fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
 

Пестицидите на регионално ниво се надвор од контрола

pesticidite na regionalno nivo se nadvor od kontrola featured

Пестицидите на регионално ниво се надвор од контрола

  • Тешко е да се замисли модерно земјоделие без нив, но, употребата на хемиски супстанци е секогаш ризик.
  • Пестицидите се соединенија кои се најдобро регулирани на пазарот, меѓутоа неправилната и честа примена може да доведат до небезбедна храна и понатаму да предизвикаат здравтсвени проблеми.
  • Законите за безбедна храна на хартија се идеални, но како и со останатите, проблемот е во нивната примена.
  • Многу често земјоделски производи произведени во балканските земји се враќаат од пазарите на ЕУ поради зголемено присуство на пестициди, но никој не знае каде завршуваат тие кога ќе се вратат дома.

Што се пестициди

„Земјата ги покрива грешките во медицината, но во земјоделието земјата ги открива грешките, ние се водиме по таа максима.“

Сѐ уште под силни емоции од последниот случај на трагедија при семејниот ручек зготвен со пестицидот метомил, вака ни започна разговорот со професорката Станислава Лазаревска од факултетот за земјоделски науки и храна. Работи на катедрата за ентомологија и специјалност и се инсектите. Наш интерес беа пестицидите и безбедноста на храната, а таму професорката вели, има многу што да се зборува.

Пестициди се соединенија кои што служат за сузбивање на биолошки штетни организми во земјоделството, во шумарството, во комуналната хигиена, во медицината и во ветерината. Тие се применуваат за штетници кои што човекот ги дефинирал како проблем. Пестицидите се употребуваат кога ќе оцениме дека еден организам, што сме го прогласиле за штетен е присутен на некоја култура.

Иако постојат и други начини за третирање на штетници, сепак, најбрз и најефикасен начин е со пестициди. Тешко е да се замисли модерно земјоделие без нив. Но, употребата на хемиски супстанци е секогаш ризик, вели Лазаревска.

„Употребата на пестициди е како одење по жица. Но, и доброто и лошото се дел од едно цело “, истакнува професорката.

„Дали можат да предизвикаат проблеми? Да. Бидејќи пестицидите се отрови. Основа на тоа е дека предизвикуваат смрт на живи организми. Тоа се хемиски соединенија кои предизвикуваат сузбивање на штетници, но под услов да се штетни. Тие никако не се применуваат доброволно. Можат да предизвикаат акутни труења, но можат да предизвикаат и пасивни труења, хронични, кај луѓето“, вели Лазаревска.

Пестицидите се соединенија кои се најдобро регулирани на пазарот, меѓутоа неправилната и честа примена може да доведат до небезбедна храна и понатаму да предизвикаат хронични промени кај луѓето, да делуваат на нервниот, на респираторниот, на ендокриниот систем… Тие се докажани како штетни хемикалии.

„Сите се подеднакво во опасност од пестицидите. Тие што ги произведуваат, тие што ги аплицираат се најмногу загрозени, но и целата популација што конзумира храна може да биде загрозена од пестициди “, додава професорката Лазаревска.

Законите за безбедна храна на хартија се идеални, но како и со останатите, проблемот со овие одлично напишани и хармонизирани закони е тешката имплементација.

Правилното спроведување на Законот за фитофармација и Законот за заштита на растенијата ќе значи голема промена во работата на луѓето кои што ги користат пестицидите.

„Сегашната пракса е дека секој може да оди и да си купи сѐ. Од таму произлегуваат големи опасности. Ние не знаеме кој прска, колку прска, зошто прска. Пестицидите се применуваат строго наменски“, вели Лазаревска и посочува – ако почесто се прска се зголемува горчината на пестицидот, во самиот производ, самата култура што ја заштитувате. Или може да се користат несоодветни активни материи коишто не се дозволени за одредена култура, а тоа се смета за небезбеден производ. Може да не се почитувате времето од последна апликација до бербата, кое експертите го викаат каренца.

„Новиот Закон предвидува секој што користи пестицид, оди во земјоделска аптека и си купува пестицид, дали инсектицид, фунгицид, што и да е, мора да има лиценца за фитофармација. Тоа значи дека има едукација од таа област, дека полагал, дека е запознат, дека го положил тестот за фитофармација и врз основа на тоа добил лиценца која што важи пет години. По пет години повторно мора да го обнови своето знаење и да продолжи понатаму да ги применува новите сознанија, бидејќи најголемите грешки настануваат од незнаење, а не од знаење“, објаснува Лазаревска.

