fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
kako kon energetska tranzicija od fosilni goriva do cista energija vo jugoistocna evropa i makedonija intro

Како кон енергетска транзиција од фосилни горива до чиста енергија во Југоисточна Европа и Македонија

м-р Соња Ристеска

За да ги искористи придобивките од ниските трошоци за обновливи извори и инвестициите во енергетска ефикасност, ЈИЕ, а особено Западниот Балкан, е неопходно да ги надмине бариерите кои во моментов се присутни во регулаторната, политичката, финансиската и пазарната рамка и кои го кочат тој напредок.

Sonja RIsteska200x250Регионот на Југоисточна Европа, како и Македонија се пред раскрсница. Без разлика дали се веќе во Европската Унија, како Бугарија и Грција, или сакаат да се приклучат кон ЕУ, како земјите од Западниот Балкан, енергетските сектори на овие држави се втемелени во искористувањето на фосилните горива, пред сe‘ лигнитот. Од друга страна, трошоците за искористување на обновливите извори на енергија (ОИЕ) постојано опаѓаат, се зголемува нивното искористување на светско ниво и се подобруваат нивните карактеристики со забрзување на технолошкиот напредок. Ако на тоа се додаде целта на ЕУ за 32 отсто ОИЕ до 2030 година низ целата Унија, станува јасно дека моделот на „business as usual“ не е одржлив и трансформацијата на енергетскиот сектор во секоја од овие земји ќе мора да започне.

Постои единствена можност за постепено напуштање на фосилните горива (во Македонија во енергетиката тоа првенствено значи лигнитот со ниска калорична вредност) во енергетските транзиции во земјите од ЈИЕ. Прво, постои заложба на овие земји за спроведување на Парискиот договор за климатски промени. Сите се потписнички, а во Македонија тој е и ратификуван и е на ниво на закон. Второ, ЕУ врши притисок за инклузивен, економичен пристап кон климатските и енергетските политики каде што борбата против климатските промени оди паралелно со планирањето на идните енергетски системи.

Дебатата за тоа како да се продолжи опфаќа голем број теми: интересите на јавните енергетски компании, негативните ефекти врз здравјето од јагленот, се‘ построгите стандарди за квалитет на воздухот и емисиите од јаглероден диоксид, интегригањето на пазарите на електрична енергија низ ЕУ и заложбите на Унијата за се‘ поголемо зголемување на уделот на ОИЕ во енергетскиот микс, поинтензивни мерки за енергетска ефикасност (ЕЕ), како и зголемени интерконектори помеѓу земјите за подобар и зголемен проток на електрична енергија од една во друга земја.

Бидејќи напуштањето на фосилните горива се потпира на инвестиции во ОИЕ како ветерната и сончевата енергија, клучни за економична транзиција од систем базиран на фосилни горива кон систем базиран на чиста енергија се политиките кои промовираат регионално поврзани пазари на електрична енергија, координирање за поголема енергетска сигурност при снабудвањето, нови инсталации за производство од ОИЕ, постепено намалување на емисиите од согорување на фосилните горива, инвестиции во ЕЕ и политики за намалување на ризиците за инвестирање во ОИЕ.

Кои се приоритетните области без кои не е можен овој премин во Македонија и регионот?

Приоритетна област 1: Поголемо искористување на ОИЕ: отстранување на бариерите и спроведување на инструментите за намалување на капиталните трошоци

Kako kon energetska tranzicija od fosilni goriva do cista energija vo Jugoistocna Evropa i Makedonija 1Слика 1: Проценка на капиталните трошоци за проекти за ветерни паркови на копно во ЕУ во 2014 година (Diacore 2016)

ОИЕ инвестициите се многу капитално интензивни и поради тоа мора да се работи на намалување на трошоците за инвестирање – стартниот капитал во нив се смета за високоризичен иако трошоците за нивна изградба опаѓаат. Идентификацијата на бариерите за поголеми инвестиции во ОИЕ во националната законска и политичка рамка води кон подобра соработка помеѓу земјите и инвеститорите, која може да ги минимизира пречките за развој на овој сектор, како на пример, политиките на бавно издавање дозволи, мрежни правила, комплицирани фискални политики и оданочувања. Во исто време, отстранувањето на бариерите во регулацијата и законската рамка помага да се намалат трошоците за инвестирање, без оглед на финансиските услови кои владеат во земјата.

Приоритетна област 2: Зголемување на енергерската сигурност во снабудвањето преку регионална соработка

Потребата од прекугранична соработка во областа на енергетската сигурност има голема важност за стабилна, безбедна и достапна енергија. Ова е особено важно во кризни ситуации, како што се екстремните временски услови (ниски температури во зима), но системската интеграција на ОИЕ и другите форми на прекугранична соработка носат дополнителни бенефиции. Регионалната соработка и интеграцијата на електроенергетските системи се едноставни и ефикасни начини за зајакнување на енергетската безбедност. Кога станува збор за стабилен енергетски систем, регионалните пристапи чинат помалку од чисто националните пристапи.

Приоритетна област 3: Флексибилни енергетски системи

Флексибилноста е клучна за справување со предизвиците со се` поголемото интегрирање на ОИЕ во постоечките електроенергетски системи. Се однесува на работењето на електропреносниот систем (од страна на операторите на преносната мрежа) и на функционирањето на пазарот на електрична енергија (преку берзите на струја и други начини на тргување). Прекуграничните поврзувања на системите и пазарите мора да бидат проследени со подлабоки реформи и отворање на пазарите на електрична енергија со цел да се постигнат придобивките од прогресивната интеграција на ОИЕ. Оттука, регионалниот развој треба да ги одразува реформите што се дискутираат во пакетот мерки на ЕУ за чиста енергија за сите Европејци (CE4All).

