Дојранските платани – (не)заштитен украс на езерскиот брег
Платаните се дрва кои поради своите морфолошки, физиолошки, но пред сè хабитуелни карактеристики заземаат значајно место помеѓу видовите на македонската дендрофлора. Тие претставуваат мошне важен сегмент од биолошката разновидност на Македонија и можат да се сретнат речиси низ целата нејзина територија, најчесто како поединечни стебла, но постојат и локалитети на кои се застапени во поголеми заедници. Голем дел од нив се препознаени како значајно природно, но и културно наследство на нашата земја и поради тоа се заштитени со закон. Еден таков локалитет со триесетина прекрасни примероци на платанови стебла се наоѓа во срцето на Стар Дојран, непосредно покрај брегот на Дојранското Езеро. Поради нивната старост и амбиентална впечатливост, во 1970 година тогашниот Републички завод за заштита на спомениците на културата донесе одлука со која оваа заедница од дрвата од видот Platanus orientalis е прогласена за споменик на природата. Но, како и во многу други случаи, оваа „заштита“ функционира единствено како обичен таксативен податок кој се препишува од еден во друг документ или стратегија за заштита на природното наследство, а во пракса нема никакво значење. Податокот дека оние кои се задолжени да ја спроведуваат заштитата на ваквите подрачја често пати не се ни запознаени дека во нивна надлежност постои заштитено подрачје, наведува на заклучок дека тие не ги ни читаат ваквите документи.
01/11
Долж целото западно крајбрежје на Дојранското Езеро можат да се забележат поединечни, но и групи од платанови стебла, некои многу стари, а некои посадени во изминативе децении. Сепак како највпечатливи примероци се оние во паркот и на плоштадот крај општинската зграда во Стар Дојран.
02/11
Иако веќе 53 години се заштитени со закон, речиси никој во Дојран не го знае тој податок, а односот кон овие стебла од страна на институциите надлежни за одржување на градското зеленило е ист како и кон останатите зелени површини.
03/11
Во рамките на еден поголем проект за хортикултурно уредување на дојранското крајбрежје, од страна на стручен тим од Шумарскиот факултет при УКИМ пред дванаесет години беше изготвено стручно мислење во кое е констатирано дека како последица на неповолниот и нестабилен режим на водите присутна е појава на сушење на дел од дрвата.
04/11
Нарушениот светлосен режим, пак, довел до искривување на стеблата, што претставува опасност од искорнување и кршење, а дел од дрвјата, како што беше констатирано, беа нападнати од штетници. Во насока на санација на овие аномалии беа преземени мерки за кастрење и кроење на дрвените крошни, сеча на исушени и гнили платанови стебла, премачкување на раните со фунгицидни пасти, како и превентивна заштита од напад на ксилофагни инсекти.
05/11
За потеклото и староста на дојранските платани нема никакви податоци. Постојат само различни приказни кои не се темелат на некакви релевантни информации. Не се знае ниту кој, ниту кога ги посадил. Не постои никаква документација, ниту попис на стеблата, а се манипулира со една општа бројка од околу триесетина стебла.
06/11
При сечењето на стари стебла во дојранскиот парк поради нивната старост и опасност од паѓање, е извршена инспекција на нивниот пресек и пребројување на годовите, при што нивната старост е проценета на нешто повеќе од сто години.
07/11
Дури после долги години предупредување од стручни лица, започнато е со повремено чистење на бршленот кој ги запоседнува овие стари стебла, со што во значителна мерка се подобрува нивната кондиција, а со тоа им се продолжува и животот.
08/11
На иницијатива на МЖСПП во тек е процес на изработка на „Елаборати за валоризација и ревалоризација на стари стебла и значајни состоини/растителни заедници со изразени хабитуелни карактеристики“ за досега заштитените и некои нови платанови стебла на Дојранското крајбрежје, а со цел за нивно (ре)прогласување за заштитено подрачје.
09/11
Во рамките на изработка на елаборатот опфатени се трите стебла кои се наоѓаат на дојранскиот плоштад во непосредна близина на општинската зграда, при што со методата на вадење на извртоци со Преслеров сврдел им е одредена старост од 660 години кај платанот најблиску до езерото, 450 години старост кај тој во средина и 510 години кај третиот платан.
10/11
Два од трите платани се во релативно добра кондиција, со средно ниво на цветање и плодоносење и без значителни оштетувања, додека кај најстариот платан се регистрирани значителни оштетувања во вид на оштетено и труло стебло од северната страна, како и до 70% суви или делумно суви гранки.
11/11
Две стари платанови дрва на патот кон Грција, со утврдена старост од 420 и 480 години се, исто така, опфатени со елаборатот, при што кај нив е утврдена релативно добра состојба со силна разгранетост, средно ниво на цветање и плодоносење и без значителни оштетувања. Кај овие две стебла, поради непосредната близина на магистралниот пат, констатирана е опасност од оштетување на кореновиот врат кој се наоѓа на самиот тротоар и е прекриен со асвалт, а едното од нив е изразано навалено кон јужната страна.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Фотографија и текст: Дарко Андоновски