fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
Со изградбата на мали хидроцентрали ќе ги исечат вените на Кожуф

Со изградбата на мали хидроцентрали ќе ги исечат вените на Кожуф

  • На една од реките кои извираат од оваа планина, Конска Река, веќе е изградена брана и хидроцентрала, а изминатото лето се појавија багери подготвени да копаат во коритото на најчистата македонска река – Дошница. 
  • Во земјава досега се изградени и работат речиси 100 мали хидроцентрали, од кои дел се и во заштитени подрачја.  
  • Експертите и активистите го оспоруваат и начинот на кој Министерството за животна средина ги издавало концесиите. 
  • Од сите обновливи извори на електрична енергија кои ги субвенционира државата, само инвеститорите на малите хидроцентрали добиваат субвенции со тнр. „фиксни тарифи“. 
  • Вљубениците во Кожуф и еко-активистите се сомневаат дека во случајот со двете хидроцентрали планирани на реката Дошница, во оптек е игра за наплата на отштета од државата и најавуваат дека планината ќе ја бранат со жив ѕид. 

Природното богатство на Кожуф е одамна познато за биолозите и еколозите, но и за луѓето кои живеат во подножјето на оваа планина. Таа е богата со вода и ендемски растителни видови, а голем дел од неа и натаму е буквално недопрен, па на Кожуф извираат и течат некои од нашите најчисти и најубави планински реки.

Пред 15-тина години беше направен обид да се донесат поголем број посетители на Кожуф и дел од него да се претвори во зимски скијачки центар. Од тоа не излезе ништо, а изградбата на центарот беше последниот голем градежен зафат на падините на планината. Денес, ја посетуваат и во неа уживаат најмногу жителите на Гевгелија, Демир Капија и Кавадарци, а на Кожуф живеачката ја вадат само бројните берачи на боровинки и жителите на селата на неговите падини.

Фотографија од пчеларот Кристијан Алчинов

Алчинов: На Кожуф има спој на континенталната и медитеранската клима, што го прави единствен во Европа

„Јас и мојот брат сме петта генерација пчелари во мојата фамилија, нашата пчеларска фарма датира од 1878 година. Тука имаме спој на двете клими – континенталната и медитеранската клима, што нѐ прави единствени во Европа коишто пчелариме над 1.300 метри надморска висина. Ние овде ја имаме во најчиста форма, по течението на реката Дошница, во спилестиот дел и во старите буки, ја имаме Apis melifera macedonica, нашата домородна, автохтона медоносна пчела“, вели Кристијан Алчинов, пчелар.

Мали хидроцентрали – Река во цевка

Природните убавини и чистотата на Кожуф, сепак, не ја заштитија планината од државното издавање концесии на приватни инвеститори за изградба на мали хидроцентрали. На една од реките кои извираат од оваа планина, Конска Река, веќе е изградена брана и хидроцентрала. Но, кога изминатото лето се појавија багери подготвени да копаат во коритото на најчистата македонска река – Дошница, тоа беше шок за вљубениците во Кожуф, жителите на околните градови и села и за еколошките активисти.

Фотографија од Душко Манчев, активист за заштита на природата

Манчев: Ако не излезевме на протестот, нарушувањето на природата ќе беше во многу поголеми размери

„Сѐ започна ова лето кога добивме дојава дека ќе се градат овие две мини-хидроцентрали. После тоа се донесоа веднаш горе машини, големи машини, чудовишта од машини. Тие без никаква дозвола си ја започнале нивната активност и ако не излезеше гевгелискиот, демиркапискиот народ и сите тие што бевме присутни на протестот, сигурно дека тие ќе продолжеа со нивната работа и дека нарушувањето на природата ќе беше во многу поголеми размери“, вели Душко Манчев, активист за заштита на природата.

„Сакаат да ги исечат вените на Кожуф Планина. Знаеме дека само 1,2 проценти во светот е питка вода. Дошница е река една единствена во Македонија од каде што можеме да пиеме вода. И беше многу јасно, шокантно – за нечии лични интереси да се стави реката во цевка“, вели Марина Томова, активистка за заштита на природата.

