НП Галичица и НП Маврово. Ќе помогнеме одржливо да се користат природните ресурси преку брендирање на локални подрачја и производи. Ќе донесеме Планови за управување со заштитените подрачја (Шар Планина, Осоговски Планини, Преспанско Езеро, Маркови Кули и др.) и ќе изработиме Студија за валоризација на природните вредности на Јабланица. Ќе донесеме Просторни планови за Националните паркови „Пелистер“, „Галичица“ и „Маврово“, а ќе подготвиме План за управување со повеќенаменското подрачје Јасен“, пишува во владината програма.

Минатиот владин состав направи исчекор со започнување на процесот за прогласување на Шар Планина за национален парк, што се чекаше со децении. Но, за целиот мандат немаше никакво поместување во однос на заштитата на Водно и Матка, а бавно оди спроведувањето на мерките за заштита во Охридскиот регион.

Отпадот посебна приказна

Во програмата за работа на Владата 2020-2024 година големо внимание се посветува на еден од најголемите еколошки проблеми во Македонија – несоодветното отстранување и третирање на отпадот и се најавуваат сериозни мерки за справување со овој проблем. Меѓу другото, се планира вкупното намалување на биоразградливиот отпад што се отстранува на депониите за периодот 2020-2026 да биде 25%.

„Континуирано ќе спроведуваме активности за поставување на системи согласно новите закони за посебните текови на отпад, заради унапредување на примарната селекција на посебните текови на отпад (отпадна пластика и хартија, отпадна опрема од домаќинствата, отпадните гуми и масла, искористени возила и отпадот од текстил).
Ќе работиме на интегрирана регионална инфраструктура за собирање и третман на отпадот, со акцент на одделно собирање, на местото каде се создава отпадот, на материјали кои може да се рециклираат, како и на третман на биоразградливиот отпад“, пишува во програмата.

Се најавува засилена контрола на увоз и извоз на отпад, собирање, складирање и третман на сите видови на отпад, како и вонредна контрола на сите издадените дозволи за управување со отпад. Исто така, се најавува зајакната инспекциска контрола на правните лица кои поседуваат дозволи за собирање, транспорт и третман на отпад (особено медицински и останати видови опасен отпад), како и кај создавачите на истиот.

„Во Скопскиот регион ќе помогнеме за итна ремидијација на поголем дел од дивите депонии, со приоритет на депонијата во Вардариште како и расчистување и рекултивација на локации со несоодветно отстранет отпад во урбаните и руралните подрачја. Ќе ги спроведеме активностите за интегриран и финансиски одржлив систем за регионално управување со цврст отпад во Источен и Северо-источен регион (ИПА) набавка на возила и опрема за собирање отпад, затворање на депониите и изградба на центар за управување со отпад и шест локални објекти за управување со отпад – претоварни станици. Ќе обезбедиме услови за воспоставување на систем за управување и финансирање во секторот на комунален отпад во Југоисточен, Вардарски, Југозападен и Пелагониски регион, за управување и изградба на депонии, набавка на опрема, трансфер станици, затворање на диви депонии (техничка помош на ЕБРД). Ќе се разгледаат можностите за домашно и ЕУ финансирање, како и можноста за концесија или модел на јавно приватно партнерство. Продолжуваме со осовременување на депонијата во с.Русино во Полошкиот регион со помош
на средства обезбедени преку билатерална соработка меѓу Владата и Швајцарија до 2022 година (8 милони швајцарски франци)“, пишува во владината програма.

Во Владата како да подзаборавиле дека во моментов има протести и блокади од жителите во близината на депонијата Русино поради несоодветниот третман на отпад. 

Затоа, ваквите ветувања за затворање на дивите депонии и воспоставување регионални центри за управување и третман на отпадот треба да се земат со резерва бидејќи се веќе излитени односно се повторуваат со децении, а никако да се реализираат.

Во услови кога чади кој стигне, ќе се мери зацрнетоста на чадот

„Ќе ги намалиме законски дефинираните гранични вредности на загадувачките супстанции во воздухот (на пониско ниво) и ќе ги зголемиме стандардите за квалитет на горива во насока на контрола на повеќе параметри. Ќе донесеме законско решение за дефинирање на стандард за квалитет на пелети. Во 2021 ќе воведеме мерење на зацрнетоста на чадот по соодветни стандарди“.

