fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
cetiri drzavi eden recept za unistuvanje na rekite featured

Четири држави, еден рецепт за уништување на реките

Четири држави, еден рецепт за уништување на реките

  • Огромни штети, малку струја и богати поединци – инвеститори е резултатот од стотиците мали хидроелектрани изградени во Македонија, Србија, БиХ и Црна Гора.
  • Од почетокот на веков властите во овие четири држави имплементираа иста енергетска политика која поттикнува изградба на мали хидроелектрани, што предизвика сериозни штети на природата во регионот.
  • Во сите земји малите хидроелектрани произведуваат незначително количество струја кое е недоволно за целосна транзиција кон зелена енергија.

Огромни субвенции за малку струја во Македонија

Титова Југославија не е единствената заедничка нишка што ги врзува Македонија, Србија Босна и Херцеговина и Црна Гора. Од почетокот на веков властите во овие четири држави имплементираа иста енергетска политика која поттикнува изградба на мали хидроелектрани, што доведе до уништување на реките и биодиверзитетот и предизвика сериозни штети на природата во регионот. Од друга страна, во сите земји малите хидроелектрани произведуваат незначително количество струја кое е недоволно за целосна транзиција кон зелена енергија. Истовремено, граѓаните преку сметките плаќаат субвенции за работењето на малите хидроелектрани од кои единствена корист имаат инвеститорите. Во изминатиов период во дел од овие земји политичарите од власта под притисок на екологистите е јавноста се освестуваат и забрануваат изградба на вакви енергетски капацитети, но опасноста сè уште демне.

Според годишниот извештај на Регулаторната комисија за енергетика заклучно со 2022 година, во Македонија работат 123 мали хидроелектрани кои учествуваат само со четири проценти во вкупното производство на електрична енергија. Од Министерството за економија објаснуваат дека малите хидроелектрани користат повластена тарифа, односно регулирана цена за откуп на електрична енергија.

„На повластените производители кои користат повластена тарифа им е загарантирана тарифата за секој киловат час произведена електрична енергија по која операторот на пазар на електрична енергија е должен да ја откупи целата електрична енергија, произведена од повластените производители, во период од 15 до 20 години, во зависност од видот на електроцентралата“, велат од Министерството за Дома.

cetiri drzavi eden recept za unistuvanje na rekite 1

Непоправливи се штетите врз природата од изградбата на мали хидроелектрани

Екологистите во Македонија подолг период укажуваат дека изградбата на мали хидроелектрани предизвикува огромни штети врз природата и дека законската регулатива е несоодветна. Ѓорѓи Митревски, проектен координатор во „ЕКО-СВЕСТ“ вели дека ризиците од изградба на малите хидроелектрани се огромни.

„Малите хидроелектрани се т.н. хидроцентрали од деривационен тип. Тоа подразбира дека на еден горен тек на реката или на речниот водотек се зафаќа водата, се става во цевка и паралелно со речното корито неколку километри (3-5 километри) подолу во турбината се искористува за производство на електрична енергија. Целото тоа речно корито од зафатот до самата турбина е празно, испразнето од вода. Ризик е мал збор. Ние практично имаме оневозможување на животот во реката и на речниот екосистем“, вели Митрески.

Тој додава дека многу често се  случува да има две или три мали хидроелектрани на истиот водотек.

„Тоа значи дека практично целото речно корито е суво. Станува збор за планински водотеци со должина од 6, 8, 10 и 12 километри. Релативно кратки водотеци. Со последователна изградба на неколку хидроелектрани, во пракса имаме суво речно корито. Од 98 оперативни мали хидроелектрани, речиси една третина се во националните паркови и заштитени подрачја. Така што, ако зборуваме за ризик – ризикот е огромен. Тие воопшто не треба ниту да бидат таму“, вели Митрески.

