fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
slucaj ilovica moralna odgovornost za ministerska neodgovornost featured

Случај „Иловица“: морална одговорност за министерска „неодговорност“

Владината одлука за спојување на концесиите за рудникот „Иловица – Штука“ во Струмичката котлина го „стресе“ кабинетот на премиерот Димитар Ковачевски. На површина излезе некоординираноста на министрите, но се отвори и прашањето за почитувањето на деловникот за работа на Владата и можната неодговорност на функционерите.

Седницата од 27 јуни за малку ќе поминеше незабележано доколку не беше објавата во „Службениот весник“. Таму се виде дека е донесена одлука за спојување на двете концесии на „Еуромакс Рисорсес“ (Еуромакс).

sluca ilovica moralna odgovornost za ministerska neodgovornost 2

Многу спорни моменти на владината седница на која беа споени концесиите за рудникот Иловица. Извор: Vlada.mk

Точката по која се одлучувало била дополнително ставена на дневниот ред на предлог на министерот за економија Крешник Бектеши, што подоцна предизвика реакции од некои негови колеги-министри дека одлучувале без да ги имаат сите информации. Нивното тврдење создаде сомнеж – дали воопшто е почитуван деловникот за работа на Владата и какви се филтрите кои треба да се поминат пред министрите да кренат рака.

„Материјалите што се доставуваат од министерствата и другите органи на државната управа за разгледување на Владата, задолжително се доставуваат со меморандум за секој поединечен материјал како информативен документ преку кои се обезбедуваат јасни информации за содржината на материјалите.“, се вели во член 73-а од деловникот на Владата.

Во него е прецизирано дека материјалите треба да се достават до Владата најдоцна 15 дена пред одржувањето на седницата ако се работи за стратешки и други важни прашања, или 8 дена за другите материјали. Не држи образложението дека точката дополнително била вметната зашто и тогаш има рокови.

„По исклучок, предлагачите можат да бараат одделни прашања да се стават на дневен ред на седницата на Владата и по нејзиното свикување, ако тие, според нивниот карактер се итни и не трпат одлагање. Во тој случај, предлагачот е должен материјалот, со посебно образложение, да го достави до Владата најдоцна три дена пред денот на одржувањето на седницата“, пишува во член 75 од деловникот.

Во членот 77 се оди уште подалеку, па ако се работи за прашање што е итно и не трпи одлагање, точката може да се стави на дневен ред без претходно разгледување на работните тела на Владата, но, тоа го отвора прашањето што воошто било толку итно во случајот „Иловица“, ако се има предвид дека судските постапки во овој случај траат со години. Единствено нешто што е променето е сопственичката структура на „Еуромакс“ по влезот на холандскиот холдинг на Назиф Дестани со удел од 25 проценти.

Универзитетскиот професор Драган Гоцевски од Катедрата по административно право и јавна администрација при Правниот факултет „Јустинијан Први“ за „ДОМА“ вели дека дури и да била констатирана итност за точката дополнително да биде ставена на дневниот ред, сепак, и во тој случај мора да се запазат процедурите.

„Мора да постои итна и неодложна потреба за тој материјал да биде разгледуван на таа седница. Ова е помалку проблематично ако станува збор за материјали по кои Владата треба или само да ги усвои како информација или да одлучи кого да овласти и задолжи за натамошно постапување, за натамошно делување. Доколку на истата седница се очекува Владата да донесе крајна одлука, во тој случај и за тие материјали мора да биде запазена одредена форма, односно доколку по тие материјали мора да постои писмена согласност или мислење од друг, трет или повеќе органи или доколку на истата седница на Влада се појави недоволно разбирање, неусогласеност околу ставовите, тогаш и покрај итната неодложна потреба што би го оправдало предложувањето на таа точка на самата седница на дневниот ред, Деловникот или во духот на Деловникот таа точка ќе биде земена предвид и ќе се проследи понатаму до некое од работните тела за да се изгради консензус, да се прибават мислења, па потоа да се одлучи конечно по нејзе.“, вели Гоцевски.

Драган Гоцевски, универзитетски професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“

Заобиколен деловник или несовесни министри?

Одлуката за спојување на концесиите за рудникот „Иловица“ против којшто активистите се борат со години, организираа референдуми и протестираа не е одлука којашто би поминала тукутака на седница.