Ова е едно од највпечатливите ветувања во владината програма кога е во прашање борбата за намалување на загадувањето на воздухот.

Загадувањето на воздухот е една од најголемите закани по здравјето на македонското население.

Во програмата, како главни мерки против загадувањето повторно се најавуваат драстични промени во јавниот транспорт, нови мерни станици за загадување на воздухот, транспаретност во однос на податоците за загадувањето, контрола на загадувачите во сообраќајот…

Ekoloski presvrt ili naucna fantastika i3Дел од предвидените мерки за намалување на загадувањето на воздухот
  • Промена во политиките за јавен транспорт. Владата ќе даде поддршка на град Скопје кој започнува изградба на систем Bus Rapid Transport – брз транспорт со трамвај (со кредитна линија од ЕБРД). Ќе воведеме покомплексен систем на субвенции и даночни олеснувања за набавка на „еколошки“ возила (на електричен и хибриден погон), замена на нееколошко гориво со гас кај транспортни средства (особено за транспортери на стоки, такси возила и сл.) и набавка на велосипеди.
  • Во соработка со градовите и граѓаните ќе се воспостави законски и институционален модел за унапредување на велосипедскиот сообраќај и ќе се воведат зони со ниска емисија или зона со забрана на сообраќај за тешки товарни возила, временски распоред за достава на стоки, локална политика на паркирање (особено во близина на јавни објекти, пред се градинки, училишта и здравствени објекти).
  • Владата ќе инвестира во дополнителни мерни станици низ државата и посебна софтверска апликација која ќе овозможи полесен и потранспарентен приказ на состојбата со ПМ честичките, како по датум, така и по локација, со соодветни прегледи и извештаи.
  • Податоците за емисиите од големите загадувачки капацитети ќе им бидат достапни на граѓаните во реално време, како и Катастарот за животна средина, регистрите за испуштање и пренесување на загадувачки материи, регистрите на издадените еколошки дозволи и одобрени елаборати.
  • Владата ќе даде поддршка на иницијативите за поставување мерни станици, со пропишување на различни категории мерни инструменти, според нивната прецизност на мерењата со цел детектирање на локалните доминантни извори на загадување на воздухот.
  • Ќе се обезбеди засилена контрола над работата на станиците за технички преглед на возила, заради задолжително контролирање на издувните гасови од возилата што се регистрираат. При регистрирање на возило во сообраќајот кое ги надминува пропишаните мерки, веднаш ќе се активира контрола и одговорност за станицата која истото го одобрила, а возилото времено ќе биде отстрането од сообраќајот.
  • Владата ќе помогне на малите и средните претпријатија да се прилагодат на новите еколошки стандарди. Ќе се мапираат малите и средните компании кои користат дел од својот отпад за затоплување на просториите, а со тоа го загадуваат воздухот и ќе бидат поканети да учествуваат во повикот за субвенционирање на еко опрема за мали и средни компании.

Извор: Програма за работа на Владата 2020-2024

Заборавените ветувања ја отсликуваат реалноста

Старо-новата Влада се чини дека целосно го заборави ветувањето од минатиот мандат дека ќе се формира Фонд за животна средина. Имено, формирањето на ваков Фонд беше најавено во програмата за работа на Владата 2017-2020 како гаранција дека средствата добиени од такси за животнa средина ќе бидат наменети за проекти за подобрување на квалитетот на медиумите во животната средина, а нема да се користат за комодитетот на администрацијата (службени патувања, плаќање телефони или опремање на кабинети на министрите).

Сепак, во изминатиот мандат на Владата, Фонд за животната средина не беше формиран. Во новата програма на Владата за периодот 2020-2024 година, тој воопшто не се спомнува, што само покажува дека политичарите лесно забораваат на дадените ветувања.

Наместо да најдат начин да се обезбедат финансиски средства, ним им е полесно да креваат раменици и недостигот од пари да го потенцираат како еден од главните проблеми за поголема заштита на природата. Се’ додека зацртаните цели и политики во екологијата не се поддржат финансиски преку независни институции, буџетот и специјални кредитни линии, јавноста ќе има право да се сомнева дека станува збор за паушални ветувања.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Владимир Николоски
Фоторепортер: Томислав Георгиев

Сподели