fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
balkanot igra ruski rulet so komarcite featured

Балканот игра руски рулет со комарците

Балканот игра руски рулет со комарците

  • Иако на комарците секогаш гледаме од негативната страна, тие се дел од екосистемот, од синџирот на исхрана, особено во водниот свет.
  • За третирање има капацитет, но за истражување нема стручни лица.
  • Не може да се бориме со непријателот ако не го познаваме, а за тоа се потребни и експерти и финансии.
  • Без соодветна контрола на популацијата на комарци може потенцијално да се соочиме со сериозни здравствени ризици.
  • Минатата година, во Србија беше спроведена првата пилот студија со ослободување на стерилни машки тигрести комарци, чија цел е да се намали популацијата на овие инсекти.

Климата и комарците

Главоболка, покачена температура и болки во мускулите. Наш сограѓанин имал чувство дека настинка му го мачи телото. Речиси бил сигурен дека сезонскиот грип зел повеќе сила кога почувствувал гадење, но очекувал да го помине „на нога“.

Вообичаените денови за настинка поминале, а сограѓанинот сè уште се мачел со истите симптоми. Медицинските анализи покажале западно-нилска треска предизвикана од убод од комарец. Едвај извлекол жива глава од навидум „благите“ симптоми, но четворица други во последните две години немале таква среќа и од ист убод кој им ја пренел западно-нилската треска, починале.

Епидемиологот Драган Кочински од Институтот за јавно здравје вели дека наивното третирање на комарците го одржува бројот на заболени и починати од болести предизвикани од овие инсекти.

„Најголем процент од клиничките се манифестираат како благи форми, со симптоми слични на грип (температура, главоболки, мускулно-зглобни болки). Дополнително се појавуваат слабост, малаксаност, зголемени лимфни жлезди, гадење, повраќање и можен исип по телото,“ вели Кочински и посочува дека најчесто, некомплицираните инфекции поминуваат за 3-6 дена.

dragan kocinski

За третирање има капацитет, но за истражување нема стручни лица

„Кај оние со тешки, невроинвазивни форми на болеста во 1% (најчести кај постари лица) се јавуваат знаци на енцефалитис, менинго-енцефалитис или менингитис – вкочанет врат, дезориентација, тремор, конвулзии, тешка мускулна слабост, флакцидни парализи и кома. Потоа и пореметување на рамнотежата, оштетување на кранијални нерви, болки во очите, но и појава на миокардитис, панкреатитис, фулминантни форми на хепатити“, објаснува епидемиологот Кочински.

 

Период: 2011-2023

Болести Заболени Починати
Маларија: 36 4
Западно-нилска треска: 45 4
Денга:  1  /
Жолта треска, Зика и Чикунгуња: / /

Број на заболени и смртни случаи во Македонија од болести што ги пренесуваат комарците (Извор: Институт за јавно здравје)

 

Бројките не се поразлични ниту во соседна Србија. Во септември локалните медиуми пишуваа за последниот од вкупно 91 случаи кога шеесет и петгодишна жена од Војводина, речиси два месеца била во тешка состојба во болницата во Сомбор, откако по колабирање било утврдено дека е заразена со западно-нилска треска.

Според податоците на Институтот за јавно здравје на Србија „Д-р Милан Јовановиќ Батут“, објавени на почетокот на ноември, оваа година се регистрирани 91 случај, од кои 54 мажи и 37 жени, на возраст од 18 до 89 години. На почетокот на годинава беа пријавени два смртни случаи кои може да се поврзани со оваа болест. Двата случаи се регистрирани во Војводина.

balkanot igra ruski rulet so komarcite 1

Најмногу смртни случаи на заразени во Србија има во Војводина (Фотографија на стерилен азијски тигрест комарец, маркиран со флуросцентна боја Извор: Проф. Д-р Александра Игњатовиќ Ќупина)

Пред пет години во Војводина се регистрирани 192 случаи на заболени од западно-нилска треска, што е 21 пати повеќе од една година претходно. Воедно, стапката на смртност од оваа болест била највисока меѓу сите заразни болести во Војводина во 2018 година, кога починале дури 31 лице.

И во Албанија, комарците Aedes стануваат сè позастапени, а овие подвидови се познати како многу ефикасни преносители за болести. Оваа земја е особено „омилена“ поради големите водни површини во кои комарците гледаат како на рај.

Опасни и неопасни комарци

Николина Соколовска е единствениот медицински ентомолог во Македонија. Работи во Центарот за јавно здравје и ги истражува комарците.

balkanot igra ruski rulet so komarcite 2

Николина Соколовска е единствениот медицински ентомолог во Македонија

„Комарците се дел од екосистемот. Секогаш ги гледаме од онаа негативна страна, што нѐ вознемируваат, пренесуваат болести, меѓутоа има и позитивна страна. Тие се дел од синџирот на исхрана, особено за екосистемот во водниот свет“, вели Соколовска но, останува на ставот дека ова се смртоносни инсекти.

