fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
odrzlivosta na hidrografskite tela e precka za razvojot na ji region featured

Одржливоста на хидрографските тела е проблем за развојот на Југоисточниот регион

Од 8-те региони кои ги имаме во нашата држава, неизбежно е да се заклучи дека еден од најнеразвиените е Југоисточниот регион. Регионот има вкупна површина од 2.733,62 км2, односно 10,63% од вкупната површина на државата, со густина на населеност од 62,51 жители на км2. Територијата во која спаѓаат 10 општини од кои 6 се градови, се простира помеѓу масивите на Плачковица (север), Огражден (исток), Беласица (југ), Кожуф (запад) и Срта во централниот дел. Во ваква област неминовни се појавите на разни природни богатства и распространетост на хидрографската мрежа. За жал, Југоисточниот регион се соочува со недостиг од заштита на животната средина.

Природни езера

Доколку се осврнеме на хидрографските ресурси во делот на природни езера, во оваа област се протега Дојранското Езеро кое иако е најмало природно езеро е од голема важност за целиот регион, како од хидрографски, така и од економски и туристички аспект. Дојранското Езеро е изолиран екосистем со мошне специфични флора и фауна и е препознатливо по 15 видови риба и специфичен начин на ловење.

Негативната страна

Со својата специфика и уникатност, Дојранското езеро се соочува со големи проблеми. Како еден од последните претставува проблемот со рибокрадството што предизвикува значително намалување на рибниот фонд на езерото. Како една од мерките кои беа воспоставени овој месец беше порибувањето на езерото со околу 1.500 кг. млад крап, што би требало да помогне во зачувување и одржување на рибниот фонд. Уште ден голем проблем е загадувањето на езерото со тврди отпадоци.

Фотографија од Дојранско Езеро, со наколна куќа во езерото

Дојранско Езеро, Wikicommons

Ова се само дел од проблемите со кои се соочува Дојранското езеро а како што е наведено во едно српско списание езерото претставува хидрографски туристички бисер на Македонија. (*Časopis Departmana za geografiju, turizam i hotelijerstvo, Turizam 8/2004; Spas Dojranskog jezera jedna od tri najveće turističke destinacije u Republici Makedoniji; Risto M., Nikola P., Ace M.)

Вештачки акумулации

Од вештачките акумулации во овој регион позначајни се Мантовско езеро во Радовиш, Турија во Струмичкиот регион и акумулацијата Паљурци кај Богданци.

Едно од позначајните хидрографски акумулации во Радовишко е Мантовското езеро кое територијално припаѓа на Општина Конче, а се храни од водотекот на реката Крива Лакавица. Езерото се наоѓа на надморска височина од 402,4 м, површина од 4,94 км2 и со капацитет од 49 милиони м3.

Езерото „Турија“ припаѓа на Општина Василево и се храни од водотекот на истоимената река Турија. Акумулацијата се простира на површина од 0,16 км2 , со капацитет од 48 милиони м3. Исто така Турија претставува извор на водоснабдување на дел од населението на Општина Струмица и Општина Василево.

Фотографија од езеро Паљурци

Акумулација Паљурци

 

На реката Луда Мара или Стара река која извира од планината Кара Блија и се слева во месноста Тумба во Општина Богданци е изградена акумулацијата Паљурци чија намена главно е наводнување на обработливите површини.

Негативната страна

Сите овие акумулации се главни извори за наводнување на околните земјоделски површини, а дел од нив се користат и за водоснабдување на населението. Но, како такви често знаат да бидат со намален капацитет што доведува до недостиг од вода за на населението во текот на летниот период. Ваков случај имаше ова лето кога со проблеми со водоснабдување се соочија неколку населени места во општина Босилово. И покрај напорите од граѓаните за разрешување на проблемот, надлежните не преземаа ништо во врска со овој случај.

Реки и водотеци

Реката Струмица којашто извира во подножјето на Плачковица, се протега долж Струмичко-радовишката котлина и ги „собира“ водите на неколку помали притоки во котлината. Во овој микрорегион може да се сретнат и голем број на подземни води, извори и површински водотеци кои немаат голема искористеност. Пример за тоа е делот од хидрографската мрежа на Радовишко поле каде може да се примети дека е поделена на два главни дела т.е. два речни слива. Стара река е едниот водотек и истиот се слева во реката Струмица додека другиот е реката Крива Лакавица која се слива во реката Брегалница..

