fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
samo preku obrazovanie mozeme da gi resime svetskite predizvici 1

Само преку образование можеме да ги решиме светските предизвици

samo preku obrazovanie mozeme da gi resime svetskite predizvici

Проф. Блажо Боев
Ректор на Универзитет „Гоце Делчев” (УГД) – Штип

Одговорот е во науката

Не мислам дека само Македонија треба да понесе нешто од ненаучената лекција во однос на сето онаа што ни се случува со глобалниот предизвик од појавата на пандемијата на КОВИД-19, напротив мислам дека сите на оваа наша преубава планета Земја треба да размислиме многу посериозно во однос на тоа: што се вредности во науката? Што се значајни теми во науката? Дали преголемата трка кон материјалните вредности и поголемиот стандард на живеење е вистинскиот одговор на нашите потреби како цивилизација? Мислам дека ги заборавивме основните прашања поради кои постоиме, а тоа е да ги зачуваме основните вредности на нашата планета Земја и како таква да ја оставиме во наследство на генерациите кои доаѓаат после нас, а тие на генерациите кои ќе дојдат после нив. Нарушувањето на рамнотежата која отсекогаш постои во природата во однос на нејзините природни и еколошки капацитети доведува до појава на големи дисбаланси во однесувањето на врстите кои природно реагираат на начин на нивно ново прилагодување, а кое секако ќе доведе до појава на многу нови моменти во еволуциските циклуси на Земјата. Мораме да ги извлечеме поуките од сето ова и мораме да се свртиме кон важноста на науката како основен двигател кој може да ги даде одговорите на идните предизвици. Мораме да ги вратиме значајните теми во науката, како што се: кој сме и што сме, како се појавивме на оваа планета и како можеме да успееме да преживееме на неа?

Науката подолго време укажуваше дека е можно да дојде до ваква состојба, но тоа за жал не се сфаќаше толку сериозно. Денес сме сведоци на светската пандемија, тука е пред нас и во нас како човештво, која го затвори светот и влијае на секоја пора во растителниот и животинскиот свет. Во овие моменти треба да бидеме искрени со самите себе како цивилизација и само да помислиме како сме поврзани помеѓу себе. Исто како што едно лице со вирус може да зарази десетици луѓе ако не и повеќе, така можат и нашите постапки. Нашите постапки се одраз на тоа како се доживуваме едни кон други и како се однесуваме кон животната средина.

Aко погледнеме назад низ историјата, таа ни кажува многу. Во втората половина на 19 век преовладувал имагинарниот оптимизам, каде се мислело дека модерното општество ќе успее да се справи со сиромаштијата и болестa. Биле убедени дека човештвото со помош на техниката конечно ќе ја скроти и покори природата. Завладеала верба во незадржлив развој кој од темел ќе го подобри животот на луѓето. Но, векот што следел покажал нешто друго. Напротив состојбата на сите потсистеми на планетата се влошила. Речиси сите држави имаат проблем со невработеноста, пропаѓање на екосистемите, недостаток на природни ресурси и болести, гладувањето и војните кои се последица на кризата на вредностите. Пропаднал голем дел од општествениот капитал (општествени мрежи, вредности, навики, обичаи, верувања создавани од страна на минатите генерации), а, без кои не може да опстане ни модерното општество. Покрај тоа, настанале сосема нови проблеми кои на луѓето дотогаш не им биле познати.

Нова парадигма на развој – образование за одржлив развој

Денес знаеме дека е потребно да се отфрли идејата за развој по фрагменти и делови бидејќи економијата се развива со свои цели, општеството со свои, а следствено на тоа и животната средина со свои. Вистинскиот напредок и благосостојба се можни, ако е тоа еден целосен процес. Нова парадигма на развојот значи дека развојот треба да го разбереме на поинаков начин, а не само преку економското производство. Пред сѐ, потребно е да се бараат оригинални и иновативни решенија, кои ќе произлегуваат од специфичноста на локалната средина и поголемата соработка меѓу луѓето, поврзување на различни сектори со јасно одредена визија која мора да ги има в предвид природата и нејзините екосистеми.

Само преку образованието можеме да ги решиме ваквите предизвици. Потребна ни е стратегија за образование за одржлив развој. Треба добро да се следат пораките кои доаѓаат од Организацијата на Обединетите Нации која во периодот од 2005 до 2014 година прогласи деценија на образованието за одржлив развој, при што главната задача на промовирање на проектот го изврши организацијата на UNESCO. Тоа се главните теми за опстанок на човекот: мирот, етиката, одговорноста на локално и глобално ниво, здравјето, руралниот и урбаниот развој, производството и потрошувачката, споделената одговорност, заштитата на животната средина, управувањето со природните ресурси и биолошките и природните разновидности итн.

Сподели