Луѓето ги користат пестицидите за да решат некој друг проблем, а притоа не се свесни какви последици ќе остават за животната средина и на самите себеси. Законот предвидува секој што ги применува пестицидите, што е советник или дистрибутер во оваа област да биде со поголеми познавања. Тоа значи дека луѓе кои што немаат лиценца за фитофармација нема да може да купат пестициди.

 

pesticidite na regionalno nivo se nadvor od kontrola 1

Законот за фитофармација предвидува секој што ги применува пестицидите, што е советник или дистрибутер во оваа област да биде со поголеми познавања

Примената на пестицидот не мора да предизвика само проблем на примарно ниво, тој може да предизвика проблем при транспорт, во складишта, во маркети каде што се чуваат и пласираат.

Балканските стандарди не се исти со европските

Неодамна, хрватските власти пронајдоа резидуи на форметанат во пиперки увезени од Македонија. Тоа се прошири и во медиумите на двете земји, со објаснување дека пиперките не се според европските стандарди.

Професорката Лазаревска вели дека овој инсектицид не е забранет, грешката е што е користена активна материја што не е дозволена за таа култура, за пиперки, и што веројатно била користена и после период на каренца, кога не смее да се користи, затоа што ако нашле резидуи значи дека била користена непосредно пред берба овој препарат.

„Имаше изјави, имаше објави по социјални мрежи дека не е опасно, не се опасни тие пиперки што ни ги вратиле од Хрватска, затоа што во една пиперка има незначајна, мала количина концентрација од отровот. И тоа е добро, тоа е така, ако изедеме една пиперка, нели. Но ние нема да изедеме една пиперка, ќе изедеме да речеме 10, еве јас обожавам пиперки, ќе изедам 10. Во една пиперка и во 10 нема иста количина, нели? Во една има една количина, во 10 има помножено со 10 колку што има во една. Дури, можеби и шпекулирам, но во една пиперка може да има помалку, но во друга кога се прска може да има поголема концентрација. Ако ние купиме 40 килограми пиперки и направиме традиционално ајвар, направиме 20 тегли ајвар, цела зима ќе јадеме ние и нашите деца од тој ајвар“, објаснува Чибишев.

Сепак, доколку се почитува Законот и пестициди набавува само оној што има лиценца, тогаш ќе се има точна евиденција кој од каде и што купил, ќе се знае со што е прскано и каде е проблемот, а така ќе може да се уништи и само производот што е неправилно третиран.

„Ако имате лиценца, тоа значи дека во аптека ќе бидете регистрирани што сте земале, за која намена, за да се обезбеди следливост на овие токсични соединенија. На пример, ако настане труење, да знаете каде била критичната точка“, вели Лазаревска.

Законите се усогласени со европските и вратите на европскиот пазар се отворени, но не може да излезете ако не ги почитувате стандардите за безбедност на храната.

Кој колку прска, што прска и зошто прска е работа што треба да ја контролира инспекцијата. Земјоделската инспекција ја контролира примената на препаратите во примарно земјоделско производство, инспекцијата за храна контролира дали резидуите се под максимално дозволени нивоа или над максимално дозволени нивоа.

„Државниот инспекторат за земјоделство си работи на контрола на продажбата и увозот на сите пестициди во нашата држава, во земјоделските аптеки, во увозниците. Имаме редовни и вонредни контроли кои што ни се по мониторинг и по планот за работа“, тврди директорот на Државен инспекторат за земјоделство, Јане Станкоски.

Докторот Чибишев реагира на лошата комуникација на инспекторите со јавноста. Вели дека никој не слушнал што се случило со овие пиперки од Хрватска, дали се уништени, каде и дали ги имало и на нашиот пазар. Чибишев вели дека недостигот од институционални информации, остава простор за ширење дезинформации, страв и сомнеж, а тоа не е добро кога се работи за безбедност на храна.