Според него, уште еден голем проблем е начинот на субвенционирање на производството на струја од малите хидроелектрани. Митрески вели дека најголемиот дел од нив воопшто не би биле исплатливи без субвенциите. Проблематично е тоа што инвеститорите не се изложени на пазарен ризик, бидејќи државата е обврзана со години да ја откупува струјата по загарантирана цена. Економската анализа којашто неодамна ја направи„ЕКО-СВЕСТ“ покажува дека 98 оперативни мали хидроелектрани придонесуваат со помалку од три проценти во бруто-домашното производство на електрична енергија, што е многу малку во однос на нивниот број, на штетата што ја прават и на буџетот којшто се користи за нивно субвенционирање.

„Годишно, граѓаните преку своите сметки за електрична енергија плаќаат околу 16 милиони евра на инвеститорите од обновливи извори“, вели Митрески.

Се толерираат пробиените рокови

Македонската Владата многу често ги продолжува роковите за изградба на малите хидроелектрани откако претходно биле пробиени. Прашавме во Министерството за животна средина и просторно планирање, зошто на овие компании не им се одземаат концесиите поради неисполнување на концесискиот договор. Оттаму велат дека нема ниту еден концесионер кој по своја вина не го испочитувал рокот.

„Роковите се продолжуваат само поради застој на институциите“, одговорија од Министерството.

По притисок на екологистите, Владата неодамна најави дека нема да дозволи изградба на планираните мали хидроелектрани на реките во Шар Планина откако овој предел беше прогласен за национален парк. На прашањето до каде е постапката за раскинување на договорите за изградба на планираните мали хидроелектрани во Шар Планина, од Министерството информираат дека Владата ги раскинала договорите за МХЕЦ „Пена“ и МХЕЦ „Шеличе“ и дека за други не се води постапка.

За оваа пролематика побаравме мислење од Константин Цветанов, дипломиран машински инженер кој повеќе од 25 години активно учествува во менаџирање на енергетски проекти. На прашањето, дали има ризик од одредени негативни влијанија врз речните екосистеми од изградбата на малите хидроелектрани, тој дава потврден одговор.

„Влијание секако дека има. Но, ние имаме регулатива која тоа влијание треба да го неутрализира по завршување на градбата на секоја ваква хидроцентрала. Нормално дека при нејзината градба доаѓа до нарушување на одредени сегменти од животната средина, на пример: ископи за зафат, за машинската зграда, за цевководот додека тој се поставува или пак за напонските кабли. Но, нашата регулатива има предвидено како тоа треба да биде вратено во првобитната состојба. Јас проблемот го гледам во спроведувањето или придржувањето до тие правила и регулативи. И тука сметам дека треба малку повеќе да се обрне внимание, на поголема контрола дали сѐ е испочитувано и дали е вратено во првобитната состојба, како што би требало да биде“, вели Цветанов.

Освестување во Црна Гора и во БиХ

Во Црна Гора досега е завршена изградбата на 33 мали хидроелектрани, кои се наоѓаат на територијата на осум општини, претежно на северот на Црна Гора. Мали хидроелктрани има на дваесетина водотеци. Учеството на произведената струја од мали хидроелектрани во вкупното производство на електрична енергија во 2023 година изнесува 5,6 проценти, односно 226 гигават часови од вкупното планирано производство, што е 4.042 гигавати. Десетици протести се одржаа на северот на земјата поради, како што велат, „еколошкиот криминал“ одобрен од државата Црна Гора, која наместо јавноста ги штитеше интересите на привилегираните концесионери.

Празни ветувања од инвеститорите

На територијата на општина Коњухе кај селото Андријевица под Комово, каде живеат околу 1.000 жители, во претходната деценија се изградени дури четири мали хидроелектрани. Три на реката Перуќица и еден на потокот Брдавац. Според мештаните, се било направено под превезот на тајноста и во интерес на привилегирани поединци. Инвеститорите им ветија „брда и долини“ на 50-тина жители од овој регион, од кој со години се заминува. Десетиците работни места, асфалтирани патишта, приклучоци за вода и струја, сепак, останаа само празни ветувања.

По изградбата на хидроелектраните, мештаните останаа со реки без рибен фонд и исечени шуми, поради што во неколку наврати протестираа порачувајќи им на концесионерите дека реките не треба да бидат приватна сопственост и дека мора да остават нешто за идните генерации.

