fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
klimatskite promeni gi pustosat nivite koj ke go hrani balkanot featured

Климатските промени ги пустошат нивите – кој ќе го храни Балканот?

Климатските промени ги пустошат нивите – кој ќе го храни Балканот?

Деградацијата на почвите во Македонија, Албанија и во Србија ги намалува приносите на храна, ја загрозува егзистенцијата на илјадници земјоделци и ја урива економијата

  • Негативниот тренд на уништување на почвата започнат со урбанизацијата, загадувањето на почвата и машинското искористување на земјата за поголем принос, стана уште поизразен со климатските промени.
  • Освен сушата и другите климатски промени влијаат врз почвата – врнежите го зголемуваат ризикот од деградација поради ерозијата со вода, а сите заедно ја намалуваат биолошката продуктивност на земјиштето, односно влијаат да се намали или да изумре вегетацијата и органската материја.
  • „Дојде нож до коска, размислувам да продадам сè и да го напуштам земјоделството“, вели Митат Исмаиловски, кој од кога знае за себе одгледува пченица, пченка, сончоглед и јачмен во Пелагонија.
  • Поради скромните и ограничени ресурси и во почва и во финансии и поради последиците, од Земјоделскиот факултет во Скопје бараат итно да се донесе законот за почви и правилници за максимално дозволените концентрации на тешки метали според европските параметри.

Непродуктивно земјиште

Илјадници хектари плодна почва неповратно се губат, исчезнуваат, а апелите на експертите и на земјоделците кои ги напуштаат нивите поради загуби, се одбиваат како ехо од институциите. Деградацијата на почвите во Македонија, Албанија и во Србија ги намалува приносите на храна, ја загрозува егзистенцијата на илјадници земјоделци и ја урива економијата.

Негативниот тренд на уништување на почвата започнат со урбанизацијата, загадувањето на почвата и машинското искористување на земјата за поголем принос, стана уште поизразен со климатските промени.

Во Македонија, од  517.000 хектари обработливо земјиште, повеќе од 150.000 хектари, односно една третина се напуштени, поради миграцијата село-град.

Уште милиони кубни метри обработлива земја секоја година се уништува од ерозија,  а десетици илјади хектари се подложни на салинизација и други форми на деградација. Огромно пространство од 240.000 хектари веќе е непродуктивно земјиште – некогаш најплодните почви, се урбанизирани и засекогаш се збришани.

Професорката на Земјоделскиот факултет во Скопје, Татјана Миткова вели дека почвата е ограничен ресурс, а за да се создаде само еден сантиметар потребни се илјадници години.

„Секако дека мора да има инфраструктура, мора да има градби мора да има патишта, водни акумулации, меѓутоа загрижува во последно време она што го има и Европа како сериозен проблем, а тоа е еден од начините на деградација – се означува како запечатување или пренамена. Загрижува кога таа пренамена е на сметка на најплодните површини. Ние овде немаме почва за извоз, ниту па некој извезува или увезува. Тоа што го имаме треба да се грижиме, да го чуваме и да преземаме мерки да ја одржиме ситуацијата и да ја подобриме и да ја оставиме на идните генерации“, вели професорката Миткова.

Во Македонија има 16  жешки точки на деградација на почвите. Хавариите во рудниците, истекувањето на јаловиштата ги „наполни“ почвите со тешки метали, а рекултивирање на земјата поради високите цени не се врши.

Од почвата која остана за производство на храна во Македонија, осум проценти се во прва и втора класа – останатите се во ниска.

„Нашите истражувања и истражувањата на другите покажуваат дека некаде до 40 сантиметри почвата е загадена. Што е тука уште поалармантно, е што во непосредна близина се одгледуваат градинарски растенија, растенија  кои ние ги конзумираме во свежа состојба, дури не се ниту термички обработени, а тие се исто така неколкупати збогатени со тешки метали. Што значи, ако сакаме овој слој на почва да го деконтаминираме, тоа значи дека треба да се исфрлат некаде помеѓу 60 до 70 илјади камиони земја. Тоа е многу сложена работа, деконтаминацијата на почвата е комплицирана, скапа, треба многу познавање, финансии бара многу и можеби затоа не сме мрднати од мртва точка“, објаснува професорката Миткова.