Но, професорката Лазаревска вели оти не постои инспекција која што може да исконтролира сѐ. Не постои инспекција што ќе каже дека секој домат, секоја пиперка е безбедна. Според неа, најважно е луѓето што ги произведуваат, кога ќе излезат на пазар, да гарантираат за безбедноста на производите што ги продаваат. Луѓето што се бават со производство на храна мораат да ги знаат правилата на игра.

Употребата на пестицидите во Македонија е регулирана преку Законот за фитофармација, а тој е целосно усогласен со последните европски регулативи. Оваа област – заштита на растенија или фитосанитарен систем почна со хармонизација на европското право меѓу првите. Во 2005 година е донесен Закон за здравје на растенија, во 2007 година е хармонизиран со европскиот. Во 2020 година оваа проблематика е повторно редефинирана со најновите регулативи.

Вакви „грешки“ не и се случуваат само на Македонија. Во средината на август, пратка праски од Србија беше вратена од границата со Хрватска поради високите нивоа на пестицидот хлорпирифос, забранет во Европската унија уште во 2019 година. Во Србија тој е забранет од 2021 година, но тамошното Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство соопшти дека, по консултација со стручната јавност донело одлука да даде дозвола за ограничена и контролирана употреба на производи за заштита на растенијата на база на хлорпирифос, исклучиво за третман на шеќерна репка, но дека секое неовластено користење на овој вид на препарат за други култури е забрането со закон и е строго казниво.

Ден подоцна од Министерството потврдија присуство на хлорпирифос во праските и дека целата пратка ќе биде уништена „на безбеден начин“, а ќе одговара извозникот.

pesticidite na regionalno nivo se nadvor od kontrola 2

Балканските производи често се враќаат од пазарите на ЕУ токму поради пестицидите

Во јули беше вратена и пратка праски од границата со Словенија поради истиот пестицид. Ситуацијата во јавноста ескалира толку многу, што Министерството мораше да демантира дека на Србија и е забрането да го извезува своето овошје откако беа вратени неколку пратки од границите на ЕУ.

„Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека се работи за невистини и дезинформации и бара од сите да не паничат и да ги доведуваат во заблуда граѓаните. Истовремено, Србија, како и сите други, врши земање мостри на граничните премини, а само оваа година од 9.000 пратки што пристигнаа на границата на Србија, вративме 37 пратки поради непочитување “, се вели во соопштението објавено на 2 септември.

Наскоро на границата со Словенија е запленета пратка од 18 тони краставици. Истиот ден, Министерството за земјоделство соопшти дека ги чека резултатите од суперанализата на споменатата пратка. Сѐ уште нема дополнителна информација за овој случај.

Последните податоци покажуваат дека во октомври се запрени уште две пратки од Србија – на 18 октомври на границата со Словенија е запрена пратка замрзнати капини од Србија, поради недозволено количество фугицид ипродион. На 25 октомври на границата со Хрватска беше запрена пратка со додатоци во исхраната, кои наводно содржеле нелегални состојки.

Катарина Кринуловиќ, извршен директор на SECPA (Асоцијација за одржливо земјоделство и заштита на растенијата во Србија), за нашиот портал посочува дека пратките може да се вратат по анализите кои покажале дека присуството на остатоци од одредени пестициди во количина над максимално дозволената концентрација (МДК), кој се јавува доколку регистрираниот пестицид не бил применет во согласност со упатството за употреба (на пр. не е запазен период на повлекување, не е применета соодветна доза и сл.) или се применувал на култури кои не биле опфатени со регистрацијата; како и доколку е употребен нерегистриран пестицид.

„Од професионална гледна точка, нема простор за политички одлуки кои не се поткрепени со релевантните резултати од лабораториските анализи, но можеби ќе добиете поинаков одговор од некој кој на оваа ситуација гледа од друга перспектива. Тоа го поткрепува и тоа што и во претходните години имаше поединечни пратки кои беа вратени поради присуство на остатоци од пестициди во количина над МДК, а немаше медиумски публицитет, па неодамнешното интензивно појавување на натписи во медиумите на оваа тема може да биде мотивирана од други причини кои излегуваат од сферата на експертскиот аспект“, посочува Кринуловиќ.

