fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
Долина на Длабока река – наша природа, а светско наследство

Долина на Длабока Река – наша природа, а светско наследство

Кога ќе се спомене подрачје во Македонија кое е ставено под заштита на УНЕСКО, најчесто првата асоцијација е Охридското Езеро, кое во 1979 година е прогласено за дел од светското природно, а една година подоцна и за дел од светското културно наследство. Информациите поврзани со „Охрид – град на УНЕСКО“ се особено фреквентни во изминативе децении, што се должи на бројните нарушувања на неговите природни и културни вредности, а поради што овој наш туристички бисер е под постојана закана да го загуби ваквиот статус.

Многу помалку е познат фактот дека уште едно подрачје во Македонија е под заштита на оваа организација како дел од светското природно наследство, а тоа е долината на Длабока Река на планината Кораб, на чии падини опстојува древна букова шума која во период од најмалку 100 години не била изложена на никакви влијанија од страна на човекот. Оваа шума се развивала сукцесивно, непречено и по природен пат, со што ги стекнала сите атрибути на прашума или таканаречена девствена шума, чии карактеристики се оформиле единствено под влијание на живиот свет кој тука егзистира, како и под дејство на атмосферски и други природни појави.

Поради своите карактеристики, буковата шума во долината на Длабока Река во 2021 година од страна на УНЕСКО е прогласена за светско природно наследство, како дел од „Древните и исконски букови шуми на Карпатите и други региони во Европа“, што ја стави во заедница со уште 92 слични подрачја во 18 европски земји.

Гледани како целина, овие подрачја претставуваат важен ресурс за разбирање на историјата и еволуцијата на европската (обична) бука (Fagus sylvatica) која, со оглед на нејзината широка дистрибуција на северната хемисфера и нејзината еколошка важност, е глобално значајна. За време на последното ледено доба европската бука успеала да преживее само во одредени засолнети микрорегиони во јужна и источна Европа, а по завршувањето на оваа фаза од геолошкиот развој на Земјата пред околу 11.000 години, таа се раширила на огромни пространства во останатите делови од континентот, каде е една од најважните видови во биомот на умерените широколисни шуми и претставува извонреден пример за повторна колонизација и развој на копнените екосистеми по завршувањето на последното ледено доба. Древните шуми, каква што е и нашата во долината на Длабока Река, содржат непроценлива популација на стари дрвја и претставуваат вистински генетски резервоар на бука и многу други видови, но во исто време претставуваат пример како треба да изгледа една природна шума која се развива надвор од какво било влијание на цивилизацијата. Доминацијата пак, и ширењето на буката на огромни пространства ширум Европа е живо сведоштво за генетската приспособливост на овој вид дрво, а тоа е процес кој сè уште е во тек.

01/15

dolina na dlaboka reka 1Длабока Река е река во Западна Македонија која извира под највисоките врвови на планината Кораб, на надморска височина од 2.320 метри, а се влива во Рибничка Река (десна притока на Радика), на надморска височина од 821 метар. Клисурестата долина на Длабока река, која на одделни места има карактеристики на кањон, се протега во правец северозапад – југоисток и е долга 12,8 км.

02/15

dolina na dlaboka reka 2Долината, која е всечена во карпи со јурска старост (пред 201,3 – 145 милиони години), се одликува со импресивни пејсажни елементи, кои особено во горното течение се манифестираат низ високи, стрмни и назабени врвови кои доминираат врз длабоката клисура, при што се создал микроамбиент во кој преовладува алпска клима. Поради ваквите особености долината на Длабока Река е евидентирана како едно од подрачјата со највпечатливи пределни карактеристики во Република Македонија

03/15

dolina na dlaboka reka 3Еден од елементите што ја потенцира пределната впечатливост на подрачјето секако е Корабскиот Водопад, кој е лоциран веднаш под изворишниот дел на Длабока Река, во подножјето на врвот Мал Кораб. Со своите 136 метри висина, Корабскиот Водопад е највисок водопад во нашата земја.

04/15

dolina na dlaboka reka 4Во горниот дел од течението на Длабока река, на нејзината десна долинска страна, во подножјето на врвовите Кабаш и Рибничка Скала, егзистира букова шума во која во период од најмалку 100 години не е вршено никакво влијание од страна на човекот, што ѝ овозможило непречен природен развој.

05/15

dolina na dlaboka reka 5Шумите што се развиваат по природен пат и надвор од значително влијание на цивилизацијата се нарекуваат прашуми, или девствени шуми. Вакви шуми на европскиот континент има повеќе, а најмногу на Карпатите. Поради малата територија, како и поради дисперзираноста на урбани и рурални населби и влијанието на населението врз природата, на територијата на Македонија прашумите се  вистинска реткост и може да се сретнат единствено на планинските масиви Кораб и Шар Планина.

06/15

dolina na dlaboka reka 6Поради своите карактеристики и недопрената природа, прашумата кај Длабока Река од страна на УНЕСКО во 2021 година е прогласена за светско природно наследство. Заштитената прашума се простира на територија од 193,27 хектари и е дел од зоната на строга заштита на НП „Маврово“.

07/15

dolina na dlaboka reka 7Дополнително, на територија од 234,7 хектари околу заштитениот дел од шумата, е прогласена тампон зона која претставува појас што му дава дополнителна изолација и заштита на подрачјето. Оваа тампон зона опфаќа и делови од подрачјето кои се протегаат од левата долинска страна на Длабока Река.

08/15

dolina na dlaboka reka 8Доминантен дрвен вид во шумата е обичната бука (Fagus sylvatica), која типично расте до висина помеѓу 25 и 35 метри, а во идеални услови може да достигне висина и до 50 метри. Поради висината на дрвата и нарушениот светлосен режим, во шумата има слаба застапеност на ниска приземна вегетација.

