За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo

Погранични еко-светови на Балканот

Земјите од Западен Балкан сè уште се во процес на еколошко освестување. Иако некои од нив преминаа во следната фаза – фаза на решавање на еколошки проблеми, тие не се снаоѓаат во неа најдобро, пред се поради несоодветната политика за заштита на животната средина, финансиските потешкотии, како и непочитувањето на прописите.

Еколошките проблеми не ги почитуваат државните граници. Очигледен показател се пограничните региони на Балканот, каде и загадувањето и решенијата, наместо национални, стануваат заеднички.

Дрина е гранична река чијшто екосистем е оштетен од неодржливото управување со канализационите води и отпадот, а најмногу од изградбата на хидроцентрали и мини хидроцентрали. Веќе во почетната фаза на изградба на брани на хидроцентралите, при расчистување на теренот, флората и фауната на реката и нејзината околина директно се уништуваат.

Потоа, со согорување на фосилните горива и со употреба на тешка механизација којашто троши големи количини на мазива, продолжува негативното влијание врз биодиверзитетот. Нивото на бучава за време на изградбата дополнително ги вознемирува локалните видови, додека хидротехничките работи влијаат на нивните миграциски патишта и репродукција, што често доведува до олеснета репродукција на инвазивни видови.

За младицата (дунавскиот лосос), еден од најзагрозените видови риби во Европа, сливот на Дрина е дом на скоро третина од единките на Балканот, а изградените брани се причина за драстично намалување на бројот на единки од овој ендемски вид.

Само 5,44% од сливот на Дрина е под заштита, што е далеку под европскиот просек, имајќи предвид дека во неговиот кањон се наоѓа смреката на Панчиќ, скакулецот на Панчиќ и едностраното цветно ѕвонче, исто така ендемични видови.

На Дрина дополнително и штети недостатокот на кооперативно управување со екстракцијата на чакал, природното мрестилиште за риби. Неконтролираната експлоатација на песок и чакал од двата брега на реката ја нарушува морфологијата на речното корито и е предизвикувач за дестабилизација на нејзиниот проток.

Ни Дрина не е имуна на климатските промени – поради непостоење или недоволен капацитет на системот за одводнување, реката неколку пати го поплавуваше околното земјиште во претходните години, а екстремните суши, покрај загрозувањето на популацијата на риби, ја зголемуваат температурата на водата, а воедно и концентрациите на загадувачките материи, и на тој начин го деградираат квалитетот на реката.

Добрата вест е дека, со прогласувањето на Националниот парк Дрина на територијата на Република Српска, покрај веќе постојниот Национален парк Тара на територијата на Србија, беа создадени услови за воспоставување на прекуграничен резерват за биосфера „Дрина“, кој би вклучувал заштитени подрачја на територијата на две соседни земји. Покрај тоа, во Бајна Башта, град на границата меѓу двете земји, локалното население го организира секоја година- Денот на Дрина, акција за чистење на брегот на реката и ширење на свеста за важноста на нејзиното зачувување.

Над 60 милиони тони отпадна вода годишно се испушта во Скадарското езеро, најголемото езеро на Балканскиот Полуостров, поради фактот што голем дел од населението од околните области не е поврзано со канализационата мрежа.

Преку реката Зета, од фармите за свињи, говеда и живина, отпадните води со органски материјал завршуваат во езерото коешто е природна граница на Црна Гора и Албанија. Исто така, канализацијата се влева во езерото преку реките Морача и Црнојевиќа, воглавно без претходен третман.

Отпадните води и црвената тиња, инаку опасен отпад, кои потекнуваат од блиската фабрика за алуминиум,оптеретени со тешки метали, нитрати, феноли и амонијак, исто така стигнуваат до езерото, додека пестицидите и хербицидите завршуваат на земјоделско земјиште во Скадарското езеро.

Сето ова ја зголемува количината на органска материја во езерото, потоа го зголемува бројот на алги и ја намалува количината на кислород во водата и транспарентноста на самата вода. Биодиверзитетот страда од негативни последици – бројот на видови риби се намалува и нивните карактеристики се менуваат. Со оглед на тоа дека Скадарското езеро е  едно од петте најважни презимувалишта за птици во Европа, целокупната состојба на квалитетот на животната средина во овој екосистем влијае и на нив.

