
Невидена убавина на Осоговските планини
- Осоговските планини, со своите природни карактеристики, претставуваат вистински трезор во кој се зачувани значителни еколошки, биолошки и културни вредности, кои се распределени на повеќе микролокалитети. Еден од нив, е потесното подрачје на Царев Врв (2.084 мнв). Станува збор за втор највисок врв на Осоговските планини, после Руен (2.252 мнв). Во неговиот најтесен реон се наоѓаат пет локалитети во кои се среќаваат исклучително ретки типови живеалишта, кои зедно со некои реликтни и ендемични видови растенијата, кои тука опстанале заради големата надморска височина и специфичната клима, ја детерминираат оваа зона како зона од исклучително значење.
- Злетовска река, со своите 56 км има најдолг водотек во осоговската област. Извира во близина на врвот Ретки Буки, на Осоговските планини, на височина од 1.620 метри. Фасцинира со прубавата и недопрена природа по нејзиниот горен тек, со живописниот кањон, меандрите и убавите слапови и водопади. Богата е со риби, меѓу кои најкарактеристични се пастрмката и црната мрена.
- Присуството на добро зачувани букови шуми и нивното значење за заштита на водите кои ја полнат браната „Кнежево“, го детерминираат подрачјето околу Модра река и околу горното течение на Злетовска река како зона на строга заштита. Во оваа зона се регистрирани и повеќе значајни видови инсекти, меѓу кои и некои ретки пепрутки, вилинско коњче и некои специфични алги, кои се наоѓаат на светските листи на загрозени видови.
- Во долниот тек на Злетовска река е присутна видрата, која е строго заштитен вид и трајно заштитен дивеч согласно Законот за заштита на природа и Законот за лов, а овој вид е вклучен на сите значајни листи за заштита на Европа. Со изградбата на браната „Кнежево“ и истоимената акумулација, голем број животински видови се заштитени од исчезнување, поради тоа што со регулирање на водостојот се спречуваат периодичните пресушувања на реката во нејзиниот долен тек.
- На Осоговските планини се среќаваат широколисни, иглолисни и мешани шуми. Околу 50% од шумите на Осоговските планини се од генеративно (семено) потекло што укажува на тоа дека овие шуми се со форма блиска до природната т.е. со милениуми не претрпеле промена на нивната структура и форма. Доминираат листопадните шуми со над 90 % од вкупниот шумски фонд, а најзастапена е буката која е распространета на 51% од вкупната површина под шума.
- Широколисните шуми во најголем дел се составени од автохтони видови дрвја, додека најголем дел од иглолисните и мешаните шуми се создадени по пат на пошумување на голи или деградирани шумски површини.
- Идиличниот амбиент, недопрената природа, кристално чистиот воздух, како и релативно добрата патна инфраструктура, нудат одлична можност за развој на руралниот и алтернативниот туризам, што би иницирало и активирање или унапредување на некои други стопански гранки. Тоа би придонело за развој на овој регион и намалување на миграцијата на младите луѓе во поголемите урбани населби и во странство.
- Руралните населени места се доминантно од разбиен тип, претежно расфрлени на локалните ридови и поделени на маала кои во минатото се формирале врз роднинска врска на членовите. Секое маало од населените места на Осогово е еден вид микро населено место кое е дел од поголемо. Повеќето од овие населени места биле самоодржливи низ времето, но индустријализацијата и удобноста на животот што доаѓаат со урбанизација, како и силната емиграција во странство, ја променија структурата на овие населени места, така што денес овие населби се речиси целосно иселени.
- Постојани жители има во селата во јужните и југозападните делови на Осоговските Планини, каде што постојат типични села од збиен тип. Населението во подрачјето е генерално постара популација со ниска стапка на наталитет, но и релативно ниска стапка на смртност и подолг животен век. Голем дел од куќите се напуштени и оставени на милост и немилост на времето.
- Земјоделството е една од најважните стопански гранки. Заради поволните услови и достапни ресурси, жителите најчесто се занимаваат со сточарство и одгледуваат овци и крави. Некои од нив се занимаваат и со градинарство, а повремено и со овоштарство.
- Екстензивното сточарство, со примена на традиционални методи на одгледување на добитокот и со употреба на природни материјали при изградба на шталите и останатите објекти, придонесува за зачувување на автентичноста на општиот амбиент, а претставува и императив за занимавање со оваа стопанска дејност во заштитените предели и во зоните на активно управување.
- Малубројните жители на осоговијата во голема мера практикуваат традиционален начин на живот, почнувајќи од организирањето на домашниот амбиент, преку начинот на подготвување храна, па се до останатите секојдневни активности, онака, како што тоа го правеле нивните предци низ вековите.
- Лебот и денес се подготвува на традиционален начин, во фурна на дрва, а се јаде во наредните десетина – петнаесет дена. Во зависност од тоа дали ќе дојдат или не гости или добронамерници, ќе се потроши побрзо или побавно...
- Во голем дел од домаќинствата се чуваат барем по еден коњ или магаре коишто се користат за пренесување дрва.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Фотографија и текст: Дарко Андоновски