Грозјето мигрира поради климатските промени
- Заедно со виното, грозјето е вториот најизвезуван производ од нашата држава.
- Климатските промени се реалност што не го одминува ниту грозјето, особено температурата која има огромно влијание врз овој плод.
- Има некои краткорочни мерки со коишто донекаде може да се ублажи влијанието на климатските промени како што се системите за проветрување низ насадите.
- Некои предвидувања се дека одгледувањето винови лози ќе се движи кон север, па дури и во Велика Британија.
Црно или бело, слатко или кисело. Грозјето е производ што вирее на нашите простори. Заедно со виното се вториот најизвезуван производ од нашата држава.
„Грозјето претставува едно од најзначајните земјоделски култури во нашата држава кое што учествува со 17-20% од БДП од земјоделските производи“, вели Златко Прцуловски, професор на катедрата за лозарство и винарство, Факултет за земјоделски науки.
Но, виновата лоза е чувствителна на сите промени што ги носи глобалното затоплување. Климатските промени се реалност што не го одминува ниту грозјето. Температурата особено има огромно влијание врз овој плод.
„Во изминативе години имаме зголемена температура. Во споредба со 80-тите години, некаде околу еден ипол степен зголемена температура што првенствено влијае на забрзување на созревањето. Сега, една иста сорта на една иста локација, кај нас или виногорје, созрева меѓу 15-20 дена порано“, вели професорот Прцуловски.
Со самото покачување на температурата, растат и шеќерните единици, а се намалува концентрацијата на вкупни киселини. Доколку се работи за вински сорти, тоа значително го менува и вкусот на самото виното.
Тоа значи дека климатските промени, не само што влијаат на хемискиот состав на виното, туку и врз бојата.
„Има некои краткорочни мерки со коишто донекаде може да се ублажи влијанието на климатските промени. Во Австралија и во Нов Зеланд се користат сѐ повеќе системи за проветрување низ насадите“, објаснува Прцуловски.
Но, ако некои производи се поотпорни на климатските промени, грозјето веќе силно го чувствува притисокот од глобалното затоплување. Претпоставките се дека познати виногорја ќе ги снема, а вино ќе има онаму каде што најмалку очекуваме.
За 35 – 36 години можно е значително намалување на производството и до две третини во некои познати виногорја
„За жал, некои предвидувања и проекции укажуваат дека некаде во 2050 година, значи некаде за 35 – 36 години ќе имаме значително намалување на производството и до две третини во некои познати виногорја, односно долини, како што се на пример Тоскана во Италија, Рона во Франција, Напа во Калифорнија“, предупредува Прцуловски.
За сметка на тоа, лозарството ќе се придвижува сѐ повеќе на север, онаму каде што не сме можеле да го замислиме, зашто немало доволно сончеви денови, а некои предвидувањата се и дека можеби одгледувањето на виновата лоза ќе стигне до Велика Британија.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.