„Парите не можат да го вратат уништеното, само луѓето можат да го направат тоа. Ја повикуваме државата да ги иницира сите правни механизми за да го вратиме природното богатство во рацете на сите нас и конечно некој да одговара за бескрупулозното пустошење на природата“, е пораката на месната заедница на Коњухе.

Да нема државни субвенции, никој не би инвестирал во проекти од помал обем, покажува анализата на невладината организација „Еко-тим“ од Подгорица изработена во соработка со експерти од оваа област. Од неколку десетици милиони евра субвенции дадени на привилегирани поединци од државниот буџет како поттик за малите бизниси, граѓаните не добија ништо,велат од „Еко-тим“.

„Не произведуваат доволна количина електрична енергија, односно не придонесуваат за декарбонизација на електроенергетскиот сектор, а социјалните последици се такви што жителите од околните села често остануваат без вода и ги напуштаат своите огништа“, велат од граѓанскиот сектор.

Во тек е изработката на новиот Закон за обновливи извори на енергија, па експертите ја повикуваат Владата да ги отстрани сите стимулации за изградба на нови мали хидроелектрани од новата регулатива.

Промена во политиките

Црногорската Влада на почетокот на 2021 година реши да ја запре постапката за одобрување за изградба на мали хидроелектрани, а нивните сопственици започнаа низа судски процеси против државата. Повеќето од инвеститорите кои сега се на суд имаат деловни врски со лидерите на поранешната влада на ДПС.

Од новата Влада избрана во октомври минатата година, уверуваат дека нема да дозволат изградба на мали хидроелектрани. Имајќи ги предвид проблемите што ја следеа изградбата на малите хидроелектрани и нивното релативно мало учество во вкупното производство на електрична енергија, стратегијата на новата влада ќе биде насочена кон развој на нови проекти од обновливи извори на енергија со поголем производствен потенцијал (ветерни електрани и соларни централи).

Забрана за мали хидроелектрани и на дел од територијата на БиХ

Во Босна и Херцеговина работат 122 мали хидроцентрали. Од нив, според информациите што ни ги соопшти Сојузното Министерство за енергетика, индустрија и рударство, 80 на територијата на Федерацијата Босна и Херцеговина имаат лиценца или дозвола за производство на електрична енергија.

Во јули 2022 година, Домот на народите на Парламентот на Федерацијата на Босна и Херцеговина ја потврди одлуката на Претставничкиот дом, со која стапи на сила забраната за изградба на мали хидроелектрани со инсталирана моќност до 10 мегавати на територијата на ФБиХ, додека на територијата на Република Српска се‘ уште нема таква забрана.

Кабинетот на федералниот министер Ведран Лакиќ одговори дека Парламентот на ФБиХ со донесување на Законот за електрична енергија на ФБиХ забрани издавање енергетски дозволи за нови постројки за ХЕ со инсталирана моќност помала од 10 мегавати, додека постојните постројки работат во согласност со сегашното законодавство.

„Федерацијата БиХ, согласно Законот за користење на обновливи извори на енергија, преку Операторот за ОИЕ го поттикна работењето на објектите на малите ХЕ. Висината на субвенциите за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија е разликата меѓу гарантираната набавна цена и референтната цена во тој момент. Субвенциите за малите хидроелектрани беа многу пати помалку по киловат час за хидроенергија во споредба со другите примарни извори. Во моментов, само една мала хидроелектрана останува во стимулативниот систем на Операторот за ОИЕ и ЕК (моќност 485 kW), а имајќи го предвид трендот на цените на електричната енергија на пазарот и можноста малите хидроелектрани да ја продаваат произведената електрична енергија по значително повисоки цени“, ни рекоа во Министерството за енергија, индустрија и рударство ФБиХ.

Незначително производство на струја

Активистот за заштита на животната средина Роберт Ороз посочува дека количината на електрична енергија произведена од 122 мали хидроелектрани е само околу 2,5 отсто од вкупното производство на електрична енергија во Босна и Херцеговина, што, како што нагласува, е занемарливо со оглед на штетата што ја предизвикуваат.

