Тетовскиот грав е жртва на климатските промени и празните села
- Ако во минатото овој специјалитет често бил на трпезата, бидејќи го имало во изобилие, тој сега веќе станува луксуз – го има сѐ помалку и неговата цена вртоглаво расте.
- Тетовските земјоделци од неодамна почнале да садат грав на повисоките планински предели, откако сфатиле дека поради сушните лета во селата околу градот, гравот се суши.
- Врз производството на гравот, сепак, не влијаат само климатските промени туку и иселувањето од селата и регионите каде тој историски се одгледувал.
- Потенцијално решение за малите површини е можеби растењето под фолија, за да може да се ублажат климатските проблеми.
Една рака грав, полно тенџере вода, малку зачини и здрава храна за целото семејство. Вкусот добива на цена, особено ако гравот е тетовски.
Но, ако во минатото овој специјалитет често бил на трпезата, бидејќи го имало во изобилие, тој сега веќе станува луксуз – го има сѐ помалку и неговата цена вртоглаво расте. Денес за вистински тетовски грав се плаќа и по 300 денари за килограм.
Но, кој би рекол дека во блиска иднина ќе нема пари со кои би се купила оваа култура, бидејќи од година в година сѐ помалку ја има.
Во потрага по тетовски грав, патот нè донесе во Вејце. Селото познато по компири, сега станува плодна земја и за грав. На 1.100 метри надморска висина, каде што плени убавината на Шара, на стрмна почва, Насер Џемаили бере крупни бели зрна тетовски грав. Насадиле неодамна, откако сфатиле дека поради сушните лета во селата околу градот, гравот се суши.
„Ако има повеќе дожд ни прави штета. Гравот не сака многу дожд, но не сака ниту многу високи температури. Ако летото е многу сушно, овде го наводнуваме и го држиме балансот на температурата. На пример горе не е многу жешко, во Шар Планина и затоа има повеќе грав. Еве, ова лето беше жешко, имаме садено и во село Теарце и во селата на Шар Планина. Долу немавме никаков род, а овде имавме и извадивме многу добра количина од овој што го насадивме овде“, објаснува Насер Џемаили, производител на тетовски грав.
Џемаили со неговата задруга годинава насадиле грав на 10 места низ Тетово. Пролетта однеле примероци во лабораторијата во Земун во Србија за да проверат кој има најголема хранлива вредност. На нивно најголемо изненадување, првите три места за зрна со најмногу протеини ги добил гравот насаден токму во шарпланинските села.
„Прво место зеде гравот што ни беше насаден во селото Вејце, второто место го зеде селото Бозовце и третото место го зеде селото Бродец. Така што видовме дека најквалитетен грав има во овој регион, на надморска висина над 1.000 метри. Сега има интензивни климатски промени, овде температурата не е ниту многу висока ниту многу ниска. Ние мислиме дека тоа е пресудно. Ќе испитаме повторно за да видиме зошто е поквалитетен“, додава Џемаили.
Два тони грав не можат да се соберат од тетовско ниту за две години
Врз производството на гравот, сепак, не влијаат само климатските промени туку и иселувањето од селата и регионите каде тој историски се одгледувал. Овогодинешната прослава на Европскиот ден на зелениот појас – најголемата заедница на шуми која ја обединува цела Европа – од крајните северни делови на Финска, до југот на Егејското Море, кај нас се одбележа со Денот на гравот. Ова директно ја покажува врската помеѓу чувањето на природата, зачувувањето на традиционалните земјоделски практики и одржување на локалната заедница.
Невладината организација на Метин Муареми 12 години работи на промоција и заштита на тетовскиот грав. Вели и покрај сите напори, тетовскиот грав изумира.
„Секоја година го има сѐ помалку. Климатските промени се еден од најголемите фактори што влијае секоја година тој производ или тие зрна што сме ги имале порано, што бил како брендиран грав од Тетово, да не биде отпорен кон природните ситуации што последните години се случуваат. Во проценти мислам дека, од она што слушаме, околу 70% е намален процентот на производство во споредба со пред, не знам, 10 или 15 години“, вели Метин Муареми.
За професорот Алирами Салији од земјоделскиот факултет при Тетовскиот Универзитет ова не е новина.
Тој вели дека во 2000 година, по конфликтот во Косово, за две недели од селата Џепчиште, Речица и гостиварско Неготино успеал да собере два тони тетовски грав за да помогне во соседната земја. Сега вели, таа количина не може да ја собере од целиот регион ниту за две години.
Професорот вели дека има многу причини, како генетски потенцијал и адаптибилност на семето, но вели дека интензивните климатски промени се тешко победливи. Во сушните региони како Македонија, лимитирачки фактор влагата на почвата и воздушната влага.
„Ако во нормални услови, за нормален раст и развој на гравот, воздушната влага на воздухот треба да биде некаде во дијапазон од 70 до 80%, особено во периодот на цутење, во наши услови во тој период што е период што се совпаѓа комплетно со јули и првата половина на август, во тој период, за жал во наши услови, релативната влажност на воздухот е многу ниска и се движи во дијапазон од 30-40% и во вакви услови не може нормално да се одвива процесот на цутење, процесот на формирање на мешунки и автоматски тој процес се рефлектира во крајниот принос на самиот производ, конкретно на самиот грав“, објаснува професорот Алирами Салији од Факултетот за земјоделие при Тетовскиот универзитет.
Потенцијално решение за малите површини е можеби растењето под фолија, за да може да се ублажат климатските проблеми. Но, она што сериозно загрижува е немањето работна сила. Професорот вели дека во одгледувањето на грав, не постои процес на берба со механизација, туку тој бара исклучиво физичка, рачна берба. Во време на миграција кога селата остануваат празни, тетовскиот грав сѐ почесто се слуша како приказна за култура која некогаш била бренд за ова место и за државата.
„Знаејќи ги особините и карактеристиките што ги има тетовскиот грав, за жал нема да го имаме во, условно речено, блиска иднина“, заклучува професорот Салији.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Катерија Топалова Дејановска
Снимател: Иван Поповиќ
Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска
Поврзани стории:
Грозјето мигрира поради климатските промени
Можат ли климатските промени да ни го земат лебот?
Со адаптирани сорти на домати против климатските промени
Климатските промени оставаат рани врз јаболкото
Бунарите пресушуваат, изворите се повлекуваат, а ние немаме нови стратегии за подземните води
„Бетонизацијата“ нѝ ја суши почвата во Скопје
Најскапа е водата што не ја пиеме – поради застарениот систем губиме 63 отсто од водата