
Чуму нови ски центри (1): Кожуф пропаѓа
- Ски центарот „Кожуф“, поради својата географска позиционираност, има идеални услови да прерасне во врвен зимски туристички центар. Лоциран е на само четириесетина километри од коридорот 10, кој преку Македонија и Србија ја поврзува Република Грција со западноевропските земји. Оддалечен само 100 километри од Солун и околу 200 километри од Скопје, центарот е исклучително атрактивен за оние скијачи кои патуваат со автомобил.
- Ски центарот почна да се гради во 2006 година како многу амбициозен проект на неколку домашни инвеститори во кој беа вложени околу 20 милиони евра. Проектот беше поддржан и од тогашната Влада која вложи 9 милиони евра во изградба на нов пат и, генерално, сите показатели укажуваа на тоа дека Македонија започна да пишува една успешна приказна.
- Поради изградбата на патот, ски центарот во периодот 2009-2013 не можеше да работи. Беше изграден асфалтиран технички пат во должина од 19 километри, кој води од населбата Смрдлива вода до центарот. Всушност, тој пат е во најголем дел е во одлична состојба, освен во еден потег во должина од еден до два километри, веднаш по населбата Смрдлива вода, каде што има одрони и вистинска непознаница е зошто никој не сака да го санира и одржува.
- Источниот срт на ски центарот е границата која го дели ски центарот Кожуф од депресијата во која требаше да биде отворен рудникот за злато Коњско. Владата во меѓувреме покрена кампања за давање концесија на околното земјиште на кое требаше да се отворат рудници за злато, но оваа иницијатива, благодарение на референдумски изразената волја на гевгеличани беше оневозможена. Овој потег на Владата отвори сериозен сомнеж дека целиот процес на опструирање на работата на ски центарот Кожуф има една сосема друга позадина.
- Планината Кожуф претставува природна граница помеѓу подрачјата со медитеранска и континентална клима и неретко разликата во температурата на потег од само неколку километри помеѓу јужната и северната страна варира и до 5 степени Целзиусови. Силните ветрови кои со себе носат снег на високите сртови формираат најразновидни скулптури од снег.
- Во зимски услови, единствен начин да се стигне до центарот е со моторна санка. Тоа пак, од своја страна нуди неповторливо задоволство да се стигне до највисоките врвови на Кожуф, каде може да се ужива во фасцинантниот зимски пејсаж.
- Во 2006 година беа инсталирани најсовремени ски лифтови, кои работеа само една сезона и веќе 13 години се оставени на милост и немилост на суровите временски услови. При евентуално рестартирање на центарот, потребна ќе биде опсежна ревизија на опремата од страна на реномирани и овластени компании, како и замена на виталните делови од инфраструктурата.
- Врвот К92, висок 2.103 метри, е горната точка на еден од двата ски лифтови, кои заедно со шестоседата жичница ја сочинуваат главната инфраструктура на скијалиштата. Од врвот, кога времето е ведро, се пружа неповторлив поглед во круг од 360 степени, кој досега дури до Копаоник на север, преку сите позначајни планини и врвови во Македонија, па се до градот Солун и врвовите Атос и Олимп на југ.
- Шестоседата жичница, која завршува на локацијата Марково езеро, заедно со двата ски лифта, од кои едниот оди до врвот К92, а другиот до врвот Зелен брег, во моментов покриваат само еден од трите планирани амфитеатри, кои во перспектива требаше да бидат инфраструктурно опремени и со тоа ски центарот Кожуф требаше да се простира на површина од вкупно 2.000 хектари и да прерасне во најголем ски центар во Југоисточна Европа.
- „Бачило“ е еден од рестораните во ски центарот, кој се наоѓа на локалитетот Марково езеро.
- Сите објекти се изградени според претходно направен детален урбанистички план. Развојниот план на комплексот, базиран на егзактно дефинираниот ДУП, предвидува изградба на населба во која доминантно место би завземале 200 планински колиби.
- Бунгаловите на самиот влез во центарот, за сега се единствениот дел од комплексот кој овозможува сместување. Овој проект е резлизиран согласно највисоките светски стандарди. Прво се направени десетгодишни мерења на климатските услови, изработка на концепт план, прелиминарна физибилити студија, бизнис план, генерален урбанистички план, детален урнбанистички план и изведбени проекти за сите градежни позиции.
- Северозападната експозиција на скијачките терени овозможува снежната покривка да се задржи дури до средината на април, со што се обезбедува долготрајна скијачка сезона. Алпските пејсажи и преубавиот амбиент се исклучителна атракција и за оние посетители кои не се љубители на скијањето, а целокупниот амбиент нуди исклучителни можности за развој на туризмот преку целата година.
- Од растителниот свет, на планината Кожуф, доминантно место завземаат борот, елката и и буката. Се смета дека тукашниот комплекс од борот и буката ослободува кислород богат со етерични состојки кои имаат смирувачко, па дури и антибиотско дејство и исклучително поволно влијаат врз општото здравје и чувство на благопријатност кај посетителите.
- Ресторанот „Момина чука“ е првиот угостителски објект изграден во центарот. Од ресторанот се протега прекрасен поглед кон скијачките терени.
- Најсовремената шестоседа жичница, која чека некои подобри времиња, има капацитет од 3.000 скијачи на час, и во времето кога е инсталирана беше прва жичница со таков капацитет во овој дел од Европа. Она што ја разликува од останатите жичници во Македонија е нејзината брзина на движење од 5 метри во секунда, со на скијачите им овозможува да стигнат до скијачките терени за неполни 5 минути.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии
Фотографија и текст: Дарко Андоновски