Што крие, а што открива Бањичко Кале?
Во Македонија подрачјата најчесто се заштитени на хартија, но во пракса… Во пракса, формално заштитените подрачја речиси и не функционираат како такви- голем дел од нив и покрај законската обврска не се репрогласени и немаат управувач, а, постојат и такви за кои „никој“ во државата ништо не знае. Ако се погледне мапата на заштитени подрачја објавена на официјалниот сајт на МЖСПП, може да се забележат топоними и предели за кои никој, освен во Секторот за природа во министерството, ниту слушнал, ниту пак знае дека постојат, почнувајќи од локалните жители во тие краишта, па сè до луѓето од научната фела. Но, сите тие редовно се забележани во сите документи, таксативно се наведуваат и препишуваат од една во друга студија, акционен план, стратегија, анализа… И, фигурираат како такви во официјалната листа на МЖСПП која брои 82 заштитени подрачја, а со својата територија влегуваат во вкупната површина на заштитени подрачја од 357.778.05 хектари, односно 13,92 % од територијата на Македонија.
Едно такво подрачје е Бањичко Кале, кое се наоѓа во атарот на селото Бањица, општина Чашка, велешко.
01/10
Бањица е село кое се наоѓа во подножјето на источните падини на масивот на Јакупица, околу 8,5 километри западно од Велес, на 310 метри надморска височина. Селото административно припаѓа на општина Чашка и според последниот попис од 2021 година брои 119 жители.
02/10
На околу три километри западно од селото Бањица се издига Бањичко Кале, доминантен рид со зарамнет врв, висок 840 метри. Бањичко Кале претставува археолошко наоѓалиште од доцноантичкиот период, но е и значаен палеонтолошки локалитет затоа што на него се откриени исклучително вредни фосилни остатоци од морска фауна од периодот на горна креда (пред околу 66 до 100 милиони години).
03/10
Остатоците од морската фауна се откриени сосема случајно уште во далечната 1959 година при испитување на теренот за геолошко картирање на подрачјето во околината на Титов Велес, за што пишува палеонтологот Вера Темкова во својот научен труд „Прилог за познавање на Сенонските слоеви во околината на с. Бањица Т. Велешко“, објавен во „Трудови на геолошкиот завод на Народна Република Македонија“.
04/10
Според Темкова, во кредните седименти на локалитетот Бањичко Кале се пронајдени фосилни остатоци од без’рбетни животни како: Амонити, Рудисти, Гастроподи, Фораминифери и други. Фауната од Бањичко Кале има голема сличност со фауната од Фрушка Гора како и со фауната од СИ Алпи, Франција, Англија, Индија и Бугарија…
05/10
Во 1983 година, со одлука на општинското собрание на Титов Велес, Бањичко Кале е прогласено за споменик на природата, со цел понатамошно испитување и зачувување на природното наследство кое лежи во седиментите и тоа во варовничките плочи на овој локалитет. Но, од тогаш па до денес, Бањичко Кале се чини дека е заборавено…
06/10
Денес до калето може да се стигне само пешки, со трактор или со возило кое има исклучителни перформанси за движење по непристапни терени. Од селото Бањица водат два пата до калето, но, како што велат во селото (а и ние се уверивме), и двата пата се во многу лоша состојба.
07/10
Селаните на Бањица, и оние повозрасните, и оние од помладата генерација, го познаваат локалитетот, но никогаш не слушнале дека тој е заштитено подрачје и дека во неговите длабочини се крие значајно природно наследство. Кога ќе им кажете дека сакате да одите до таму, прво што ќе ве прашаат е дали барате злато или скриено богатство. Всушност, ова второто веројатно е точно, но богатството не е онакво какво што најчесто е прва асоцијација за овој термин.
08/10
За Бањичко Кале многу малку се знае и во научните кругови и во институциите кои се грижат за колекционирање, архивирање и чување на пронајдените примероци од фосили од праисторијата. М-р Биљана Гаревска, виш кустос палеонтолог и Билјана Карамачоска, виш кустос геолог од Природонаучниот музеј на Македонија со задоволство го прифатија предизвикот да иницираат процес за реафирмирање на значењето на Бањичко Кале и евентуално теренско истражување.
09/10
Во Природонаучниот музеј на Македонија постојат фосилни остатоци од морска фауна каква што е откриена на Бањичко кале, но колекционирана на други локалитети во земјава и во странство. За жал, поради општата негрижа на општеството за богатството што природата ни го оставила во наследство, во колекцијата не постојат примероци од Бањичко Кале.
10/10
Бањичко Кале е заштитено подрачје со површина од околу 100 хектари кое во себе крие вредно природно наследство што допрва би требало да се истражи, а резултатите од тие истражувања ќе го збогатат мозаикот на научни сознанија кои ни даваат претстава за она што се случувало на нашите простори пред милиони години. Но, истовремено Калето е уште еден пример кој ја открива нашата несовесност и неспособност да се грижиме за природното наследство на нашата земја.
Дел од истражувањето за оваа фотосторија беше во соработка со Одделението за палеонтологија при НУ Природонаучен Музеј – Скопје.
Користена литература:
„Прилог за познавање на Сенонските слоеви во околината на с. Бањица Т. Велешко“, од Вера Темкова
„Природно наследство на Република Македонија и начините на неговата заштита“ од Михајло Зиков и Васил Анастасовски.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Текст и фото: Дарко Андоновски