- Минатата година ќе остане запаметена како една од годините во кои Македонија беше зафатена од најмногу шумски пожари. Ќе остане запаметена и по тоа што се покажа дека нашата држава, освен на хартија, нема капацитет да се справува со ваква кризна состојба и дека без помошта која ни пристигна од неколку пријателски земји последиците од огнената стихија ќе беа многу поголеми. Во 2021 година во Македонија беа регистрирани вкупно 204 пожари на површина од 12.315 хектари.
- Од вкупната опожарена површина, околу 160 хектари се пожари кои биле вон шумско подрачје, 1.150 хектари е опожарена површина при пожари кои започнале вон шуми, а завршиле со шумски пожар, додека 11.000 хектари површина отпаѓа на пожари кои започнале и завршиле во шумски предел. Во 99% од случаите причина за пожарите е човечки фактор. Беше опожарена дрвна маса во количина од 490.023 кубни метри, а штетата од пожарите изнесуваше нешто повеќе од 38 милиони евра. Трошоците за гаснење на пожарите достигнаа сума од 11 милиони евра.
- Најзафатен од пожарите беше кочанско-малешевско-пијанечкиот реон. Првите пожари се појавија во околината на Кочани, а подоцна се проширија и во реоните на Берово, Пехчево и Делчево. Во овој реон, во месеците јули и август изгореа шуми на површина од околу 4.200 хектари.
- Голем процент (околу 80%) од опожарената шума во пехчевско е млада, не постара од 20 -30 години и доколку не беа пожарите, во наредниот период во овие шуми ќе требаше да се применат одгледувачки мерки на проретчување, со кои се отстрануваат неквалитетните, а се оставаат елитните стебла кои даваат висококвалитетна дрвна маса. Наместо тоа, сега ќе треба да се изврши т.н. санитарна сеча со која цела дрвна маса ќе биде отстранета, за да се отвори фронт за обнова на шумата.
- Штетите од пожарите се многукратни. Во прв ред тука се економските штети, кои се манифестираат, како низ изгубената дрвна маса, така и низ трошоците за гасење на пожарите, за отстранување на опожарените дрва и за подигање нова шума. Но ништо помалку значајни не се ниту штетите од деструкцијата на природната средина. Намалената продукција на кислород, зголемениот потенцијал за ерозивни процеси, нарушениот воден режим, редуцираниот биодиверзитет, испирањето и таложењето на стерилниот нанос од опожарените подрачја во пониските плодни предели и речните корита, се само дел од последиците кои долгорочно ќе се чувствуваат во овие подрачја.
- Оние стебла кои се само површински опожарени се’ уште можат да се искористат како материјал за преработка во локалните пилани, па со тоа, делумно и ќе се ублажат направените економски штети. Оние стебла пак, што се повеќе зафатени од огнот не можат да се искористат за ништо друго освен за производство на пелети. Доколку оваа година не се искористи оваа дрвна маса, веќе наредната таа ќе стане неупотреблива.
- Еден од најголемите проблеми во моментов е тоа што опожарените шуми претставуваат извор на голем број болести и штетници. Оштетената дрвна маса претставува погодно тло за развој на патогени микроорганизми и штетници и, ако не се отстрани навремено, ќе се претвори во жариште кое ќе претставува голема опасност и за здравата шума. Понекогаш последиците од ваквите жариштата кои се создаваат по пожарите можат да се манифестираат и во период од неколку децении.
- На многу стебла може да се забележи присуство на поткорникот, инсект кој напаѓа физиолошки слаби, опожарени или исечени дрвја. Тој прави канали во и под кората на дрвото и неговото присуство лесно се забележува по влезните отвори и големите количини пилевина која ја исфрла покрај стеблото. Нападнатите дрва брзо пропаѓаат и гнијат, што претставува дополнителен проблем за нивно отстранување. Доколку таквите дрва не се отстранат на време, поткорникот може масовно да се размножи и да претставува голема опасност за здравата шума во наредните 2-3 па и повеќе години.
- Шишарките играат голема улога при ширењето на пожарите во зимзелените шуми. Поради високата концентрација на смола во иглолисните дрва огнот многу лесно се шири, се развиваат многу високи температури, па во такви услови шишарките се распукуваат, при што летаат и по педесетина и повеќе метри во далечина, и на тој начин можат да го префрлат огнот преку каква било физичка препрека, како на пример пат или помала река.
- Обновата на шумите ќе се врши етапно, како што ќе се расчистува теренот, така ќе се врши и пошумувањето. Во зависност од реонот, надморската висина, едафските, педолошките и климатските услови, пошумувањето ќе се врши со видови кои се соодветни за секое одделно подрачје. Обновата на зимзелената шума ќе се врши комбинирано, на вегетативен и на генеративен начин, односно со садници и со семе. Кај листопадната шума пак, согласно препорачаните мерки за санација, обновата ќе се врши со оставање избојци кои потеруваат од исечените стебла. Во малешевсиот крај, во обновата на шумскиот фонд најзастапени ќе бидат црн бор, бел бор, јасика, костен, питом костен и дабовите плоскач и горун.
- Според Законот за шуми, пошумувањето би морало да се изврши во рок од две години по настанувањето на пожарот. Но, ако се земат предвид податоците од заводот за статистика, според кои во Македонија во изминатата декада не се пошумени повеќе од 1.300 хектари во текот на една година (во изминатите неколку години таа бројка се движела едвај околу 500 до 600 хектари), се чини дека и со најдобра желба и максимално ангажиран потенцијал, временскиот период за пошумување на целата изгорена површина ќе биде многу подолг. За да се врати пак шумата во состојба каква беше пред пожарите, ќе бидат потребни повеќе децении.
- Минатогодишните пожари уште еднаш покажа дека во Македонија не постои никаква стратегија за заштита од ваквите стихии. Ние не располагаме со доволен професионален и волонтерски кадар, обучен за справување со вакви кризи. Би било апсурдно да се коментира техничката опременост, откако ја видовме опременоста на противпожарните единици од Словенија и Австрија, ниту во поглед на квантитетот, ниту во поглед на квалитетот. Имаме противпожарни авиони кои поради ненавремено сервисирање се надвор од употреба. Немаме разработен ефикасен систем за цивилна заштита. Немаме редовни обуки на населението за дејствување во вакви ситуации... Единственото нешто што го имаме се институците на хартија и нивната декларативна определба дека „треба да се работи на подигањето на свеста кај граѓаните“. И сознанието дека при толку многу дрва не знаеме да си ги сочуваме шумите.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Фотографија и текст: Дарко Андоновски