Во Гевгелиската котлина, реката Вардар е најголемиот реципиент на води, а воедно претставува и најголем дренажен систем – извор на подземни води. Исто така како едно од најзначајните хидрографски тела се смета и реката Дошница на планината Кожуф која е една од најубавите и најчисти реки во Македонија. Од нејзиниот извор до вливот во Вардар нема никаков индустриски објект кој ја загадува.

Поглед кон шума од планината Кожув

Планина Кожув

 

Негативната страна

Делумно може да се каже дека малите водотеци и притоките воопшто не претставуваат проблем со загаденоста. Но, најголемиот проблем се јавува во крајните истекувања на реките или поточно во деловите каде поголемите реки ја напуштаат територијата на државата. Ваков случај имаме со реката Струмица чиј квалитет на водата е многу слаб, а на места и лош. Информациите кои ги даваат од УХМР според мониторингот за квалитет на води воспоставен минатиот месец, укажува дека водата во делот на мерната станица Ново Село/Коњарево е една од најзагадените во Македонија. Иако дел од плановите на МЖСПП се наменети токму за хидрографските мрежи во регионот со што беше опфатено и изградба на две нови прочистителни станици (во Струмица и Радовиш), во овој дел воопшто нема никакво подобрување на квалитетот на водите.

Термални води и водопади

Струмичкиот и Гевгелискиот регион се карактеризираат и со термоминерални води и голем број на водопади.

На околу 12 км југоисточно од градот Струмица, под планината Беласица се наоѓа селото Банско, а во негова непосредна близина и термоминералните извори на Бања Банско. Изворот поседува пет термоминерални извори од кои, само едeн и тoa најголемиот, се експлоатира. Температурата на водата во изворот изнесува 72°С. Локалитетот најчесто се користи за рекреација.

Започнувајќи од Бања Банско доколку се упатиме кон источните делови на Струмица тогаш ќе не сретнат Габровските, Колешинските и Смоларските водопади. Трите водопади кои се наоѓаат на планината Беласица се од огромно значење за туризмот и економијата во регионот. Додека пак од другата страна на планината поточно во делот на Општина Валандово се наоѓаат Кочулинскиот водопад и водопадот Котел, кои поради недоволно добрата патна инфраструктура не се толку познати.

Фотографија од Смоларски Водопад

Смоларски Водопад

Во микрорегионот на Гевгелија се наоѓа комплексот на Негорски бањи. Тие се на 5 км. северозападно од Гевгелија. Термоминералните извори се со температура од 38 до 40°С. Комплексот претставува здравствен центар за рехабилитација и туристичка атракција.

Негативната страна

Термалните води и водопадите најчесто се гледани од туристички аспект, па може да се увиди дека како такви делуваат доста добро. Негативно влијание коешто оневозможува поголема искористеност имаат лошата патна инфраструктура и загаденоста на животната средина. Тешката достапност до овие места ги обесхрабрува туристите од вакви тури, а со тоа се намалува и бројот на посетеност. Земајќи ги предвид ваквите проблеми, локалитетите кои имаат многу што да понудат, остануваат скриени во убавините на природата.

Влијанието на проблемите врз развојот

Наведените проблеми во претходните пасуси се само мал дел од она со што навистина се соочува хидрографската средина во југоисточниот дел. Како жител од струмичкиот регион, можам слободно да кажам дека реките се претвараат во мали депонии, а одредени туристички дестинации згаснуваат само поради лошата патна инфраструктура. Со секоја развојна програма која ја даваат институциите се вели дека се стремат кон подобрување на дел од хидрографските тела кои главно ги опфаќаат туристичките места. Сепак, уредувањето на делови од овие места нема да доведе до развој на целиот регион бидејќи гледано од географски аспект, станува збор за огромна територија на која и се потребни построги мерки за заштита на средината.


 

Автор: Ивана Крстова, студент на Институтот за географија при ПМФ – Скопје

Сподели