fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
lugeto isplaseni meckite nabrkani featured

Луѓето исплашени, мечките набркани

  • Честите известувања за блиски средби помеѓу мештаните и мечката предизвикаа страв, паника и анксиозност низ целиот регион.
  • Причините за зачестените случаи се: зголемување на популацијата на мечки, органскиот отпад во населените места насобран поради штрајкот во депонијата „Русино“, недостатокот на природна храна и претераната урбанизација и навлегувањето на човекот во нејзиното живеалиште.
  • Државата не знае колку мечки има, бидејќи не спроведува систематски и редовен мониторинг.
  • Значаен придонес кон создавањето паника и чувство на несигурност имаа и медиумите кои во потрага по сензација и ексклузивност, создаваа непотребен страв кај граѓаните, што само може да води до погрешни одлуки.

76 годишниот Минче Рамчески од Пласница живее втор живот откако во средината на октомври, берејќи дренки беше нападнат од мечка.

„Мечката дојде и ме нападна, ме турна и јас викав помош, помош, помош и кога се завртев ме фати овде“.

Вака сведочеше Минче Рамчески, жител на Пласница. Случајот на Минче претставува кулминација на сѐ почестите средби помеѓу човекот и овој вид на диво животно на границите на националниот парк „Маврово“. Честите известувања за блиски средби помеѓу мештаните и мечката предизвикаа страв, паника и анксиозност низ целиот регион.

 „Буквално, мечка се појавуваше на секое ќоше од селото, а уште поголем проблем беше што доаѓаше, да не речам на 20-ина метри од самото училиште“, вели  Фадил Џило, жител на Требиште.

Има неколку причини зошто зачести интеракцијата помеѓу човекот и овие диви животни, објаснуваат од МЕД. Популацијата на мечки се зголемува, потоа органскиот отпад во населените места насобран поради штрајкот во депонијата „Русино“, како и недостатокот на природна храна.

dime 300x300 1 „Од време на време има каде што дрвцата, грмушките и сѐ она што раѓа плодови во есен да не е толку продуктивно, како што е оваа година и со тоа, мечките бараат чаре на други места, а секако дека тие постоечки локални ѓубришта или депонии во селата, поготово во Реканскиот крај доведоа до тоа, мечките да стануваат сѐ посмели и посмели и да бараат храна во овие предели“, објаснува Диме Меловски од Македонско еколошко друштво.

lugeto isplaseni meckite nabrkani 1

Државата не спроведува систематски и редовен мониторинг и не знае колку мечки има

Колку мечки има никој не знае, бидејќи државата не спроведува систематски и редовен мониторинг. Единствената истражувачка работа ја вршат членовите на МЕД, поддржани од странски пари. Се прават периодични снимања со фотозамки, па претпоставките се дека популацијата се движи од 333 до 381 единка.

„Ова е баш таков случај кога гледаме дека апла ни требаат бројки, бидејќи не можеме ништо да донесеме, никаков заклучок, никаков акционен или менаџмент план да направиме доколку го немаме основниот параметар, а тоа е бројноста на мечките. Доколку го имавме тоа, макар тоа да било и за претходната година, на пример за 2022 ќе можеше многу појасни одлуки да се донесат за тоа што да се направи за да се управува со ваквата ситуација“, додава Меловски.

Субјектите кои управуваат со заштитените подрачја имаат обврска да спроведуваат мониторинг. Тоа може да го вршат и правни лица, кои имаат вработено најмалку пет експерти, односно, биолози, биоеколози, шумарски инженери, доктори по ветеринарна медицина.

lugeto isplaseni meckite nabrkani 2

Во Македонија нема Агенција за заштита на природата

„Во недостаток на Агенција за заштита на природата или Завод кој ќе врши научни и стручни работи од областа на заштита на природата, меѓу кои и континуиран мониторинг на дивите видови животни, Министерството за животна средина и просторно планирање како орган на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на заштита на природата го организира и следи мониторингот на состојбата со природата“, велат од Министерството за животна средина.

Контрола на објектите во коишто се чува храна и добиток со електрична ограда, метална ограда околу местата каде што се одлага отпадот, успивање и дислоцирање на мечките – ова се мерките кои Владата ги предложи за справување со ситуацијата во Маврово и Ростуше откако општината побара прогласување кризна состојба. За преселувањето на мечките ќе помага интервентен тим од Хрватска или Црна Гора, а локациите треба да ги даде Министерството за земјоделство.

„Министерството за животна средина и просторно планирање спроведува активности за формирање национален Интервентен тим и обезбедување на потребната опрема со којашто во иднина ќе се реагира. Претставници од нашата држава веќе беа на меѓународна обука и е воспоставена соработка со тимовите од неколку соседни држави“, појаснуваат од МЖСПП.

„Мечките имаат тенденција да се вратат од местото од каде што се дојдени, дури и да не се вратат, може да прават проблеми на тоа локално население, на тоа ловиште каде што ќе бидат преместени, буквално да го преместиме проблемот од едно место на друго, бидејќи доколку се навикнати да се хранат од антропоген извор на храна, тие тоа ќе продолжат да го прават и на други места“, објаснува Меловски од МЕД.

Закана за кафеавата мечка е претераната урбанизација и навлегувањето на човекот во нејзиното живеалиште, коешто постојано се фрагментира. Тоа иако не е случај со Долнореканскиот крај, околу Мавровското езеро се гледа од авион.

lugeto isplaseni meckite nabrkani 3

Закана за кафеавата мечка е претераната урбанизација и навлегувањето на човекот во нејзиното живеалиште

„Туристичките места се тие што го узурпираат сѐ повеќе и повеќе просторот, цело време гледаме дека има некои планови да се градат нови ски центри што е апсолутна лудост според мене, бидејќи во време кога имаме глобално затоплување и кога имаме сѐ помалку снег, да се узурпира и да се сече додатна шума за некој таков неразумен план како што е ски центар. Гледаме еден таков луд план за ски центар како пропадна на Кожуф“, вели Меловски.

Најгласни околу начините на кои може да се реши овој проблем беа ловџиите и ловџиските друштва. ДОМА побара мислење од Ловечката Федерација на Македонија, но, тие не сакаа да дадат изјава пред да го слушнат ставот на Министерството и МЕД, иако членови на Федерацијата јавно повикуваа за отворен отстрел на мечката.

Значаен придонес кон создавањето паника и чувство на несигурност имаа и медиумите кои во потрага по сензација и ексклузивност, преку насловите и описите на настаните создаваа непотребен страв кај граѓаните, што само може да води до погрешни одлуки.

Постојат повеќе начини да се намалат средбите помеѓу дивите животни и човекот – но, ширење паника, повици за масовен отстрел и убивање на животните сигурно не се правилните методи.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Мартин Пушевски
Снимател: Наке Батев, материјали од ЦУК
Монтажа: Ристо Душковски