fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
gol covek pomegu mitovite i realnosta featured

Гол човек – помеѓу митовите и реалноста

Гол човек e македонски назив за дрвото кое во таксономијата, науката што се занимава со распознавање и класификација на живите организми, е детерминирано како Arbutus andrachne L. Во Македонија се среќава на само два локалитети и тоа во сливните подрачја на Конска и на Црна Река, па поради тоа, со решение на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во 1998 година Гол човек е ставен на листата на ретки видови дрвја во шума. Бидејќи се среќава на само ограничени површини во гореспомнатите подрачја, ова дрво е релативно непознато за пошироката популација и околу него се кројат многу митови и невистини, меѓу кои и тоа дека ова дрво е македонски ендемит, дека го има само во Македонија и никаде на друго место, и(ли) евентуално го има уште само во Чиле(!?) како и некои слични теории, конструирани без да се поседува барем елементарна зависност од она што се нарекува вистина.

Во прилог на вистината и фактите, а на штета на дезинформациите, ДОМА низ серија фотографии ќе се обиде да го претстави ова навистина интересно дрво, како и да ги презентира најважните информации за него, базирани врз она што е досегашно сознание на науката.

01/11

gol covek pomegu mitovite i realnosta 01Arbutus andrachne L. е зимзелено дрво од семејството Ericaceae кое ширум светот се среќава под разни називи, но најчесто е препознаено како Дрво од грчка јагода. Познато е и како Дрво од источномедитеранска или кипарска јагода, а на бившојугословенските простори во употреба е називот Грчка магиња.

02/11

gol covek pomegu mitovite i realnosta 02Како посебен вид за првпат е детерминирано и класифицирано во 1759 година од страна на шведскиот научник Карл фон Лине (Carl von Linné) кој се смета за основоположник на современата таксономија. Етимолошки гледано називот Andrachne влече корени од старогрчкиот збор ἀνδράχνη (andrákhnē), за кој се претпоставува дека се однесувал на дивата јагода (Fragaria vesca), додека Arbutus е со латинско потекло и реферира на повеќе видови дрва со јагодести плодови.

03/11

gol covek pomegu mitovite i realnosta 03Гол човек природно вирее во еден ареал кој се протега на територијата на источниот Медитеран,  некаде од јадранското крајбрежје и острови, па сè до Блискиот исток и северните брегови на Црно Море. Значи, покрај во Македонија природно расте и во Хрватска, Албанија, Грција, Бугарија, Кипар, Турција, Украина, Грузија, Ерменија, Азербејџан, Израел, Либан, Јордан, Сирија, како и многу локално во јужните делови на полуостровот Крим. Како интродуциран вид се среќава многу пошироко, онаму каде што постојат педолошко–климатски услови за негов опстанок. Според IUCN листата на загрозени видови спаѓа во категоријата LC односно најмалку загрозени видови.

04/11

gol covek pomegu mitovite i realnosta 04Според филогеографските истражувања, се смета дека во последниот глацијален период, пред околу 21000 години, кога просечната месечна температура била под 4 степени целзиусови, популацијата на овој вид била десткувана, за подоцна да биде обновена, а денес се среќава воглавно во реоните околу бреговите на Средоземното Море, но и низ долините и клисурите на реките кои навлегуваат подлабоко во копното и кои го носат влијанието на медитеранската клима во континенталните подрачја. Таков е случајот и во Македонија, каде што ова дрво се среќава во долниот тек на Црна Река и средниот тек на Конска Река.

05/11

gol covek pomegu mitovite i realnosta 05Според својот хабитус Гол човек може да се сретне во вид на повеќестеблеста грмушка, но и како дрво кое расте до 12 метри во височина. Вирее единечно или групно, во Македонија најчесто во заедница со други дрвенести видови, обично на карпести падини и кисели почви. Во зависност од поднебјето може да се сретне на надморска височина која се движи од 0 до 1.500 метри.

06/11

gol covek pomegu mitovite i realnosta 06Во Македонија кај ова дрво е присутно големо ниво на полиморфизам, односно може да се издвојат повеќе генотипови кои помеѓу себе се разликуваат според своите морфолошки карактеристики. Така на пример, кај дрвата кои се среќаваат во долината на Конска Река, кај различни примероци е забележан голем диверзитет на одредени карактеристики како што се бојата, големината и анатомијата на плодовите, вкупната родност, димензијата и формата на листовите и слично.

07/11

gol covek pomegu mitovite i realnosta 07Една од препознатливите карактеристики на ова дрво е неговата портокалово-црвеникава мазна кора со која ова дрво се издвојува од околниот амбиент. Кората се лупи во вид на ленти кои отпаѓаат од стеблото кое останува голо и мазно. Поради оваа карактеристика, најверојатно, во Македонија дрвото го добило својот интересен назив – Гол човек.

08/11

gol covek pomegu mitovite i realnosta 08Листовите на дрвото Гол човек се овални до долгнавести, долги од 3-6 cm со рамни рабови или пак донекаде назабени кај оние листови што избиваат од младите ластари. Од горната страна се темнозелени, додека од долната се со посветла нијанса. Цветовите се двополови (хермафродитни), а дрвото цвета во рана пролет (март-април).

09/11

gol covek pomegu mitovite i realnosta 09Плодовите се заоблени, со дијаметар од 8–12 мм, со рапава површина на која е изразена мрежа од жлебови. Процесот на нивно созревање трае 7 месеци и во оптимална зрелост добиваат портокалово – црвена боја. Зреат едновремено и во својата полна зрелост, а особено кога се презреани, добиваат задоволителен вкус и може да се конзумираат.

10/11

gol covek pomegu mitovite i realnosta 10Плодовите на дрвото Гол човек се богати со каротиноиди, полифеноли, како и со витамините Ц и Е, поради што имаат високоизразено антиоксидативно својство. Се смета дека плодовите на овој вид се помеѓу 28-те видови овошје со највисок антиоксидативен капацитет. Тие се исто така некаде на врвот на листата на видови овошје и зеленчук според содржината на витамин Ц, која изнесува околу 245 милиграми на 100 грама плод. Само мал број овошни и зеленчукови видови содржат поголеми концентрации од овој витамин. Богат извор се и на диетални влакна.

11/11

gol covek pomegu mitovite i realnosta 11Во текот на последните децении, високо обоените плодови се појавија како природна алтернатива на модерната медицина. Некои природни растителни состојки како што се каротиноидите, антоцијаните, хлорофилот и бета аланинот се сметаат за биоактивни  (функционална храна) и можат да помогнат во одржувањето на здравјето на луѓето со заштита од хронични болести или со регенерирање на оштетените ткива. Конјуктурно на ова, нутритивните параметри на плодовите на Arbutus andrachne L. се несомнено високи, па повеќе нови студии сугерираат нивна употреба во прехранбената индустрија и одгледување на ова дрво во комерцијални овоштарници.

А ние, наместо да се занимаваме со ширење невистинити теории и митови кои ни го потхрануваат локалпатриотското его, можеби би било подобро да размислуваме во правец на можностите за  култивирано одгледување на соодветни фенотипови од овој вид во Македонија.

Извори:

Aleksandar Markovski – Morphological characteristics of greek strawberry  tree (Аrbutus andrachne l.) genotypes
Diana Hmaidosh, Mahmoud Ali, Rim Salame – Nutritional Characterization and Total Phenolic Content of Arbutus andrachne L. (Fam. Ericaceae) fruit Collected from Syria

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Текст и фото: Дарко Андоновски

Сподели