И во Србија и во Албанија плодното земјиште се ретчи. Стравувањата во Србија се дека половина од територијата може да се претвори во пустина – поради големите суши, а во Албанија драстично да се намали родот и приносите на храна. Прогнозите и за македонското земјоделство не се оптимистични.

Војводина – житница или пустина на Европа

Голем дел од територијата на Србија е под ризик на опустинување, процес започнат како последица на машинската обработка на земјата за поголеми приноси и употребата на вештачки ѓубрива, а дополнително поттикнат од климатските промени. Опустинувањето се случува кога поради високите температури, се сушат органските материи во почвата во Србија и таа се претвора во пустина.

Професорката на Земјоделскиот факултет Ана Вуковиќ Вимиќ,вели дека овој процес ќе се интензивира со промената на климата.

„Територијата на Србија која просечно има хумидна клима, ќе влезе во категоријата на полусушна клима. Ова подразбира дека ќе се појави ризик од дертификација поради неповолните климатски услови. Само поради промена на климатските услови, под умерен ризик од дезертификација ќе бидат околу 52% од територијата, а под висок ризик околу 30 отсто“, објаснува метерологот Вуковиќ Вимиќ.

Но, освен сушата и другите климатски промени влијаат врз почвата – врнежите го зголемуваат ризикот од деградација поради ерозијата со вода, а сите заедно ја намалуваат биолошката продуктивност на земјиштето, односно влијаат да се намали или да изумре вегетацијата и органската материја.

Земјоделецот од Војводина Јосип Мачковиќ вели дека уште пред 20 години, експертите предвиделе дека ќе се случуваат вакви климатски промени, односно дека земјиштето ќе почне да се суши поради нерамномерените врнежи и недостатокот на хумус.

„Доколку се зачуваше хумусот во земјиштето, тој ќе ја задржеше влагата и ќе им помогнеше на растенијата да ги пребродат кризните периоди. За, жал, за тоа никој не водеше сметка, земјата се исцрпува, а не го враќаме ни тоа што ѝ го зедовме. Тоа мора да резултира со сушење или со лош род“, објаснува земјоделецот од Војводина.

Хумусот во некогашната житница на Европа е намален за половина – иако преку 75 проценти од земјата е покриена со црница, што содржи висок процент на хумус.

Научната советничка од областа на заштитата на животната средина, физика, хемија и биологија на земјиштето д-р Јордана Нинков вели дека денес половина од обработливата земја во Војводина има хумус на средно ниво, а другата половина е на ниско ниво.

„Проценката  е дека во последните 70 години на интензивно земјоделство , сме изгубиле  половина резерви на хумус во Војводина. Овој тренд на опаѓање на хумост продолжува што е загрижувачки“, вели д-р Нинков.

Климатскиот ролеркостер го преполови  родот

Справувањето со последиците од климатските промени и во Албанија станува итен и суштински проблем. Со околу 420.000 хектари земјоделско земјиште, овој сектор учествува со 20 отсто од бруто домашниот производ, а околу 40% од вкупното население живее во рурални средини, каде што главната дејност им е земјоделството. Но, „лудото„ време им ги оштети културите, а штетите се проценува дека достигнале 100 милиони американски долари.

klimatskite promeni gi pustosat nivite koj ke go hrani balkanot 1„Како резултат на овие промени, во последните десет години се случија големи поплави,од кои се оштетени илјадници хектари пченица и други култури. Врз основа на проценките направени од земјоделски експерти, за штетите предизвикани од поплавите во последните 10 години, излегува дека само во земјоделското производство, овие штети достигнале вредност од околу 100 милиони американски долари“, вели професорот Ндок Фаслија од Земјоделскиот универзитет во Тирана.

Од друга страна, забележано е дека во последните децении летната сезона станува сè посушна, а температурите се зголемуваат.

Последиците од овие климатски промени доведоа до зголемување на побарувачката на вода за наводнување, како и побарувачката за хемиски третмани за заштита на растенијата од болести и штетници“, нагласува професорот на Земјоделскиот универзитет.

