Демиркаписка клисура – уникатен локалитет што чека заштита

4 јули 2025

Во јужниот дел на Македонија, долж Повардарието, онаму каде што Тиквешката Котлина се претопува во подножјето…

Во јужниот дел на Македонија, долж Повардарието, онаму каде што Тиквешката Котлина се претопува во подножјето на планините Серта и Градешка Планина на исток и североисточните ограноци на Кожуф на запад, природата ја исцртала најмаркантната клисура по течението на нашата најголема река –  Демиркаписката Клисура. Всечена во доломитски карпи, оваа клисура не претставува само уникатна геоморфолошка формација, туку и исклучително важна и богата ризница на биодиверзитетот, значајна во светски рамки.

„Железната порта“ не е само обична географска точка, туку и граница меѓу климатски зони – северот, со доминантно умерено-континентални струи и југот, од каде допира здивот на медитеранот. Ваквиот климатски и геолошки пресек создава услови за развој на уникатна флора и фауна, кои не се среќаваат на друго место во државата. Иако нејзините стрмни варовнички карпи уште на прв поглед го пленат погледот, вистинското богатство на клисурата се одликува со многу поголема комплексност, која, покрај со впечатливи надземни и подземни геолошки форми, се карактеризира и со изразено богат жив свет, меѓу кој има и бројни ендемични видови. Демир Капија претставува и едно од највредните засолништа за ретки видови птици-грабливки во Европа.

Вредностите на Демиркаписката Клисура се препознаени уште пред повеќе од 60 години, па, со Решение на тогашниот Национален институт за заштита на спомениците на културата, клисурата е прогласена за споменик на културата. Во меѓувреме, поради присуство на ретки видови грабливи птици, клисурата е прогласена за Значајно подрачје за птици (ЗПП), а поради разнообразниот растителен свет, овој простор е дел од македонската мрежа на Значајни растителни подрачја (ЗРП).

Но, и покрај формалниот статус и исклучителните природни вредности, ова подрачје со децении останува без реална заштита на терен – нема управувачко тело, нема систем за мониторинг, ниту конкретни системски мерки за зачувување на биодиверзитетот, иако научната заедница одамна предупредува на неговата исклучителна вредност и ранливост. Повеќе од 65 години Демир Капија останува заробена меѓу правната формалност и фактичката запуштеност. Добрата вест е дека во моментов е во тек процес на нова научна валоризација на просторот, кој треба да го постави темелот за прогласување на нов заштитен статус на подрачјето, но и воспоставување на вистинска заштита — со јасни граници, план за управување и одржливо користење. За разлика од досегашното заштитено подрачје, кое според Државниот завод за статистика се простира на површина од 200 хектари, новите граници на подрачјето ќе опфаќаат една многу поголема територија која на западна страна ќе опфаќа дел од сливовите на околните реки кои течат низ северните падини на Кожуф, а од источната страна дел од сливовите на Иберлиска и Кошарачка Река.

До комплетирање на овој процес, судбината на ова природно богатство и понатаму ќе се потпира исклучиво на граѓанската будност и ентузијазмот на еколошките друштва.

demirkapiska klisura unikaten lokalitet sto ceka zastita 1

Демиркаписката Клисура започнува во непосредна близина на гратчето Демир Капија, поточно кај утоката на реката Бошава во Вардар и се протега во југоисточен правец до селото Удово, во вкупна должина од 19,5 километри. Таа е вдлабена помеѓу разграноците на Конечка и Градешка Планина на исток и Кожуф и Маријанска Планина на запад. Страничните падини на клисурата се високи од 500 до 600 метри, а во поединечни сегменти, особено во нејзиниот северозападен дел кај градот Демир Капија, теренот е исклучително стрмен, со изразени вертикални карпести профили.

demirkapiska klisura unikaten lokalitet sto ceka zastita 2

Гледано од аспект на геолошката историја, Демиркаписката Клисура е формирана на простор на кој некогаш постоел таканаречениот Вардарски Океан, како дел од поголемиот океан Тетис, а по силна магматска и тектонска активност низ која се создал базичниот дел на клисурата. Тој е создаден од вулкански карпи (базалти, дијабази и гранити) и се формирал некаде пред 166 милиони години во периодот на средна Јура, додека пак седиментните варовници кои лежат врз вулканските карпи, се наталожиле во периодот на горна Јура и Креда, а како последица на затвoрање на океанот и негово „повлекување“ кон Средоземно Море.

demirkapiska klisura unikaten lokalitet sto ceka zastita 3

Овој дел од геолошката еволуција е значаен од аспект на геолошките науки затоа што Демиркаписката Клисура, според некои истражувања, ја претставува најјужната изложеност на Источновардарската офиолитска единица во Источниот Медитеран. Офиолитски единици претставуваат делови од копно кои некогаш биле карпесто дно на океан, а кои поради судир на тектонски плочи се издигнале на површина. Тоа значи дека одредени сегменти од литолошкиот состав на клисурата потекнуваат од некогашно дно на океан. Од научен аспект овие појави се значајни затоа што претставуваат извор на информации кои помагаат за објаснување на изгледот и составот на океанската кора, но и како геолошки модели за реконструкција на древни тектонски процеси.