„Се смета дека тие се најсмртоносните, така и СЗО ги прогласува за најсмртоносните животни во светот. Има некаде околу 700 илјади смртни случаи, иако најголемиот процент е од тропскиот предел и од суптропскиот, сепак тоа е многу висока бројка. Бидејќи имаме глобално патување, миграција на населението и затоа постои опасност во заразување, во пренесување на болестите и така натаму”, вели Соколовска.

balkanot igra ruski rulet so komarcite 3

Видови комарци (Извор: ИЈЗ)

Тропските болести кои постојат низ светот ги немаме, но ги имаме комарците кои што се преносители, потенцира Соколовска и дополнува дека тоа воопшто не смее да се занемари.

„Затоа постои опасност од комарците, меѓутоа, не сите комарци можат да пренесат вирус. Тоа е една цела природа која што нели комарецот се нахранува со заразен човек или животно, па дали вирусот ќе опстане или ќе се реплицира, ќе се намножи во организмот на комарецот, па дали тој со хранењето кај човекот ќе го пренесе, дали кај човекот ќе опстои, значи тоа се закони на природата кои што ете овозможуваат каде ќе се размножат, каде ќе се развие болеста“, појаснува Соколовска.

Проф. д-р Душан Петриќ, пензиониран професор на Земјоделскиот факултет во Нови Сад, вели дека домашните видови комарци се таму со милиони години, но во последните десет години се најдени и нови видови на нашите простори.

dusan petrik

Душан Петриќ: Азискиот тигрест комарец е слаб летач, па луѓето помагаат да се шири

„Тие се нови благодарение на засилениот интерконтинентален транспорт и трговија, односно на луѓето и благодарение на климатските промени, особено на повисоките температури се населуваат во нови области каде што не живееле претходно“, вели Петриќ и додава: „Инвазивните комарци се шират низ светот првенствено преку трговијата со половни автомобилски гуми, во кои можат да ги снесат јајцата. Така, азискиот тигрест комарец дошол од Кина во Албанија во 1978 година, од Тексас во Италија во 1990 година. Од почетните места на навлегување се ширеле главно со транспортни средства – автомобили, автобуси, камиони, возови, јахти, бродови и други средства. Азискиот тигрест комарец е слаб летач, па луѓето помагаат да се шири. Друг вид, Aedes japonicus, исто така може активно да се шири“.

Врз основа на неговото повеќедецениско искуство, д-р Петриќ предупредува дека е сосема можно во иднина за оваа клима да се појават некои нови видови комарци и некои нови вируси/болести кои овие видови ги пренесуваат, но и дека климатските промени ќе придонесуваат за зголемување на популацијата на видовите кои се веќе населени овде.

Тоа нé тера да останеме будни и будно да ја следиме состојбата, континуирано да правиме надзор за да реагираме со време и да не дозволиме да дојде до жртви.

Но, епидемиологот Кочински вели дека во Македонија недостасува надзор.

balkanot igra ruski rulet so komarcite 4

Драган Кочински: Немаме рутински надзор над комарците

„Нема рутински надзор над комарци. ЦЈЗ Скопје преку нивната служба поставуваат мамци на ниво на Град Скопје во текот на годината, но тие резултати не се доволни за да се даде податок за цела држава. Aedes albopictus (тигрест комарец) и Culex комарците се веќе докажани“, објаснува Кочински.

Истото со жалење го констатира и Соколовска која вели дека не можеме да се бориме со непријателот ако не го познаваме, а за да го познаваме ни е потребно да имаме и експерти и финансии.

„Е тука не можеме да се пофалиме многу, затоа што немаме надзор! За прв пат, ете, по наша иницијатива е направена измена во Националната програма за заштита на населението од заразни заболувања минатата година, додадено е како активност, меѓутоа нешто повеќе финансиски средства не се одвоени. Пак ќе кажам, во рамките на програмата. Може да се намалат други активности за да се префрлат средствата за надзорот, меѓутоа покрај финансискиот дел, стручниот тим можам да кажам дека не е задоволителен и немаме доволно луѓе кои што би го работеле тоа на цела територија“, вели Соколовска.

Соколовска е одговорна само на територијата на Град Скопје. Вели дека на сопствена иницијатива и амбиција, кога има можност истражува и други градови низ Македонија.

Желбата за пари пред стравот

За да го заштити здравјето на своите граѓани, како и на туристите што доаѓаат, албанската влада иницираше програма уште во 2014 година, која го означи почетокот на борбата за „дезинсекција“. Ова беше прв пат по 25 години да се случи ваков процес во Албанија. Тогашниот министер за здравство, Илир Беќај, ги објави целните области за дезинсекција и оттогаш албанската влада вработува приватни компании за извршување на оваа задача преку користење на тендери.

Меѓутоа, во последниве години, овие тендери не успеаја да ја завршат задачата за дезинсекција на крајбрежните области на Албанија, каде туризмот бележи подем.

Институтот за јавно здравје (ISHP) и Државната агенција за централизирани набавки (ASHPP) во Албанија го заобиколија прашањето, префрлајќи ја вината еден на друг и во меѓувреме не продолжија со задачата за дезинсекција во последните пет години.

