Милиони за поединци од нашите сметки за струја
Просто неверојатно изгледаше кога на 14 мај годинава го отворивме поштенското сандаче, а внатре имаше пошта од АД „МЕПСО“, внатре два листа и десет бројки – нешто што го баравме од 30 ноември 2020 година.
Точно половина година помина откако заврши едно патешествие за да се добие информација од јавен карактер, иако во случајов стануваше збор за јавни пари. Прашањето беше едноставно – кои се десетте фирми, повластени производители на струја од обновливи извори на енергија (мали хидроелектрани) на кои им се исплатени најмногу пари во периодот 2010-2019 година.
Одговорот на ова прашање поврзано со малите хидроелектрани, со парите што граѓаните ги одвојуваат за нивно работење и за тоа кои се сопственици на истите, нè доведе до лавиринт од институции, прво почнувајќи од државните компании АД „МЕПСО“ и „МЕМО“ ДООЕЛ, а понатаму се вклучија и Регулаторната комисија за енергетика, Антикорупциската комисија, Агенцијата за безбедност на класифицирани информации, Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер…
Сите, освен повиканите, АД „МЕПСО“ и „МЕМО“ ДООЕЛ, како што веќе објавивме, беа согласни дека во случајов станува збор за јавен податок кој треба да се сподели со јавноста, но сепак битката да се дојде до десетина бројки со суми од милиони евра, беше долга.
Сепак, упорноста се исплатеше, што впрочем се докажа на 14 мај кога го видовме пликото во поштенското сандаче.
Одговорите беа многу едноставни, но отворија многу прашања за оправданоста во трошењето јавни пари. Имено, малите хидроелектрани учествуваат само со 3,8 проценти од вкупно произведената електрична енергија во земјава (2020 година), а во периодот 2010-2021 само 13 фирми со мали хидроелектрани имале приходи од речиси 80 милиони евра.
Половина милион евра месечно се слевале од сметките за струја на граѓаните на малите хидроцентрали од 10 фирми
Според одговорите од АД „МЕПСО“, во периодот од јануари 2010 до октомври 2019 година за гарантиран откуп на електрична енергија по повластени тарифи на десет компании, сопственици на мали хидроелектрани им биле исплатени 62,5 милиони евра. Станува збор за пари платени од од сметките за струја на граѓаните.
Ова практично значи дека на годишно ниво тие имале приходи по 6,2 милиони евра, а месечно по половина милион евра, па дури и повеќе, со оглед на тоа што дел од фирмите се формирани неколку години по 2010 година, односно во 2012.
Според податоците од АД „МЕПСО“, речиси една третина од вкупната сума од 62,5 милиони евра се влеале во фирми поврзани со поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, односно со неговата „Феро Инвест“. На листата од десет компании кои оствариле најголеми приходи од гарантиран откуп на струја, четири се поврзани со Анѓушев, од кои во три како сопственик се јавува „Феро Инвест“. Директор на оваа компанија е Анѓушев, кој воедно е и сопственик, заедно со неговиот брат Тодор Анѓушев и Никола Гравчев. Во четирите фирми, „Мали хидроелектрани“, „Горно Белички извори“, „Јабланица“ и „Студенчица“, приходите изнесувале 22,3 милиони евра во периодот од 2010 до 2019 година, покажуваат податоците на АД „МЕПСО“.
Голем дел од останатите мали хидроелектрани имаат сопственици од странство, и тоа компании, од кои една нема ниту еден вработен, директорите се од земјава, додека во една мала хидроелектрана како сопственик се јавува јавно претпријатие.
Со изградени 7 мали хидроелектрани, компанијата „Мали Хидро Електрани“ ДОО Скопје е на врвот на листата кои најмногу заработиле во овој десетгодишен период – дури 11,8 милиони евра. Сопственици на оваа компанија се градежното друштво „Гранит“ и „Феро Инвест“.
Понатаму следува фирмата „Сол Хидропауер“, која е формирана во 2012 година, а до октомври 2019 година имала приходи од 10 милиони евра. Според нивната веб-страница, фирмата работи со производство и трговија со технички и медицински гасови, транспорт, дистрибуција и продажба на медицински и технички гасови, дизајн и технички решенија, монтажа на инсталации за потрошувачката на гас и трговија со опрема и уреди за користење на гасови.
