fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
Глобална цел 7: Пристапна, стабилна, одржлива и современа енергија за сите – каде сме денес?

Глобална цел 7: Пристапна, стабилна, одржлива и современа енергија за сите – каде сме денес?

Осумгодишнината од стапувањето на сила на 17-те глобални цели на одржливиот развој од Обединетите нации, поттикнува анализа на досегашните резултати во земјите-потписнички, заради поуспешно продолжување на шестгодишниот стремеж на човештвото, коешто одржливо управува и располага со природни ресурси.

Земјите од Западниот Балкан ги креираат своите национални еколошки политики како членки на Обединетите нации и како земји-кандидатки, односно потенцијални кандидатки за членство во Европската Унија (ЕУ), па затоа состојбата во нив е од значење за остварување важни меѓународни цели.

Во овој текст, фокусот ќе биде кон глобалната цел 7: Универзално достапна, стабилна, одржлива и модерна енергија.

globalna cel 7 2Според 7. глобална цел, до 2030 година потребно е:

  • Да се обезбеди универзален пристап кон достапни, стабилни и модерни енергетски услуги

Процентот на население коешто има пристап до електрична енергија во земјите од регионот, покажува дека тие ја исполниле оваа подцел од одржливиот развој. Во Босна и Херцеговина, Србија, Северна Македонија „преостануваат значителни предизвици“, додека состојбата е на извесен начин подобра во Албанија и во Црна Гора, во кои „преостануваат предизвици“, кога е во прашање пристап до универзално достапна и чиста енергија.

Околу 3 милијарди луѓе во светот се потпираат на дрвја, јаглен, ќумур или животински отпад за готвење и за греење. Процентот на населението коешто првенствено користи чисти горива и технологии за готвење, ги издвојува земјите од западниот Балкан од останатите европски земји коишто ја исполниле оваа цел од одржливиот развој. Имено, 45,2 насто од населението во Босна и Херцеговина има пристап до чисти горива и технологии за готвење, така што Босна и Херцеговина припаѓа во групата земји во коишто „преостануваат главните предизвици“. Во Црна Гора „преостануваат значителни предизвици“, додека во Северна Македонија, Србија и во Албанија „преостануваат предизвици“. Застарени шпорети и печки, како и зачестеното согорување на неисушени дрва, придонесуваат огревното дрво да биде главен придонесувач за емисиите на ПМ2.5.

  • Значајно да биде зголемен уделот на обновлива енергија во глобалниот енергетски микс

Обновливата енергија опфаќа хидроенергија, цврсти и течни биогорива, биогас, модерна биомаса, ветер, соларна енергија, геотермална енергија, морски прилив, бранови, океани и обновлив комунален отпад. Не опфаќа традиционална биомаса, како што се дрвјата, дрвен јаглен, добиточен измет и земјоделски остатоци.

Земјите од западниот Балкан се обврзаа на постапно укинување на јагленот, во склад со политиките на ЕУ, Договорот за енергетска заедница, Парискиот климатски договор, како и со Зелената Агенда за западниот Балкан. Албанија, Црна Гора и Северна Македонија се приклучија и во сојузот Powering Past Coal Alliance, фокусиран кон осовременување постојни капацитети, а низ вградување системи за чистење заради намалување на јаглероден-диоксид и сумпор-диоксид во животната средина.

Со акциските планови за обновлива енергија, што претежно се насочени кон проширување на хидроенергијата, западниот Балкан доживеа „бум“ на мини хидроелектрани: Бројот на такви постројки се зголеми за повеќе од четирикратно во текот на последната деценија. Значително наштетувајќи ѝ на животната средина, тие воедно апсорбираат финансиски поттици, коишто инаку би можеле да бидат насочени кон други видови на обновливи извори на енергија, коишто – како последица од ова – остануваат неискористени. Затоа, се проценува дека само земјоделската биомаса може да покрие 25отасто од побарувачката за топлинска енергија во регионот. Хидроенергијата сочинува 36 насто од вкупното снабдување со обновливи извори на енергија и 93 насто од обновливи извори на енергија при производството на електрична енергија, додека ветрот и соларната енергија заедно сочинуваат само 3 отсто од вкупното снабдување со енергија и шест отсто од производството на електрична енергија од обновливи извори во регионот.

Од вкупната финална потрошувачка на енергија, во Северна Македонија 20 насто од енергијата произлегува од обновливи извори, во Србија 26 насто, во Босна и Херцеговина 38 насто, а во Црна гора се 40 насто. Најдобра состојба во регионот е во Албанија, каде што 45 отсто од вкупната произведена енергија произлегува од обновливи извори, со што Албанија, заедно со Босна и Херцеговина и со Црна Гора, ја има исполнето оваа цел.

