fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
garska reka featured

Гарска река – рај за сетилата и дом на реликтна шумска заедница

Малореканскиот крај е еден од оние делови на Македонија кои пленат со својата природна убавина, со недопрената природа, но и со живописниот амбиент на неколкуте села кои се дел од оваа област во Западна Македонија. Прекрасните планински врвови, непрегледните шуми и пасишта, како и бројните водотеци кои го параат тукашниот релјеф не оставаат никого рамнодушен. Гарска Река е само еден сегмент од оваа македонска убавина која нуди задоволство за сите сетила, но и восхит кај секој посетител што случајно или намерно се нашол во овој крај. Но, покрај тоа, оваа река е и амбиент во кој егзистира една исклучително ретка растителна заедница на див костен и црн габер со арктотерциерно потекло, каква ретко се среќава на други простори. Оваа шумска заедница всушност претставува реликтен остаток на прастари шумски заедници какви што пред неколку милиони години биле широко распространети на северната хемисфера.

01/16

garska reka 1Гари е едно од седумте села кои припаѓаат на малореканскиот крај, област во Западна Македонија која ги опфаќа подрачјата околу теченијата на Гарска, Тресонечка и Мала Река. Сместено на северните падини на планината Стогово на надморска височина од 1.100 метри, Гари плени со својата амбиентална убавина, впечатливата архитектура и со околната природа.

02/16

garska reka 2Селото е од збиен тип и во него доминираат двоспратни и триспратни куќи, типични за мијачкиот крај. Се смета дека првите жители тука се населиле уште во  XVI век, а кон крајот на XIX и почетокот на XX век во селото имало околу 200 семејства. Според пописни податоци од 1905 година во Гари живееле 1.560 жители. Главна стопанска гранка тука отсекогаш било сточарството, а имало периоди кога во селото се чувале и до 30.000 овци.

03/16

garska reka 3Денес во Гари животот е речиси замрен. Со текот на годините жителите на селото се раселиле низ сите светски меридијани. Според пописот од 2021 година во Гари постојано живеат 10 луѓе. Еден од нив е 79-годишниот Јордан Кузмановски кој со тага се присеќа на времињата кога сите куќи во селото биле полни, а семејствата броеле и по десетина и повеќе членови. Според Јордан, денес Гари живее само во летните месеци, а во деновите на селската слава Голема Богородица сите Гарчани се собираат во селото.

04/16

garska reka 4Според народните преданија претходната локација на селото била 200 метри над сегашната, на локалитетот Дрениче, а на сегашното место е преместено откако тука започнала да се гради црквата која денес го носи името „Успение на Пресвета Богородица“. Црквата е осветена во 1866 година, а во неа се наоѓа вреден иконостас чија резба е дело на познатите копаничари Петре Гарката и неговите браќа Марко и Јован, како и фрескоживопис изработен од познатиот мајстор Дичо Зограф.

05/16

garska reka 5Низ Гари тече река со кристално чиста вода која своето име го добила токму според името на селото – Гарска река. Гарска река на уникатен начин го оплеменува амбиентот на селото и дава неверојатна свежина во текот на летните месеци.

06/16

garska reka 6Покрај тоа што го разубавува амбиентот Гарска Река со својот воден потенцијал отсекогаш имала и практична улога за Гарчани, така што во минатото по нејзиното течение имало многу воденици за мелење жито, по Втората светска војна тука била изградена и валавница со килимара, а на реката постои и мала проточна хидроцентрала која денес не е во употреба.

07/16

garska reka 7Изворишниот дел на Гарска Река се формира во највисоките северни падини на планината Стогово, во самото подножје на врвовите Бабин срт (2241 мнв) и  Канеш (2218 мнв). Реката е долга околу 14 километри и зафаќа сливно подрачје од 82,74 квадратни километри.

08/16

garska reka 8Хидролошката состојба на реката е исклучително добра, особено во зимските и пролетните месеци. Широчината на речното корито е променливо по течението на реката и се движи најмногу до 10 метри. Просечната длабочина се проценува на околу 0,7 до 0,9 метри.