09/15

dolina na dlaboka reka 9Во одредени делови на буковата шума, особено во оние во пониските делови на долината, е застапена македонската ела (Abies borisii-regis) што на шумата и дава мешовит карактер. Како вид кој е толерантен на сенка, особено додека е млада, елата успешно вирее, како во вид на поединечни стебла во комплекс со буката, така и во вид на цели појаси од ела, особено на места на кои претходно шумата била оштетена од големи снежни лавини.

10/15

dolina na dlaboka reka 10Целата област се карактеризира со силно изразен биодиверзитет и присуство на повеќе ендемични видови растенија и безрбетници, а изолираноста на шумата и отсуството на надворешни влијанија овозможиле живиот свет тука да се развива во услови на апсолутна природна рамнотежа. Долината игра важна улога и во егзистенцијата на балканскиот рис, балканската дивокоза, златниот орел и некои други видови ‘рбетници.

11/15

dolina na dlaboka reka 11Една од карактеритиките на старите шуми е и присуството на таканаречените хабитатни дрва. Тоа се најчесто стари и големи дрва на кои со тек на времето се создале различни оштетувања во вид на шуплини, пукнатини, отвори, отпаднати гранки, оштетувања на кората и останатите ткива, или пак дрва во процес на умирање и распаѓање. Хабитатните дрва обезбедуваат критично живеалиште (хабитат) за различни видови растенија, животни, габи, инсекти, микроорганизми, со што играат важна улога во одржувањето на биодиверзитетот и еколошката рамнотежа.

12/15

dolina na dlaboka reka 12Во отсуство на влијание на човекот, дрвата во прашумата умираат природно, по што заедно со другите остатоци од растително и животинско потекло подлегнуваат на процеси на распаѓање. Како последица на овие процеси на разградување и трансформација на органската материја, се создава хумусниот слој кој е добра подлога за развој на паднатите семки од дрвата, преку кои тие генетски се размножуваат и со тоа шумата природно се обновува.

13/15

dolina na dlaboka reka 13Поради конфигурацијата на теренот и обилните снежни врнежи, лавините се честа појава во долината на Длабока Река. Огромната маса на снег, мраз и камења што ја носи лавината со својата силна механичка моќ ги крши дрвјата, или ги вади од корен. Како резултат на тоа, големи количини на мртво дрво и стебла се присутни во најниските подрачја на долината или во самата река.

14/15

dolina na dlaboka reka 14Прашума од бука во долината на Длабока Река е лоцирана на непристапен терен и тоа е главната причина зошто ја задржала својата изворна природна состојба. Фактот дека се наоѓа во строго заштитената зона на националниот парк „Маврово“ , во која освен за научни потреби не се дозволени никакви други активности, дополнително придонел за  нејзино опстојување надвор од влијанието на човекот. Ако кон тоа се додаде и податокот дека селата во неговата околина се целосно, или во најголем дел раселени,  оваа шума ги има сите предуслови уште долго да ја задржи својата девствена природа.

15/15

dolina na dlaboka reka 15Како држава потписник на Конвенција за заштита на светското културно и природно наследство на УНЕСКО, Македонија е должна да се грижи оваа наша прашума да ги задржи сите карактеристики поради кои е ставена под заштита на оваа организација. Како најголеми закани за шумата во иднина би можело да бидат бесправното сечење на шумата, неконтролираниот туризам или пак евентуална изградба на мали хидроцентрали на Длабока Река. Во услови на нарушена доверба во сопствените вредности и способноста да се справуваме со предизвици, можеби токму грижливиот однос кон ова подрачје може да ни биде сигнал дека не само поради природното наследство, туку и поради степенот на цивилизираност им припаѓаме на Европа и светот.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Текст и фото: Дарко Андоновски

ИЗВОРИ :

  • IUCN World Heritage Evaluations 2021 ADDENDUM: IUCN Evaluations of nominations of natural and mixed properties to the World Heritage List
  • NOMINATION DOSSIER to the UNESCO for the Inscription on the World Heritage List  ‘Ancient and Primeval Beech Forests of the Carpathians and Other Regions of Europe’ as extension to the existing Natural World Heritage Site ‘Ancient and Primeval Beech Forests of the Carpathians and Other Regions of Europe’ (1133ter)
  • Guidance document on buffer zone management and Guidance document on buffer zone management and buffer zone zonation –  for the UNESCO World Heritage Site  ‘Ancient and Primeval Beech Forests of the  Carpathians and Other Regions of Europe’
  • Студија за ревалоризација на Заштитеното Подрачје Маврово – Oxfam Italia
  • RECOMMENDATION NO. 184 (2015) ON THE PLANNED HYDROPOWER PLANTS ON THE TERRITORY OF THE MAVROVO NATIONAL PARK (“THE FORMER YUGOSLAV REPUBLIC OF MACEDONIA”)
  • Annex 1.e. MN-DLAB-01 Topographic map of the nominated component part(s) Dlaboka Reka,  North Macedonia
  • https://www.europeanbeechforests.org
  • https://doma.edu.mk/zhivotna-sredina/konvenciite-za-priroda-samo-gi-potpishuvame-a-ne-gi-pochituvame/
  • Чудесна Македонија (Прашума од смрча) – Проф. Др. Јане Ацевски
  • Упутства за газдовање шумама Србије

Категорија: Животна средина

Тагови: Длабока река, Кораб, заштитено подрачје, природно наследство, прашума, УНЕСКО

Сподели