Пљачкосување што не престанува
Нелегалната експлоатација на грагор во Црна Гора со години ги уништува реките, ги изместува системите на подземните води, а зад себе остава девастација и пустош. Црна Гора уште во 2017 година воведе мораториум на експлоатацијата на грагор од речните корита, меѓутоа тој со години не се почитува.
На устието на реката Цијевна во Морача според процените на надлежните украдени се близу 300 милиони евра вреден грагор, а штетата на природната средина е непроценлива. Порано брегот на реката беше покриен со ниски растенија, а денес езерата и кратерите повеќе потсетуваат на површина на ненаселена планета, одошто на брегот на реката Морача, главната притока на Скадарското Езеро (Национален парк).
Владата на Црна Гора одлучи да стави мораториум на експлоатација на грагорот на реката Морача, зашто таа е поврзана со намалувањето на водата во извориштето „Боље сестре“, од кое со вода за пиење се снабдува регионалниот водовод, односно приморјето на Црна Гора. Со оглед на тоа што Црна Гора е земја која ја потпира својата економија на туризмот, исчезнувањето на извориштето „Боље сестре“ би значело колапс за туристичката сезона на Црна Гора, а стотици илјади граѓани би останале без вода.
Ноќни стражи
Откако во март минатата година добивме дојава дека нелегалната експлоатација на грагор на брегот на Морача на локалитетите Грбавци и Махала се врши ноќе, одлучивме да го надгледуваме овој простор. Ноќе и дење го надгледувавме просторот на кој се вршеше нелегална експлоатација на грагор и тогаш откривме дека определени фирми кои нелегално вадат грагор, работат дури и ноќе, а дека во раните утрински часови ги товарат камионите со грагор и ги одвезуваат од споменатата локација. Во таа пригода направивме ноќни видеоснимки од дрон и ги обелоденивме нашите сознанија. Споменатиот локалитет го следевме со месеци додека не сфативме на кој начин функционира нелегалната експлоатација на грагорот.
Девастирани и узурпирани државни парцели
За работата да биде уште полоша, освен што станува збор за нелегална експлоатација на грагор, дојдовме до сознание дека станува збор и за кражба на грагор, зашто поголемиот дел парцели на кои се наоѓаат сепарациите се во државна сопственост, а најголемиот дел од површините кои се девастирани се исто така во државна сопственост. Само на овој локалитет девастирани се над два милиони квадратни метри земја. Откако обелоденивме дека станува збор за узурпација и, можеме слободно да кажеме, за класично пљачкосување на државните ресурси и на природните богатства, со помош на други медиуми и колеги-новинари успеавме овој проблем да го фрлиме во жижата на јавноста.
Фатен на дело, па тврдел дека ја миел корпата
За време на обиколката на теренот успеавме детално да снимиме нелегално вадење грагор, по што веднаш повикавме полиција. Сторителот кој подоцна беше уапсен во полициската станица, тогаш тврдеше дека парцелата од која го вадеше грагорот е негова и дека ја миел корпата на багерот, иако на снимката јасно се гледаше експлоатација на грагор од државна парцела.
Во неколку наврати со колегите од „Вести“ бевме на лице место за да ја запознаат пошироката јавност со проблемот и во таа пригода од страна на експлоататорите ни беше блокиран патот, а ни се закануваа и дека ќе ни ги скршат камерите од глава, за среќа сè заврши само на закана. Потоа нелегалните експлоататори на грагор уште неколку пати им се закануваа на новинарите, па дури и организираа протести за да им се овозможи да вршат експлоатација на грагор зашто, како што велат самите, сега им се зема „лебот од уста“. Закани не добија само новинарите и активистите, ами и припадниците на институции, а притисок трпеше и министерот за земјоделство Александар Стјовиќ, како и претседателот на УО на Регионален водовод Зоран Лакушиќ.
Полициска акција
Откако проблемот стаса во жижата на јавноста, Владата на Црна Гора носи одлука да формира координациско мултидисциплинарно тело кое ќе се занимава со запирањето нелегална експлоатација на грагор на овој локалитет. Откако телото беше формирано и откако со нејзините претставници ги споделивме сознанијата и материјалите, следуваше полициска акција. Во оваа акција беа приведени неколку сопственици на фирми за кои се сомневаше дека експлоатираат грагор на ова подрачје, а се товареа и дека противправно узурпирале земјиште и вршеле нелегална експлоатација на грагор.
Скок на цената на грагорот
Откако дојде до приведување и откако институциите ѝ објавија таканаречена „војна“ на урбанистичката мафија, дојде до намалување на експлоатацијата, но и до скок на цената на грагорот. Цената на грагорот по оваа акција рипна речиси двојно, па камион грагор кој порано чинеше 150-200 евра, сега чини и над 300 евра. Времето што е потребно да се натовари еден ваков камион во просек е околу 15 минути. За работата да биде уште повеќе апсурдна засега речиси секој камион со грагор што ја напушта оваа локација е украден од државата, зашто никој не го плаќа грагорот што се експлоатира од реката Морача и од државните парцели.
Иако не е во надлежност на Регионалниот водовод да ја контролира нелегалната експлоатација на грагор, управата на Регионалниот водовод на чело со Зоран Лакушиќ беше принудена секојдневно да го обиколува теренот и да пријавува во полиција и кај надлежните инспекции нелегална експлоатација на грагор. Да потсетиме дека Регионалниот водовод ја чинеше Црна Гора над 100 милиони евра, а сега неговата функционалност е загрозена зашто со ископувањето се изместени подземните води, па така во летните месеци има недостиг од вода на неговото извориште, но и во бунарите во локалните населби. Од овој водовод зависи и туристичката сезона во Црна Гора која е најјака во летните месеци кога може да дојде до рестрикција на вода поради падот на количествата на изворот.
Сепарациите не се уриваат
Иако случаите на нелегална експлоатација стасаа пред Основното државно обвинителство, иако беше ветено дека експлоатацијата ќе запре, на терен машините и понатаму работат, би се рекло дури и во поголема мера. Сè уште не се урнати нелегалните објекти за сепарација, а исто така не се отстранети сепарациите од државните парцели. За овој случај е запознаен и Заштитникот за имотно-правни односи на Црна Гора кој ќе ја застапува Црна Гора и ќе се обиде пред судот да го заштити нејзиниот имот. Ние редовно правиме обиколки на теренот и апелираме до надлежните да се запре експлоатацијата, а одговорните процесираат и го санира девастираното подрачје, меѓутоа експлоатацијата сè уште не е запрена.
Политичките прилики во Црна Гора, би се рекло, дека не водат кон решавање на овој проблем. Јавна тајна е, а се слушна и од високопозиционирани адреси од Владата, дека градежните фирми и поединци кои со година го пљачкосуваат и го уништуваат овој простор се поврзани со определени политички структури од поранешната власт, но и со структури од моменталното владејачко мнозинство. Граѓаните на Црна Гора еве веќе пет месеци по полициската акција и понатаму гледаат како нивните природни добра се пљачкосуваат, а како поединци и определени фирми засега се посилни од државата. Додека постојат закани кон оние кои се обидуваат да го запрат ова пљачкосување, камионите со наш грагор и понатаму го напуштаат овој простор, а истите ги плаќаме преку државните инфраструктурни проекти или во приватна режија за приватни проекти.
За да се спречи грабежот државата мора да покаже решителност и сила бидејќи единствено таа има моќ да ја спаси реката Морача, а со самото тоа и Регионалниот водовод односно снабдувањето со вода за пиење во овој крај.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Автор: Вук Вујсиќ