Неизвесноста  ги принуди земјоделците да ги намалат засадените површини.

„Покрај тоа што во селото има малку млади што се занимаваат со земјоделство и климата си го прави своето. Тоа нè плаши нас кои останавме и се занимаваме со земјоделство. На пример, лани посеавме 60 хектари пченица, но на крајот имавме загуба. Во времето кога пченицата почна да цвета, падна град кој оштети над 80 отсто од засадената површина. Целиот труд и пари отидоа залудно“, вели Евелина Фезолари, земјоделка од Пендавињ, Албанија, нагласувајќи дека минатата година површините засадени со пченица се зголемија за првпат по многу години, откако владата одлучи да ги субвенционира земјоделците поради војната во Украина.

„Годинава родот ни касни зашто температурите беа нетипични, многу ниски, а очите ни се цело време вперени кон небото…Годинава помалку засадивме поради стравот од минатата година, засадивме 40 хектари пченица, но зависиме од времето, се надеваме дека времето ќе се загрее и во јули ќе почнеме со жетвата“, вели земјоделката од Албанија.

Советникот во Министерството за земјоделство Фатмир Гури не очекува да има значително намалување на земјоделските површини и најавува дека заедно со Светска банка ќе се спроведува проект за намалување на влијанието од климатските промени.

„Денеска наводнуваме порано во пролет, а подоцна наесен, во однос на пред дваесет години. Затоа, сметам дека главниот елемент на кој треба да се заснова напорот на албанската држава и Министерството за земјоделство е токму ефективното искористување на овие водни ресурси, во нивното ставање на располагање на земјоделците, но од друга страна, во намалување на единицата на воден ресурс што се користи за единица на засадено земјиште”, тврди тој, нагласувајќи дека за ова има конкретен план.

Неочекуваните врнежи  годинава, 350мл/м2 за само неколку месеци и во Македонија ги скапаа компирите, ги оставија лозјата незаштитени од болести и ги навалија класјата пченица.

klimatskite promeni gi pustosat nivite koj ke go hrani balkanot 2

Размислувам да продадам и трактори и се и целосно да го напуштам земјоделството

Митат Исмаиловски, одгледува 400 хектари пченица, пченка, сончоглед и јачмен во Пелагонија – од кога знае за себе. „Дојде нож до коска – размислувам да продадам и трактори и се и целосно да го напуштам земјоделството“, ни изјави Исмаиловски.

„Пченицата почна да се навалува, да скапува, а  јачменот е пред жетва –  дожд сега не им треба.  Храниме од црв до цар а никој не мисли на нас, заглавени сме во кредити, откупот е со ниска цена и за нас не останува ништо. Младите си одат, земјоделците ги напуштаат нивите, нека мисли државата кој ќе не храни“, вели Исмаиловски.

klimatskite promeni gi pustosat nivite koj ke go hrani balkanot 3

Гроздовите исчезнуваат од пепелницата

Врнежите ги погодија и виновите лози. Родот ни исчезна – го снема, велат лозарите од неготинските лозја кои се меѓу најпогодените од климатските промени. Болеста пламеница која последните години  го зафаќа и гроздот –  го претвора во кристали, го суши и тој се рони на земја како никогаш да немало грозд.  Секоја година трпиме штети од климатските промени, вели земјоделката Васка, загрижена дека нема да може да ги испрска лозјата и да го заштити родот од болести кои се појавуваат поради интензивните врнежи, зашто влагата ги разредува заштитните средства и тие се без ефект ако се аплицираат на водени листови.

Климата нагло се измени, ние немаме година во која немаме штети од климатските промени. Минатата година немаше место во неготинскиот крај каде што не фати град, исто така почнаа дождови да врнат пред бербата на грозјето и направи огромни штети тој дожд затоа што токму кога зрееше грозјето се јави една болест ботритис која што го скапа грозјето и сето тоа беше предизвикано од обилните дождови. Тие беа некаде во август и можам да кажам дека цел август врнеше сега еве мај и април , јуни повторно се соочуваме со тие дождови. Сетоа тоа придонесува за демотивација кај лозарите и за откажување од работа“, вели Мојсовска.