фотографија од мала хидроцентрала на Кожуф

Кај нас досега се изградени и работат речиси 100 мали хидроцентрали, од кои дел се и во заштитени подрачја

Во земјава досега се изградени и работат речиси 100 мали хидроцентрали, од кои дел се и во заштитени подрачја. Еко-активистите, но и експертите, одамна предупредуваат дека на овој начин се уништуваат природните богатства, додека граѓаните не добиваат речиси ништо. Единствени што ќаруваат се инвеститорите, на кои државата им дала не само право, туку и субвенции, за со децении да ја собираат водата од планинските реки и да ја продаваат струјата што ќе ја произведат.

„Сите заедно, вкупно придонесуваат со помалку од 4 проценти од брутодомашното производство. За разлика од тоа, повеќе од 70 реки и водотеци во високите планински предели се уништени, имаме уништување на биодиверзитетот, речните екосистеми и многу важно – водоснабдување на локалните заедници, исто така“, објаснува Ѓорѓи Митрески, проектен координатор за води во организацијата „Еко-свест“.

И двете планирани мали хидроцентрали на реката Дошница, за кои државата му издала концесии на конзорциум од три компании од Кавадарци и Росоман, треба да произведуваат незначително количество струја.

„Вкупно двете хидроцентрали не прават ни еден мегават. Еден мегават струја е доволно, некаде по сите статистики коишто ги има, за 750 домови. Која би била придобивката со тоа, а колку би изгубиле со сето тоа?“, вели Душко Манчев, активист за заштита на природата.

Фотографија од Марина Томова, активистка за заштита на природата

„Дури и струјата да ни ја даваат без пари, ние не смееме да дозволиме да се издаваат такви концесии. Да ни ги сопираат реките или да се даваат нашите природни богатства под концесија на кој било“, додава Марина Томова.

 

 

Нема никакво испитување од еколошки аспект

Експертите и активистите го оспоруваат и начинот на кој Министерството за животна средина ги издавало концесиите. Според Ѓорѓи Митрески од „Еко-свест“, проблематично е тоа што на инвеститорите не им се бара Опсежна студија за влијанието врз животната средина, туку само елаборат, со кој инвеститорот нема обврска да ја вклучи јавноста во процесот. Елаборатот е механизам кој во вакви случаи е непознат во европското законодавство, вели тој.

Ѓорѓи Митрески“

Митрески: Повеќе од 70 реки и водотеци во високите планински предели се уништени

„Студијата за оцена на влијанието врз животната средина подразбира не само 12-месечен биомониторинг, туку и вклучување на јавноста, поготово на експертската јавност и на локалната заедница. За разлика од тоа, елаборатот е механизам кој предвидува една директна комуникација меѓу инвеститорот и министерството и при ова немаме никакво вклучување на никој од засегнатите страни. Практично, елаборатот значи дека еднаш штом инвеститорот, во директна комуникација со Министерството, ги добие сите потребни дозволи, локалните заедници и ние како граѓани стануваме свесни за почетокот на изградба на една мала хидроцентрала тогаш кога багерите ќе дојдат на терен“, вели Митрески од „Еко-свест“.

„На прво место, тука немаат направено никакво испитување од еколошки аспект, немаат ништо направено. Тоа елаборатот нивни е два-три реда. Во проектот, во нивниот проект, викаат: ‘Нема биодиверзитет којшто треба да се заштити на Кожуф Планина’ или на реката Дошница“, појаснува Манчев.

Фотографија од река на Кожуф

Нема никакво испитување од еколошки аспект и податоците се стари

Уште една недоследност во издавањето концесии за малите хидроцентрали е тоа што документите се издавани според многу стари податоци за тоа колкав е протокот на вода во македонските планински реки. Овие податоци се од 60-тите и 70-тите години на минатиот век и тие денес во голема мерка се неточни, вели Митрески.