Сепак, ни ова не е крај – преку синџирот на исхрана се зголемува акумулираната концентрација на загадувачи, така што човекот е секогаш последната, неизбежна жртва на сите негативни антропогени влијанија.

Добрата вест е дека е во тек процесот на изградба на постројки за третман на прочистување на отпадни води во Подгорица, што делумно ќе го ограничи загадувањето на езерото, обезбедувајќи трајна заштита на реката Морача, подземните води и изворите  на вода во сливот на Скадарското езеро. Црна Гора на тој начин станува првата земја во Западен Балкан којашто доби бесповратни средства преку Инвестициската рамка на Западен Балкан (WBIF) за проекти со цел заштита на животната средина во рамките на Берлинскиот процес.

Во областа на Националниот парк на Скадарското езеро, забранет е риболов на сите видови риби и други водни организми, како и движење на сите пловни објекти на површината на водата, сè додека не се подобрат хидролошките услови. Овие забрани дејствуваа спротивно на поставената цел – зачестеноста на ловокрадството и тоа со електрична енергија; следствено на тоа, се нанесува штета на ендемичните видови на крапови и плашици, како и на кадравите пеликани, редок европски вид кој се населува во националниот парк.

Од друга страна, пограничното Охридско езеро страда од прекумерна урбанизација на брегот. Несоодветен урбан развој и експлоатација на крајбрежјето, неконтролирано ширење на туризмот, а со тоа и зголемување на загадувањето и уништувањето на животната средина. Планираните проекти на брегот на Охридското Езеро и Националниот парк Галичица потенцијално може да доведат до пресушување на последното мочуриште во регионот, Студенчишко Блато, додека планираната изградба на планинскиот скијачки центар може значително да го оштети биодиверзитетот на Галичица.

Додека Охридското Езеро се полни со вода од три реки, најголемиот дел од езерската вода потекнува од Преспанското Езеро, чие ниво на вода се намалува како резултат, пред се, на природните фактори – зголемувањето на температурите, недостатокот на дожд и релативно сувите зими.

УНЕСКО затоа препорачува културното и природното наследство на Охридскиот регионот да се стави на списокот на загрозено светско наследство.

Откако ќе помине низ Германија, Австрија, Словачка, Унгарија и Хрватска, реката Дунав потоа поминува низ држава што прочистува само 10 проценти од нејзините отпадни води – преку Србија, каде во нејзините два најголеми града отпадните води се влеваат директно во реката. Белград е исто така единствена европска престолнина во којашто нефилтрираните отпадни води се влеваат во реката. Околу една третина од скоро два милиони жители на српската престолнина не се поврзани со канализационата мрежа и затоа се потпираат на септички јами чијашто содржина се испушта директно во реките.

Индустриските води на фабричките постројки, оптеретени со тешки метали и опасни хемикалии, без претходен третман, исто така завршуваат во Дунав.

Истражувањето на австриските научници спроведено долж текот на Дунав во должина од 2.600 километри од нејзиниот извор во Германија се до устието со Црното Море во Романија, покажа дека најпроблематичната еколошка состојба е токму во Србија.

Среќа во несреќа е што овие екосистеми се погранични и повеќе нации се должни да се грижат за нив. Координирани политики за управување со границите можат да ги зачуваат заедничките добра. Како заклучок, во интерес на сите соседни земји од регионот е да ги пропишат и почитуваат правилата со коишто ќе ги заштитат и обноват екосистемите на Скадарското и Охридското езеро, Дрина и прекрасниот, можеби повторно синиот Дунав.

Автор: Јелена Јеремиќ
Јелена Јеремиќ е дипломиран правник, моментално на мастер студии по еколошко право каде го истражува националното и меѓународното еколошко законодавство. Таа е еколошки активист што учествува во многу активности поврзани со решавање на еколошките проблеми на Балканот. Добитник е на награда од Министерството за европски интеграции на Република Србија, за својот пишан труд околу глобалните еколошки цели.
Сподели
samo-prasaj_gif-3