Дополнителен проблем годинава за земјоделците беа и цените. Аграрниот експерт Милан Простран вели дека измината година се урнаа сите ценовни теории и земјоделците банкротираа поради високите трошоци при засејувањето на пченицата, пченката и сончогледот.

Митови наспроти реалност

За да ги задоволи домашните потреби на Македонија и се потребни околу 300.000 тони пченица – но години наназад производството континуирано се намалува. Ако во 2000 година се произвеле 300.000 тони, во 2022 година- 224.632 тони. За само три години од 2019 до 2022 година има намалување за 4.000 хектари кај пченицата и за 400 хектари кај оризот.

 Експертите очекуваат со секој повисок степен на температура, приносот на пченица да се намалува за цели шест проценти, а за пченката има две сценарија – приносот да опаѓа до 10 % или од 10-25 %  до 2025 година. Но, ризик има и за други култури.

klimatskite promeni gi pustosat nivite koj ke go hrani balkanot 5Еден од најкритичните сектори под сериозна закана за драстично намалување на производството е секторот на зеленчук каде имаме значајно намалување на производството на скоро сите традиционални зеленчукови култури, но со посебен акцент на културите со висока додадена вредност. На пример, доматот е намален за 60% во просек во последните 3 години, вели Благоја Муканов, извршен директор на „АГфутура Технологии“ експерт во применета економија во земјоделството и меѓународен развој во земјоделството.

Тој додава дека доколку се продолжи со овој начин на работа кој директно негативно влијае на конкурентската предност на македонските земјоделски производи, природно е да се очекува зголемен увоз. Едно од најризичните сценарија е соседните земји кои се  најголеми конкуренти во стратешките земјоделски под сектори, да го зголемат своето присуство на македонскиот пазар.

Имуни од климатските промени не се ниту овошките. Според агрометеорологот Ангелко Ангелески, појавата на снежни врнежи во рана пролет (март и април) неповолно влијаат особено на пораните видови коскести овошки (слива, кајсија, праска), потоа кај јаткастите како бадеми или ореви, кои вообичаено се први со цветањето и температури од -1 или 0 степени може да ги измрзнат. Проблемот за ваквата ситуација тој го лоцира во погрешните политики и кон земјоделците односно во доделувањето на субвенции без тие да се  искористат за унапредување на производството или за купување на механизација – за зголемено производство и квалитет на произведената храна. Муканов и Ангелески се согласуваат дека е потребна сериозна структурна реформа на земјишна политика во насока на окрупнување на земјоделското производство, за да се постигне економија на обем и на подобра конкурентност.

И во Албанија, намален е приносот на пченката, зеленчукот, луцерката, грозјето и маслинките. Од Министерството за земјоделство на Албанија признаваат дека овој тренд на намалување на приносите очекуваат да продолжи и во иднина.

„Се предвидува дека и во Албанија ќе имаме намалување на приносот на кој ќе влијаат или многу топли лета или многу топли извори, во цветниот дел на некои од овошките кои се меѓу главните производи што ги извезуваме, на пример, маслинките, меѓу другите“, вели Гури од Министерството за земјоделство на Албанија.

Проблемот со недостиг на храна се актуелизираше  по војната во Украина, а кризата со маслото за јадење беше завршена со помош од Србија која ги крена рампата за извоз. Иако Војводина денес има доволно резерви на пченица, пченка и останати култури, продуктивноста и е намалена.

Уредничката на земјоделскиот портал „Агросмарт“ Слаѓана Глушчевиќ вели дека прашање на време е кога житницата во Војводина  ќе се претвори во пустина во Европа.

„Ние веќе со децении слушаме како Војводина е житница на Европа, како може да ја храни цела Европа, што е всушност само еден мит. Тоа постојано се повторува како мантра, а всушност не е така, имајќи ги превид обработливите површини кои се околу два милиони хектари, имајќи ја предвид продуктивноста – би требало да се очекува поголема продуктивност од тие површини. Кога ќе се споредиме со другите европски земји, гледаме дека всушност не е така како што ние мислиме дека е, посебно не во последните години, кога сточарството пропаѓа, а нивите стануваат сè повеќе посни. Значи, од тоа дека Војводина е житница и најдобра ораница се плашам дека -не знам точно за колку време- но многу скоро ќе стане пустината на Европа“, вели Глушчевиќ.

