На околу 26 километри југоисточно од центарот на Скопје се наоѓа споменикот на природата „Катлановски предел“, подрачје кое во 1991 година е заштитено со Одлука на Собранието на Град Скопје. Поради бројните нарушувања на природата во изминативе три децении ова подрачје повеќе не ги исполнува критериумите за заштитеност, па во тек е процес за негово репрогласување, но на помала површина. За потребите на репрогласувањето изработена е соодветна студија за ревалоризација на вредностите, како и анекс на студијата, со кои се утврдуваат новите граници на подрачјето, кое гравитира главно околу долниот тек на реката Пчиња, па соодветно, ќе носи и нов назив – Споменик на природата  „Долна Пчиња“. Во рамки на зонирањето на заштитеното подрачје предвидени се два локалитети кои исполнуваат критериуми за строга заштита, со вкупна површина од 275 хектари, од кои најголемиот дел или околу 96 отсто, отпаѓа на шумата од дива фоја.

Шумата од дива фоја, која го зафаќа најјужниот дел од подрачјето, има реликтен карактер бидејќи потекнува од шумски иглолисни заедници со терциерна старост, кои за време на глацијалниот период исчезнале од средниот дел на европскиот континент. Воедно, оваа шума го зафаќа и најсеверниот ареал на распространување на дивата фоја во Македонија и на Балканскиот Полуостров. Вакви шуми во нашата земја има на мали и ограничени површини и се сметаат за ретки и значајни. Дополнително, шумата од дива фоја е препознаена како потенцијално Натура 2000  подрачје кое ги исполнува условите од Анекс 1 од Директивата за живеалишта, како клучно подрачје за заштита, а идентификацијата и заштитата на ваквите подрачја се задолжителен предуслов кој како држава треба да го исполниме при евроинтегративниот процес.

Иако се направени студии за ревалоризација, а Општината Петровец во 2023 година донесе одлука со која на Министерството за животна средина и просторно планирање му предлага репрогласување на подрачјето, тоа сѐ уште не е направено.

badarska klisura diva foja 1

Дивата фоја (Juniperus excelsa) е зимзелено дрво кое припаѓа на семејството чемпреси (Cupressaceae) и родот смреки (Juniperus). Ширум светот е позната како Грчка смрека, а кај нас како дива фоја, лоша оја или оја. Од познатите помеѓу 60 и 70 видови смреки во светот, во Македонија, покрај дивата фоја, се застапени уште 5 видови, меѓу кои се модрата, црвената и планинската смрека, питомата фоја и смрделиката.

badarska klisura diva foja 2

Ареалот на распространување на дивата фоја како автохтон вид ги зафаќа подрачјата на земјите од источниот Медитеран, Кавказ, Црно Море, Турција, како и јужниот дел од Балканскиот Полуостров. Во зависност од климата може да се сретне на надморска височина од 30 метри (на Крим), па до преку 2000 метри, во најјужните ареали на распространување.

badarska klisura diva foja 3

Во Македонија ја има на ограничени површини и во предели каде има постојано присуство на зголемена релативна важност во воздухот, како на пример, покрај езерата или во клисурите на реките. Кај нас највпечатлива е шумата од дива фоја на островот Голем Град, а како најсеверен ареал на нејзино распространување се смета шумата во околината на селото Кожле, иако поединечни стебла и фрагментирани состоини може да се сретнат и на планината Жеден.

badarska klisura diva foja 4

Во однос на надморската височина, во Македонија дивата фоја главно се простира во распон помеѓу 100 и 600 метри, на островот Голем Град  до височина од 900 метри,  а многу поретко може да се сретне на височини до околу 1.100 метри. Иако расте во предели со субмедитеранска клима, со високи температури и мала количина на врнежи, сепак тоа речиси секогаш е на места во кои се задржува висока релативна влажност на воздухот.

badarska klisura diva foja 5

Дивата фоја е ксерофитен вид, што значи дека е прилагодена да егзистира на изразито сушни места. Најчесто вирее на каменити и варовнички предели со многу плитка почва, при што кореновиот систем во буквална смисла продира низ камењата, ги дроби и распукува и тука се зацврстува со своите жили.

badarska klisura diva foja 6

Дрвата на дивата фоја се со широкопирамидален хабитус и растат до максимална височина од околу 25 метри, а во наши услови најчесто до околу 15 – 20 метри. Кај помладите растенија крошната се развива уште од самата основа на дрвото, а кај постарите примероци има јасно издиференцирано стебло со пирамидална крошна со хоризонтални и многу еластични гранки.

