fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
Отпорноста за климатски промени за Скопје само желба

Отпорноста на климатски промени за Скопје останува само желба

 

  • Последниот јавно достапен документ поврзан со оваа стратегија до кој дојдовме е Оценката за стратегијата од 2018 година во кој стои дека не може да се одреди процентот на завршени активности поради фактот што најголем дел од активностите се наведени како континуирана заложба.
  • Откако е донесена Стратегијата за климатски промени – Отпорно Скопје општините и самата градска управа не го сметаат како некоја заедничка стратегија каде треба да ги усогласат активностите и да се работи на терен.
  • Финансиските интереси пред сѐ, на поединци и на групи кои сакаат да профитираат со работи кои што одат спротивно на она што се бара во стратегијата се причина за неуспехот.
  • Град Скопје, по долги преговори, не одговори на нашите прашања во врска со реализацијата на целите зацртани во овој документ.
  • Едно од решенијата во недостаток на акција од институциите, е граѓаните да ги избираат начините кои немаат толкаво влијание врз животната средина.

„Стратегија за климатски промени – Отпорно Скопје“ од 2017 година требаше да биде одговор на предизвикот за здружена акција кој ќе го трасира патот со мерки и акции во следните десетина години за градење капацитети за урбана отпорност и справување со климатските промени. Пет години подоцна, климатските промени остануваат еден од најсериозните проблеми со кои се соочуваме во градот, а Стратегијата остана заборавена.

Последниот јавно достапен документ поврзан со оваа стратегија до кој дојдовме е Оценката за стратегијата од 2018 година. Во него стои дека не може да се одреди процентот на завршени активности поради фактот што најголем дел од активностите се наведени како континуирана заложба.

Овој документ дава оценка за сите сектори поединечно, при што заокружува дека  задоволителен придонес кон одржливиот развој има кон само 8 од вкупно 17 цели.

Скопје - климатски промени

Во Оценката за стратегијата од 2018 година не може да се одреди процентот на завршени активности поради фактот што најголем дел од активностите се наведени како континуирана заложба

Како умерено задоволителни се оценети секторите општи мерки, енергија, згради и транспорт, природа, биодиверзитет, ерозија и секторот јавни зелени површини. Водните ресурси се оценети како умерено незадоволителни, додека, секторите поплави, здравство, ризици и урбана отпорност се незадоволителни, а секторот туризам високо незадоволителен.

Според Јане Димески, еко-активист, новинар, советник во општина Центар од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“, стратегијата е само уште еден документ кој остана на хартија.

„Откако е донесен тој документ, јас немам чувство дека и општините и самата градска управа го сметаат за нешто сериозно, како некоја заедничка стратегија каде треба да ги усогласат активностите и да се работи. Додека имаме топлотни острови, урбанизацијата и онаа политика секое слободно парче од градот да се намени за изградба на згради и да се донесат нови автомобили и улици и паркинзи, тоа само се зголемува, а стратегијата го бара сосема спротивното“, вели тој.

Во однос на топлотните острови кои беа дел анализата, тој вели дека градот ги обележа површините, но, политиките го однесоа процесот во друга насока.

„Имаше доста анализи со кои е продлабочена таа стратегија во одредени сегменти, еве, ги спомнавме топлотните острови. Градот обележа повеќе површини, особено во центарот, кои што се идентификувани како топлотни острови и се проблем кој треба да се решава, но, на терен и во реалноста гледате дека политиките, и од градот, и од страна на општините кои што се надлежни, се сосема во спротивна насока“, вели тој.

Причината зошто овој документ остана само на хартија, ја лоцира во тоа што интересите го бараат спротивното од она за кое се залага стратегијата.

„Финансиските интереси пред сѐ, на поединци и на групи кои сакаат да профитираат со работи кои што одат сосема спротивно на она што се бара во стратегијата. Како, на пример, изградбата во Скопје, тоа е огромен бизнис во кој што се вртат огромни пари. Сите тие интереси го поништуваат овој јавен интерес затоа што и институциите кои што треба да ги спроведуваат овие стратегии не го сфатиле толку сериозно очигледно, а поважно им е да ги заштитат интересите на другите“, вели Димески.

Филип Стојановски од Центарот за климатски промени вели дека она што недостига во моментов е да се вметнат климатските промени во урбанизмот. Ова, впрочем, беше и една од целите во акцискиот план на Стратегијата.

