fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
Фотографија од опожарен предел во Македонија.

Црвениот аларм за противпожарната заштита со години e игнориран

  • Светската банка и Меѓународната канцеларија за обнова и намалување на катастрофи за подготвеноста за одговор на катастрофи на Македонија, пред три години во дијагностички извештај детектира слабости и предложи решенија, но уште ништо не е направено.
  • Извештајот посочува и дека не се користи информативниот систем за шумски пожари воспоставен во 2013 година со финансиска помош од Јапонската меѓународна агенција за соработка.
  • Цело време се најавува нов Закон за пожарникарство, но тоа до сега не се случи, како ни реформата на системот кој го опфаќа кризниот менаџмент и цивилната заштита, но и Законот за критична инфраструктура.
  • Последните огнени стихии се последен повик за будење, и за институциите и за граѓаните.

Македонските власти долго време биле предупредувани за лошиот систем на кризен менаџмент и недоволната екипираност и застарена опрема, но, изостанале посериозни чекори и инвестиции на тој план. Таков е и дијагностички извештај на Светската банка и Меѓународната канцеларија за обнова и намалување на катастрофи за подготвеноста за одговор на катастрофи (Ready to Respond или R2R) на Македонија, во кој се детектирани слабости и се предложени решенија. Но, иако извештајот бил предаден на владата пред три години, ништо не е направено.

Раде Рајковчевски, раководител на секретаријатот на Иницијативата за подготвеност и превенција од катастрофи за Југоисточна Европа, кој учествувал во изготвувањето на извештајот вели дека локалните капацитети за заштита и спасување во Македонија во најголем дел се потпираат на човечките и материјалните средства на професионалните противпожарни единици на локалната самоуправа, која има лимитиран буџет при што локалните самоуправи многу ретко имаат капитални инвестиции во делот од буџетот за противпожарна заштита и спасување.

rade rajkovcevski 300x300 1„Треба да се инвестира во локалните сили, да се направи стратегија за нивен развој, која ќе биде поддржана од централната власт, одржлива и спроведлива. Исто така треба да се развиваат и унапредуваат доброволните противпожарни друштва, кои се силна потпора на професионалните противпожарни единици. За жал, тие функционираат на маргините на системот, главно со донации и со чист ентузијазам на волонтерите“, вели Рајковчевски.

Според наодите на извештајот, Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи се само дуплирање на институции со иста надлежност, а без јасни разграничување на задачите и немање координација кога треба да се реагира, па дури за време на итни ситуации си ја префрлаат одговорноста едни на други. Од буџетот наменет за нив, 92% оди за плати, а само 8% на опрема.

Фотографија од пожарникари-волонтери кои се подготвуваат за гаснење пожар.

Доброволните пожрникарски единици добиваат само повремено буџетирање

Дијагностичкиот извештај утврдил и дека нема систематски пристап кон волонтерите – пожарникари, што резултира со симболичен број доброволни пожарникарски единици, односно има само 10 волонтерски пожарникарски единици, но наместо редовно како што налага законот, тие добиваат само повремено буџетирање. Пример за апсурдот е доброволната противпожарна единица од Свети Николе која добива 1.500 евра годишно од општината, додека за целосно задоволување на потребите се принудени да бараат меѓународни донации.

„Има различни модели за стимулирање на доброволното пожарникарство. Тоа се во суштина луѓе кои не бараат многу и кои уживаат во тоа што го работат. Тие можат да имаат бенефити кои може да ги дадат многу субјекти и од приватниот сектор“, вели Рајковчевски.

Сирените замолкнати од негрижа и застареност

Извештајот посочува и дека не се користи информативниот систем за шумски пожари воспоставен во 2013 година со финансиска помош од Јапонската меѓународна агенција за соработка. Земјава, како што се наведува, има и друг систем за рано предупредување, но тој слабо функционира. На пример има 200 сирени за опасност во државата кои се нефункционални поради неодржување и застареност, а од друга страна, доцни развивањето на систем преку СМС пораки и радио и телевизии. Оттука, се препорачува итно градење на систем преку кој ќе се дистрибуираат СМС пораки до населението од критичните места.

Фотографија од автомобили кои се движат во шумски предел опустошен од пожар.

Локалните капацитети немаат транспортни средства и опрема

За локалните капацитети е констатирано дека постојат канцеларии, но недостасуваат транспортни средства, опрема и магацини за чување. Констатирано е дека магацините за чување опрема се проблематични, немаат виљушкари, аларм против крадци и противпожарна заштита.