На порталот на Европскиот систем за брзо предупредување во трговијата со храна (RASFF) може да се види дека од почетокот на 2023 година до денес, од граница се вратени вкупно пет пратки од Србија поради на нелегалното ниво на остатоци од пестициди, и дека шест пратки претставуваат „многу мал дел“ од вкупниот годишен број на пратки извезени во ЕУ.

pesticidite na regionalno nivo se nadvor od kontrola 3

Во Албанија за градинарските производи за извоз во ЕУ важат едни, а за домашните други правила

И на запад од нас, во Албанија, проблемите се исти. Предизвиците за безбедност на храната во Албанија се појавија кога земјата преминуваше од централно планирана социјалистичка економија во пазарна ориентирана економија. Три главни земјишни реформи што се случија за време на оваа транзиција резултираа со една од најфрагментираните земјишни структури видени во Централна и Источна Европа. Со оваа реформа се изродија околу 400.000 фарми, при што повеќето од нив се помеѓу 1 и 2 хектари. Со ова земјоделството стана основа за егзистенција на многу семејства во Албанија.

Сепак, локални истражувачи тврдат дека во оваа гранка го нема потребното знаење за важни вештини за управување со фарма, како што е безбедноста на храната, или кои не се ни способни да добијат помош од институциите задолжени за ширење протоколи за безбедни земјоделски практики. Нема реален надзор од институционалните тела и нема одговорност за малите земјоделци кои не ги почитуваат добрите земјоделски практики. Ова е особено случај за употребата на пестициди во земјата. Домашните производи се базираат на неформалност, нивното потекло не може да се следи, а средствата за нивно производство се непознати.

Но, она што го прави случајот на Албанија специфичен е што за градинарските производи кои се наменети за извозните пазари, особено за пазарите на ЕУ важат едни, а за домашните други правила.

Во 2018 година направена е студија за присуството на остатоци од пестициди во примероците на храна од ЕУ и домашните примероци. Од вкупно 91.015 примероци, во само 4,5% имало над потребните нивоа на MRL17. Само една година пред тоа, тој процент бил 4,1%. За споредба, според резултатите од Националната управа за храна на Албанија на мал статистички примерок за нивоата на пестициди во периодот од јуни 2021 до април 2022 година, кај повеќе од 20% од тестираните градинарски производи има над дозволениот процент MRL12. Иако големините на примероците меѓу овие две групи се многу различни, овие проценти, сè уште се индикативни.

Последователни мониторинг студии покажаа дека 1 од 6 пестициди во Албанија помеѓу 2018-2020 година содржат хемикалии кои не се споменати во етикетата. Подоцна е откриено дека тие циркулираат на домашниот пазар. Понатаму, локалните медиуми објавуваа информации дека дури 1,3 тони и 1.271 литри пестициди со поминат рок биле запрени во албанската царина во периодот од 2017 до 2020 година, од кои сите не се безбедно отстранети од земјата. Исто така, во последните 5 години, на царински контроли стопирани се и три пратки од повеќе тони нерегистрирани пестициди и ѓубрива од Германија и Грција. Ова покажува дека нерегистрираните, па дури и пестицидите со изминат рок се наоѓаат во Албанија, која во најголем дел нема начин да го контролира и регулира нивниот увоз и последователна употреба, како што е официјално наведено од Националната агенција за животна средина (АКМ).

Од друга страна, земјите на ЕУ имаат строги мерки за контрола на безбедноста на храната, поради кои честопати се забележува враќање на албанскиот извоз од безбедносни причини или во некои случаи се уништува, како што беше случајот со 4,6 тони домати извезени во Грција во 2018 година. Најлошата претпоставка е дека овие производи се враќаат кај албанските потрошувачи.

Земјоделците не се информирани ниту едуцирани

Во моментов, во Албанија не постои ниту една целосно сертифицирана лабораторија во целата земја која е способна да го спроведе потребниот број на доверливи лабораториски анализи за МРЛ на пестициди. Најблиску до ова е лабораторијата во Институтот за безбедност на храна и ветеринарство (ISUV), која тврди дека има стандарди за тестирање кои се во согласност со стандардите на ЕУ, но беше жестоко критикувана за нејзиниот ограничен капацитет да спроведе соодветен број тестови.

Но, она што е голем проблем во трите земји е недостатокот на информација и едукација за земјоделците.

Кринуловиќ појаснува дека земјоделските производители се должни да ги следат најновите трендови и да ги користат пестицидите кои сè уште им се дозволени и на начин наведен на етикетата и упатството за употреба, односно одобрени со регистрација.