Зад неа стои компанијата е „ТГС технички гасови“, којашто во 1995 година станува член на групацијата „СОЛ“. Оваа групација, според нивната веб-страница, ја сочинуваат повеќе од 60 оперативни компании, активни во 24 земји со повеќе од 2.800 вработени во секторот на техничките, чистите и високочистите гасови, медицинските гасови и уреди, домашна нега, биотехнологија, како и произведување на енргија од обновливи извори.
Директорот на „Сол Хидропауер“ и на АД „ТГС“, Александар Чадиковски, во 2018 година е избран за претседател на Здружението на хемиската индустрија, а тој е воедно и директор на АД „ТГС“.
Компанијата „Хидро Бошава Кавадарци“ исто така е формирана во 2012, и е сопственик на 5 мали хидроелектрани. Компанијата со основна главнина од 1,8 милиони евра, од 2010 до 2019 година имала приходи од речиси 8 милиони евра. Сопственик е „КОЛЕКТОР ОВЕ Инвестиције в обновлјиве вире енергије д.о.о.“ од Словенија, а директор е Јареб Клемен. „Хидро Бошава“ има менувано неколку сопственици, а прв е „КА – ХИДРО“ ДОО Кавадарци. Во 2020 година, ја презема словенечката фирма „Колектор ОВЕ“, која, според словенечкиот регистар на компании има нула вработени, а е формирана во 2019 година.
Понатаму на листата со највисоки приходи од откуп на струја од мали хидроелектрани, следува „Хидро Енерџи Груп“ со приходи од 6,6 милиони евра и 3 хидроелектрани. Сопственици на фирмата се две други компании – „ЏСП Актуел“ ДООЕЛ и „Хидроват“ ДОО Скопје.
Приходите на „ЕМК ДООЕЛ“ се речиси исти, 6 милиони евра со изградени 6 мали хидроелектрани, додека паричниот влог на компанијата е 5 милиони евра. Сопственик на оваа компанија е „Енерги Еастерн Еуропе Хидро Повер“ од Австрија, која се занимава со изградба на мали хидроелектрани во Југоисточна Европа. Директор на компанијата е Самоил Целески. Тој, минатиот месец говорејќи на прес-конференција на Групацијата на обновливи извори на енергија (ГОИЕ) при Стопанската комора рече дека разбира зошто локалното население се противи на изградбите на малите хидроцентрали.
„Факт е дека секоја човечка активност има влијание на природната околина. Меѓутоа, со почитување на добрите градежни практики за справување со таквите ефекти, воспоставување патеки за риби, заштитни градежни објекти, рекултивација, пошумување и секако неприкосновено почитување на регулативата, тоа влијание може да се сведе на минимум“, изјави Целески, појаснувајќи дека за 5 години природата самостојно се враќа во првобитната состојба, а пак градежниот опфат за една мала хидроелектрана не надминува 3 хектари.
Во контекст на сушењето на реките, тој посочи дека малите хидроелектрани не ја земаат водата, туку само ја користат нивната енергија.
Со приходи од 5,6 милиони евра и 4 мали хидроелектрани, фирмата „ПЦЦ Хидро ДООЕЛ“ е следна на листата со највисоки приходи – 5,6 милиони евра, со 4 хидроелектрани, а сопственик е германската „ПЦЦ ДЕГ“ од Дуизбург. На веб-страницата на компанијата може да се види дека во 2011 година објавиле дека потпишале договор со Европската банка за реконструкција и развој за долгорочен заем од 6 милиони евра за изградба на четири мали хидроелектрани во земјава, откако во 2010 година, со македонската влада потпишале договори за концесии, а договорен бил инсталиран енергетски капацитет од 4.1 мегавати и вкупна инвестиција од 10,5 милиони евра.
„МХЕ Горно Белички извори“, каде еден од сопствениците е „Езеро МХЕ“ (фирма основана од „Феро Инвест“ на Анѓушев) од 2010 до 2019 имала приходи од вкупно 5,4 милиони евра за 2 хидроелектрани. Освен „Езеро МХЕ“ ДОО Скопје, како сопственик на Горно Белички извори се јавува и фирмата „Проаква“.
Понатаму на листата е „БНБ Енерџи“, чии сопственици се „Ватростална“ и „БНБ компани“ (двете лоцирани на иста адреса), а од 2010 до 2019 имала приходи од 3,8 милиони евра со изградени 5 хидроцентрали. Директор е Благоја Лазаревски.