Ова ја отвори дилемата дали министерот за економија Бектеши затскривал одредени информации, дали несоодветно ја прикажал одлуката на Управниот суд кој ја прифати жалбата на инвеститорот за укинатата концесија, но одби да ја задолжи Владата да одлучи за спојување на концесиите. Или, одредени министри кренале рака без да знаат за што креваат, за потоа да бараат ревидирање и поништување на одлуката со којашто се дозволи спојување на двете концесии за рудникот за бакар и злато, едната за локалитетот во Босилово и другата којашто фаќа и дел од Ново Село.

Драган Гоцевски, универзитетски професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“

„Никој не може да претпостави, ниту пак треба да ги алиментира членовите на Владата од нивната лична, етичка, морална, па и професионална одговорност како носители на јавни функции, со сѐ што таа функција носи да бидат запознаени со прашањата од нивниот ресор, за што се нивните ресори надлежни и кое е значењето и важноста на точките на дневниот ред. Владата понекогаш има навистина обемни седници во коишто се разгледуваат прилично технички прашања од класична административна природа, меѓутоа и тоа не треба да ги апстинира да бидат крајно незапознаени, особено не за точка која денес се става на дневен ред и би требало да побуди некаков интерес, да се засегнат, или предлагачот на итната и неодложна точка се очекува да даде вовед и образложение зошто е итноста, зошто не треба да се одлага и да го образложи предметот по кој Владата треба да одлучува.“, вели професорот Гоцевски.

Универзитетската професка Мирјана Најчевска во ваквата владина седница гледа потврда дека имаме длабок системски проблем.

„Министрите и сите функционери мораат да ги носат одлуките врз основа на соодветни податоци. Отсуството на носење одлуки врз основа на соодветни податоци значи дека тие не се дел од системот на државата, туку се дел од некој друг парасистем во којшто се донесуваат одлуки и овие министри потоа служат само како марионети коишто ги дигаат или не ги дигаат рацете. Значи, проблемот е многу голем и многу длабок и многу системски. Проблемот е во тоа што всушност е извелечена власта не само од Собранието кај нас, туку и од Владата и е префрлена во други параинституционални структури“, вели професорската Најчевска.

Мирјана Најчевска, доктор по правни науки и професор на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при УКИМ
Фотографија: МИА

Министерството за економија се правдаше дека одлуката морало да биде донесена поради одлуката на Управниот суд од 30 март 2023 година, иако такво нешто воопшто и нема во судската одлука.

„Владата ги изврши донесените одлуки на Управниот и Вишиот Управен суд и го спроведе членот 61 од Законот за минерални суровини, односно веќе доделените концесии се спојуваат во една целина. Согласно тоа, фактичката состојба не се менува, туку се изменети координатите на доделените концесии во насока истите да преставуваат една целина.“, соопшти Министерството.

sluca ilovica moralna odgovornost za ministerska neodgovornost 1

Во пресудата нигде не пишува дека Владата треба да ги спои концесиите

Фразата „врзани ни се рацете“ е позната фраза за да се отфрли одговорност, вели професорката Најчевска.

„Судската одлука се однесува на одреден дел од материјата, другиот дел е оставен на она што претставува одлучување во рамките на други органи. Тој дел од одлучувањето тие одбиваат да го направат, а оваа фраза „врзани ни се рацете“ е нешто што провејува веќе со години низ нашиот правен систем и на тој начин всушност само се отфрла одговорноста од соодветниот орган или соодветната институција. Дури и во многу одлуки на Европскиот суд за човекови права ни свртуваат внимание дека голем дел од органите одбиваат да ги спроведат своите надлежности и на тој начин ги ускратуваат луѓето од сооветната правна, управна или каква било заштита“, вели Најчевска.

Мирјана Најчевска, доктор по правни науки и професор на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при УКИМ
Фотографија: МИА

Сега Бектеши доби задолжение да информира за сите управни и судски постапки за Иловица, од почетокот до денес, откако евидентното разидување во чекори со неговите колеги отиде дотаму што дел од министрите се придружија на протестот во Струмица за да го изразат нивниот личен став против отворањето на рудникот.

sluca ilovica moralna odgovornost za ministerska neodgovornost 3

Владини министри протестираа против одлука што самите ја донеле. Извор: СДК.мк

Како е можно да носат одлуки без доволно информации остана мистерија. Владата и досега коригирала или поништувала одлуки, но тоа го отвора и прашањето за одговорност на носителите на јавни функции.

