- Бизнисменот Назиф Дестани, сопственик на „Еколог“, ги продаде своите акции во канадската компанија „Еуромакс Рисорсес“, која турка контроверзен проект за отворање рудник за злато и бакар кај Иловица.
- Во јануари 2023, Дестани преку холандска фирма вложи 3 милиони долари во „Еуромакс“, а само две недели подоцна, Вишиот управен суд донесе одлука во корист на рударскиот проект.
- Според здружението „Здрава котлина“, Дестани е близок до ДУИ и неговото вклучување во „Еуромакс“ можеби влијаело на судските одлуки.
- Одлуката на Владата од јуни 2023 за спојување на концесиите за рудникот „Иловица – Штука“ предизвика внатрешни несогласувања и сомнежи за прекршување на процедурите, а по реакциите беше повлечена.
- Компанијата Еуромакс тврди дека институциите ѝ наштетиле со политички одлуки и најавува можност за арбитражна постапка врз основа на договор меѓу Македонија и Швајцарија.
Тетовецот Назиф Дестани кој на македонската јавност и е познат како сопственик на фирмата „Еколог“ ги продаде акциите во „Еуромакс Рисорсес“ („Еуромакс“), компанија која подолг период турка проект за отворање на рудник на бакар и злато кај месноста Иловица во струмичко.
Холандската компанија „НДХ БВ“ (NDX BV) која е дел од групацијата „НД Груп“ чиј основач е Дестани пред десетина дена за 3,2 милиони долари ги продала акциите што ги поседуваше во „Еуромакс“ на компанијата „ВВВ Комодитис енд Рисорсес“ (VVV Commodities and Resources). Според сајтот на „Еуромакс“ компанијата на Дестани веќе не е дел од акционерската структура на компанијата.

ДОМА уште пред две години веќе пишуваше дека Дестани преку неговата фирма во Холандија на 24 јануари 2023 година вложи три милиони долари во акции од компанијата „Еуромакс рисорсес“. Индикативно беше што само петнаесетина дена откако Дестани ги купи акциите во „Еуромакс“, Вишиот управен суд одлучи да ја уважи жалбата на канадската компанија, која подолг период пред македонските судови се жалеше на одлуката на Владата да го раскине договорот за една од концесиите за експлоатација на руда на оваа локација.
Екологистите се сомневаа во улогата на ДУИ
Активистите од здружението „Здрава котлина“, кои се против изградба на рудникот „Иловица“ се сомневаа дека не е случајно што судот донел одлука во корист на „Еуромакс“ само две недели откако Дестани преку холандската фирма станал еден од поголемите акционери во канадската компанија. Според нив, Дестани е човек близок до владејачката ДУИ и ги користи политичките врски за да го протурка проектот кој може да предизвика еколошка катастрофа во струмичко. Нивниот сомнеж го поткрепуваат со фактот дека еден од судиите кој одлучувал по последната жалба на „Еуромакс“ е Субхи Јакупи, поранешен член на Државната изборна комисија номиниран од ДУИ.
Фијаско во поранешната Влада
„Дома“ исто така објави дека владината одлука за спојување на концесиите за рудникот „Иловица – Штука“ во Струмичката котлина го „стресе“ кабинетот на поранешниот премиер Димитар Ковачевски. На површина излезе некоординираноста на министрите, но, се отвори и прашањето за почитувањето на деловникот за работа на Владата и можната неодговорност на функционерите.
Седницата од 27 јуни 2023 година за малку ќе поминеше незабележано доколку не беше објавата во „Службениот весник“. Таму се виде дека е донесена одлука за спојување на двете концесии на „Еуромакс Рисорсес“, точка дополнително ставена на дневниот ред на предлог на поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, којашто предизвика реакции од негови колеги дека одлучувале без да ги имаат сите информации. Ова невообичаено тврдење го отвори сомнежот дали воопшто е почитуван деловникот за работа на Владата, каде точно се наведни филтрите кои треба да се поминат пред министрите да кренат рака.

Бектеши по реакциите во јавноста на брифинг објаснуваше дека Министерството за економија дало препорака точката итно да биде внесена на дневен ред на Владата бидејќи концесиите секако ќе биле споени и дека сакале заради можна арбитража и други слични судски предмети кои се во тек да избегнат одолговлекување на постапката во пресрет на летните одмори. Сепак, Владата ја повлече одлуката.
Закани за арбитража
„Еуромакс“ подолг период се жали на нефер третман од државните институции. Според компанијата, Владата ги прекршила законите за минерални суровини и за општа управна постапка кога се „пишманила“ да одобри интегриран рударски комплекс „Иловица-Штука“ на Огражден. Сè поизвесно е дека адут во постапката може да биде токму изјавата на Бектеши дека владината одлука за поништување на спојувањето на концесиите била политичка и погрешна, со која тој не се согласува, но ја почитува.
„По вторпат непочитување на конечни пресуди на Управните судови (еднаш во март 2020 година, и сега во март 2023 година) и неаргументираното повлекување на веќе донесената одлука поради дневно-политички причини спротивно на законските одредби, само дополнително ги зајакнува и онака неспорните аргументи на инвеститорот „Еуромакс Рисорсес“ за потенцијалната арбитражна постапка“, укажаа тогаш од „Еуромакс“.
Од компанијата гледаат основа за меѓународна арбитража во меѓународен договор меѓу земјава и Швајцарија, иако, правници за ДОМА веќе коментираа дека компанијата има „тенки“ правни аргументи и оти заканите за покренување таква постапка се прават само за да се „избоксува“ поволно решение за нив.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Поврзани содржини:
Назиф Дестани од „Еколог“ вложил милиони во „Еуромакс“ за да копа злато во струмичко
Инвестицијата на Назиф Дестани во „Еуромакс“ е врзана со концесиите за Иловица
Назиф Дестани од „Еколог“ ја предомисли Владата за рудникот Иловица
Случај „Иловица“: морална одговорност за министерска „неодговорност“
„Еуромакс“ повторно тужи за Иловица, активисти бараат одговорност од Бектеши