Маркови Кули – дел од светското наследство од Македонија

11 април 2019

Во Македонија често природните и културните богатства се испреплетуваат и формираат чуден мозаик на релјефи и региони.

Во Македонија често природните и културните богатства се испреплетуваат и формираат чуден мозаик на релјефи и региони. Типичен пример за тоа е локалитетот Маркови Кули – една од наjуникатните точки на мапата на Македонија. Марковите Кули се значајни поради своите природни и геолошки вредности, но и поради богатото историско минато.

  • markovi kuli del od svetskoto nasledstvo od makedonija 2572772 3e52 e76 e95f a83686ff2817

Заштитеното подрачје Маркови Кули се наоѓа во централниот дел на Република Македонија, по должината на североисточниот раб на Пелагониската Котлина, северно од градот Прилеп. Разноликоста на геоморфолошките облици создавани низ долгата геолошка историја, бројноста и разновидноста на формите му даваат извонредна уникатна вредност на ова подрачје. Токму поради ваквите универзални вредности Собранието на Република Македонија во 2006 година го донесе Законот за прогласување на локалитетот Маркови Кули за споменик на природата. Овој локалитет претставува микро регион во Пелагонија преку кој може да се следи комплетниот геолошки развиток Балканскиот Полуостров.

  • markovi kuli del od svetskoto nasledstvo od makedonija 565433eae e35c 838e fe3 35a128887ae

Геолошкиот комплекс Маркови Кули според многубројноста на разновидните геоморфолошки облици и нивната зачуваност во старите протерозојски стени е еден од ретките по својата убавина. Посебно значење и атрактивност на локалитетот му даваат геоморфолошките манифестации и карпи во форма на купи, паралелопипеди, елипсоиди, заоблени хексаедари, остри врвови, столбови, блокови во форма на печурки и разни други фигури.

  • markovi kuli del od svetskoto nasledstvo od makedonija 115f2caeaa 9434 ab61 796c a3127259ad4

Но, освен со геолошки, локалитетот се карактеризира и со биолошки особености. На меѓународно ниво СП Маркови Кули во 2004 година е идентификуван како едно од 42-те значајни растителни станишта (IPA) во Република Македонија. Фауната на рбетниците на ова подрачје е претставена со вкупно 151 видови, од кои 8 водоземци, 15 влечуги, 96 видови на птици и 32 видови цицачи. На подрачјето на СП Маркови Кули регистрирано е присуство на 8 видови на водоземци од вкупно 15 видови кои ја населуваат Република Македонија, што претставува околу 53% од диверзитет на водоземците на национално ниво.

  • markovi kuli del od svetskoto nasledstvo od makedonija 14d65da754 b787 bd9 a548 aa1b32c92ada

Денес, со споменикот на природата – Маркови Кули управува Јавната научна установа – Институт за старословенска култура – Прилеп, која е должна да го чува и одржува, како и навремено да ги презема пропишаните техничко-заштитни мерки.

Користена литература:

https://isk.edu.mk/content/news/MARKOVI-KULI-PLAN-MT-IM-HT.pdf

https://www.igeografija.mk/Portal/?p=4551

    Поврзани приказни