Драган Гоцевски, универзитетски професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“

Освен за прашања каде што поведението на носителите на јавни функции може да се карактеризира како дел од казненото право или антикорупциското право, друга одговорност нема. Имаат политичка одговорност, Владата може сама да се коригира или можат пратениците, Собранието да ги повика и Владата и министрите да одговараат политички, во најмала рака да има пратенички прашања, евентуално дали може да се развие интерпелација. Сега зборуваме кои консеквенции може да има. Меѓутоа, директна одговорност за незаинтересираност за што одлучуваат, освен етичка, морална и по нивниот углед, директна одговорност нема, освен ако не се покаже дека они всушност со тоа свесно делувале за да стекнат некаква корист, придобивка за некого, во тој случај веќе не станува збор за политичко делување, туку за други правни институти од антикорупциското право или казненото право.“, вели професорот Гоцевски.

Деловникот е прецизен ако има кој да го чита

Деловникот за работа на Владата пропишува дека Генералниот секретар по упатство на премиерот ги организира и подготвува седниците, се грижи за процедуралните прашања и ги координира секторите. Генерален секретар на Владата од април минатата година е Методија Димовски.

Предлог за разгледување материјали поднесува премиерот, но и министрите, директорите на самостојните органи на државната управа и Генералниот секретар.

Материјалите за седницата треба да поминат на Колегиумот на државни секретари или Генералниот колегиум, оставен од Генералниот секретар, заменикот и државните секретари. Тоа е стручната служба, која внимава и на формата и на пропратните документи, но може да навлезе и во материјалната содржина ако материјалот треба да се усогласи.

Владата има три постојани комисии: за политички систем, за економски систем и тековна економска политика и комисија за човечки ресурси и одржлив развој. По потреба се формираат и други тела.

Бектеши: министрите беа информирани

Министерот за економија, Крешник Бектеши на брифиг со новинарите рече дека Владата била детално информирана за точката за спојување на концесиите за рудникот „Иловица – Штука“. Според него, тој заедно со колегите дваесет минути разговарале на темата, а документите двапати биле доставени до Владата. Тој ги отфрли обвинувањата од други министри дека не биле доволно информирани, но рече дека со нив има одлична соработка. Бектеши најави дека на следната седница ќе ги достави истите документи што ги доставил и на претходната. Според него, ресорот само ги почитувал одлуките на Управниот суд. „Уште сто пати да се повтори оваа ситуација, уште сто пати би одлучиле идентично“, дециден е Бектеши.

Тој ја образложи и зошто била итноста точката на самата седница да се стави на дневен ред. „Итноста на точката е заради други предмети кои ги имаме во моментов, а се наоѓаат пред меѓународна арбитража“, рече Бектеши. Тој рече дека со спојувањето на концесиите, „Еуромакс“ треба да почне нова постапка за дозвола за експлоатација. Инвеститорот има рок до 2027 година да ги достави сите потребни документи до надлежните институции, меѓу кои и Студијата за заштита на животната средина.

„Ако се работи за материјал што се разгледува по итна постапка и ако поради тоа работното тело немало можност да достави извештај најдоцна еден ден пред одржувањето на седницата на Владата, извештајот може да се достави до почетокот на седницата на Владата или работното тело може да го овласти претседателот на работното тело да поднесе усмен извештај на седница на Владата“, пишува во член 56 од деловникот.

Седниците ги свикува премиерот по сопствена иницијатива, по барање од најмалку една третина од членовите на Владата или по барање на министрите на еден од коалиционите партнери. На седниците може да се расправа и одлучува, има материјали по кои само се одлучува ако за нив претходно во работните тела е водена расправа и е заземен став, а има и материјали со кои Владата само се информира.

Oд Владата ги објаснуваат процедурите без да дадат одговори на суштинските прашања

Владата е „скржава“ на одговори за случувањата на седницата од 27 јуни на којашто беше донесена одлуката за спојувањето на концесиите за „Иловица“. Засега од „Илиндеска бр.2“ не се огласија за нашето барање за разговор со Генералниот секретар на Владата Методија Димковски да објасни што се случувало, ниту на барањето да го добиеме целосниот Записник од одржаната седница.

Откако ја објавивме сторијата оттаму преку допис објаснија какви се општите процедури и која е улогата на Генералниот секретар. Од Владата информираат дека записникот од спорната 163-та седница ќе биде објавен откако ќе биде усвоен.

Целиот допис од Владата ТУКА.

Сепак, Владата должи одговори како е можно дел од министрите да се чувствуваат дека се доведени да гласаат за нешто без доволно информации, да појасни дали се почитувани процедурите за дополнително уфрлената точка на дневниот ред и дали оние коишто треба да носат одлуки ги имале сите потребни материјали за седницата.

Во случајот „Иловица“, Владата пресече во корист на спојување на концесиите, одлука којашто силно одекна во топлите летни денови и се заканува да ги направи уште пожешки.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинар: Мартин Пушевски