„МХЕ Јабланица“ е уште една компанија поврзана со Анѓушев, со приходи од 2,6 милиони евра за една хидроелектрана (во периодот од 2012 година, кога е основана, до октомври 2019 година). На крајот од листата се наоѓа „Студенчица Мали Хидро“, каде повторно како сопственик се јавува „Феро Инвест“, овојпат во сопствеништво со ЈП за комунални дејности „Комуналец“ од Кичево. Приходите на оваа компанија во посочениот период се 2,4 милиони евра за една хидроцентрала.
Во последниве година и пол, десет фирми имале приходи од 17 милиони евра од бизнисот со малите хидроелектрани
Сите овие податоци датираат до последното тримесечие од 2019 година, кога се формира ново друштво, „МЕМО“ ДООЕЛ кое од Регулаторната комисија за енергетика ја добива лиценцата за организирање и управување со пазарот на електрична енергија.
Тука практично и настана најголемиот проблем кога минатата година се обидовме да го добиеме податокот за тоа кои компании кои се бават со производство на електрична енергија, во случајов преку малите хидроелектрани, се на врвот во однос на финансирањето од сметките за струја во форма на повластени тарифи.
Имено, од АД „МЕПСО“ тврдеа дека со податоците располага фирмата-наследник „МЕМО“ ДООЕЛ, додека од „МЕМО“ упорно добивавме одговори дека тие располагаат единствено со податоците од моментот кога се формирани, односно од октомври 2019 година.
Веќе пишувавме за целиот пат кој го изодевме за да дојдеме до вистинскиот имател на информациите, и воедно беа поднесени жалби до Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер. Комисијата ги уважи доставените жалби и им наложи на двете институции да ни ги обезбедат бараните податоци, со оглед на тоа што станува збор за јавни пари.
Извадок од решението на Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер
Па така, се испостави дека всушност АД „МЕПСО“ располага со бараните информации за периодот од 2010-2019, а „МЕМО“ ДООЕЛ ни ги достави податоците за периодот откако е формирана компанијата, па сè до крајот на март 2021 година. Претходно, и двете компании тврдеа дека освен што ги немаат податоците, тие воедно и се доверливи, односно дека не станува збор за информации од јавен карактер. На крајот, се испостави спротивното.
Според податоците од „МЕМО“ ДООЕЛ, ако до октомври 2019 година приматот во производство на електрична енергија од обновливи извори, во случајов малите хидроелектрани, го имале едни фирми, во последнава година и пол ситуацијата се менува, а дел од фирмите поврзани со Кочо Анѓушев веќе не се на листата на „Топ 10“.
Во периодот од 1 октомври 2019 до 31 март 2021 година, односно за 18 месеци, 10 фирми заработиле 17.401.882 евра за производство на електрична енергија преку мали хидроелектрани, односно месечно тоа би дошло речиси еден милион евра.
На прво место избива фирмата „Сол Хидропауер“ со приходи од 2,8 милиони евра, потоа следува „Хидро Бошава“, а „Мали Хидро Електрани“ со 2,2 милиони евра е на третото место. Во „Топ 10“ во последниве 18 месеци влегува уште една фирма поврзана со Анѓушев, „МХЕ Тополки“, со приходи од 1,7 милиони евра за овој период. Сопственици на оваа фирма се „Феро Инвест“ и „Хидро Холдинг“, а директор е братот на Кочо Анѓушев, Тодор. Тука е и фирмата „Норд Енерги Гроуп“ од Тетово формирана со паричен влог од 10 илјади евра, која за 18 месеци имала приходи од 1,2 милиони евра, а на деветто место е компанијата „МХЕЦ Лукар“ чиј сопственик е јавното претпријатие за комунални работи Комуналец Кавадарци, со приходи од 1,1 милиони евра.
Скромно производство на електрична енергија, големи приходи за фирмите
Хидроенергијата добиена од малите хидроелектрани произведува скромно количество електрична енергија, но сумите што легнуваат на фирмите што ја произведуваат очигледно се прилично високи.
Ако се сумираат сите податоци, произлегува дека од 2010 година, до годинава до март, приходите на фирмите – малите хидроцентрали кои користат повластени тарифи изнесуваат речиси 80 милиони евра.
Производителите на струја од обновливи извори на енергија коишто користат повластени тарифи (ветерните електрани, фотонапонските системи – сончеви електрани, мали хидроелектрани и биогасни електрани) учествуваат со само 6,17 проценти во вкупното производство на струја во земјава. Само 3,82 проценти се од малите хидроелектрани, покажуваат податоците од Регулаторната комисија за енергетика. Токму од тие причини реагираат и еколошките здруженија, дека со нивната изградба се прават значителни штети врз животната средина во еколошки сензитивни подрачја, а сепак се произведува мало количество електрична енергија.