badarska klisura diva foja 7

Обликот на дрвјата од дивата фоја варира и со местоположбата на растење, па така, примероците кои растат на карпести отсеци имаат карактеристична чадореста форма со која се издвојуваат од останатата вегетација и делуваат многу атрактивно.

badarska klisura diva foja 8

Стеблото на фојата се одликува со многу мал годишен прираст, со тесни годови кои можат да се видат при напречен пресек. Ова го прави дрвото изразито цврсто, набиено, еластично и многу трајно. Кората му е карактеристична затоа што се лупи во вид на каиши, а се одликува и со изразена огноотпорност. Инаку, овој вид е многу долговечен и кај нас може да се сретнат стебла кои се стари и по 250, 300, па дури и 500 години.

badarska klisura diva foja 9

Размножувањето на дивата фоја во природата се одвива речиси исклучиво по генеративен пат, односно со семе кое се наоѓа во плодовите од фојата кои се нарекуваат голбули. Карактеристично за семето на фојата е дека многу тешко ‘рти, односно има изразена дормантност, па за од него да се развие ново растение потребно е да помине низ дигестивниот тракт на птици или други животни, каде неговата лушпа омекнува и полесно може да из’рти.

badarska klisura diva foja 10

Шумата од дива фоја во новопредложеното заштитено подрачје „Долна Пчиња“ се простира претежно на десниот брег на реката Пчиња, долж нејзиното течение низ Бадарската Клисура, почнувајќи некаде на околу  500 метри јужно од селото Бадар, па сѐ до вливот на Пчиња во Вардар. Вкупната површина на зоната на строга заштита со која е опфатена оваа шумска состоина изнесува 263,7 хектари.

badarska klisura diva foja 11

Многу помал дел од задницата на дивата фоја во Бадарската Клисура се простира на левиот брег на Пчиња, веднаш покрај автопатот Скопје – Велес.

badarska klisura diva foja 12

За оваа шума се смета дека има реликтен карактер, бидејќи потекнува од шумски иглолисни заедници со терциерна старост, кои за време на глацијалниот период исчезнале од средниот дел на европскиот континент, а тука опстанале.  Дополнително, таа претставува и важен хабитат за други значајни животински и растителни видови, поради што е препознаена како потенцијално Натура 2000 подрачје кое ги исполнува условите од Анекс 1 од Директивата за живеалишта, како клучно подрачје за заштита.

badarska klisura diva foja 13

Законска рамка со која би се официјализирала заштитата на ова подрачје и би се одредил орган кој ќе управува со него, би придонела за подобра контрола и одржување на шумата, а со тоа и зачувување и одржување на природниот состав на видовите, нивна природна обнова, како и обезбедување и одржување на условите за поволна состојба на зачуваност на живеалиштето во целост. Ова е особено значајно бидејќи токму ова подрачје е едно од најсеверните точки на простирање на дивата фоја и во глобални рамки, што секако е од значење за науката и следењето на генезата и понатамошниот развој на шумските екосистеми.

Извори:
  • Студија за ревалоризација на споменикот на природата Катлановски предел –  МЕДЕКС ГРУП ДООЕЛ
  • Анекс на Студијата за ревалоризација на споменикот на природата – Долна Пчиња – стручен тим од Универзитетот „Гоце Делчев„ од Штип
  • Службен гласник на Општина Петровец бр. 25/2023
  • High genetic diversity with moderate differentiation in Juniperus excelsa from Lebanon and the eastern Mediterranean region – Bouchra Douaihy, Vendramin Giovanni Giuseppe, Adam Boratyński, Nathalie Machon
  • INTERPRETATION MANUAL OF EUROPEAN UNION HABITATS Version EUR 15
  • ЛОКАЛЕН AКЦИОНЕН ПЛАН ЗА  ЖИВОТНА СРЕДИНА ЛЕАП 2 – Град Скопје
  • За распространетоста на видовите Juniperus од секцијата Sabina во НР Македонија – Ханс Ем
  • OPTIMISING JUNIPERUS EXCELSA (CUPRESSACEAE) GERMINATION FOR SUSTAINABLE ECOSYSTEM RESTORATION IN THE PRESPA AREA (WESTERN MACEDONIA, GREECE)
  •  Georgios Varsamis, Spyros Tsiftsis, Irene Koutseri, Theodora Merou
  • Чудесна МАКЕДОНИЈА – Ретки шуми од Фоја со проф. др. Јане Ацевски
  • https://www.conifers.org
  • https://doma.edu.mk

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.