Владата ја става здравата животна средина на последно место во 2023
- Само 0,7 % од буџетските расходи во 2023 година се планирани за заштита на природата
- Трагично е што како најзначајни проекти на МЖСПП се издвојуваат за изградби на канализациски и водоснабдителни системи
- Се намалува бројот на вработени во Државниот инспекторат за животна средина
- Со буџет од 4.000 евра за патни и дневни расходи за цела година, инспекциите ќе се сведат на минимум
- Потребно е Владата да одвои многу повеќе пари од буџетот за да ја спасиме природата
Владата планира најмал дел од вкупните буџетски расходи за 2023 година да одат за заштита на животната средина. И покрај ветувањата за зголемување на капацитетите на институциите надлежни за оваа област, следната година се планира намалување на бројот на вработени. Се планира нивната работа да биде сведена на веќе започнати проекти, од кои како најзначајни се издвојуваат изградби и реконструкции на неколку селски и општински канализациски и водоснабдителни системи, што е поразително ако се земе предвид дека не живееме во 19 век туку во 21 век.
Ниту еден отсто од буџетот за заштита на животната средина
Во Предлог-буџетот за следната година, кој е веќе во собраниска процедура, се предвидени вкупни расходи од 324,8 милијарди денари или околу 5,3 милијарди евра. Од нив, за Министерството за животна средина и просторно планирање ќе се одвојат околу 1,8 милијарди денари или околу 30,4 милиони евра.
Всушност, само 0,7 отсто од вкупните буџетски расходи во 2023 година се планирани за заштита на животната средина, што е намалување во однос на буџетот за 2022 година каде 1,3 отсто од вкупните расходи се планирани за оваа намена.
При тоа, мора да се земе предвид дека од вкупната сума од триесетина милиони евра наменети за Министерството за животна средина во предлог-буџетот, дури 8,3 милиони евра доаѓаат од заеми, кои ќе се трошат за третман на отпадни води.
Се намалува бројот на вработени
Владата во својата Програма за работа 2022-2024 ветува дека „до крајот до крајот на 2024 година ќе се воведува постојана 24/7 контрола на Државниот инспекторат за животна средина и локалните инспекторати и дека ќе се вмрежуваат државните и локалните капацитети и ќе се зголемуваат нивните ингеренции“.
Во „Планот за чист воздух“, пак, кој го донесе претходниот владин состав на СДСМ и ДУИ јасно се наведува дека „ќе се подобрат капацитетите на инспекторатите за животна средина за вршење на инспекциски надзор со цел да се обезбеди целосна примена на релевантните законски прописи за заштита на животната средина„. Како дел од активностите беше најавено зголемување на бројот вработени и зголемување на обемот на редовни контроли.
Сепак, за 2023 година се планира намалување на бројот на вработени во Државниот инспекторат за животна средина и во надлежното Министерство.
Со подлабинската анализа на Буџетот за 2023 година, може да се види дека за патни расходи на Државниот инспекторат за животна средина следната година се предвидени 250.000 денари или околу 4.000 евра. Прашање е како со овие пари би можеле инспекторите да вршат редовни контроли во цела Македонија.
Старо-нови проекти
Во делот кај капиталните расходи на буџетот се наведува дека значителен проект кој ќе се реализира е Регионалниот проект за цврст отпад кој ќе се финансира со заем од ЕБОР и со кој е предвидено развој и воспоставување на регионални системи за управување со отпад во Југозападниот, Полошкиот, Вардарскиот и Југоисточниот регион. Исто така се наведува дека со заеми од ЕИБ, ЕБОР, како и грант од ВБИФ ќе започне финансирањето на еден од поголемите капитални проекти во земјата – пречистителната станица за отпадни води во Скопје.
Со години се чека на регионални системи за управување со отпад и на Пречистителната станица во Скопје
Станува збор за проекти чија реализација треба да се земе со резерва со оглед на тоа што во минатото различни политички партии на власт се фалеа со нив, но ништо не се случи. Дополнително, мора да се земе предвид фактот дека локалната власт во повеќе општини ја држи опозицијата, што во Македонија е доволна причина за отежнување на реализацијата на проекти во кои е потребна тесна соработка со централната власт макар плаќале пенали за неискористени средства од странските заеми.
Освен овие два капитални проекти, во Предлог-буџетот за 2023 година не се најавува нешто ново од областа на животната средина. Се наведува дека Министерството за животна средина ќе продолжи со реализација на веќе започнатите проекти од областа на заштита и унапредување на животната средина и одржливиот развој.
Меѓу нив, како позначајни проекти се истакнуваат реконструкција на станица за вода за пиење во Берово, реконструкција на системот за водоснабдување во Богданци, изградба на фекална канализација во Страчинци, реконструкција на изворите и нови каптажи во Крушево и уште неколку слични зафати.
Тие се повеќе од неопходни, но трагично е што им се дава значење со оглед на тоа што би требало да бидат дел од редовните активности на Владата. Тоа само покажува дека кај нас борбата за заштита на животна средина сè уште е сведена на изградба на комунална инфраструктура. Потребно е Владата да одвои многу повеќе пари од буџетот за да ја спасиме животна средина.
Фотографија: Томислав Георгиев
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.