Фотографија од објекти во градба во центарот на Скопје

Бетонизацијата на Скопје никако не може да запре

„Првата работа што е логично да се направи е мапирање на критичните точки каде што градот е склон кон топлотни, ладни бранови, суши, бури, снежни наноси. Да се мапираат критичните точки каде што може да дојде до загрозување од овие природни непогоди. По мапирањето треба да се преземаат соодветни мерки, да се направат планови, да се набават соодветни инвестиции за да се превенира. Она што недостига во моментов е да се вметнат климатските промени во урбанизмот, односно урбанистичкото планирање. Да се знае точно на која парцела, на кое место, кон што е склоно тоа земјиште, кон која природна непогода, и соодветно на тоа да се гради. Ако имаме парцела каде што имаме можност за ерозија или поплави, би било неблагодарно да правиме некои објекти за домување, бидејќи знаеме дека во иднина може да дојде до загрозување на човечките животи“, вели Стојановски.

Тој ги издвои водните ресурси од витално значење на кои треба особено да се фокусираме, бидејќи проекциите за во иднина кажуваат дека ќе имаме зголемување на температурата и топлотните бранови, што води до фактот дека ќе имаме сѐ помалку вода.

„Од клучно значење во тоа што треба да се насочи Град Скопје е кон заштита и зголемување на ефикасноста на системот за водоснабдување, бидејќи, како што знаеме, имаме 60 проценти загуба на питка вода, што, да кажеме, е многу висока загуба. Очекувана загуба би било до 3,5 проценти. Она што треба во иднина да се прави е проширување на атмосферската канализација во сите делови на градот Скопје, не само во приградските, туку и во руралните делови на градот Скопје и во иднина да се насочиме кон барање на нови водни ресурси за питка вода, со оглед дека има проекција дека до 2050 година водата во изворот Рашче ќе се намали“, вели тој.

Фотографија од изворот Рашче

Град Скопје треба да се насочи кон заштита и зголемување на ефикасноста на системот за водоснабдување

Во однос на ризиците предвидени во здравствениот сектор и влијанието на топлотните бранови, вели дека е неопходна соодветна едукација на населението, како да се заштитиме од екстремните временски настани што ќе доаѓаат во иднина.

Стојановски издвои неколку активности со кои градот ги ублажува климатските промени,  како што се субвенциите за електрични тротинети, велосипеди, субвенциите за замена на огништата како и за инвертери.

Димески од Шанса за Центар вели дека климатските промени земаат замав и по две децении откако се донесени првите национални планови за климатски промени, а последиците од нив се чувствуваат во секојдневниот живот.

„Промените во климатските услови најдиректно се чувствуваат во она дека сега многу повеќе внимаваме на временската прогноза. Секоја најава за невреме луѓето прилично сериозно почнаа да ја сфаќаат во последно време, за разлика од порано, затоа што и невремињата, во согласност со она што се предвидуваше во оние климатски сценарија, стануваат сѐ пожестоки и бараат внимание од луѓето, како да се засолнат, да се заштити имотот, јавните ресурси. Она што е видливо, барем во секојдневниот живот, е дека во летата сѐ помалку излегуваме надвор во топлите периоди од денот, делумно поради она што се прогнозираше дека температурите и начинот на кој се развива нашиот град ќе создадат топлотни острови, тие ги имаме сѐ повеќе и стануваат сѐ пожешки топлотни острови“, вели тој.

Тоа, според него, јасно ги ограничува луѓето во движењето во тие периоди и ја зголемува потрошувачката на енергија за ладење.

Прекумерната урбанизација е најслабата точка

Но, овие промени влијаат не само што го нарушуваат нормалното живеење, влијаат и директно врз здравјето на луѓето.

„Топлотните бранови во зимскиот период не влијаат поволно бидејќи многу повеќе вируси се таложат и исто така сето тоа влијае на здравјето на луѓето. за тоа што сме свесни дека ладните бранови, оние кои недостигаат во Скопје, практично ги немаме и од таа причина само дополнително еден врз друг се таложат вирусите и не можеме да избегаме од нив. Кај граѓаните, исто така, самите климатски промени предизвикуваат анксиозност и депресија и затоа се нагласува итната потреба од одржливи практики и мерки за отпорност, наспроти тековните климатски предизвици“, вели Ивана Пенева од Центарот за климатски промени.