„И врз база на вакви проценки е проценето дека на тие водотеци може и треба да се изградат мали хидроцентрали. Сега, протокот е значително, значително намален и изградбата на мали хидроцентрали, како што сме сведоци во многу региони, значи буквално суви речни корита и смрт за речните екосистеми“, вели Митрески.

„Ние видовме што се случува на Конска Река, со таа брана, кај што треба да истекуваат најмалку 30 литри од самата река, а истекуваат само шест литри. Прво, самите студии не се направени како што треба и елаборатот, мислам, нема потреба ние да разговараме понатаму во врска со дали ќе се изградат или ако се изградат, туку нема да се изградат“, истакнува Томова.

Од сите обновливи извори на електрична енергија кои ги субвенционира државата, само инвеститорите на малите хидроцентрали добиваат субвенции со тнр. „фиксни тарифи“. Ова значи дека инвеститорот добива фиксен договор со траење од 23 години, со кој му е загарантиран откупот на целата струја во текот на целата година, по однапред договорена цена, без оглед на потребите за струја, времето од годината и пазарната промена на цената. Ова, според експертите, го влошува проблемот, бидејќи ги стимулира инвеститорите да градат хидроцентрали на планинските реки.

„Сега се поставува прашањето: зошто во нашата земја единствено малите хидроцентрали имаат ексклузива да бидат субвенционирани само со фиксни тарифи? Со други зборови, вака поставената законска рамка го фаворизира производството од мали хидроцентрали наспроти производството од други обновливи извори и ги стимулира инвеститорите кон градење на мали хидроцентрали“, констатира Митрески од „Еко свест“.

 

Мала бетонска брана на мала река, во која има цевка каде има испуст на вода

Пред неколку години Владата го запре издавањето нови концесии, но инвеститорите добија отштета

Пред неколку години, по препорака на Бернската конвенција, Владата го запре издавањето на нови концесии за мали хидроцентрали, а на инвеститорите кои добиле концесии и почнале со градба, им исплати отштета од над милион евра, пари од граѓаните.

„Доаѓаме до мислење дека е направена некоја ‘оптичка измама’ само за да се зема отштета од државата – дека тука ќе се прават хидроцентрали, а државата после тоа ќе мора да исплаќа казнени мерки, казнени пенали. Мислам дека и државата треба да престане со овие концесии за мали хидроелектрани, затоа што навистина е економски неисплатливо“, смета Манчев.

„Значи, ние ќе бидеме таму и ќе стоиме таму, нема да им дозволиме да ја уништат природата, да ја стават реката во цевка. Толку“, децидна е Томова.

„Навистина не ми е јасно зошто се прават вакви погубни политики… ако ја наречеме стратегија, ова е ‘нестратегија’. Ние Кожуф ќе го браниме со жив ѕид. Тоа е тоа. Пораката е јасна и прецизна: Нема да скинете ниту една тревка од планината Кожуф, нема да чепнете ниту една капка од реката Дошница, зошто тоа е аманет од нашите претци“, вели пчеларот Алчинов.

Сега, вљубениците во Кожуф и еко-активистите се сомневаат дека во случајот со двете хидроцентрали планирани на реката Дошница, во оптек е и друга игра – односно дека инвеститорот воопшто и не планира да ги изгради, туку само да наплати отштета од државата. Тие, сепак, велат дека ако машините повторно дојдат на Кожуф, планината ќе ја бранат со жив ѕид.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Жарко Настоски

Снимател: Наке Батев

Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска

 

Поврзани стории

Кој сè го нагрдува ликот на Кожуф?

Багерите што ја јадат Шара се повторно гладни

Водата како извор за енергија кај нас е (зло)употребена

Еколошкиот холокауст е безбедносна закана за која не сме подготвени

 Влијание на мали хидроцентрали

Потсетување на проблемот на малите хидроцентрали на Балканот: Битката кај Ракита

Малите хидроцентрали се убиство за реките

Мали хидроцентрали, големи тајни

Малите хидроцентрали и локалниот биодиверзитет

Неосновано кријат колку наши пари им се исплаќаат на малите хидроцентрали