Нема обучени и вработени луѓе за опасни ситуации, ниту рути за евакуација и трајни или привремени засолништа. Затоа се препорачува со закон да се дефинираат рути за евакуација и да се регулира можност за користење приватно земјиште кое во случај на природни катастрофи може да служи за поставување шатори, сместување на оперативни тимови, слетување на хеликоптери и помали авиони, паркирање на специјализирани возила и товарни камиони.

Откриени се и други слабости, како на пример дека пилотите на полициските хеликоптери не се обучени за спасување во опасни ситуации во планини, дека не постои посебен закон за климатски промени.

Се посочува и дека во Скопје има само пет противпожарни станици, што не е доволно, и потребни се барем уште две. Притоа е констатирано и дека пожарникарите работат со недоволна и со застарена опрема.

Фотографија од теренски противпожарни возила.

Недостасуваат специјални теренски возила (Фото извор: ЦУК)

Дијагностичкиот извештај наведува и дека секоја од 30-те подружници на Македонски шуми има по две теренски возила со радиостаници, но според правилата за минимална опрема треба да имаат специјални теренски возила т.н. 4х4 возила опремени со специјални пумпи со резервоар за вода од 300 литри. Утврдено е дека само половина подружници ги имаат тие возила, но прашање е колку се одржувани и дали се во исправна состојба.

Владата најави реорганизација

Најновите изјави што пристигнаа деновиве се дека итно ќе се пристапи кон реорганизација на системот за противпожарна заштита. Тоа го најави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

„Ова што се случуваше со пожарите е мизерно за една држава која сакаме да биде дел од ЕУ, од аспект што немаме систем кој може да се справи со кризен менаџмент, кој соодветно ќе одговори на кризните состојбите, особено со пожарите“, изјави Тошковски минатата недела. Како прв чекор тој го посочи спојувањето на Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи кај кои се јавува дуализам во дејствувањето, а не ретко и префрлање на одговорноста едни на други. Тоа, дури, е нотирано и во дијагностичкиот извештај на Светската банка.

Фотографија од пожарникари кои полнат мешунки со вода на терен.

Иако постојано се најавува, сè уште не е донесен нов закон за пожарникарство (Фото извор: ЦУК)

Но, дали е тоа доволно? Според експертите, постојат и други слабости кои треба да се отстранат.

„Цело време се најавува некој нов Закон за пожарникарство, но тоа до сега не се случи. Како што не се случи ниту реформата на системот кој го опфаќа кризниот менаџмент и цивилната заштита, но и Законот за критична инфраструктура. Сите овие закони се од доменот „одбрана“, за кои треба 2/3 мнозинство во Парламентот. Неуспешноста досега да се донесат овие клучни закони лежи во неуспехот на политичките власти да изградат процес кој треба да биде инклузивен, аргументиран и професионален, да вклучи вистински експерти со силни референци во градењето на политики и стратегии за цивилна заштита“, нѝ изјави нашиот соговорник Рајковчевски.

Пожарите кои со денови ги постушеа македонските шуми и направија огромни штети кои допрва ќе се утврдуваат испратија мачен повик за будење на институции. Повторно е најавено дека ќе се носи Законот за пожарникарство за чијашто подготовка веќе се ангажирани работни групи. Со ова треба да се подобрат условите за работа на пожарникарите, чиишто плати во дел се финансираат преку дотации од Министерството за одбрана. Пожарникарите со години бараат регулирање на нивниот статус,  бенефиции како војската и полицијата, повисоки плати и нова опрема. Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации од минатата година покажа дека во земјава недостигаат 340 пожарникари, а просечната старост на возилата е 27 години. Рекорден е „Тамчето“ од Валандово, камион произведен во 1966 година.

Климатските промени како масло на оган

Чадот од пожарите е закана по здравјето на пожарникарите, кои со денови се изложени на канцерогените честички. Какви ќе бидат последиците по нив зависи и од изложеноста и од здравствената состојба на луѓето кои беа на првата борбена линија со огнените стихии. На удар се и локалните жители од опожарените места, предупредуваат лекарите.

marija zdraveska 300x300 1Во ризик се и луѓето кои живеат во атмосферата, бидејќи тој чад оди во атмосферата, се пренесува, се таложи, го вдишуваат и луѓето кои се во околината, нормално и целиот жив свет, и животните и растенијата се жртва на целата ситуација. По здравјето општо има големи последици, особено во здравјето на респираторниот тракт, горниот и долниот респрираторен тракт. Кога гори шума се ослободуваат разни честички и гасови коишто се многу штетни за организмот, како јагледор моноксид, јаглерод диоксид и други органски и неоргански материи коишто може да бидат канцерогени“, објаснува пулмологот д-р Марија Здравеска.