„Значи нивното производство варира, приближно од 2,3 до 2,8 отсто, во зависност од количината на врнежи што ги имаме во една година. Минатата година беше доста поволна за производителите на струја од вода. Ќе видиме во иднина, имајќи предвид дека на територијата на Босна и Херцеговина во последните неколку години имавме голема експанзија на соларни и ветерни електрани, па веројатно уште повеќе ќе се намали процентот на електрична енергија произведена од малите хидроцентрали“, рече Ороз.

Од друга страна, како што соопштија од „Аархус центарот“ во БиХ, во август 2022 година стапил на сила Правилникот за еколошки прифатлив проток. Еколошки прифатлив проток (ЕПП) го претставува минималниот проток кој обезбедува зачувување на природната рамнотежа и екосистемите поврзани со водата. Затоа, ЕПП е определен со цел да се одржи или обнови структурата и функцијата на водните и екосистемите поврзани со водата, придонесувајќи за спречување на деградација на водите и постигнување на целите за заштита на животната средина преку одржливо користење на водата.

„Во согласност со неодамнешната ревизија на Правилникот за еколошки прифатлив проток за мини-хидроелектрични централи (МХП) во Федерацијата Босна и Херцеговина, сакаме да предупредиме на сериозно прекршување на пропишаните процедури од страна на 70 мали хидроелектрани кои целосно го игнорираа рокот за спроведување на процедурите од Правилникот на ЕПП“,  велат од „Аархус центарот“.

Оттаму додаваат дека овој правилник, подобрен со коментарите на адвокатите од „Аархус центарот“ во Босна и Херцеговина и признат од Агенцијата за води и Федералното Министерство за земјоделство, водостопанство и шумарство, игра клучна улога во зачувувањето на биодиверзитетот и екосистемите на реките погодени од мини-хидроелектрични постројки.

„За жал, иако на инвеститорите им беше даден рок од една година да ги спроведат бараните измени, сите рокови поминаа, а 70 мали хидроелектрани сè уште не ги исполнуваат пропишаните стандарди. Бараме одговорност од инвеститорите, повикувајќи на затворање на малите хидроелектрани кои не ги исполнуваат еколошките барања до самиот крај. Бараме итно постапување од надлежните институции за санкционирање на неодговорните сопственици“, велат од „Аархус центарот“.

Сопственикот на ХЕ, напоменуваат, мора да обезбеди континуиран мониторинг на протокот на вода, за да може без сомнение да докаже дека правилата биле исполнети во секое време.

Жестока борба во Србија

Според податоците што ни ги достави Министерството за рударство и енергетика, учеството на малите хидроелектрани во бруто производството на електрична енергија во Република Србија во 2023 година изнесува приближно еден процент. Тој процент доаѓа од, според Електродистрибуција Србија, 163 мали хидроелектрани кои се во функција, а се изградени на повеќе од 90 реки и имаат вкупен капацитет од 131,53 мегавати.

Министерството за рударство и енергетика прецизира дека во Република Србија не се доделуваат концесии, туку дека инвестициите за енергетски проекти на малите хидроелектрани се следат преку статус на привремено привилегиран производител на енергија. Во моментов во Србија, според податоците на Министерството, статус на привремено повластен производител имаат 12 мини хидроелектрани со вкупна моќност од 11,4 мегавати.

Очигледни проблеми во работењето на МХЕ на реката Јошаница

Од Министерството велат и дека сегашниот план за стимулативниот систем за користење на обновливи извори на енергија за периодот 2023-2025 година е фокусиран на технологии за производство на електрична енергија од ветерни електрани и соларни електрани. Новиот тригодишен План за стимулативниот систем за користење на обновливите извори на енергија ќе се дефинира по 2025 година, додаваат оттаму.

„Во моментов нема стимулации за малите хидроелектрани. Тригодишниот план на стимулативниот систем за користење на обновливи извори на енергија не предвидува аукции за технологии за производство на електрична енергија од мали хидроелекрани“, прецизираат од Министерството.

Уништување на природата платено преку сметките

Затоа, во 2025 година ќе се знае дали и понатаму ќе се инвестира во мали хидроелектрани или иднината ќе бидат ветерот и сонцето. Можниот правец на развојот на енергетската транзиција во Србија повеќе може да се насети од постапките на инвеститорите. Имено, Центарот за истражувачко новинарство на Србија (ЦИНС) неодамна објави текст за тоа како кумот на Александар Вучиќ, Никола Петровиќ се повлече од бизнисот со мали хидроелектрани откако за помалку од десет години во тој бизнис заработи 23,4 милиони евра.