Отстранети 400 мали хидроелектрани во Европа поради штети врз природата
Според податоците на граѓанските организации, поради штетното влијание врз природата и врз луѓето, досега во Европа се отстранети околу 400 мали хидроелектрани, а во САД повеќе од 1.000 вакви производствени капацитети.
Еколошките здруженија во земјава постојано укажуваат дека со изградба на малите хидрелектрани се прави ненадоместлива штета врз природата и дека најболно е тоа што се дозволува изградба на вакви капацитети и во заштитени подрачја. Во моментов, актуелен е проблемот со изградба на мали хидроелектрани на Шар Планина.
Владата во март годинава го утврди текстот на предлог-законот подготвен од Министерството за животна средина и просторно планирање, со што Шар Планина би станала заштитено подрачје. Шар Планина е под привремена заштита, со цел да се спречи донесување нови концесии на територијата на подрачјето, но тоа не значи дека нема да бидат изградени планираните мали хидроелектрани.
„Во однос на одлуките за градење мали хидроелектрани кои се веќе поминати, дадовме рок од една година надлежните министри да преговараат со инвеститорите со цел тие да се повлечат од градење, но истовремено да не биде финансиски оштетена државата. Нови концесии нема да има, тоа е впрочем и идејата, да се спречи давањето нови концесии“, изјави во март годинава министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.
Во 2018 година, токму Анѓушев како вицепремиер беше еден од оние кои го презентираа предлог-законот за енергетика, кој беше усвоен на владина седница. Тој тогаш изјави дека со законот се овозможува зголемување на учеството на обновливите извори на енергија во вкупното производство на струја, при што Владата ќе работи да ги искористи сите расположливи потенцијали за производство на електрична енергија од сонце, ветер и вода.
Во ноември 2019 година, Анѓушев ја најави својата оставка со образложение дека не му е место во техничката Влада. Во јануари минатата година тој повторно застана на чело на „Феро Инвест“, компанија ко-сопственик на повеќе од 10 други компании, од кои најголем дел, како што може да се види од приложеното, се занимаваат со производство на електрична енергија.
Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги до сега има издадено вкупно 118 лиценци за производство на електрична енергија од мали хидроелектрани. Од нив 97 се повластени производители, кои ја продаваат произведената електрична енергија по повластени тарифи, додека останатите електроцентрали ја продаваат произведената електрична енергија на пазарот на електрична енергија.
На повластените производители кои користат повластена тарифа им е загарантирана тарифата за секој киловат час произведена електрична енергија по која операторот на пазар на електрична енергија е должен да ја откупи целата електрична енергија произведена од повластените производители во период од 15 до 20 години, во зависност од видот на електроцентралата.
Кочо Анѓушев: Немаме јаглен, гас и нафта, ни остануваат само обновливите извори на енергија
Нашето истражување покажа дека поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев преку неговите компании е еден од најголемите „играчи“ во бизнисот со мали хидроелектрани во земјава. Во интервјуто за „Дома“, тој дава свое видување за тврдењата дека со малите хидроелектрани се нанесуваат штети на природата и дека поради малото производство на струја бенефит имаат само нивните сопственици.
Колкав период е потребен за да се има поврат на пари по изградбата на една мала хидроелектрана?
– Ќе зборувам за малите хидрелектрани, од тие за кои јас имам искуство и што ние ги имаме изградено, или имаме учество во финансирањето на истите, бидејќи не сме секаде сами сопственици, во помал број „Феро Инвест Групација“ е сам сопственик, а во поголемиот дел сме 50-50 сопственици со градежната компанија „Гранит“, бидејќи градбата на хидроелектрани е градежен „захтевен“ процес, особено во планинските делови. Од тие хидроелектрани каде што имаме учество, имаме сметководствени податоци, околу нивната исплатливост, цена на чинење и за тие хидроелектрани просечно требаат меѓу 8 и 12 години за поврат на нашиот инвестиран капитал, дури потоа следува заработката, а по 20 години тие остануваат на државата, а притоа државата во нив нема инвестирано ништо.
Бројни се реакциите околу малите хидроцентрали, односно еколошки организации тврдат дека со нивното градење се уништува животната средина. Колку е ова оправдано?