Албанија и Црна Гора се, со 0,89 отсто, односно со 0,82 отсто емисии од согорување гориво според вкупно произведената електрична енергија, исполнија уште една подцел од одржливиот развој. Србија е единствена земја од регионот во којашто „преостануваат главни предизвици“, додека во Северна Македонија и во Босна и Херцеговина „преостануваат значителни предизвици“.

globalna cel 7 1

  • Да биде удвоена глобалната стапка на подобрување на енергетската ефикасност

Меѓународната агенција за енергија (IEA) ја дефинира енергетската ефикасност како начин за управување и намалување на растот на потрошувачката на енергија во светот.

Се проценува дека потенцијалот за заштеда на енергија во земјите од Западниот Балкан изнесува до 10 отсто во секторот на сообраќајот, до 35 отсто за домаќинствата, до 40 отсто во јавниот сектор и до 25 отсто во индустријата и во трговијата.

Претежно засновани врз фосилни горива, системите за далечинско греење претставуваат предизвик за зелена транзиција и за енергетска ефикасност на регионот. Постојните системи во голем обем се потпираат врз природен гас (67 отсто), јаглен и/или лигнит (21 отсто) и нафтени деривати (9 отсто), додека обновливите извори на енергија претставуваат само околу 3 отсто од вкупното производство на далечинско греење во регионот. Овие системи имаат големи технички загуби, а наплатата не поттикнува ефикасност кај корисниците, со оглед дека пресметката често е втемелена врз паушални износи според метар квадратен загреан простор, а не врз реална потрошувачка.

Посовремените стандарди за енергетска ефикасност за системите за греење и ладење во економиите од западниот Балкан, би можеле да спречат идни неефикасни практики, заедно со вклучувањето на комунални претпријатија во програми за енергетска ефикасност и премостување на недостатоците во техничката експертиза, со ангажирање квалификувани енергетски извори и менаџери.

Фотографија од електрична мрежа

  • Да се подобри меѓународната соработка, за да се олесни пристапот кон истражување и технологија за чиста енергија, вклучувајќи обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност и напредна и почиста технологија за фосилни горива, како и промовирање на вложувања во енергетската инфраструктура и во технологијата за чиста енергија.

Во рамките на Берлинскиот процес, владите од Западниот Балкан се обврзаа дека ќе развијат регионален пазар за електрична енергија. Конкурентниот регионален пазар би ја зголемил ефикасноста во прекуграничната трговија со електрична енергија и би ја поттикнало конкуренцијата на пазарите за електрична енергија. Би дошло и до унапредено користење на капацитетите за производство и складирање електрична енергија и до балансирање со вишоците и дефицитите во производството. На долги патеки, регионалната интеграција би резултирала со пониски цени на електрична енергија и би ја подобрила стабилноста при снабдување со електрична енергија.

Земјите од регионот се обврзаа и на постепено укинување на субвенциите за јаглен, ускладување со ЕУ ЕТС и со цените на јаглениците, како и соработка со ЕУ заради постигнување климатски неутрален континент. Меѓутоа, досега само Црна Гора почна да ги признава трошоците за емисии на јаглерод-диоксид.

Статистиките на ЕУ за приходите и животните услови, покажуваат дека 10 до 40 отсто од домаќинствата во Западниот Балкан не биле во состојба да ги одржуваат своите домови адекватно затоплени во 2019. година. Укинувањето на субвенциите за фосилни горива и воведување  цена за јагленици, дополнително негативно ќе влијае врз загрозените домаќинства. Според податоците од Европската комисија, околу 138 илјади работни места се поврзани со јаглен во шест земји од западниот Балкан. Иако постепеното исфрлање на јагленот, во согласност со политиката на ЕУ ќе донесе до загуби од 0,4 отсто од сите работни места во Црна Гора, 0,5 отсто во Северна Македонија, 0,6 во Србија, 1,3 во Босна и Херцеговина, промените се неизбежни.

Причината е што секоја година околу 4 илјади луѓе прерано умираат поради изложеност на загаден воздух во Албанија, 5.900 во Босна и Херцеговина, 900 во Црна Гора, 3.400 во Северна Македонија и 11.400 во Србија.

Автор: Јелена Јеремиќ

 

Јелена Јеремиќ е дипломиран правник, моментално на мастер студии по еколошко право каде го истражува националното и меѓународното еколошко законодавство. Таа е еколошки активист што учествува во многу активности поврзани со решавање на еколошките проблеми на Балканот. Добитник е на награда од Министерството за европски интеграции на Република Србија, за својот пишан труд околу глобалните еколошки цели.