09/16

garska reka 9Дното на водотекот е разновидно, но најчесто чакалесто-песочно, а во некои делови и каменесто. По нејзиното течение преовладуваат слапови и брзаци, на места и по некој поголем вир, а во помал дел течението е низ рамни места. Брегот на Гарска Река во најголем дел е прилично непристапен и обраснат со густа шумска вегетација. На многу места во коритото се среќаваат паднати дрва и гранки кои не го попречуваат течението.

10/16

garska reka 10Гарска Река со својата кристално чиста и студена вода, со структурата на коритото, како и со вировите и брзаците претставува идеален амбиент за развој на речната пастрмка, која во минатото тука ја имало во изобилство. За жал, според кажувањата на локалните жители, денес популацијата на овој вид риба е многу намалена како последица на неконтролираниот риболов со недозволени средства. Она што е најстрашно е тоа што за „лов“ на пастрмката се’ почесто се употребуваат разни видови отрови.

11/16

garska reka 11Од научен аспект и од аспект на заштитата на природното наследство, Гарска Река е важна затоа што во долниот дел од нејзиното течение, во месноста Три чешми, опстојува реликтна крајречна шумска заедница на див костен (Aesculus hippocastanum) и црн габер (Ostrya carpinifolia). Ова е една од само четирите костеново-габерови шуми на Балканот со арктотерциерно потекло. Поради ова, шумата во 1960 година е прогласена за ботанички резерват.

12/16

garska reka 12Иако често се среќава низ парковите, во природата дивиот костен има многу ограничено распространување. Покрај на бреговите на Гарска, кај нас ваква шума природно се развива само на неколку места, и тоа по теченијата на Дреночка и Суводолечка Река. Дивиот костен има голема и раскошна крошна, карактеристични големи и назабени листови, цвета во мај, а најкарактеристичниот белег му се плодовите кои се сместени во плодни топчиња кои од надворешната страна имаат боцки.

13/16

garska reka 13Речиси сите стебла на дивиот костен, поради неговиот мезофилен карактер, се наоѓаат веднаш до речното корито, на надморска височина од околу 830 m. Иако се работи за мала површина која е опфатена со оваа заедница, поради тоа што дивиот костен е реликт од терциерот и балкански ендемит, претставува појава од исклучителна важност како природна, научна и ретка вредност за нашата земја.

14/16

garska reka 14Месноста Врања Краста е местото каде што Гарска река се спојува со Тресонечка Река и ја формираат Мала Река, десна притока на Радика. Иако е долга само околу 4 километри, Мала Река ги собира сите водите од западните падини на планината Бистра и северните на планината Стогово кои доаѓаат преку теченијата на Гарска и Тресонечка Река и нивните притоки, па според количеството на вода претставува најголема притока на Радика.

15/16

garska reka 15На нешто помалку од два километри од вливот на Мала Река во Радика, во околината на селото Могорче, се наоѓа познатиот мост Елен скок, кој претставува важен фрагмент од историското наследство на Македонија, но и сведоштво за вештината на македонските неимари во минатото. Изграден некаде кон средината на XVIII век од делкан камен, мостот речиси три века опстојува и пркоси на сите природни и неприродни непогоди. За жал, денес е обраснат во густа шумска вегетација и делува напуштено.

16/16

garska reka 16Селото Гари со Гарска Река и околината, како впрочем и целиот Малорекански крај, претставуваат убав спој на, во голема мерка зачувана природа и богато културно-историско наследство. Со развојот на цивилизацијата големи се шансите во некоја блиска или далечна иднина и ова парче македонска убавина да стане мета на бизнис интересите. Затоа, би било добро институциите задолжени за заштита на ова наследство со соодветна законска регулатива да ги превенираат ваквите процеси, но и соодветно да го заштитат она што на хартија веќе е заштитено.

Фотографија и текст: Дарко Андоновски

Сподели