Паљурци
Бреговите на вештачкото езеро Паљурци се живеалиште на повеќе видови чапји и корморани. Акумулациите како оваа имаат големо значење за зачувување на биодиверзитетот бидејќи во нив живеат голем број водоземци, влекачи и водни инсекти, а се извор на храна и на водните птици.
Езерото Паљурци се наоѓа на реката Луда Мара и е оддалечено на околу 4 километри источно од градот Богданци. Браната на акумулацијата била изградена во 1977 година и водата се користи за наводнување на земјоделските површини. Во езерото, пак, живеат клен, сом, крап, белвица, црвеноперка и костреш. Со езерото, рибниот фонд и околината упраува ЗСР Костреш од Богданци.
Во сушни години, кога езерото Паљурци не може да ги задоволи потребите за вода, се користи вода од хидросистемот за спас на Дојранското Езеро. Притоа, за исцрпување на подземната вода се користи електрична енергија, што целиот процес го прави поскап во споредба со акумулацијата на Паљурци, каде што водата се обезбедува по гравитациски пат.
Езерото претставува и рекреативна зона која се протега од вливот на реката Луда Мара до браната. Брегот на езерото е лесно пристапен преку локалниот пат за Богданци и уреден со дрвени летниковци за одмор и пикник, патеки и доволно канти за отпадоци. Иако концесионерот ги одржува плажите чисто, околу во тревниците се расфрлани отпадоци, како празни шишиња од пијалаци и отпушоци.
Инаку, езерото е изградено во близината на некогашното село Паљурци, кое е уништено за време на Првата светска војна, а е целосно иселено во 1920-тите години од минатиот век. Селото било едно од единствените евхаристички села во Македонија, целосно купено од Италијанската лазаристичка црвка.