Приоритетна област 4: Постепено напуштање на јагленот

Многу земји во регионот, особено во Западниот Балкан, планираат да ги заменат своите стари електрани со нови производни капацитети на јаглен (Слика 2). Кина, на пример, е еден од главните можни финансиери на овие капацитети. Сепак, овие нови инвестиции ќе резултираат во заробени средства т.е. капацитети кои нема да можат да се користат поради големите емисии на CO2, со што декарбонизацијата ќе стане само поскапа и политички неизвесна.

Kako kon energetska tranzicija od fosilni goriva do cista energija vo Jugoistocna Evropa i Makedonija 2Слика 2: Планирани (во изградба и во процес на добивање дозвола) нови електрани на јаглен во ЈИЕ (CEE Bankwatch, Медиуми 2018)

Оттука, на Македонија и региониот им е потребно стратешко планирање на енергетските системи што мора да го опфати и интегрирањето на ОИЕ во нив како и постепеното намалување на користењето на јагленот. Понатаму, овие земји треба да спроведат широки национални дискусии за напуштање на јагленот (како што во моментов е случајот со Комисијата во Германија т.н. Специјална комисија за раст, структурални економски промени и вработувања).

Приоритетна област 5: Фокус на енергетската ефикасност

Станбените и јавните згради сочинуваат повеќе од 40 отсто од потрошувачката на енергија во најголемиот дел од регионот на ЈИЕ и тука има огомен простор за подобрување. Сепак, широко распространетиот проблем со енергетската сиромаштија во регионот е најголемата причина за неефикасното искористување на енергијата во станбениот сектор. Според проценките, до 60 отсто од домаќинствата можат да се квалификуваат како енергетски сиромашни и ситуацијата не е ништо подобра во Македонија. Неефикасното користење на енергијата резултира со висок енергетски интензитет (Слика 3) кој што е многу поголем од ЕУ просекот.

Kako kon energetska tranzicija od fosilni goriva do cista energija vo Jugoistocna Evropa i Makedonija 3Слика 3: Енергетски интензитет на економијата, 2005 и 2015, (kg of oil equivalent per 1000 EUR of GDP) (SQ Consult 2018)

На долг рок ваквата состојба е неодржлива. Владите мора да обезбедат дополнителни мерки и инструменти, вклучувајќи и иновативни финансиски средства од приватниот сектор, за да се забрза спроведувањето на мерките за ЕЕ. Исто така, потребна е и едукација на потрошувачите за да се искористат ефектите од финансиските инструменти и воведените стандарди. Поради високата стапка на енергетска сиромаштија, властите од регионот треба да ги идентификуваат ранливите потрошувачи и да спроведуаат континуирани мерки за борба против енергетската сиромаштија, со што истовремено ќе се поттикне и енергетската ефикасност.

Приоритетна област 6: Поддршка на потрошувачите (или како до активни потрошувачи)

Транзицијата кон чиста енергија води кон децентрализиран енергетски систем (Слика 4). Едуцирањето и поттикнувањето на потрошувачите во ЈИЕ исто така може да им помогне на енергетските компании да креираат иновативни пристапи и да им помогнат на енергетските системи подобро да се справат со лошото управување и корупцијата.

Kako kon energetska tranzicija od fosilni goriva do cista energija vo Jugoistocna Evropa i Makedonija 4Слика 4: Енергетските системи во ЕУ стануваат се помалку централизирани, конвенционални наспроти децентрализирани системи од висок напон до низок напон (Agora Energiewende, 2018).

Повеќето луѓе во регионот живеат во сопствени домови, а многумина се незадоволни од цените на енергетските и комуналните услуги што ги добиваат од монополите. Оттука, финансиски механизам за промовирање на независни потрошувачи би бил повеќе од добредојден (за ова е веќе пишувано тука: Поголемо искористување на сонцето – како од пасивни потрошувачи до активни произведувачи на електрична енергија).

Како понатаму?

За да ги искористи придобивките од ниските трошоци за обновливи извори и инвестициите во енергетска ефикасност, ЈИЕ, а особено Западниот Балкан, е неопходно да ги надмине бариерите кои во моментов се присутни во регулаторната, политичката, финансиската и пазарната рамка и кои го кочат тој напредок. Со околу половина од инсталираниот капацитет на термоелектрани на јаглен и лигнит во ЈИЕ, на кој што му е веќе потребна модернизација или замена во следната деценија (тука спаѓаат и РЕК Битола и нефункционалниот ТЕЦ Осломеј), сега имаме совршена можност да ги обликуваме енергетските системи да одговорат на модерните потреби на нашето општество за годините што доаѓаат.

Соња Ристеска е проектен референт задолжена за Југоисточна Европа во тинк тенк организацијата Агора (Agora Energiewende) во Берлин, Германија. Таа активно работи на полето на енергетската транзиција во регионот на ЈИЕ.

Овој напис се базира на документот A Clean-Energy Transition in South-eastern Europe: Challenges, Options and Policy Priorities, Agora Energiewende,https://www.agora-energiewende.de/en/publications/a-clean-energy-transition-in-southeast-europe/, објавен во ноември 2018 година. Целолупниот текст е достапен само на англиски јазик.

Сподели