„Најголемиот број наши земјоделци се свесни дека правилната употреба на пестицидите (со почитување на сите упатства за дозирање, рок на траење и растителни култури на кои може да се користи специфичен пестицид) е важна за квалитетот на нивните земјоделски производи и поврзаните можности за нивно пласирање на пазарот, без разлика дали станува збор за српскиот или на пазарот на ЕУ“, наведува таа.

Тaa додава дека не треба да се исклучи можноста поединци кои немаат доволно знаење и не ги следат информациите во однос на употребата на пестицидите, да прават грешки кои резултираат со појава на нелегални количества на остатоци од пестициди во нивните земјоделски производи, што доведува до враќање и уништување на пратки со такви производи.

Експерти од Институтот за земјоделство и зеленчук од Нови Сад и Министерството за земјоделство, водостопанство. и шумарство на Република Србија, за потребите на Фондацијата „Ана и Владе Дивац“, во 2021 година во Србија спроведоа истражување на корисници на производи за заштита на растенијата (СЗБ – пестициди кои се користат за борба против штетни организми, штетници и организми кои предизвикуваат болести, влијаат на животните процеси на растенијата, зачувуваат растителни производи, уништуваат, спречуваат раст на несакани растенија или нивни делови) за познавањето на прописите и однесувањето поврзано со употребата на овие производи. А резултатите се следни:

  • Недоволно познавање на прописите и недоволна обученост за ефективна и безбедна примена на СЗБ;
  • СЗБ во голема мерка не се спроведуваат во согласност со прописите;
  • Постои висок ризик за здравјето на луѓето и животната средина;
  • Неопходно да се воведе систем на постојана обука, периодични проверки на знаење и сертификација на корисниците на СЗБ;
  • Потребно е воведување систем за контрола на исправноста на уредите за примена на СЗБ и
  • Знаењето и почитувањето на законските прописи и евиденцијата се задолжителни за примена.

Истражувањето покажува дека само 27,4 отсто од испитаниците го знаат Законот за производи за заштита на растенијата. Но, од друга страна, дури 85,7 отсто, според упатството го применуваат СЗБ. Високи 75,7 проценти од испитаниците водат евиденција за видовите и количините на СЗБ што ги складираат и користат, но само 15,6 проценти од корисниците го чуваат во посебна просторија за оваа намена.

istrazuvanje srbija pdf

Истражувањето во Србија покажува недоволно познавање на прописите и недоволна обученост за ефективна и безбедна примена на пестициди

При употреба на пестициди, само 21,3 отсто од испитаниците користат комплетна лична заштитна опрема, од кои најмногу во АП Војводина (33,6 отсто), а најмалку на југот на Србија (4,6 отсто).

„Дури 24,2% од испитаниците не ја плакнат амбалажата, а од вкупниот број на испитаници кои ја исплакнуваат амбалажата, 35,1% применуваат тројно плакнење. одлагање на амбалажата во комунален отпад, 37,4 се уништува со палење, 3,3 отсто ја фрлаат на терен, а само 9,3 отсто од корисниците ја фрлаат на посебно место додека не ја подигне фирмата што ја собира оваа амбалажа“, се наведува во истражувањето.

Но, има и такви (околу шест отсто) кои купиле нелегално СЗБ, а како главни причини за користење ги посочиле поголемата доверба (56,6 отсто), поволната цена (25,3 отсто) и препораката (13,1 отсто).

Зголемена појава на главоболки, несоници и гадење

Клиничкиот токсиколог Андон Чибишев вели дека во ординацијата, но сѐ почесто и на улица го застануваат со прашања поврзани со безбедноста на храната. И тој како лекар вели дека е  загрижен по бројните случаи на зголемена концентрација на пестициди пронајдени во земјоделски производи.

„Многу луѓе се жалат на чести главоболки, несоница, мачнина, нагони за повраќање… и кога доаѓаат кај нас на преглед и се жалат, размислувам дали е тоа од загадениот амбиентален воздух, дали се тоа симптоми од внесување на мали количини на токсини кои што прават одредени проблеми, меѓутоа тие не се во почетокот сериозни, не се акутни!“, вели д-р Чибишев.

Тој истакнува дека ако тоа се случува подолго време, тогаш може да дојде со сериозни проблеми затоа што внесуваната мала количина може да доведе до одредени пореметувања на работата на одредени органи и органски системи.