И покрај малото производство, сопствениците на малите хидроелектрани заработуваат  милионски суми благодарение на тоа што секое домаќинство на сметката за струја има надоместок за поттик за повластени производители на електрична енергија, кој се наплаќа во износ од 0,801 динар по потрошена единица kW/kWh, што за просечните потрошувачи изнесува неколку стотици динари месечно.

cetiri drzavi eden recept za unistuvanje na rekite 4

Граѓаните преку сметките плаќаат за повластените тарифи

Дека оваа компензација е можеби најважната, ако не и единствената, причина за постоењето на мали хидроелектрани во Србија, укажуваат и податоците за загубите што ги бележи Електростопанството на Србија (ЕПС) секоја година.

Во 2022 година, Фискалниот совет на Република Србија во својот документ „Структурни проблеми на српската енергија во светлината на глобалната криза: причини, трошоци и можни решенија“, наведувајќи ги проблемите на ЕПС во производството, истакна дека голем предизвик е исто така застарената дистрибутивна мрежа на која се губи премногу струја – околу 12 отсто.

„Иако загубите на дистрибутивната мрежа донекаде се намалија во последните десет години, во Србија тие сè уште се повеќе од двапати од просекот на земјите од Централна и Источна Европа, а ситуацијата во моментов е полоша само во Црна Гора и С. Македонија“, предупреди Фискалниот совет.

Определени 856 потенцијални локации

Споменатите 163 мали хидроелектрани се далеку од потенцијалните 856 локации кои со години се споменуваат во јавноста. Жаклина Живковиќ од организацијата „Право на вода“ појаснува дека станува збор за локациите до кои дошле со хидролошките мерења направени во 70-тите години на минатиот век, врз основа на кои во 1980-тите е креиран катастарот на малите хидроелектрани. Инвестициите во мали хидроелектрани беа интересни за инвеститорите пред се поради воведувањето на систем на стимулации за изградба на нови извори на енергија во периодот 2012-2013 година, додава таа.

cetiri drzavi eden recept za unistuvanje na rekite 5

Жаклина Живковиќ од „Право на вода“ вели дека борбата продолжува

„Со многу малку инвестиции добија загарантирана цена на струјата 12 години по повластени цени. ЕПС имаше обврска да ја набави целата произведена струја, а тоа потоа ја отвори вратата за некои коруптивни шеми“, оценува Живковиќ.

Поради тоа што се работи за постројки кои произведуваат помалку од два мегавати електрична енергија, немаше ниту проценки на влијанието врз животната средина, па инвеститорите многу лесно добиваа дозволи и влегуваа во овие бизниси.

Живковиќ истакнува дека на почетокот сè одело „под радар“ и дека дури меѓу 2016 и 2018 година, кога веќе биле изградени околу 100 мини хидроелектрани, луѓето со свои очи можеле да видат како изгледа кога „многу мал процент на електрична енергија целосно ја уништува животната средина“, што било сигнал за почеток на еколошката борба против малите хидроелектрани.

Најгласни беа на Стара планина каде беше планирана изградба на 58 мини хидроелектрани. Локалните жители беа многу посветени на борбата за нивните водотеци, па локалниот проблем набрзо се прошири и на национално ниво. Истовремено со самоорганизирањето на жителите на Стара планина, активистите во Белград го основаа „Право на вода“ со цел појасно да ја артикулираат борбата за чиста вода за пиење.

„Се боревме против приватизацијата, против искористувањето на водните ресурси, им се придруживме на луѓето на Стара планина и оттаму почна се. Побаравме мораториум за изградба на МХЕ на Стара планина и да се прогласи за национален парк, бидејќи во тоа време веќе беше парк на природата, значи беше заштитено подрачје, но прописите беа такви што мини-хидроелектрични постројки можеа да се градат каде било“, посочува Живковиќ.

