Проект Преспa 2040 – Преспанско Мочуриште
Колку и да делува тажно, факт е дека нивото на водата во Преспанското езеро алармантно се повекува. Историја вредна повеќе од 5 милиони години ја снемува од пред нашите очи, а надлежните органи ништо не превземаат за да ја спречат оваа природна катастрофа. Преспанското Езеро во минатото имало должина од 28,6 километри, широчина од 16 километри и максимална длабочината изнесувала до 76 метри. Самото езеро претставува дом на околу 2000 видови на животни и растенија (од кои 50 ендемски животни и 19 ендемски растенија), над 200 видови на птици и 23 видови на риби од кои 9 се ендемски (од деветте ендемски видови на риби 5 се својствени за Балканскиот Полуостров а дури 4 се својствени за самото езеро).
Најголем пад на нивото на водостојот има во моментот и изнесува минус 250 до 260 сантиметри во висина, значи под нормалното ниво на водостојот. Нивото на самата вода е намалено за 9 метри а самата површина за околу 50 проценти од максималната површина, покрај ова крајбрежната линија е повлечена за 3.5 километри со што се создаваат исушени блата, мал доток на чиста, свежа и обогатена со кислород вода. Како дирекна последица на ова е појавата на зголемено присуство на сулфати и пестициди кои го потпамагаат пробивот на сончеви зраци, зголемување и разместување на количината и просторот во кои се присутни разните видови на алги.
Историски гледано согласно мерењата на Управата за Хидрометереолошки Работи кои се извршуваат од 1951 година може да се забележи постојан пад на нивото на водата. Најголемото намалување на нивото на водата се случило во перодот од 1987 до 1995 година кога нивото на водата опаднала за цели 6 метри. Надлежните кои се вработени во Мониторинг станицата во Стење се присеќаваат и на подобри времиња кога самото ниво на езерото надминувало и 10 метри од сегашната состојба а тоа се должело врз фактот што тогаш имало периоди на големи поплави. Но на што се должи енормното намалување на нивото на водостојот е прашање на кое одговорот е условен од повеќе причини.
Мерења од 1951-2004 година од УХМР за нивото на водата во Преспанското Езеро. Извор: МЕД.
Како една од главните причини за намалувањето на нивото на водата на Преспанското езеро претставува потребата од наводнување на земјоделските култури која изнесува 35 милиони кубни метри вода, како и од системите на бунарите кои се наоѓаат во трите држави и непосредни ја искористуваат водата уште од 50-тите години на минатиот век. Исто така друга причина претставува истекувањето на водата од ова езеро во Охридското езеро бидејќи Преспанското езеро се наоѓа на надморска висина од 853 метри, доколку Охридското езеро е на надморска висина од 695 метри. Покрај главните причини исто така постојат неколку споредни причини пто влијаат на нивото на водата во езерото, како што се:
-користењето на 65 тони на пестициди во земјоделието;
-испуштањето на повеќе од 500 тони фосфор од страна на локалните домаќинства и земјоделци
Во 2000 година беше потпишана заедничка декларација помеѓу Македонија, Грција и Албанија кои формираа прекугранично Координативно тело на Преспанското Езеро со цел да ги координира проектите на заштита на езерото. Како најважни од овие проекти се оние кои се реализирани од страна на УНДП преку глобалниот фонд за животна средина. Со реализацијата на овие проекти биле воведени системи за контрола на употребата на вештачко ѓубре и пестициди во производството на јаболка. Производителите на јаболка исто така беа обучени за користење на нови техники за заштеда на вода. Како резултат на овие мерки може да се забележи намалувањето од 60 проценти на количината на вода која се користи за наводнување. Покрај ова воведен е проект за искористување на биоразградлив отпад, односно искористување на јаболката како компост (биолошки отпад од градинарството, домаќинството) за користење во земјоделието како замена за вештачкото ѓубриво. Во текот на реализацијата на оваа декларација за заштита на Преспанското езеро голем дел од проектите беа насочени кон чистење на сливот на Голема Река како најголема река која се влева во самото езеро од наталожениот отпад.
Види и Сега само молитва може да ги спаси езерата. Фото: Томислав Георгиев
Во 2011 година во градот Ресен е отворен Центар за проучување и унапредување на животната средина, кој ги содржи сите информации од проектите кои се реализирани за заштита на Преспанското Езеро. Главна дејност на овој центар е да обезбедува поткрепа на секторите какви што се рибарство, земјоделство, шумарство, подобрување на разбирањето на самото население за вредностите на Преспанското Езеро како и спроведување на активности со негова заштита. Преку овој центар исто така е и ратифициран новиот договор помеѓу Македонија, Албанија и Грција кој бил потпишан во 2010 година, а претставува продолжение на претходниот договор од 2000 година, а чија главна цел е понатамошната соработка за заштита на водите на Преспанското Езеро.
На последната средба на 3 март 2020 која беше на иницијатива на министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини кој одржа итна координативна средба помеѓу градоначалникот и претставници на општина Ресен, научните институции, експерти и заинтересирани страни за надминување на состојбата на драстично намалување на нивото на водите на Преспанското Езеро. На средбата беше заклучено дека Министерството за животна средина и просторно планирање ќе ја интензивира прекуграничната соработка со Албанија и Грција, користејќи ги сите расположиви дипломатски канали за реализација на трилатералниот Договор за заштита и одржлив развој на Паркот Преспа и за формирање на заедничко координативно тело за прекуграничното управување и мониторинг не само на водите на Преспанското Езеро, туку и целиот екосистем на Езерото.
Сите ги знаат проблемите но никој не се залага да ги реши, тоа е поради колективната свест на нашиот народ кој секогаш констатира а не презема акција. Во општество на констатирачи а не на луѓе кои преземаат акција проблемите ќе се зголемуваат и само ќе се таложат и ќе предизвикаат непоправливи штети. А поголемата еколошка штета од губење на 5 милиони години историја која е полна со животински и растителен свет својствен само за ова подрачје не може да се замисли. Времето одминува и се поблиску сме до непоправлива еколошка катастрофа од која најголем губитник сме ние.
Дали и следните генерации ќе имаат исти убави спомени како и нас за Преспанското езеро или ќе наидат на слика која наликува на едно големо мочуриште?
Стефан Бужевски е дипломиран правник, магистрант на постдипломски студии на Правен факултет Кичево. Член на Младинско здружение за алтернативен туризам (МЗАТ) ПОВИК-Битола.