Во морето црни прогнози, ако треба да се издвои нешто позитивно тоа е што во одредена мерка градот работи на подобрување на атмосферската канализација за прифаќање урбани отпадни води и подобрување на патната инфраструктура. А дека е ова само проблесок, веднаш одиме на следната област, каде нема многу зборови за пофалба – бетонизацијата.

„Во поглед на урбанизацијата, не може да се забележи интегрирање на мерки за ублажување на ефектите од климатските промени. Сѐ уште имаме големи бетонирани површни кои не се во можност да апсорбираат големи количества на вода од поројните дождови и тука имаме голем проблем. Затоа е потребна сѐ поголема зелена површина, односно да не се бетонира“, нагласува таа.

Секој поединец може сериозно да влијае на ублажувањето на климатските промени преку начинот на кој што се однесува во животот. Така, преку ресурсите кои ги користи, отпадот што го произведува, изборот на јавен превоз, начинот на кој ќе се загрева, секој од нас може да придонесе кон ублажувањето на климатските промени.

Јане Димески препорачува доколку имаме финансиска можност, да ги избираме начините кои немаат толкаво влијание врз животната средина.

Исечени дрвја во центарот на Скопје

Неконтролирано се сечат и дрвјата низ градот

„Ако имаме стара печка, да набавиме понова која поефикасно ги гори дрвата. Или, ако сме во можност да вградиме топлотна пумпа. Меѓутоа, низ поединечниот живот да се избегнува, на пример, користење и купување на производи кои што зад себе оставаат отпад што ја загадува животната средина, како на пример пластична амбалажа, да користиме торби за пазарење, да се користи поштедливо енергија, да се купуваат локални намирници, зеленчук и овошје кои што доаѓаат од блиску до нас, со тоа не се трошат горива, повторно се избегнуваат некакви емисии во животната средина. Поединечно има доста, меѓутоа сето тоа може да се засили ако градот и општините излезат во пресрет“, вели тој.

Во однос на тоа како градот и општините можат да излезат во пресрет, препорачува да се подобри системот на селекција на отпад кој што во овој момент, како што вели, можеме да го опишеме дека е прилично примарен, рудиментиран.

Фотографија од депонија во близина на Скопје

Да се подобри системот на селекција на отпад кој во овој момент е рудиментиран

„Ние селектираме само три вида работи од нашиот домашен отпад, а во западните земји имаат 10 контејнери за различни видови материјали. Дури, ако земеме предвид дека и овие контејнери кои што постојат во моментов за селекција на отпад, ги има само во ограничени подрачја, не се ниту насекаде проширени. Не може да кажеме дека дури ни примарна селекција правиме. Со тоа ја отежнуваме можноста на граѓаните да преземат поефективни мерки во нивното секојдневно живеење“, посочува Димески.

Пенева, исто така, нагласува дека со користење на велосипед, засадување на дрвја и рециклирање на отпад може да помогне секој.

Неколку конкретни начини со кои може да помогнеме е преферирање на возење велосипед, исклучување на уредите кога не се користат, користење на енергетски ефикасни сијалици, апарати за домаќинство, ако е возможно инвестирање во обновливи извори на енергија, засадување на дрвја, одржување на зелените простори, селектирање и рециклирање на отпадоците, како и користење на рециклирани пакувања, избор на локални и сезонски производи“, набројува таа.

Исполнувањето на Стратегијата во која беа опфатени акциите за намалување на причините за климатските промени, базирани на изработениот Инвентар на стакленички гасови за 2008 и за 2012 година, пресметани за трите главни сектори снабдување со енергија, згради и транспорт и во која беа земени предвид веќе преземените активности од Градот Скопје во различни области остана непозната за нас, откако, Град Скопје, по долги преговори, не одговори на нашите прашања во врска со реализацијата на целите зацртани во овој документ.

Како што е наведено во Стратегијата за климатска отпорност од 2017 година, за сегашноста трите најважни активности се: зголемување на зелените површини, промена на однесувањето и навиките на граѓаните, едукација и подигнување на свеста, а важна е и потребата за развој на повисоки градежни стандарди, развој на план за управување со сообраќајот и добро урбанистичкото планирање. Вака планираната сегашност, никако да стане реалност, бидејќи додека климатски отпорното општество станува еден од основните услови за здраво општество, климатските промени кои водат до сериозни временски непогоди, неспречени, продолжуваат да нѐ следат во чекор.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Ангела Рајчевска

Снимател: Наке Батев

Фотографи: Дарко Андоновски, Томислав Георгиев