Таа гледа голем успех во тоа што борбата за животна средина ги собра луѓето од руралните средини, професорите и академската јавност и активистите и граѓанскиот сектор.

„Можеби еколошкото движење на Балканот е радикално, има доволно граѓанска непослушност, искршивме цевки во Ракита. Во ситуација кога луѓето кои одлучуваат така да се однесуваат, не ни останува ништо друго освен радикална борба“, вели таа.

Науката и струката против малите хидроелектрани

Против изградбата на мали хидроелектрани во Србија беа и институциите како Српската академија на науките и уметностите (САНУ), која во 2019 година дури го организираше симпозиумот „Влијанието на малите хидроелектрани врз животната средина“. Покрај оценката дека „реките само се фрлаат во цевки“ и со тоа се прекинуваат километарските водотеци, два клучни заклучоци за штетноста на малите хидроелектрани беа дека тие предизвикуваат непроценлива штета на живиот свет и дека енергијата произведена на овој начин е незначителна. Со оценката дека е недозволиво мали хидроелектрани да се градат во заштитени подрачја се согласи и ресорниот министер Горан Триван.

Професорот на Шумарскиот факултет Ратко Ристиќ беше дел од тимот кој во 2018 година ја изработи студијата „Насоки за одржливо планирање на управувањето со сливните подрачја на мали хидроелектрични акумулации во заштитени природни ресурси“, која, меѓу другото, содржи и конкретна анализа на 46 мали хидроелектрани и нивното влијание врз животната средина . Таа анализа дополнително беше адаптирана за симпозиумот на САНУ.

Ристиќ ни довери труд во кој, меѓу другото, предупредува дека масовното градење на мали хидроелектрани не претставува национален интерес, односно активност во согласност со артикулираните потреби на мнозинството граѓани, бидејќи тие даваат малку енергија незначителна за пошироката заедница, предизвикуваат непропорционално големи еколошки штети и носат материјална корист само за инвеститорите, производителите и добавувачите на опрема.

cetiri drzavi eden recept za unistuvanje na rekite 6

Науката посочи многу причини против изградбата на мали хидроелектрани [кон извештајот]

Исто така, се предупредува дека планираната изградба на неколку стотици мали хидроелектрани од деривациски тип нема рационално објаснување, бидејќи Србија е најсиромашната земја на Балканот во однос на автохтоните површински води и дека се наоѓа во дел од Југоисточна Европа, кој е исклучително загрозен од тековните и прогнозирани климатски промени и е идентификуван како таков на глобално ниво.

„Досегашниот тек на процесот на планирање, проектирање, изградба и користење на малите хидорелектрани во Србија, во периодот од 2007 до 2019 година, ја покажа слабоста на одредени законски решенија, управни процедури и работата на инспекциските служби, на штета на животната средина, а често и против интересите на локалното население. На одредени локации е можна изградба на помал број хидроелектрани, но само врз основа на постигнат консензус помеѓу законските решенија, исполнувањето на строги стандарди за заштита на животната средина и обврзувачката согласност на локалното население“, наведуваат Ристиќ и неговите колеги во својата анализа.

Тие додаваат дека продолжувањето на изградбата на мали хидроелектрани до планираниот број (856) „ќе доведе до сериозни нарушувања на екосистемот, деградација на животната средина“ и ќе биде показател за неспособноста на системот, но и на пошироката општествена заедница, „да ја согледа самодеструктивноста на оваа форма на однесување во јавниот живот“.

„Целосното реализирање на концептот мали хидроелектрани би значело дека повеќе од 2.200 километри водотеци во ридските и планинските области ќе бидат блокирани, вредните живеалишта во коритата ќе бидат фрагментирани, деградирани или уништени, што би имало неповратни, тешки последици за опстанокот и бројот на веќе загрозени и ретки популации животински и растителни видови“, се нагласува во анализата.

Исто така, Шумарскиот факултет оцени дека со намалување на загубите на електродистрибутивната мрежа за само два отсто ќе се заштеди „количината на енергија која целосно ја елиминира потребата од малите хидроелектрани“.

