Планината Беласица во Бугарија е парк на природа, а во Грција, национален Парк. Веќе со години постои план и македонската страна на Беласица да се прогласи за заштитено подрачје. Во биогеографските граници на Беласица, засега постои само мала мрежа на заштитени подрачја. Тоа се Колешинските и Смоларските водопади, како и Моноспитовското Блато – сите споменици на природата.

Локалното население и стручната јавност од трите државни се согласни дека Беласица е значајна и треба да се зачува. Кај нас изгледа единствено недостасува политички интерес и волја да се грижиме за националната природа.

ДОМА филм го прославува првиот роденден! Патувавме, истражувавме, анализиравме, прашувавме, информиравме и едуциравме за животната средина, биодиверзитетот, одржливите практики и еколошката свест. Посетивме национални паркови, заштитени подрачја, депонии, музеи, шуми, планини, реки и езера и испративме порака дека природните богатства мора да се заштитат. ДОМА филм - директно од природата за природата!

Македонија, прогласила само три национални паркови. Држави со дури и помали територии имаат поголем процент на териорија под заштита од категорија национален парк. Сите три национални паркови во Македонија делат различни системи на организација, различни буџети и проблеми. Националните паркови ни се потребни сега, повеќе од било кога во историјата. Потребни ни се како последни прибежишта на многу растителни и животински видови чијшто опстанок е загрозен во останатите деградирани области. Ни требаат и поради нивните ,,екосистемски услуги“, како што се чиста вода и продукција на кислород, но и како место во кое можеме да го изучуваме и истражуваме животот на многу видови, врз кои, за жал, негативно влијаеме.

Преспа е првата прекугранична заштитена област на Балканот која опфаќа 3 национални паркови и 3 држави. Со заедничка декларација трите држави се обврзаа дека заедно ќе работат на заштита и одржлив развој на Преспа. Зачувувањето на животната средина, на прекрасните пејзажи, споменици и живеалишта од друга страна не може да се потпре само на соработката на невладиниот сектор, туку бара цврста определба на властите за заштитата на оваа природна убавина која ги надминува границите на една држава. Преспанскиот регион го делат три држави, но има само една иднина.

Неконтролираното градење, узурпацијата на крајбрежјето, загадувањето со отпадни води и друг отпад, неодржливите туристички практики. Ова се некои од проблемите кои го загрозуваат Охридско Езеро - едно од најстарите и најразновидните езера во светот. Експертите предупредуваат дека ако се продолжи да се управува со езерото како досега, тоа што ние го имаме сега, со сигурност ќе го немаат нашите деца. Еко активистите, пак, посочуваат дека исклучиво Владата е одговорна и должна да го заштити Охридскиот регион, кој е прогласен од УНЕСКО за природно и културно светско наследство.

Прогласување на Шар Планина за национален парк е приоритет според Стратегијата за заштита на биодиверзитетот уште од 2004 година. Иако иницијативата постои многу поодамна – речиси 30 години, стручната јавност и еколозите обвинуваат дека многу малку се прави да се зачуваат природните вредности на планината.

Македонските реки се под постојан притисок од комунални и индустриски води, цврт отпад и други хемиски супстанци кои тешко се разградуваат и се таложат во водниот свет. Интензивното градење на малите хидроелектрани, пак, целосно го уништуваат животот и течението на реките. Инспекторатот за животна средина врши контрола на загадувањето со само еден инспектор, а некои од хидролошките станици на УХМР за контрола на водостојот и квалитетот на реките воопшто не работат. И покрај тоа, од Министерството за животна средина уверуваат дека концентрацијата на опасните и штетни материи во реките се во пропишаните граници.

Мегаломанските идеи за градење на Водно не запираат иако стручњаците предупредуваат дека агресивната урбанизација предизвикува свлечишта опасни за животот на граѓаните, ја уништува природата во планината и ја менува климата во Скопје.

Македонската територија има значајни геолошки локалитети кои датираат од пред милиони години и се сметаат за единствени во светот. Бидејќи се специфични, тие можат да бидат атрактивни за бројни домашни и странски посетители. Сепак, Министерството за животна средина за оваа година има издвоено само 6,5 илјади евра за заштита и управување со геонаследството, кое ако се оштети или уништи, не може да се замени.

Природно-научните музеи немаат доволно пари за одржување на големите збирки, а бројот на обучени професионалци се намалува. Цели области на експертиза се изложени на исчезување, бидејќи не се вработуваат млади професионалци за работните места на оние кои се пензионираат. Министерството за култура лани издвоило вкупно 8.000 евра за скопскиот и струшкиот музеј.

Загадениот воздух полека не` убива. Концентрациите на загадувачките материи од затоплувањето на домаќинствата, сообраќајот и индустријата се надминати во целата држава, а најмногу во Скопје, Тетово и Битола. Докторите предупредуваат дека последиците ќе бидат пренесени на идните генерации како генетски фактор, а екологистите реагираат дека радикалните проблеми не се решаваат со шминка. Ќе помогне ли владиниот План за чист воздух, Македонија да се симне од листите на најзагадени држави во светот?

Над 35 илјади хектари шума се загубени во Македонија во последните 17 години, поради бесправна и прекумерна планска сеча на дрва, покажува извештајот на „Глобал форест воч“. Проценките се дека шумската мафија заработува и до 25 милиони евра годишно од нелегалното сечење дрвја. Сепак, службена одговорност во МВР и во Македонски шуми досега нема. Научниците предупредуваат дека за масовното пустошење на шумите придонесува и планското сечење, како што е случајот со изградбата на гасоводот на Водно од страна на Владата.

На стотици депонии, големи колку фудбалски игралишта, секојдневно се истураат по стотитици тони ѓубре, што се ризик и за животната средина и за здравјето на граѓаните. Дали Македонија може да изгради центар за интегрирано управување со отпад?

Урбаното зеленило ја апсорбира прашината и штетните гасови за 30 до 40 отсто. Во делови на градот со интензивно зеленило, загаденоста на воздухот е за два до три пати помала од другите населби. Градските паркови штитат од бучава, силно сонце и ветрови и го намалуваат стресот од секојдневните обврски. Во време на се` поголема урбанизација и еколошки проблеми, ќе успееме ли да го задржиме градското зеленило?

Во Македонија 86 подрачја се правно заштитени за да се зачува нивната специфична биолошка разновидност. Меѓутоа, природните реткости се уништуваат главно со дива сеча и загадување со отпад бидејќи повеќето општини, кои управуваат со заштитените подрачја, немаат пари да ги штитат, а не се одвојуваат доволно средства ниту од Министерството за животна средина. Покрај заштитата на биолошката разновидност, од заштитените подрачја корист може да имаат и туризмот, фармацијата, медицината, текстилната, па дури и филмската индустрија, со што ќе се намали невработеноста и ќе се подигне животниот стандард на населението.

Со документарецот за Орлово Брдо и за Лесново, #СамоПрашај го започнува серијалот на еколошки документарни филмови „Дома“ кои ќе ги изработува Институтот за комуникациски студии.