demirkapiska klisura unikaten lokalitet sto ceka zastita 4

Најатрактивниот дел на клисурата е на самиот нејзин почеток, веднаш по вливот на реката Бошава во Вардар, во должина од околу 900 метри, на кој се надоврзува краткиот (750 м.), но типичен кањон на Иберлиска Река (лева притока на Вардар), кој се карактеризира со вертикални страни длабоки помеѓу 250 и 300 м. Во овој дел се среќаваат најатрактивните карпести формации изградени од јурски варовник кои изградиле фасцинантен пејзаж, со остри гребени и висечки карпести блокови.

demirkapiska klisura unikaten lokalitet sto ceka zastita 5

Во останатиот дел клисурата постепено преминува во поширока и асиметрична речна долина, каде што падините стануваат поблаги, а карпестите варовнички масиви преминуваат во разнородни седиментни и магматски формации. Реката Вардар во овој дел формира широки меандри, понекогаш со разгранети алувијални тераси и крајбрежни депозити (чакал, песок), што создава разновидна крајречна морфологија.  

demirkapiska klisura unikaten lokalitet sto ceka zastita 6

По дното на клисурата има големи напласти на алувијален нанос од реката Вардар и од локалните притоки, па затоа можат да се сретнат неколку острови, кои во најголем дел се лоцирани во нејзиниот средишен дел. Овие острови се со издолжена форма во правец на течението на Вардар и во голема мера пошумени, што ги прави стабилни на засипување, поплавување и други промени. Најголемиот од нив,  Демиркапискиот Остров, се наоѓа на околу 6,8 километри низводно од почетокот на клисурата. Со површина од 4,8 хектари, должина од 550 метри и должина на брег од 1,19 километри, ова е еден од најголемите речни острови во Македонија.

demirkapiska klisura unikaten lokalitet sto ceka zastita 7

Демир Капија се смета и за природна граница помеѓу континенталната и медитеранската клима во Македонија. Во овој дел владее изменето-медитеранска клима, која е карактеристична за Гевгелиско-валандовската Котлина до Демир Капија и Дојранската Котлина.

demirkapiska klisura unikaten lokalitet sto ceka zastita 8

Во кањонот на Иберлиска река, на надморска височина помеѓу 230 и 250 м. се наоѓаат две мали пештери наречени  Демиркаписки Прозори. Тие се само дел од подземните карстни форми кои се среќаваат на подрачјето на клисурата. Покрај нив, во варовничкиот комплекс на Демир Капија има уште десетина пештери меѓу кои позначајни се Бела Вода и Горен Змејовец и двете од десната страна на Вардар. Бела Вода, која се наоѓа покрај стариот пат за Гевгелија на надморска височина од околу 100 м., има вкупна должина на пештерските канали од 955 м. и спаѓа меѓу најдолгите во Македонија. Карактеристична е поради тоа што во неа има пештерско езеро, а значајна е и поради богатството на живи организми, меѓу кои и неколку ендемични видови. Пештерата Горен Змејовец се наоѓа на Илимов Рид, под врвот Краставец, на надморска височина од 630 м.  

demirkapiska klisura unikaten lokalitet sto ceka zastita 9

Клисурата е амбиент во кој се среќаваат неколку типови важни живеалишта, опфатени со европската Директива на живеалишта, кои се од исклучително значење за зачувување на богатиот биодиверзитет. Дел од нив се платановите шуми долж течението на Иберлиска (Челевечка) Река,  добро развиените појаси и шуми на врба долж реките и потоците, казмофитската вегетација на гребените и карпите, како и шумската заедница Phillspeo- Juniperetum excelsae која често ја зафаќаат пожари, а самото подрачје се карактеризира за подрачје на кое е забележано сукцесивно намалување на оваа шумска заедница.

demirkapiska klisura unikaten lokalitet sto ceka zastita 10

Специфичните климатски услови, како и разноликоста на геоморфолошкиот амбиент придонеле за развој на специфични флористички видови, што пак од своја страна овој локалитет го прави значаен од растителен апспект. Тука, на еден релативно мал простор, може да се сретнат многу ретки и ендемични видови растенија како што се Colladonia macedonica, Lilium heldreichii, Lilium martagon, Kitaibelia vitifolia и други.  Поради сето ова одредени делови од клисурата се дел од македонската мрежа на Значајни растителни подрачја (ЗРП). Во вака диверзифициран амбиент се создале услови и за големо богатство на фаунистички видови.