Професорот Ристиќ и неговите колеги потсетуваат на искуства од целиот свет, наведувајќи дека во Франција, Кина, Канада, Индија, Германија, Романија, Австрија и други земји во претходните децении биле уништени малите хидроелектрани или биле укинати дозволите за нивна изградба.

„Во САД, од 1973 до 2017 година, отстранети се 1.100 мали брани и ослободени 242.000 километри водотеци, главно со цел да се обнови оштетениот биодиверзитет и да се афирмираат екосистемските услуги“, се наведува во анализата.

(Не)успешна еколошка борба

Живковиќ оценува дека не се занемарливи успесите на еколошките активисти во борбата против малите хидроелектрани – успеале да влијаат на промената на Законот за заштита на природата и Законот за користење на обновливи извори на енергија, поради што денес не може да се градат мали хидроелектрани во заштитени подрачја во Србија. Исто така, во неколку локални самоуправи се донесени мораториуми за изградба на МХО, каде се бришат од плановите, а потоа нема причина локалните самоуправи да издаваат дозволи за нивна изградба.

„Сè уште имаме проблеми на некои локации кои се на границите на заштитените подрачја или се наоѓаат на значајни места за водоснабдување на месните заедници“, вели нашата соговорничка.

Опозициската група „Локален фронт“ пред шест години поднесе иницијатива во Собранието на Краљево за воведување мораториум на изградбата на мали хидроелектрани. Предраг Воштиниќ од „Локален фронт“  прецизира дека за просторот меѓу Краљево и Нови Пазар се издадени над 50 дозволи и дека мораториумот бил обид за спас на реките.

Како што понатаму наведува, им било кажано дека е спротивно на законот да се гласа мораториум за нешто што е во надлежност на Републиката, поради што тогаш решиле дека парламентот на Краљево треба да донесе одлука за заштита на областите со посебна природна убавина, како што е реката Лопатница.

„Во собраниската расправа дојдовме до заклучок дека сите се за заштита на реката, дека таа е од најголемо значење за иднината на градот. Кога постигнавме консензус во дискусијата, направивме и документ заедно со владејачкото мнозинство во тоа време, се вративме во Собранието, го изнесовме на гласање и на крајот речиси сите освен ние деветмина гласаа воздржано и не успеавме на тој начин да ги спасиме реките“, вели Воштиниќ.

Во меѓувреме се дозна дека советничкото мнозинство стапило во контакт со кабинетот на претседателот на Републиката, и дека се откажале од идејата затоа што не е во согласност со „економските планови што владејачката партија ги прави со своите финансиери“.

„Тоа значи дека локални самоуправи во вистинска смисла на зборот не постојат, туку дека тие се послушници поставени во градовите и дека треба да ги слушаат своите газди во Белград и во Косовска Митровица“, посочи Воштиниќ.

Враќање на отпишани проекти

Горан Николиќ од еколошката иницијатива „Спас за Студеница“, кој неодамна ја алармираше јавноста за обновен обид за спроведување на проектот „Студеница С4-Градина“ на Ушче, кој претходно беше напуштен во 2021 година, посочува дека примерот во Краљево покажува дека поединецот е посилен од државата. Инаку, за спорниот проект и покрај сите овластувања зборуваше и претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ. Николиќ посочува дека на реката Студеница е предвидена изградба на МХЕ на шест локации, од кои три се во биосферниот резерват Голија-Студеница. Проектот „Студеница С4-Градина“ е ажуриран, а еколозите ги повикаа граѓаните да поднесат приговори за планот, бидејќи немаше јавна расправа.

„Екологистите во Србија успеаја да го разбудат народот и испратија приговори до министерството од сите страни и се надеваме дека овојпат ќе успеат. Побаравме и јавна расправа, за да се соочиме со мислењата на експертите да видиме дали е добро или не“, вели Николиќ.