Од македонското Министерство за земјоделство велат дека по кризата со храна, се активирани повеќе мерки и донесен е Национален план  за заштита на домашното прозводство. Се нуди повеќе земја за обработка – во 2022 биле засадени дополнителни 13.000 хектари, а на земјоделците им се понудиле субвенции за да садат стратешки важни култури. Штетите предизвикани од војната во Украина, поради блокиран извоз и слично им се покриле преку Интервентен фонд. Сепак, грижата за почвата и за обезбедување на домашното производство не може да заврши само со овие мерки.

Како да се спречи катарофалното сценарио?

Апокалиптичните сознанија на Организацијата за храна и агрикултура на Обединетите Нации – ФАО се дека на секои пет секунди, дерогира по една почва во светот со големина на фудбалско игралиште и дека до 2050, дури 90 проценти од земјата ќе бидат под ризик од деградација. Покрај ова се предвидува и зголемување на температурите од 1 до 2 Целзиусови степени до 2050 година и намалување на количеството врнежи од 5%.

Поради скромните и ограничени ресурси и во почва и во финансии, но и поради последиците кои следуваат ако не се преземат мерки, од Земјоделскиот факултет во Скопје бараат итно да се донесе законот за почви за да се врши мониторинг на почвата и да се донесат правилници за максимално дозволените концентрации на тешки метали според европските параметри. Професорот Маркоски од Земјоделскиот факултет нагласува дека од квалитетот на почвата зависи и безбедноста на храната која ја конзумираме.

Во Македонија единствено на Катедрата за почви има специјализирана лабораторија каде се врши анализа на физичките и хемиските својства на почвите, каде земјодлеците можат да ја проверуваат плодноста но и да добиваат совети дали се потребни дополнителни хранливи материи, што е посебно важно за повеќегодишните насади каде инвестиците се огромни и секоја грешка чини многу.

„При подигнување на повеќегодишните насади ако имаме високо ниво на подземни води, таму од старт тој што сакал да подигне повеќегодишен насад, не би требало на таа површина да подигне повеќегодишен насад. Бидејќи таму лимитирачки фактор претставува нивото на подземна вода или пак во обратен слуај – во почви, каде што имаме голема концентрација на калциум карбонат, карбонатни почви, висока концентрација на почвениот раствор, 8,5-9 , а некој сака да одгледува земејоделска култура, која по дефиниција бара умерено кисела до кисела реакција, ние од старт кажуваме дека на тие почви не може да се огледува такво земјоделско производство со таа култура. Даваме насоки на кои површини кои земјоделски култури треба да имаат приоритет“, вели Маркоски.

klimatskite promeni gi pustosat nivite koj ke go hrani balkanot 6„Покрај мониторинг на почвата, приоритет треба да биде воспоставување на систем на наводнување, агрореонирање, поддршка со градобијни ракети и да се променат културите кои ќе се одгледуваат. Сега имаме цели насади на маслинки, киви, се внесуваат топлољубиви култири како гоџи-бери, актинидијата, боровинката и сл. се воведуваат сорти кои полесно издржуваат ниски температури и се поотпорни“, вели Ангелески.

Климатските промени се приказна која допрва почнува да се раскажува, а последиците од нив се закануваат да бидат катастрофални. Земјоделските пракитики за производтсво на храна во сите три држави не се подготвени  да одговорат на влијанието од климатското цунами. Ако „оружјето“ ни се сведе само на  планови и стратегиите за во иднина, тогаш во сегашноста ќе сведочиме на уште поинтензивно уништување на почвата и резервите на храна.

Ова содржна ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинари: Соња Петрушевска Поповска, Виола Кета, Есмералда Топи, Светлана Параментиќ
Снимател: Наке Батев
Монтажа: Фани Гошевска Живковиќ