Последниот случај со употреба, најверојатно на инсектицидот метомил, од кој починаа двајца членови од скопско семејство, само уште еднаш ја потврди слабата контрола на продажбата и употребата на отрови во земјава.

Што се случува по внесување на метомилот во организмот?

Отровот има афинитет кон еден од ензимите во човечкиот организам, ацетил холинестераза. Тој ензим го разградува еден од носачите на нервните импулси во периферниот и во централниот нервен систем, кој се нарекува ацетил холин. Ако ни е блокиран ензимот кој го разградува ацетил холинот, кој во зголемена концентрација е токсичен за човечкиот организам и се натрупува на нервните завршетоци, тогаш настанува самотруење или ендогено труење со ацетил холин.

Таквото труење доведува до серија пореметувања на многу витални функции во човечкиот организам: видот, золемено излачување на секрети и ексткрети во организмот, блокада на работата на срцето и се смалува фрекфенцијата и блокирање на центарот за дишење во централниотнервен систем. Комбинирано со зголемено излачување на секрети доведува до полнење на градите или на дишните патишта со секрети кои што го оневозможуваат дишењето. Така оневозможено дишење, со блокирање на срцето, за многу краток период доведува до смрт.

Инсектицидот метомил е од групата на карбомати и органофосфорни пестициди кои се најопасни, бидејќи отровот многу брзо се апсорбира или се повлекува и циркулира во организмот. Развивањето на клиничката слика зависи од организмот поединечно, од возраст, пол, дали лицето претходно јадело или е гладно. За најмногу два часа настанува врвот на клиничките симптоми и ако на време не се реагира, не се добие стручна помош, завршува фатално.

Сепак, од секое внесување на пестицид не се умира, велат и доктор Чибишев и професорката Лазаревска. Се пресметуваат дозволени активни внесови на резидуи или дневна референтна акутна доза која може секој ден да се внесува, во текот на цел живот, без да направи промени на здравјето. Опасни се оние количини на пестициди кои ќе се најдат во храна, а се над максимално дозволени.

pesticidite na regionalno nivo se nadvor od kontrola 6

Во Европа, постои кампања против продажбата на нелегални пестициди

Опасните пестициди се најчестиот избор и кога намерно се трујат животните. Покрај кучињата, во Србија, во населените места, особено се напаѓаат птиците и другите предатори, кои поединците ги трујат со употреба на пестициди забранети со закон, како што е фурадан, кој е релативно лесно да се добие.

Нелегалната продажба на забранети пестициди постои и покрај забраните, на пример Друштвото за заштита и проучување на приказни на Србија (ДЗППС) откри и пријави продажба на опасниот отров Фурадан на саемот во Сента! Лицето што го продавало е приведено, а кај него се пронајдени три канистри со пет литри од овој опасен отров.

Според ДЗППС, запленетата количина на фурадан е доволна за да убие околу 15.000 возрасни лица, пресметка која се заснова на познатата смртоносна доза од околу 15 мг на кг телесна тежина, а тежината на просечен возрасен е земена на 70 кг.

Во Европа, постои кампања против продажбата на нелегални пестициди. Еуропол со години ја спроведува операцијата „Сребрена секира“ во соработка со надлежните органи на сите земји-членки на ЕУ и другите земји. Во рамките на таа акција, само во првите четири месеци од 2023 година се запленети вкупно 2.040 тони нелегални и фалсификувани пестициди, а во изминатите осум години вкупно 6.961 тони.

За жал, Балканот не е дел од тој систем, кој ги вклучува сите членки на Европската унија и пет земји надвор од ЕУ: Австралија, Бразил, Украина, Велика Британија и САД. Единствен пример од трите земји опфатени со оваа анализа каде постои ваква кампања, е Србија која ја спроведува Асоцијација за одржливо земјоделство и заштита на растенијата во Србија.

Во вакви услови, балканските земји се препуштени на знаењето и совеста на произведувачите на храна. Првото, за жал, значително недостасува.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинари: Катерина Топалова Дејановска (Македонија), Далибор Ступар (Autonomija, Србија), Гјон Ракипи, Јерина Ракипи (Tirana Times, Албанија)
Снимател и фото: Слаѓан Милошевски
Монтажа: Давид Милошевски