Астма, ХОББ, белодробни карциноми – најголемиот ризик е по хронично болните, особено по оние луѓе кои имаат проблеми со дишните патишта. Кај нив компликациите можат да доведат и до смрт.

Фотографија од паднати шишарки во изгорена шума.

Пожарите се кобни по македонскиот биодиверзитет

Пожарите се кобни по македонскиот биодиверзитет. Пламените јазици ги голтаат македонскиот шуми и создаваат дополнителни емисии на стакленички гасови. И така доаѓаме до маѓепсаниот круг – климатските промени влијаат на зголемување на бројот на пожари, а пожарите додаваат гориво на проблемот со климатските промени, објаснува Елена Николоска од „Еко-свест“.  Македонија има Стратегија, но предвидените мерки во неа ретко се применуваат поради некоординираноста на институциите и недостигот на волја.

elena nikoloska 300x300 1„Нема доволно механизми и доволна координација кој што треба да прави и затоа немаме контрола.Ние воопшто не сме подготвени за овие влошени екстремни настани, а кои може да очекуваме само да се вложуваат со годините. Можеме да очекуваме продолжени топлотни бранови и бури со зголемен интентизет“, вели Николоска од „Еко-свест“.

Малку правиме за ублажување на последиците од климатските промени

„ДОМА“ веќе пишуваше дека земјава многу малку прави за ублажување на последиците од климатските промени, иако се соочуваме со интензивни пожари и невремиња кои однесоа и човечки животи. Ресурсите се намалуваат, стратегиите остануваат само на хартија.

Професорот Ивица Милевски од Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје посочи дека самата појава можеби не може да се спречи, но, последиците од појавата во смисла на катастрофален настан, на огромни штети, може до некаде да се превенира.

prirodni nepogodi ne moze da sprecime no malku pravime da gi prevenirame posledicite milevski 300x300 1„Веќе има докази дека честите и силни пожари, фреквенцијата им е драстично зголемена, потоа поројните поплави, претераната ерозија, драстично се зголемуваат и затоа треба соодветна подготвеност на институции да реагираат на вакви настани“, објаснува Милевски.

Центарот за климатски промени заклучува дека општините во земјава немаат доволно капацитети за проценка на ранливоста и за адаптација на сопствената инфраструктура кон заканите од климатските промени кои, пак, доведуваат до природни непогоди.

„Во секоја општина организираноста е на различно ниво и на различен начин. Она што изостанува е координацијата. Според нас, општината нема доволно капацитет за координација на сите тие различни чинители“, предупреди Бојана Станојевска-Пецуровска од Центарот за климатски промени.

Закон има ама ретко кој завршува зад решетки

Најчеста причина за пожарите е човечкиот фактор. И во екот на последниве огнени стихии, МВР апсеше пиромани. Таков е случајот и со 25-годишникот од велешко Оризари, кој палејќи стари седишта од автомобил на дива депонија предизвика пожар. Од Македонското здружение на млади правници објаснуваат дека предвидените казни со Кривичниот законик се високи. Предвидени се две кривични дела: предизвикување на шумски пожар и предизвикување на општа опасност. Ако штета е голема, најмалата предвидена казна е 4, максималната 20 години затвор. Но, ретко кој завршува зад решетки.

bojan trpevski 300x300 1 „Пред сè имаме многу малку кривични санкции за кривични дела против животната средина. Тоа е првиот момент. Но, дури и кога се анализираат осудите за ваквите кривични дела ќе се види дека најголемиот дел од санкции се парични казни. Ако се има предвид дека казната треба да постигне превенција и да го одврати конкретното лице од повторување на делото, но ако треба да постигне и генерална превенција, да делува превентивно и одвраќачки на генералната популација, изрекувањето парични казни веројатно нема да го постигне овој ефект, особено кога станува збор за животната средина, каде штетите се многубројни“, вели Бојан Трпевски од Македонското здружение на млади правници.

Последните огнени стихии се последен повик за будење, и за институциите и за граѓаните. Конечно треба да разбереме дека секоја година ќе се соочуваме со сè поголеми екстреми и непогоди, и затоа, ако системот за заштита не профункционира како што треба, штетите ќе бидат огромни.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинари: Соња Крамарска, Мартин Пушевски

Фото: Дарко Андоновски

 

Поврзани стории