За 2023 година, тендерската трка беше во тек, но беше попречена од институционалната неотчетност и недостатокот на комуникација, при што околу 800 илјади евра наменети за тендерите беа ставени во мирување.

Разговорите за корупција и тековните апсења на високи владини функционери ги влошуваат работите, бидејќи злоупотребата на средства станува вистински проблем.

Додека ова се случува, временската рамка за да се случи ефективна дезинсекција се намалува. Женките комарци ги снесуваат јајцата во мали барички со вода во текот на месец мај, каде што ларвите остануваат поголемиот дел од нивниот живот, во износ од 10-14 дена4. Овие ларви најлесно се убиваат во ова време, но со доцнењата што ги гледаме оваа година, дезинсекцијата најверојатно нема да биде ефикасна.

balkanot igra ruski rulet so komarcite 5

Животен циклус на еден комарец

Без соодветна контрола на популацијата на комарци, секој што живее во или ја посетува Албанија може потенцијално да се соочи со сериозни здравствени ризици. Покрај ова, негативното влијание што ова може да го има врз туризмот ќе има сериозни економски реперкусии.

За разлика од Албанија, во Македонија тендерската постапка оди како подмачкана. Откако во ноември ќе заврши т.н. сезона на комарци, до следната на пролет, се следат препораките на стручните лица и се набавуваат потребните инсектициди. Проблемот настанува кога почитувањето на препораките е селективно и се зема само тоа што финансиски им одговара.

Медицинскиот ентомолог Николина Соколовска вели дека со години апелираат да не се планира авиодезинсекција, оти таа не е ефикасна во населени места и оти при авиодезинсекција освен комарците се уништуваат и сите инсекти кои во тој момент ќе летаат, оси, пчели, муви…

balkanot igra ruski rulet so komarcite 6

За да се справиме со комарците, мора да се намалат нивните живеалишта

„Кога би преземале и повеќе интегрални мерки, да се намали живеалиштето, водените површини што не ни се потребни да се исушат, ако не можеме да ги исушиме, да ги покриеме, да ги заштитиме и така натаму, тогаш, ако и по сите тие мерки имаме бројност на комарци, ќе одиме на дезинсекција, меѓутоа да одиме ларвицидна прво. Водите мора да се третираат! После тоа се оди од земја. Во населено место не е препорачливо и безуспешна е авиодезинсекцијата. Авиодезинсекција препорачуваме да биде или периферија или на недостапни терени или еве на пример оризови полиња каде што имаме поголема површина, но на населено место нема успех!“, објаснува Соколовска.

Истражувањата покажуваат дека ако се намалат живеалиштата на комарците, некаде 10% до 20% ќе се намали нивната бројност.

„Стратегијата е прво да ги намалиме нивните живеалишта. Тоа е стратегија која што целиот свет ја поддржува и се залагаат да се едуцира населението, населението да биде дел од системот на заштита, покрај нив и општините и министерствата кои што ги спроведуваат овие мерки“, додава таа.

Поради големиот број на заразени од западно-нилска треска, во Војводина се преземаат радикални мерки за сузбивање на популацијата на тигрестиот комарец (Aedes albopictus).

Експерти од Земјоделскиот факултет од Нови Сад летово најавија дека годинава планираат да ослободат дури 800.000 стерилни машки тигрести комарци на повеќе од 40 локации.

Минатата година, првата пилот студија беше спроведена во Србија со ослободување на 200.000 стерилни машки тигрести комарци, по 50.000 единки, во текот на четири недели. Целта на зголемување на популацијата на тој тип на комарци е всушност да се намали.

Постапка на одгледување на комарци кои потоа се стерилизираат и се пуштаат во природата (Извор: Земјоделски факултет Нови Сад)

Овој глобално прифатен метод за намалување на популацијата на комарци се користи против инвазивните видови комарци, како што е азискиот тигрест комарец, бидејќи женските тигрести комарци се парат само еднаш во животот: ако во таа прилика се парат со стерилен мажјак, таа нема да произведе потомство и ќе несе само јајца стерилни јајца.

Врз основа на сите наши разговори во оваа анализа, ставовите на експертите и податоците од релевантните институции, може да се заклучи дека несериозниот пристап во справувањето со комарците може на кус период да донесе многу пари за поединци, а на долг рок ќе стане закана за здравјето на луѓето. Од моменталната слика за Македонија, Албанија и Србија пораката е дека мора поодговорно да се сфати овој проблем и средствата што се вложуваат да бидат на вистинско место и за вистинската цел. Притоа, не мора да се измислуваат нови начини, туку може да се следат примери во светот кои веќе даваат резултати.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинари: Катерина Топалова Дејановска (Македонија), Денис Колунџија (Autonomija, Србија), Гјон Ракипи, Јерина Ракипи (Tirana Times, Албанија)
Снимател и фото: Слаѓан Милошевски
Монтажа: Давид Милошевски