demirkapiska klisura unikaten lokalitet sto ceka zastita 11

Врз основа на теренски и библиографски податоци (во период од 1917-2012 година), околу 150 видови птици биле регистрирани во клисурата, што претставува речиси 50% од вкупниот број видови кои се среќаваат во Македонија. Од нив 58 видови се резидентни (39%), 46 преселни видови кои тука се размножуваат (31%), 18 зимуваат (12%), 21 миграторски вид (14%) додека 8 видови се сметаат за случајни (0,05%). Дополнителни три вида (брадестиот мршојадец Gypaetus barbatus, цинерестиот мршојадец Aegypius monachus и малата ветрушка Falco naumanni) се сметаат за исчезнати од локацијата.

demirkapiska klisura unikaten lokalitet sto ceka zastita 12

Денес клисурата Демир Капија е еден од најбогатите орнитолошки резервати во Европа по застапеност на ретки грабливи птици: белоглав мршојадец (Gyps fulvus), египетски мршојадец (Neophron percnopteruc), златен орел (Aqyila chrscaetos), орел змијар (Circaetus gallicus), лисест глувчар (Buteo rufinus), разни соколи (Falco peregrinus, Falco naumanni), како и други ретки видови птици. Овие грабливки најчесто ги населуваат високите и тешко достапни карпести масиви и врвови во почетниот дел на клисурата, во кањонот на Иберлиска Река, како и на врвот Краставец.

demirkapiska klisura unikaten lokalitet sto ceka zastita 13

Додека на високите карпи доминираат грабливките, останатиот дел од подрачјето е исто така исклучително богат со други орнитофаунистички видови. Во зависност од видот, тие населуваат различни живеалишта: крајречни појаси, алувијални тераси, мешани и листопадни шуми, грмушести појаси и сл. Сивата чапја (Ardea cinerea), која е една од најголемите и најкарактеристични крајречни птици во Македонија,  обично се среќава долж течението на Вардар, каде има доволно плитки води богати со риба.

demirkapiska klisura unikaten lokalitet sto ceka zastita 14

Иако Демиркаписката Клисура формално ужива статус на заштитено подрачје и е препознаена по своите исклучителни природни вредности, реалноста на теренот е сосема поинаква. Веќе со децении, овој простор функционира без активна заштита – нема управувачко тело, нема систем за редовен мониторинг, а изостануваат и конкретни мерки за зачувување на биодиверзитетот. И покрај постојаните укажувања од научната заедница за неговата висока еколошка вредност и чувствителност, просторот останува запоставен во практична смисла, заглавен меѓу правниот статус и фактичката негрижа. Овој вакуум трае повеќе од 65 години, оставајќи го подрачјето без системска грижа и институционална поддршка.

demirkapiska klisura unikaten lokalitet sto ceka zastita 15

Она што охрабрува е тоа што во моментов се спроведува нова научна валоризација на Демиркаписката Клисура, со цел да се постават нови основи за нејзина формална и реална заштита. Планот вклучува не само редефинирање на статусот, туку и воспоставување на јасни граници, управувачки план и принципи на одржливо користење на природните ресурси. Според предлогот, новото заштитено подрачје ќе биде значително поголемо од сегашното, а Новите граници ќе се протегаат на запад до сливовите на реките кои течат низ северните падини на Кожуф, а на исток ќе ги опфатат деловите од сливовите на Иберлиска и Кошарачка Река. Овој потег има потенцијал конечно да воспостави трајна и суштинска заштита на еден од највредните природни простори во Македонија.

Да се надеваме дека ова ќе биде последна година во која Демир Капија ќе фигурира како заштитено подрачје со решение од пред 65 години и дека веќе во наредната година ќе имаме едно многу поголемо подрачје чија заштита нема да фигурира само на хартија, туку и во пракса.

Извори:

СТУДИЈА ЗА ГЕОДИВЕРЗИТЕТОТ И ГЕОНАСЛЕДСТВОТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И ДРУГИТЕ КОМПОНЕНТИ НА ПРИРОДАТА (БИОЛОШКА И ПРЕДЕЛСКА РАЗНОВИДНОСТ) – МЖСПП

НАЦИОНАЛНА СТРАТЕГИЈА ЗА ЗАШТИТА НА ПРИРОДАТА (2017 – 2027) – МЖСПП

СТУДИЈА ЗА ПРОЦЕНКА НА ВЛИЈАНИЕТО ВРЗ ЖИВОТНАТА СРЕДИНА – Проект: НАДГРАДБА НА КОРИДОР 10, АВТОПАТ E-75Делница: ДЕМИР КАПИЈА – СМОКВИЦА (32.8/27.8 км)

Статистички годишник на Република Северна Македонија 2022 – Државен завод за статистика

The Demir Kapija Ophiolite, Macedonia (FYROM): a Snapshot of Subduction Initiation within a Back-arc Dejan Prelević, Matthias G Barth, Paul Van den Bogaard and others

Birds of the Important Bird Area ″Demir Kapija Gorge” in Macedonia: composition, status and valorization January 2012 – Bratislav Grubač, Metodija Velevski, Macedonian Ecological Society, Vlasta Škorpíková, Czech Society for Ornithology, Bobi Delov

https://igeoportal.net

https://www.birdlife.org

https://datazone.birdlife.org

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

    Поврзани приказни