– За изјавите дека тие се штетни за околината, јас би рекол дека хидроелектраните прво треба да се посетат па потоа да разговараме за нив, затоа што кога тоа се гради, во еден период од градбата, да, има влијание врз околината, бидејќи правите пристапни патишта во околината. Но, дологорочно, од секоја хидроелектрана остануваат по два објекта, тоа е една машинска куќа која не е поголема од 200 до 300 квадрати и зафатот кој исто не е поголем од 300 квадрати. Тоа се единствените градби кои после 5, 6 или 7 години на егзистирање на електраната и во следните 100 години колку што таа електрана ќе работи, се гледаат над земјата. Слободно можете и да отидете во хидроелектрани постари од 5 години и ќе видите дека таму вегетацијата е комплетно вратена во првобитната состојба.
Сметам дека неосновано се прави хајка против сето ова, не знам од кои центри е финансирана, а посебно ме изненадува што во таа хајка не се опфаќаат хидроелектраните кои што се најстари во државата и ги поседуваат други компании. Мислам дека станува збор за потенцијалот во Балканот, ако се разгледа мапата на потенцијал на хидроелектрани и хидропотенцијал, ќе се види дека практично имате потенцијал на Балканот и тоа во Србија, Босна, Црна Гора, Македонија и Албанија. И, ќе видите дека таму исто се прави проблем од ова, а притоа не се кажува дека во Европа сè што може да се изгради е веќе изградено и затоа сметам дека е важно да се соопштат овие официјални податоци. Словенија, која е земја слична со големината на Македонија досега има изградено 588 мали хидроелектрани, Австрија има 4.485, Германија 4.839, Франција 2.663, Италија 1.753, Норвешка 2.453, или во Европа досега се изградени 21.387 хидроелектрани и планирана е изградба на уште 8.507.
Значи практично секој можен проект за мали хидроелектрани во Европа или е направен или е во фаза на градба. Значи таму не знаат што прават, само ние знаеме што правиме, а притоа 21 процент од сите хидроелектрани во Европа се во заштитени подрачја. Тоа се 6.400 електрани кои се во заштитени подрачја и тоа во прва категорија заштитено подрачје, какви што се 1.180 или 18,5 проценти од нив. Моето прашање е дали атрактивноста на подрачјево предизвикува одредени инвеститори или финансиери на еколошките здруженија да имаат желба тие да ги градат електраните наместо домашните инвеститори? Тоа е мојата дилема.
Број на изградени хидроцентраливо светот (обележани со црна боја) според студијата на белгиската компанија „Флувиус“, која меѓудругото се занимава со управување со речни сливови
Со оглед на тоа што малите хидроцентрали учествуваат со само 3 проценти од вкупното производство на електрична енергија, колку е исплатливо државата да плаќа откуп на струја по повластени тарифи?
– Исто толку учествуваат и Св.Петка и Козјак. Хидропотенцијалот не може да учествува со голем процент бидејќи зависи од природата, од врнежите, дождовите … Дали 3 проценти е малку? Знаете ли колку средства се тоа ако треба да се увезе таа енергија? Ние главно произведуваме електрична енергија од РЕК Битола, 70 отсто од производството во нашата држава се покрива од РЕК Битола. Ако ги земете хидроелектраните и направите еквивалент, тоа е исто како Св. Петка и Козјак. Ако земете колку се плаќа таа електрична енергија спрема малите хидроелектрани, ќе добиете податок, но можам и јас да ви го кажам, тоа е просечно околу 75 евра од мегават час просечно чини електрична енергија произведена од хидроелектраните, значи Св.Петка и Козјак не се гледа како поединечна цена туку во миксот од електростопанство таа е над 120-130 евра по мегават час.
Ние мора да се одлучиме од што ќе правиме струја. Ние немаме јаглен повеќе, немаме сопствен гас, немаме сопствена нафта, значи настануваат обновливи извори на енергија. Што се тие? Ветер, фотоволтаици, биогас, биомаса и хидроелектраните. И ако мене ме прашате, хидроелектраните имаат најмалку импакт врз животната средина, затоа што после 5-6 години од нивното работење, сè наоколу се враќа, а остануваат два мали објекти над земја. Тоа е суштината.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Мери Јордановска
ПОВЕЌЕ НА ТЕМАТА
Тајна е колку пари им се исплаќаат на сопствениците на мали хидроцентрали