Тој предупредува дека официјалните акти како Просторниот план на манастирот Студеница и Законот за заштита на природата се на страната на активистите, бидејќи Владата на Србија прва препозна дека споменатото подрачје е од исклучителна важност, го заштити и не предвидува никаква експлоатација на хидропотенцијал. Но, кога сакале да му го претстават на градоначалникот, тој не сакал ниту да ги прими на интервју.

cetiri drzavi eden recept za unistuvanje na rekite 7

Рекреативни активности наместо мали хидроелектрани на Студеница

Неговиот предлог е Студеница да стане столбот на туризмот, бидејќи во последните години, меѓу другото, на овие простори доаѓаат и кајакари, а покрај манастирот Студеница има голем број културно-историски знаменитости кои можат да бидат потенцијал извор на приходи од туризам.

Потребна е праведна енергетска транзиција во регионот

Министрите за енергетика и рударство на Србија, Црна Гора и на Република Српска, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, Саша Мујовиќ и Петар Ѓокиќ на 7 март годинава во Белград разговараа за регионалното поврзување, соработката за енергетски проекти и прашања поврзани со процесот на енергетска транзиција.

Министерката Ѓедовиќ Хандановиќ по средбата посочи дека целиот регион е во процес на енергетска транзиција и дека секој има одредени цели кога станува збор за зголемување на уделот на обновливите извори на енергија и намалување на емисиите на штетни гасови, како и обезбедување безбедност во снабдувањето.

Жаклина Живковиќ наведува дека активистите, свесни за предизвиците во регионот, се обединети преку границите во мрежата „Да ги одбраниме реките на Балканот“, која имала огромно влијание врз освестувањето на граѓаните за проблемот со малите хидроелектрани и стопирањето на некои штетни проекти.

„Во Босна и Херцеговина, на ниво на Федерација, се забранува изградба на МХЕ. Сега само се обидуваат да го решат проблемот со претходно издадените дозволи и концесии“, додава таа.

Со евентуално префрлање на фокусот на државата и инвеститорите кон ветерните и соларните електрани, работата на еколошките здруженија нема да се менува, туку само ќе се прилагодува на дадените околности, додава нашата соговорничка. Таа предупредува дека ветерните електрани и соларните електрани се развиваат речиси на ист начин како малите хидроелектрани – без точни податоци за биолошката разновидност, без проценки за нивното влијание врз животната средина, без консултации со локалните заедници.

„Сега проблемот ќе дојде до Војводина бидејќи се планираат соларни панели на обработливо земјиште, па може да се случи површината на обработливото земјиште да се намали. А фармите со ветерници се планираат на места каде што има многу ветер, но без да се води сметка за локалната заедница или, на пример, миграциските патишта на птиците. Веќе можеме да видиме на исток, во Хомоље, сега почнуваат протести против изградбата на ветерниот парк Никола Петровиќ“, додава таа.

Најважната промена, додава Живковиќ, би била воведувањето на проценка за прифатливост на проектот.

„Пред да се планира каков било проект, треба да се направи студија за прифатливост која ќе ги разгледа сите аспекти и ќе утврди дали нешто воопшто треба да се гради или не“, вели таа.

Сепак, додава таа, еколошкото движење научи многу од борбата против малите хидроелектрани, а овојпат ќе има значителна помош од граѓаните, бидејќи во меѓувреме свеста е доволно созреана за да може да ги препознае сите потенцијални опасности. Со други зборови, нема одмор додека енергетската транзиција не стане праведна.

Ова содржна ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинари: Соња Трајковска, Далибор Ступар (Autonomija.info), Динко Дундиќ (focus.ba), Александра Мудреша Крачковиќ (Vijesti.me)
Сниматели: Зоран Догов, Далибор Ступар
Монтажа: Фани Гошевска Живковиќ, Далибор Ступар

Поврзани стории

Со изградбата на мали хидроцентрали ќе ги исечат вените на Кожуф

Кој сè го нагрдува ликот на Кожуф?

Багерите што ја јадат Шара се повторно гладни

Водата како извор за енергија кај нас е (зло)употребена

Еколошкиот холокауст е безбедносна закана за која не сме подготвени

 Влијание на мали хидроцентрали

Потсетување на проблемот на малите хидроцентрали на Балканот: Битката кај Ракита

Малите хидроцентрали се убиство за реките

Мали хидроцентрали, големи тајни

Малите хидроцентрали и локалниот биодиверзитет

Неосновано кријат колку наши пари им се исплаќаат на малите хидроцентрали